Крива Паланка — град во североисточниот дел на Република Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река. Претставува седиште на истоимената општина, а во непосредна близина на градот се наоѓа граничниот премин Деве Баир кон Република Бугарија. Крива Паланка од Куманово е оддалечена 62 км, а од Скопје 100 км во источен правец.

Потекло на поимот Името на градот Крива Паланка доаѓа од така обликуваната долина на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Историја Градот е еден од помладите градови на територијата на Република Македонија. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денес плочата се чува во Градскиот музеј на Крива Паланка.

Турскиот патописец Евлија Челебија во своите белешки за Крива Паланка од 1661-1662 година меѓу другото запишал: „Одбранбениот објект-тврдината, во обем има 800 чекори. Има една порта која се отвора кон југоисток. Во неа има складишта за муниција, житни амбари, десет шахи-топови, 200 војници, градски заповедник (диздар). Градската капија и ѕидовите-бедеми биле многу високи. Во самата тврдина имало 50 куќи, една џамија и купола за воена музика. Надвор од неа имало подигнато град (паланка) со околу 800 куќи, една џамија, голем ан, како и карвансарај и мал амам...За патниците кои минувале низ ова место храна имало во изобилство...Во касабата (гратчето) имало доволно дуќани, особено занаетчиски, во кои се изработувале метални предмети (клинци и сл.). Постоеле и мајстори-железари. Постоеле и работилници за железна руда...“Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани, 2004, стр.44

Добрата положба на оваа мала населба ѝ овозможила да прерасне во поголемо населено место. Според пописите од 19 век, градот се сметал како населено место со христијанско македонско и со турско муслиманско население.

Во градот се оформува значаен христијански слој, којшто во XIX век ја понел на своите плеќи преродбата и развојот на градот, во еден христијански и православен манир. Во ова време се оформува градскиот слој на богати македонски трговци и занаетчии коишто тргуваат надвор од Отоманското Царство и со себе во градот ги носат новите текови и новите идеи на XIX век.

мини|лево|Крива Паланка во почетокот на XX век мини|десно|Извештај за ноќната стража во Крива Паланка, од 3 октомври 1915 година, датумот кога Крива Паланка потпаднала под Царство Бугарија, до 6 јануари 1916 година.

Во овој период во Крива Паланка, делува и еден од првите македонски преродбеници Јоаким Крчовски, којшто со помош на локалните трговци, во периодот 1814-1819, во Будим ги печати своите познати пет книги, на жив народен говор. Крчовски не само што ја развил потребата од описменување, туку извршил и пресудно влијание за основање на црковно–ќелијно училиште во 1817 г. коешто било сместено во Енгеровата куќа, во чија близина подоцна со големо залагање на градските првенци и самиот ктитор Давид Јереј, во 1833 г. ќе биде изградена градската црква Свети Димитрија.

Како резултат на црковно–просветната дејност, во Крива Паланка, уште во 1833 година дејствува црковно-епитропска општина, која во 1861 се трансформира во црковно–училишна општина, а веќе истата година ќе се самоуправува без официјално да се откаже од јурисдикцијата на скопскиот патријаршиски митрополит.

Првата и Втората светска војна

По Првата светска војна, по 1918 година, Крива Паланка за првпат добива статус на општина во рамките на Вардарската Бановина на кралството СХС, го добива првиот домороден претседател (градоначалник), и го добива ликот којшто во голем дел го задржала и до ден-денес. Во тие години, Крива Паланка добива неколку значајни објекти: зградата на општината, Офицерскиот дом, училиштето Партизан, Старата болница, и ја добива првата регулација на коритото на Крива Река на потегот од Осичко маало до Нумулија. Исто така била започната изградбата на првата електрична централа во североисточна Македонија, на Дурачка Река, но истата подоцна била прекината.

Географија и клима Градот се наоѓа во крајниот североисточен дел на Република Македонија, во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини. Претставува единствената градска населба во Славиште, при што игра улога како локално средиште и административен центар на педесетина населени места во овој регион.

Крива Паланка има умерено-континентална клима со умерено ладна зима, умерено топло лето, свежа пролет и релативно топла есен, што се должи на географската расположеност и на извесни влијанија кои навлегуваат од Егејското Море преку Крива Река. Високите делови на Осоговијата се под влијание на степската клима. Просечната годишна температура изнесува 10,2оС. Во текот на годината најтопол месец е јули со просечна температура од 20,0оС. Најстуден месец е јануари со просечна температура од -0,3оС. Просечното годишно температурно колебање изнесува 20,3оС. Во споредба со областите што ја опкружуваат, Кривопаланечката област добива значителни врнежи. Ова се должи на апсолутно големата висина која претставува природен кондензатор за водената пареа, што ја носат западните и јужните ветрови. Просечниот датум на првиот снежен покривач во оваа област е 30 ноември. Појасот над 1700 метри надморска височина има доста ниски средни годишни температури, затоа врвовите Руен и Царев Врв се под снежна покривка од октомври па до почетокот на јуни. На Руен снежната покривка се задржува и во јули.

Население Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крива Паланка живееле 4.340 жители, од кои 2.500 Турци, 1.500 Македонци, 320 Роми и 20 Власи.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 224.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 1.650 Македонци, 200 Турци и 100 други жители.

Во првиот организиран попис на СФР Југославија од 1948 година, во Кривопаланечкиот срез имало 28.828 жители, од кои 1.967 во градот Крива Паланка, а 26.861 во селата во Славиште. Од етнички аспект, населението го сочинувале 27.300 (94,6 %) Македонци, 1.199 (4,15 %) Срби, 194 Роми и 135 останати.

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 14.558 жители и спаѓал во групата на средни градови. Етнички гледано, населението е составено од:

Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици:

јазик вкупен број% од вкупното население македонски 13.776 94,63 турски 7 0,05 ромски 662 4,55 српски 76 0,52 бошњачки 1 0,01други 36 0,25

Вероисповед

Во Крива Паланка се застапени следните религиски групи:

религија вкупен број% од вкупното население Православни 13.785 94,69 Муслимани 528 3,63 Католици 14 0,10 други 231 1,59

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Крива Паланка:

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Вкупно 1948 — — — — — — — — — 1.967 1953 2.009 3 81 336 0 70 — 40 — 2.539 1961 2.360 1 12 — — 60 — 411 — 2.844 1971 4.301 6 16 369 — 118 — 145 — 4.955 1981 8.243 0 9 297 0 120 — 191 — 8.860 1991 10.517 0 1 479 1 122 — 151 — 11.271 1994 10.538 0 0 506 2 65 — 55 — 11.166 2002 13.758 0 2 668 2 88 1 39 — 14.558 2021 12.405 4 6 447 4 61 1 74 479 13.481

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Градот има поволна демографска слика со пораст на населението. Забележлив е високиот наталитет кај Македонците, со оглед на тоа дека во градот и неколку околни села живеат повеќе семејства од македонска националност со 4, 5, 8 и 10 деца.

Религија мини|250п|десно|Осоговскиот манастир

Мнозинството од населението во Крива Паланка е од православна вероисповед. Православието е длабоко навлезено во животот и традицијата на паланчани, а за тоа сведочат големиот број на цркви и манастири што се наоѓаат во градот, но и во непосредната околина. Крива Паланка во Македонија и пошироко е позната по еден од најубавите манастирски комплекси - манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Осоговски манастир Црква „Св. Димитриј“ - Крива Паланка

Стопанство мини|десно|Црквата „Св. Димитриј“

Од стопанството во Крива Паланка најразвиена е трговијата поради близината со бугарската граница. Други развиени гранка се земјоделието (најмногу се одгледува компир, а во помала мерка и пченка, пченица, јачмен, ’рж, овес, и др.) и рударството (познати се рудниците Тораница (за олово и цинк) и „Бентомак“). Во центарот на Крива Паланка постојат повеќе стари занаетчиски дуќани, како часовничари, казанџии, опинчари и други занаети кои сѐ уште активно работат. Во центарот на градот работи и стоковна куќа, а на ридовите во близина на градот работат и повеќе пилани и сечи за огревно дрво и дрво за мебел.

Во градот работат повеќе градинки, три основни училишта и гимназија.

Поради својата местоположба на европскиот коридор Г-8, од поодамна во план е продолжување на железничката пруга до Крива Паланка и бугарската граница која во моментов е изградена до селото Бељаковце.

Во скора иднина ќе започне и реализацијата на проектот за гасификација на градот, за кој се обезбедени 7 милиони евра странска помош.

Туризам 250п|мини|десно|Градскиот музеј на Крива Паланка

Во последните години, локалните власти во Крива Паланка сѐ повеќе вложуваат во туризмот како едно од важните гранки на стопанството во Македонија. Со својата природна убавина и богатата културно-историска традиција, Крива Паланка сѐ повеќе се промовира како кај домашните, така и кај странските туристи. Во својата програма, Крива Паланка ги понудува посетите на манастирите и историските места во градот и во својата околина, потоа организира посети и сместувања во еден од најубавите македонски манастири - манастирот Свети Јоаким Осоговски. Исто така, наоѓалиштата Градец, Трново и Станци се отворени за туристите во секое време.

Градец, Испосница на Свети Јоаким Осоговски. Селото Градец е во близина на Крива Паланка, поточно се наоѓа на 7 километри оддалеченост од градот. Според легендата, на ова место се подвигувал нашиот светец Јоаким Осоговски, пред да се премести во месноста Бабин Дол, каде што денеска се наоѓа неговиот манастир. Во близина на испосницата се наоѓа археолошкото наоѓалиште Градиште, со остатоци од доцната антика и средниот век. Исто така во селото се наоѓа црквата Св. Никола од 19 век, а во нејзина близина се наоѓа старото училиште, коешто е приспособено за сместување на туристи. Трново. Селото Трново се наоѓа на 15 км североисточно од Крива Паланка. Во селото се наоѓа старата црква Св. Никола од 16 век, во чија близина се наоѓа парохискиот дом, којшто нуди услови за сместување гости. Во рамките на целиот комплекс се наоѓаат уште два објекти, старото училиште и задружниот дом, коишто со мали адаптации, можат да бидат ставени во функција на туризмот. Исто така, и тука гостите можат да дегустираат традиционални јадења, приготвени на традиционален начин. Станци, Дренак и Дурачка Река. Се наоѓаат на 6 км југоисточно од Крива Паланка. Двете села, претставуваат пријатни места со прекрасни етно-амбиенти, со куќи изградени во стилот на традиционалната архитектура. Во селата сѐ уште се функционални валавиците и водениците, постарите жители сè уште носат традиционална народна носија и живеат на традиционален начин. Туристите можат да дегустираат храна (баница под вршник, качамак, кисело млеко) приготвена на традиционален начин, а можат да престојуваат во куќите на гостопримливите селани.

Култура