thumb|3D модел на скелет
Леопард () — член на семејството на мачките (Felidae) и најмал вид од четирите таканаречени големи мачки од родот пантери. Некогаш овој вид бил распространет низ Јужна Азија и Африка, од Кореја до ЈАР. Територијата на распространетост се намалувала со тек на времето најмногу поради лов и уништување на природното живеалиште. Денес леопардот главно живее во Потсахарска Африка. Постојат и изолирани населенија во Пакистан, Индија, Индокина, Малезија и Кина. Поради намалување на бројноста на населенијата, оваа мачка била ставена на списокот на речиси загрозени видови. Бројноста на леопардот е поголема од онаа на останатите членови на пантери кои имаат покритичен заштитен статус.
Леопардот има релативно кратки нозе и долго тело, со голема глава. Физички најмногу наликува на јагуарот, иако најчесто е помал. Неговото крзно е прошарано со розети, кои немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Можат да се сретнат и меланистични леопарди кои или се целосно црни или со многу темна боја. Овие единки се познати под името црни пантери.
Успехот на оваа мачка во дивината се должи на нејзиниот опортунистички лов, способноста да се прилагоди на различни животни средини и способноста да се движи со брзина од 60 километри на час. Леопардот се храни со кое било животно кое може да го улови. Живеалиштето на леопардот е од дождовните шуми до пустинските терени. Нивната еколошка улога и статус наликува на улогата на пумата во Америка.
Потекло на поимот Во антиката, се верувало дека леопардот е хибрид од лав и црн пантер. По ова верување го добил и името, кое потекнува од грчките зборови λέων (леон) — „лав“ и πάρδος (пардос) — „мажјак пантер“. Последниот потекнува од санскрит pṝdāku (змија, тигар, пантер).
Зборот пантер се користи при опишување на неколку видови големи мачки: во Северна Америка терминот се употребува за пума, во Јужна Америка за јагуар, а во останатите делови на светот се однесува на леопарди.
Felis pardus е еден од многуте видови опишани во делото од XVIII век на Карл Линеј — „Systema Naturae“.
Денешното научно име, Panthera pardus, потекнува од латински преку грчкиот збор πάνθηρ — пантер. Според фолклорната етимологија, зборот потекнува од παν (пан) — „сите“ и θηρ — „ѕверови“. Сепак се верува дек потекнува од индоирански збор што значи бело-жолтеникаво крзно. На санскрит зборот pāṇḍara го дал зборот puṇḍárīka (што меѓу другото значи и „тигар“) кој потоа бил позајмен во грчкиот јазик.
Таксономија Како целото семејство на мачките, и родот пантери бил предмет на многу промени и дебати за врските меѓу четирите вида (но и врските со облачниот леопард и снежниот леопард) кои сè уште не се целосно разјаснети. ДНК-доказите покажуваат дека лавот, тигарот, леопардот, јагуарот, снежниот леопард и облачниот леопард делат заеднички предок кој се одвоил од останатите мачки пред 11 милиони години. Сепак, според фосилните остатоци ова одвојување на лозата било пред само 2-3,8 милиони години.
Истражување на митохондриската ДНК спроведено во 2005 година укажало дека леопардот е најблизок роднина со снежниот леопард, за кој се смета дека треба да биде дел од родот Panthera, и дека треба да се преименува во P. Uncia. Во денешните класификации снежниот леопард сè уште е ставен како единствен вид во посебниот род Uncia, но ова би можело да се смени во блиска иднина. Друго истражување од 2006 година (Johnson et al.) исто така го поддржува преместувањето на снежниот леопард во родот пантери, иако тие тврдат дека снежниот леопард е најблиску поврзан со тигарот. Леопардот се смета дека се одвоил од лозата пантери после одвојувањето на снежниот леопард и тигарот, но пред лавот и јагуарот. Постари истражувања тврдат дека леопардот е најблизок со лавот и/или јагуарот. Во 2001 година, се покажало дека овој вид се одвоил заедно со лавот, според филогенетските анализи на хемиските излачувања кај мачките.
Се смета дека родот Panthera се појавил во Азија, а потоа предците на леопардот и на останатите мачки мигрирале во Африка. Фосилните остатоци од предците на леопардот датираат од пред 2–3,5 милиони години. Овие плеистоценски примероци наликуваат на примитивни јагуари. Денешниот леопард се смета дека еволуирал во Африка пред 470.000–825.000 години, а потоа се раширил низ Азија пред 170.000–300.000 години.
Подвидови thumb|right|Индиски леопард thumb|right|Амурски леопард Бројот на подвидови на леопардот растел од времето на Карл Линеј во XVIII век, па до времето на Реџиналд Пакок на почетокот на XX век, достигнувајќи бројка од 27 подвидови. Во 1996 година, благодарение на ДНК-анализи, бројката е намалена на само 8 подвидови. По истражувањата во 2001 година, биле зачувани осумте подвида, но бил додаден и деветти — арапскиот леопард (P. pardus nimr). Последните истражувања укажуваат дека овие подвидови може да се потценување на вистинската бројка поради лимитираните примероци за проучување на африкански леопарди.
Последниот список гласи:
индокинески леопард (P. pardus delacouri) — копнена Југоисточна Азија индиски леопард (P. pardus fusca) — Индија, Југоисточен Непал и Северен Бангладеш севернокинески леопард (P. pardus japonensis) — Кина шриланечки леопард (P. pardus kotiya) — Шри Ланка јавански леопард (P. pardus melas) — Јава амурски леопард (P. pardus orientalis) — рускиот Далечен Исток, Северна Кина и Кореја африкански леопард (P. pardus pardus) — Африка персиски леопард (P. pardus saxicolor) — Југозападна Азија арапски леопард (P. pardus nimr) — Арапски Полуостров занзибарски леопард (P. pardus adersi) — ендемски вид на островот Унгуја во Занзибарскиот Архипелаг
Постари таксономски поделби Вклучени во африканскиот леопард (P. pardus pardus) : берберски леопард (P. pardus panthera) пештерски леопард (P. pardus melanotica) централноафрикански леопард (P. pardus shortridgei) конгоански леопард (P. pardus ituriensis) источноафрикански леопард (P. pardus suahelica) еритрејски леопард (P. pardus antinorii) сомалиски леопард (P. pardus nanopardus) угандски леопард (P. pardus chui) западноафрикански леопард (P. pardus reichinowi) западноафрикански шумски леопард (P. pardus leopardus) занзибарски леопард (P. pardus adersi)
Вклучени во персискиот леопард (P. pardus saxicolor) : анадолски леопард (P. pardus tulliana) балучистански леопард (P. pardus sindica) кавкаски леопард (P. pardus ciscaucasica) централноперсиски леопард (P. pardus dathei) синајски леопард (P. pardus jarvisi)
Вклучени во индискиот леопард (P. pardus fusca) : кашмирски леопард (P. pardus millardi) непалски леопард (P. pardus pernigra)
Особености Леопардот е доста пргав и итар грабливец. Иако е помал од останатите членови на родот пантери, леопардот е способен да лови голем плен, најмногу поради масивниот череп и силните мускули на вилицата. Телото е доста поиздолжено во споредба со останатите мачки и има кратки нозе. Должината на телото изнесува помеѓу 90 и 190 сантиметри, а опашката е со должина од 60 до 110 сантиметри. Во рамениците достигнува висина од 45-80 сантиметри. Мажјаците се околу 30% поголеми од женките и тежат 37-91 килограми, споредено со 28-60 килограми кај женките. Побројните популации на леопард (како популацијата на јаванскиот леопард и леопардите кои живеат во планините и тропските дождовни шуми во Африка), најчесто живеат во региони изолирани од компетитивните големи грабливци како доминантните лав и тигар.
Леопардот понекогаш може да биде помешан со гепардот или јагуарот, кои исто така имаат точки на крзното. Крзното на леопардот е прошарано со розети, за разлика од крзното на гепардот кое има обични точки, но овие розети немаат внатрешни точки како кај јагуарот. Леопардот е поголем и не толку слаб како гепардот, но помал од јагуарот. Црните неправилни розети на леопардот служат за камуфлажа. Тие имаат кружен облик во источна Африка, но квадратна во јужниот дел на континентот.
Во заробеништво, овие животни достигнуваат старост од 21 година.
Варијации на бојата на крзното thumb|left|Меланистичен леопард познат како црн пантер меланистичена облик се појавува и кај леопардот, најмногу кај единките што живеат во планинските региони и дождовните шуми. Црната боја на крзното е наследна и е предизвикана од рецесивен ген . Иако обично се нарекуваат црни пантери, овој термин не се однесува само на леопард, се употребува и за меланистични јагуари.
Меланистичните леопарди се најчести на Малајскиот Полуостров. Првичните извештаи укажувале дека половина од популацијата се црни, но истражување со камери-стапици во националниот парк Таман Негара во 2007 година покажале дека всушност сите единки се меланистични. Иако е тешко да се утврдат предностите што ги носи црната боја на крзното, се претпоставува дека дава подобра камуфлажа во дождовните шуми. Генетските истражувања покажале четири независни потекла на меланизмот кај мачките, што укажува дека мора да има некаква адаптациска корист од оваа особина. Друга можност е дека оваа варијација е адаптациски остаток од епидемија: гените кои предизвикуваат меланизам исто така влијаат и врз имунолошкиот систем.
Во Африка, меланизмот е доста ретка појава со оглед на тоа што црната боја на крзното не претставува предност во саваната, напротив, обезбедува многу слаба камуфлажа и го прави ловењето многу потешко. Се проценува дека црни леопарди има еден на 80 или 100 единки. Сепак во густите шуми во етиопските планини, црните единки се доста почести отколку во останатиот дел на Африка. Се проценува дека 1 од 5 единки е меланистичнa.
thumb|right|Персиски леопард со нетипична шара на крзното Псевдо-меланизам е исто така присутен кај леопардите. Точките кај овие единки се толку збиени едни до други што ја засенуваат жолтеникавата позадина.
Псевдо-меланистичен леопард има нормална боја на крзното, но премногу бројните белези се спојуваат што го прави грбот скоро целосно црн. Кај некои единки, целосно црни региони се протегаат од страните и на екстремитетите, а само неколку странични ленти со златно-кафеава боја, ја покажуваат присутноста на нормална боја во позадината. Точките на нозете и од страните кои не се споиле со останатите најчесто се мали и дискретни, и не формираат розети. Лицето и долните делови се посветли и пегави исто како кај обичните дамчести леопарди. И овие единки, како и меланистичните се нарекуваат црни пантери .
Хибриди
thumb|upright|Пумапард (1904 година) Пумапард е хибридно животно добиено при вкрстување на леопард и пума. Три легла на вакви хибриди биле одгледувани за време на доцните 1890-ти и раните 1900-ти години од страна на Карл Хагенбек (Carl Hagenbeck), во неговата зоолошка градина во Хамбург, Германија. Повеќето од животните умреле пред да достигнат зрелост. Еден примерок бил пратен во Берлинската зоолошка градина во 1898 година. Сличен хибрид во Берлинската зоолошка градина, добиен од Хагенбек, бил добиен со вкрстување на мажјак леопард и женка пума. Примерокот (на сликата) во Хамбуршката зоолошка градина бил добиен со обратно парење, мажјак пума и женка индиски леопард . Без разлика дали таткото е леопард, а мајката пума, или обратно, сите пумaпарди наследуваат џуџест облик, односно достигнуваат големина која е половина од големината на нивните родители. Пумапардите имаат долго тело како пума, но кратки нозе. Крзното е различно опишувано - боја на песок, жолто или сивкасто со кафеаво, со кафеави или костенливи розети .
Поведение thumb|left|Леопард се одмара на гранка