Монетарната политика (англиски: monetary policy) претставува дел од макроекономската политика на една земја. Со нејзините мерки и инструменти, во комбинација со мерките и инструментите на другите макроекономски политики, се остваруваат целите на економската политика. Монетарната политика ја води државата, но за нејзината реализација е задолжена централната банка, која преку регулирање на парите во оптек и кредитите влијае врз вкупните економски движења во една земја. Монетарната политика се остварува преку одредени инструменти, преку кои централната банка дејствува пред сè антиинфлаторно. На овој начин, монетарната политика може да даде значаен придонес во стабилизирањето на економијата и во доближувањето на фактичкиот бруто-домашен производ кон потенцијалниот.

Цели на монетарната политика

Монетарната политика е инструмент на економската политика за остварување на неjзините цели. Оттука, основните цели на монетарнта политика се:Таки Фити,Вовед во современата економија, Економски факултет, Скопје, 2002.

Одржување на одредена стапка на економски раст; Одржување на одредено ниво на производство и вработеност; Одредување на стабилноста на општото ниво на цените; Одржување на урамнотежен платен биланс и стабилен девизен курс на домашната валута.

Првите две цели на монетарната политика имаат развоен карактер, а вторите две стабилизационен. Развојните и стабилизационите цели на монетарната политика често се противречни. Ако акцентот се стави, на пример, врз динамизирање на стопанскиот раст, тоа може да ја наруши стабилноста на цените, односно да предизвика инфлаторни тенденции. Затоа во практиката доаѓа до комбинација на мерките и инструментите на другите макроекономски политики (фискалната, политиката на цени и др.), со што доаѓа до исправка на деформациите предизвикани од двете групи на цели на монетарната политика. Стимулирањето на штедењето како битна претпоставка за пораст на инвестициите и динамизирањето на економскиот раст претставува и најбитна задача на монетарната политика во доменот на остварувањето на развојните цели. Одржувањето на стабилност на општото ниво на цените се остварува со регулираъе на масата на пари во оптек. Со тоа што монетарната политика се грижи за остварување на стабилноста на општото ниво на цените, таа придонесува и за реализација на четвртата цел односно, урамнотежување на платниот биланс и одржување стабилен девизен курс на домашната валута.

Монетарната политика е една од двете позначајни макроекономски политики со чија примена директно се влијае врз економијата. Со монетарната политика се определува стапката на раст на парите во оптек и неа ја спроведува посебна државна институција, наречена централна банка. Според многу економисти, масата пари во оптек има влијание врз реалните економски променливи, како што се: производството, вработеноста, економскиот раст, па следствено на тоа, со правилна примена на монетарната политика може да се промовира стабилен економски раст и развој.Andrew А. Abel, Ben S. Bernanke, Dean Croushore, Macroeconomics (6th Edition), Addison - Wesley, 2008, p. 9. Монетарната политика е активно средство за водење на стабилизациона економска политика. Во воспоставувањето и спроведувањето на стабилизациона економска политика, монетарната политика може да биде експанзивна и рестриктивна. Кога стопанската активност и вработеноста опаѓаат, преку експанзивна монетарна политика, изразена преку зголемување на масата пари во оптек, се настојува да се врати економијата во рамнотежа. Кога во економијата постојат инфлаторни притисоци, изразени преку нагло покачување на цените, со водење на рестриктивна монетарна политика се намалува масата пари во оптек, со што инфлаторните притисоци се намалуваат, цените се стабилизираат и економијата се враќа повторно во рамнотежа.Александар Живковиќ, Градимир Кожетинац, Монетарна Економија (10. издање), Центар за издавачку делатност Економског Факултета у Београду, Београд, 2012, стр. 452.

Поставеност на монетарната политика Вообичаено, при остварувањето на крајните цели, монетарната политика се води во две фази: прво, централната банка треба да избере некоја посредна цел (интермедијарен таргет) која има големо влијание врз остварување на крајната цел и, второ, таа треба да избере оперативен таргет кој има големо влијание врз остварување на интермедијарниот таргет. Потоа, монетарната политика се води според следниов редослед: со помош на своите инструменти, централната банка настојува да влијае врз оперативниот таргет, со негова помош, таа го остварува интермедијарниот таргет и така, таа ги постигнува своите крајни цели.Мелита Трајковиќ, “Цели и инструменти на монетарната политика: современи искуства”, Работен материјал бр. 16, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006.

Оперативни таргети на монетарната политика Оперативните таргети ја претставуваат првата алка во трансмисиониот механизам на монетарната политика и тие се променливи кои се под директна контрола на централната банка. Имено, централната банка не може со употреба на инструментите на монетарната политика директно да влијае врз остварување на нејзината крајна цел и заради тоа, трансмисиониот механизам на монетарната политика вклучува голем број на променливи и функционални односи преку кои монетарните импулси се пренесуваат во реалниот сектор во економијата.

Генерално во практиката постојат два вида на оперативни таргети на монетарната политика:Ана Врбоска, “Оперативни таргети на монетарната политика (со посебен осврт на Република Македонија)”, Народна Банка на Република Македонија, Економски истражувања, број 3, II/ 2002. Tаргетирање на каматната стапка (ценовно таргетирање), при што преку регулирање на понудата и побарувачката на примарните пари, централната банка настојува да го реализира поставениот оперативен таргет; Tаргетирање на монетарната база (квантитативно таргетирање), каде што преку директно квантитативно регулирање на монетарната база се настојува да се оствари поставениот оперативен таргет.

Така, во земјите каде постојат развиени и длабоки финансиски пазари, оптимален оперативен таргет би била каматната стапка. Во овој случај, централната банка ги толерира осцилациите на каматните стапки сè додека тие се доследни со оперативниот таргет. Спротивно на тоа, во земјите каде финансиските пазари се недоволно развиени, монетарната база претставува оперативен таргет кој дава адекватни сигнали за движењето на интермедијарниот таргет, евентуалните отстапувања од таргетираното ниво и, следствено, активностите кои централната банка треба да ги преземе во остварување на крајната цел.

Интермедијарни таргети на монетарната политика Интермедијарен таргет претставува променлива преку која централната банка индиректно влијае врз остварување на крајната цел. Истовремено, интермедијарниот таргет овозможува јавноста да ја следи и оценува политиката што ја води централната банка. При изборот на интермедијарниот таргет, централната банка посебно внимание посветува на можноста за негово следење, односно да ги добива потребните податоци со помало задоцнување. Понатаму, при изборот важна е и можноста за контрола, односно централната банка да може преку контрола на интермедијарниот таргет да влијае врз остварување на крајната цел. Исто така, при изборот на интермедијарниот таргет, се претпоставува дека постои стабилна врска меѓу интермедијарниот таргет и крајната цел на монетарната политика. Во зависност од изборот на соодветниот интермедијарен таргет, централната банка применува соодветна монетарна стратегија. Како интермедијарни таргети, централната банка ги користи: парите, кредитите, девизниот курс, каматните стапки итн., а нивното остварување води кон остварување на крајната цел на монетарната политика.

Инструменти на монетарната политика Инструментите на монетарната политика, кои централната банка ги користи за остварувањето на своите цели се делат на: квантитативни и квалитативни. Со квантитативните инструменти, централната банка ја регулира потребната количина на пари во оптек. Квантитативни инструменти се:Таки Фити, Вовед во современата економија, Скопје, 2002.

Политика на отворен пазар; Дисконтна политика; и Политика на задолжителни резерви.

Трансмисиониот механизам кај монетарната политика

Анализата на начините и на маханизмите преку кои промените во понудата на пари предизвикуваат промени во најзначајните макроекономски агрегати е прашање со кое се занимава монетарниот трансмисионен механизам. Влијанието на промените на понудата на пари врз најзначајните макроекономски големини е посредно, индиректно, преку промените на каматните стапки. Логиката на преносот односно преносот на ефектите од промената на понудата на пари врз најзначајните макроекономски големини е следната:Таки Фити, Економија - макроекономски пристап, Економски факултет, Скопје, 1998.

Промените на понудата на пари предизвикуваат промена на висината на каматната стапка; Променетата каматна стапка предизвикува промени во компонентите на агрегатната побарувачка кои се чувствителни на каматната стапка: инвестициите на претпријатијата и потрошувачката на домаќинствата на трајни потрошни добра; Промените на инвестициите предизвикуваат промени на номиналниот бруто-домашен производ.

Поголем дел од економистите го прифаќаат претходно изложеното, но монетаристите ја поддржуваат квантитативната теорија за парите, чијашто суштина се искажува преку формулата: МV = РQ (каде што М = понуда на пари, V = брзината на обртот на парите, Р = нивото на цените и Q = вкупниот физички обем на добрата и услугите во економијата). Оттука се изведува тврдењето дека врската помеѓу промените на понудата на пари и промените на номиналниот бруто-домашен производ е директна, непосредна односно дека промените на понудата на пари предизвикуваат промени на агрегатната побарувачка, а тие пак предизвикуваат промени на номиналниот бруто-домашен производ.

Временско задоцнување кај монетарната политика

Во најширока смисла, терминот временско задоцнување кај монетарната политика упатува на потребното време да се спознаат потребите за промени во политиката, да се имплементираат промените и да се почувствуваат нивните ефекти врз економијата. Потребно е да помине определено време од моментот на промената на понудата на пари до моментот кога зголемената или пак смалената понуда на пари ќе почне да дејствува и да се одразува врз макроекономските агрегати. Тој заклучок е донесен при емпириските испитувања, во прв ред на професорот Фридман кој исто така смета дека таа временска дистанца трае од 6 до 24 месеци, а понекогаш и повеќе. Крајниот заклучок од ваквите испитувања е дека самата нестабилност за задоцнувањето ја потенцира нестабилноста на вкупната економија, бидејќи монетарните власти не можат со сигурност да предвидат кога зголемената или намеланата маса пари во оптек ќе предизвика соодветни ефекти врз вкупните макроекономски движења.

Експанзивна и рестриктивна монетарна политика

Експанзивната монетарна политика се применува во услови кога во економижата владее рецесија. Во тој случај фактичкиот бруто-домашен производ е под потенцијалниот. За стабилизација на еконимијата централната банка ќе ги активира инструментите на монетарната политика кои ќе ја зголемат понудата на пари со што ќе се зголеми кредитниот потенцијал на комерцијалните банки. Таквата зголемена понуда на пари ќе предизвика намалување на каматната стапка и поттикнување на инвестициите со што ќе се зголеми агрегатната побарувачка, ќе порасне реалниот бруто-домашен производ и ќе се намали невработеноста. Рестриктивната монетарна политика се применува ако економијата е соочена со експанзија којашто, доколку не се контролира може да премине во висока инфлација. Во овој случај централната банка ќе продава државни обврзници, ќе ја зголеми стапката на задолжителни резерви и ќе ја зголеми дисконтната стапка. Со тоа ќе се дестимулираат инвестициите, агрегатната побарувачка ќе опадне, реалниот бруто-домашен производ ќе се намали, како и општото ниво на цените.