Природа — во најширока смисла означува природна средина, материјален свет. Латинскиот збор за природа е natura, кој е превод од грчкиот физис (φύσις) и означува природни нешта, нешта од природен карактер. Природата се дели на жива и нежива и се разликува од вештачки создадените предмети од страна на човекот.

Концептот за природата како целина, физичка вселена, е едно од неколкуте проширувања на првобитното значење; тој започнал да се користи од страна на претсократовските филозофи и оттогаш се увидела неговата прецизност и започнал нашироко да се употребува. Ваквото поимање на природата е потврдено од современиот научен метод во последните неколку векови.

Денес најчесто во „природа“ се вбројуваат геолошките одлики на Земјата и дивината. „Природа“ може да се однесува на различни видови на живи растенија и животни, а во некои случаи на процесите што се одвиваат кај неживите објекти.

Земја

Земјата е единствената планета за која денес се знае дека има живот. Нејзините природни одлики се предмет на проучување на многу научни дисциплини. Во сончевиот Систем таа е третата најблиска планета до Сонцето; воедно е најголемата земјовидна планета и петтата најголема од сите планети. Нејзини најзабележливи климатски одлики се двата поларни региони, двата релативно тесни умерени појаси, како и широкиот екваторијален тропски и суптропски регион. Врнежите се различни во зависност од местото, се движат од неколку метри вода годишно до помалку од милиметар. 71% од површината на Земјата е покриен со соленоводни океани. Остатокот се состои од континенти и острови, при што најнаселена е северната полутопка.

Земјата еволуирала преку геолошки и биолошки процеси кои оставиле траги од првобитните услови. Надворешната површина е поделена на неколку тектонски плочи кои постепено се поместуваат. Внатрешната останува активна, со дебела обвивка од пластичен плашт и јадро исполнето со железо кое генерира магнетно поле.

Атмосферските услови се значително изменети од првобитните преку дејството на живите организми, со што се создава еколошка рамнотежа која ги стабилизира условите на површината. И покрај широките регионални варијации во климата со зголемување на географската широчина и други географски фактори, долгорочната просечна глобална клима е доста стабилна за време на интерглацијалните периоди, а варијациите од степен или два на просечната глобална температура имале големи ефекти на еколошката рамнотежа, како и на сегашната географија на Земјата.

Геологија

Геологијата е наука за цврстата и течна материја која ја сочинува Земјата. Геологијата ги проучува составот, градбата, физичките својства, динамиката и историјата на компонентите на Земјата, како и процесите со кои тие се образуваат, придвижуваат и менуваат. Ова е големо академско поле на науката кое исто така е важно да се знае и при екстракцијата на минерали и јаглеводороди, справувањето со природните непогоди и разбирањето на климата од минатото и животната средина.

Геолошка еволуција

Геологијата на дадена област еволуира низ времето со депозитирање и вметнување на карпести единици, чии форми и положба се менуваат со деформациски процеси.

Карпестите единици можат да се сместат како со депозиција на површината, така и со интрузија во горната карпа. Депозиција има кога седиментите се сместуваат на површината на Земјата и подоцна се литифицираат во седиментна карпа, или, пак, кога има проток на вулкански материјал (вулкански пепел или лава) кој ја препокрива површината. Магматските интрузии какви што се батолити, лаколити, дајкови и силови се туркаат нагоре во горната карпа и кристализираат како што интрудираат во неа.

По депозитирањето на првичната секвенца од карпи, карпестите единици можат да се деформираат и/или метаморфозираат. Деформација обично се случува како резултат на хоризонтално скусување, хоризонтално издолжување или страна-по-страна (удар-лизгање) движење. Овие градбени режими се поврзуваат со приближувачите граници, раздвојувачките граници и трансформните граници, соодветно, меѓу тектонските плочи.

Историски поглед

Се проценува дека Земјата настанала пред 4,54 билиони години од сончевата маглина, заедно со Сонцето и другите планети. Месечината се формирала пред 20 милиони години (груба проценка). Најпрво растопена, надворешната обвивка на планетата се ладела, со што се добила цврста кора. Гасовитата и вулканска активност ја произвела првичната атмосфера. Со кондензирање на водната пареа (која во поголем дел потекнувала од мразот донесен од кометите) се создале океаните и другите извори на вода. Се смета дека високо енергетските хемиски процеси ја дале самореплицирачката молекула пред околу 4 билиони години.

Континентите се образувале, па се разделувале и повторно се формирале паралелно со преформирањето на површината на Земјата во текот на милиони години, повремено спојувајќи се при што се добивале суперконтиненти. Пред околу 750 милиони години, најраниот познат суперконтинент Родинија започнал да се распаѓа. Подоцна континентите се рекомбинирале и ја дале Паноција која се распаднала пред околу 540 милиони години, и на крајот Пангеја, суперконтинент кој се распаднал пред околу 180 милиони години.

Постојат голем број докази дека за време на ерата неопротерозоик постоело масовно заледување кое покрило голем дел од планетата. Оваа хипотеза е насловена како „Земја снежна топка“ и е од особено значење поради тоа што ѝ претходи на камбриската експлозија со која почнале да се појавуваат многуклеточни животни форми пред околу 530-540 милиони години.

По камбриската експлозија се случиле пет различни масовни истребувања. Последното масовно истребување се случило пред околу 65 милиони години, кога поради колизија на метеорити исчезнале диносаурусите кои не се предци на птиците како и други големи влекачи, но биле поштедени малите животни какви што биле цицачите, кои тогаш наликувале на ровчиците. Во изминатите 65 милиони години настанала диверзификација на цицачите.

Пред неколку милиони години, еден вид на мал африкански човеколик мајмун се здобил со способноста да стои исправено. Последователната појава и напредок на луѓето, развојот на земјоделството и цивилизацијата им дозволиле на луѓето да влијаат на Земјата многу побрзо отколку било која претходна животна форма, со што биле афектирани природата и бројноста на другите организми, како и светската клима. За споредба, на големиот оксигенациски настан, поттикнат од појавата на алгите за време на периодот сидериј, му биле потребни околу 300 милиони години за да кулминира.

Современата ера се вбројува како дел од масовно истребување - холоценско масовно истребување - кое е најбрзото што досега се случило. Одредени научници, како Едвард Вилсон од Универзитетот Харвард, предвидуваат дека уништувањето на биосферата од страна на луѓето би можело да предизвика истребување на една половина од сите видови во следните 100 години. Опсегот на сегашното истребување сè уште се истражува, дебатира и се прават пресметки за него од страна на биолозите.See, e.g. , ,

Атмосфера, клима и време

Атмосферата на Земјата е клучен фактор во одржувањето на планетарниот екосистем. Тенкиот слој гасови што ја обиколува Земјата се држи на место со помош на гравитацијата на планетата. Сувиот воздух се состои од 78% азот, 21% кислород, 1% аргон и други инертни гасови, јаглерод диоксид итн.; исто така, воздухот содржи и променлива количина на водна пареа. Атмосферскиот притисок се намалува со зголемување на надморската височина. Озонската обвивка на Земјината атмосфера има важна улога во намалувањето на ултравиолетвоото (UV) зрачење кое стигнува до површината. Бидејќи ДНК се оштетува од UV зрачењето, ова има за цел заштита на живиот свет на површината. Атмосферата исто така задржува топлина за време на ноќта, со што се редуцираат дневните температурни екстреми.

Времето на Земјата го има исклучиво во долниот дел од атмосферата и служи како спроводен систем за редистрибуција на топлината. Океанските струи се друг важен фактор во одредувањето на климата, особено големото подводно термохалино струење кое ја распространува топлинската енергија од екваторските океани до поларните региони. Овие струи помагаат во ублажување на разликите во температурите кои постојат во зима и лето во умерените зони. Исто така, без редистрибуција на топлинската енергија од океанските струи и атмосферата, тропските области би биле многу пожешки, а поларните региони многу поладни.

Времето може да има корисни и штетни ефекти. Временските екстреми (торнадо, ураган, циклон) може да потрошат големи количини на енергија долж нивниот пат на минување и да предизвикаат уништување. Површинската растителност развила зависност од сезонската променливост на времето, така што ненадејни промени од само неколку години би можеле да имаат драматичен ефект, како на растителноста, така и на животните кои зависат од нејзиниот раст поради исхрана.

Климата на планетата е мерка за долгорочните трендови во времето. Познато е дека различни фактори влијаат на климата, меѓу кои се океанските струења, површинското албедо, стакленички гасови, варијации во сончевата светлина и промени во орбитата на планетата. Врз основа на историски податоци, познато е дека Земјата била подложена на драстични климатски промени во минатото, меѓу кои се вбројуваат и ледените доба.

Климата на еден регион зависи од бројни фактори, особено од надморската височина. Појас од надморска височина на површината кој има слични климатски својства образува климатски регион. Постојат многу вакви региони, кои се наоѓаат од тропската клима на екваторот до поларната клима во северните и јужните екстреми. На времето исто така влијаат и сезоните (годишните времиња) кои се резултат од тоа што Земјината оска е поместена во однос на нејзината орбитна рамнина. Според ова, во дадено време од летото или зимата, еден дел од планетата е повеќе директно изложен на сончевите зраци. Ова изложување се менува како што Земјата врши револуција во својата орбита. Во дадено време, независно од годишното време, северната и јужната полутопка имаат спротивни годишни времиња.

Моментално се случуваат две работи:

просечната температура се зголемува; регионалните клими подлежат на значителни промени.

Вода на Земјата

Водата е хемиска супстанција која се состои од водород и кислород и е неопходна за сите познати форми на живот. Во секојдневието на човекот, поимот „вода“ се однесува само на течната агрегатна состојба, но оваа супстанција исто така се среќава и во цврста агрегатна состојба - мраз - и во гасовита состојба - водена пареа. Водата покрива 71% од површината на Земјата. На Земјата, таа се наоѓа најмногу во океаните и другите поголеми водни басени, со тоа што 1,6% отпаѓа на подземната вода, а 0,001% на воданта пареа, облаците (образувани од цврсти и течни честички вода суспендирани во воздухот) и врнежите.Water Vapor in the Climate System , Special Report, [AGU], December 1995 (linked 4/2007). Vital Water UNEP. Океаните држат 97% од површинската вода, ледниците и поларните снежни покривки 2,4% а останатите копнени површини (реки, езера и бари) - 0,6%. Дополнително, мала количина на вода се состои во живите организми и преработените производи.

Океани