Курт Доналд Кобејн ( — ) — американски музичар, најпознат како водечки вокал, гитарист и текстописец на гранџ-бендот Nirvana.

Со песната Smells Like Teen Spirit (мак. Мириса на тинејџерски дух) од нивниот втор албум Nevermind (мак. Не е важно, 1991), бендот се стекна со светска слава, популаризирајќи го поджанрот на алтернативниот рок наречен гранџ. Повеќе други бендови од Сиетл (на пример: Alice in Chains, Pearl Jam и Soundgarden) кои во истиот период го свиреа овој вид на музика се здобија со свои обожаватели. Како резултат на тоа, во почетокот и средината на деведесеттите години од минатиот век алтернативниот рок стана доминантен жанр на радијата и музичките телевизии ширум светот. Нирвана стана група предводник на таканаречената Генерација Икс, а Курт Кобејн како водач на групата Нирвана од медиумите е обележан како гласник на генерацијата.Azerrad, Michael. "Inside the Heart and Mind of Nirvana ." Rolling Stone. 16 април 1992. На Курт Кобејн ова не му се допаднало, па затоа се фокусира кон музиката. Тој смета дека пораката на бендот и неговата уметничка визија се погрешно сфатени, па затоа ја предизвикува публиката со третиот албум на Нирвана, In Utero (1993).

За време на последните неколку години од неговиот живот, Кобејн водел борба со зависноста од дрога, како и со низа професионални и приватни притисоци кои го опкружувале него и неговата сопруга, музичарката Кортни Лав. На 8 април 1994 година, Кобејн е пронајден мртов во својот дом во Сиетл, според официјалните наоди тој претставува жртва на самонанесена истрелна рана во главата. Околностите под кои се случила неговата смрт станале интересна тема за дебата низ медиумите.

Животопис Детство и младост Курт Кобејн е син на Доналд и Венди Кобејн, роден на 20 февруари 1967 година во Абердин во сојузната држава Вашингтон во САД. Првите шест месеци од својот живот ги поминува во гратчето Хокијам, Вашингтон, а потоа неговото семејство се преселува во Абердин. Неговиот татко Доналд Лиланд Кобејн имал ирско и француско потекло, а неговата мајка Венди Елизабет (родена Фраденбург) имала ирско, германско и англиско потекло.Cross, p. 7Azerrad, p. 13 Курт започнал да покажува интерес за музика уште од најрана возраст. Неговата тетка Мери вели „Пееше уште кога имаше две години. Ќе запееше песна од Битлси, како Hey Jude. Уште од малечок беше многу харизматичен.“Gaar, Gillian. "Verse Chorus Verse: The Recording History of Nirvana." Goldmine Magazine. 14 февруари 1997.

Неговите родители се развеле кога тој имал осум години. Тоа е настан за кој самиот подоцна ќе каже дека оставил длабок печат врз неговиот живот. Во тој период неговата мајка забележала драстична промена во неговиот карактер - тој станувал сѐ поповлечен.Azerrad, p. 17 Во едно интервју од 1993 година, самиот Курт ќе изјави „Се сеќавам дека се чувствував засрамено. Се срамев од своите родители. Повеќе не можев да се соочам со некои од моите пријатели од училиштето, затоа што очајно посакував да имам класично, знаете, типично семејство. Мајка, татко. Ја посакував таа сигурност и поради тоа некое време ги мразев своите родители.”Savage, Jon. "Kurt Cobain: The Lost Interview." Guitar World. 1997. По една година од разводот, која ја поминал со својата мајка, Кобејн се сели во Монтесано, Вашингтон за да живее со својот татко, но по неколку години неговата бунтовност станува неиздржлива за неговиот татко и во следните неколку години Курт живее на релација пријатели-роднини.Azerrad, p. 22

Во училиште Кобејн покажувал малку интерес за спорт. На инсистирање на неговиот татко се запишува во училишната боречка екипа. Иако бил добар, го презирал борењето поради малтретирањата од страна на тренерот и од останатите членови на екипата.Azerrad, pp. 20–25 Подоцна, неговиот татко го запишува во локалната бејзбол лига, каде што Кобејн намерно ќе промашува само за да не игра. Наместо тоа, Кобејн се фокусира на неговите часови по уметност. Често цртал за време на часовите, помеѓу останатото фетуси и човечки органи. Кобејн бил пријател со едно хомосексуално момче, поради што често бил мета на малтретирање од страна на хомофобичните ученици кои мислеле дека е хомосексуалец. Во интервју од 1993 за списанието The Advocate), Кобејн тврдел дека е „хомосексуалец по душа“ и „веројатно би можел да биде бисексуалец“. Исто така изјавил дека пишувал графити „Бог е хомосексуалец“ по камионите низ Абердин. Сепак, записниците на полицијата од Абердин покажуваат дека фразата за која бил приведен всушност е „Ain't got no how watchamacallit”. Во еден од неговите лични дневници Кобејн напиша: „Јас не сум хомосексуалец, иако посакувам да бев само да ги нервирам хомофобите.“ Како тинејџер израснат во мало гратче, Кобејн наоѓа бегство во просперитетната северозападна тихоокеанска панк-сцена, посетувајќи панк-рок концерти во Сиетл. Најпосле започнува се почесто да го посетува местото каде што локалната група Melvins од Монтесано ги одржува своите проби.

Некаде на половина од средното училиште Кобејн повторно почнува да живее со мајка си во Абердин. Две недели пред матурата, си заминува од училиштето, сфаќајќи дека нема доволно бодови за да матурира. Неговата мајка му дава избор да најде работа или да си замине.Azerrad, p. 35 По една недела Кобејн ги наоѓа своите алишта и другите работи надвор, спакувани во кутии. Избркан од домот на мајка си, Кобејн често преспивал кај пријатели, а понекогаш дури и се прикрадувал во подрумот во куќата на мајка си. Кобејн подоцна тврди дека кога немал каде да спие, преспивал под мостот на реката Вишка,Azerrad, p. 37 искуство кое му дава инспирација за песната Something in the Way (мак. Нешто на патот) од албумот (Nevermind) (Не е важно). Сепак Крист Новоселич ќе рече: „Тој седеше таму, но невозможно е да се живее на тој каллив брег каде што водата постојано надоаѓа и се повлекува. Тоа беше еден негов ревизионизам“.Cross, Charles R. "Requiem for a Dream." Guitar World. October 2001.

Кон крајот на 1986 година, Кобејн за првпат си најде сопствено место за живеење и ја плаќаше киријата работејќи на крајбрежно складиште 20 милји од АбердинAzerrad, p. 43. Во исто време се почесто одеше на концерти во Олимпија, Вашингтон. За време на посетите на Олимпија, Кобејн започнува врска со Трејси Марандер.

Нирвана За неговиот 14-ти роденден неговиот вујко му понудил да избере подарок помеѓу гитара и велосипед. Курт ја избира гитарата. Учи неколку преработки меѓу кои Back in Black (мак. Црно на црно) на AC/DC и My Best Friend's Girl (мак. Девојката на мојот најдобар другар) на The Cars, но набргу започнува да работи и на свои песни.

Во средното училиште Кобејн ретко наоѓал некој со кого би можел да свири. На една од пробите на Melvins, Курт го запознава Крист Новоселич, пријател и приврзаник на панк рокот. Мајката на Новоселич поседувала фризерски салон каде Курт и Крист ќе започнат да вежбаат. По неколку години, Курт со позајмена демо-касета снимена од претходниот негов бенд Фекал Метер, се обидел да го убеди Новоселич да оформат бенд. После неколку месеци настојување Новоселич конечно решил да му се придружи на Кобејн, со што се раѓа Нирвана.Azerrad, p. 45

За време на првите неколку години на свирење заедно, Новоселич и Кобејн свират со неколку различни тапанари. Најпосле бендот останува со Чад Ченинг, со кого Нирвана го снима својот прв албум Bleach (мак. Белило) кој е издаден од Саб Поп Рекордс во 1989 година. И покрај тоа, Кобејн станува незадоволен со стилот на Ченинг, па бендот својата замена ја наоѓа во Дејв Грол. Со Грол Нирвана го постигнува својот најголем успех преку нивното деби издание за голема музичка куќа, албумот Nevermind во 1991 година.

Кобејн води борба да го усогласи огромниот успех на Нирвана со своите андерграунд корени. Исто така, се чувствувал прогонуван од медиумите, споредувајќи се себеси со Френсис Фармер. Потоа негува гнев кон оние луѓе кои себеси се нарекувале обожаватели на неговиот бенд, а целосно ја промашиле неговата филозофија.

Како гласен противник на сексизмот и хомофобијата, Кобејн бил горд што Нирвана настапиле на настан за борба за права на хомосексуалците, давајќи поддршка за Ноу он најн во Орегон 1992 и биле инволвирани во Рок за избор, кампања за абортусот, започната од групата L7. Во дел од неговите посмртно објавени Дневници тврди дека социјалната слобода може да се постигне само преку уништување на сексизмот.

Брак Кортни Лав за првпат го гледала Кобејн како настапува во 1989 година на концерт во Портланд, Орегон. Воделе краток разговор по завршувањето на концертот и Кортни развива симпатии за него.Azerrad, p. 169 Во следните неколку недели, откако од Грол ќе дознае дека симпатиите се заеднички, Лав започнува да го прогонува Кобејн. По неколку недели топло-ладно додворување, во есента 1991 Кобејн и Лав и официјално стануваат пар, често наоѓајќи поврзаност во користењето на дрога.Azerrad, p. 172. Courtney Love: "We bonded over pharmaceuticals."

За време на настапот на Нирвана во емисијата Saturday Night Live, во 1992 година Лав дознава дека е бремена. Неколку дена по откривањето, за време на Тихоокеанската турнеја на Нирвана, во понеделник на 24 февруари 1992 година Кобејн и Лав стапуваат во брак, на плажата Ваикики на Хаваите. По неколку недели Кобејн во својот дневник ќе запише: „Во последните неколку месеци сум во врска и моето однесување драстично се промени.“ Во интервју за магазинот Саси тој ќе изјави „Не можам да поверувам колку сум посреќен од порано. Понекогаш заборавам дека воопшто имам бенд, целосно сум заслепен од љубов. Знам дека тоа можеби е за срамење, но сепак е вистина. Би можел да се откажам од бендот во истиот миг. Повеќе не е важно, но сепак имам потпишано договор.“Kelly, Christina. "Kurt and Courtney Sitting in a Tree ". Sassy Magazine. April 1992. На 18 август се раѓа и нивната ќерка Френсис Бин Кобејн.

Во списанието Vanity Fair 1992 година , Лав ќе изјави дека кратко време користела хероин, не знаејќи дека е бремена. Подоцна Лав ќе тврди дека магазинот погрешно ја протолкувал нејзината изјава,Azerrad, p. 266 но тој настан ќе создаде контраверзии за славната двојка. Врската помеѓу Кобејн и Лав секогаш била предмет на медиумска атракција, но по излегувањето на оваа статија тие започнуваат да бидат прогонувани од страна на новинари од дневните таблоиди кои сакаат да дознаат дали малата Френсис е зависник од дрога по раѓањето. Локалната социјална служба на Лос Анџелес ги дава Кобејнови на суд, тврдејќи дека користењето на дрога ги прави неподобни родители.Azerrad, p. 270 По наредба на судот две недели старата Френсис Бин Кобејн е одземена од нивно старателство и е предадена на Џејми, сестрата на Кортни, на неколку недели. Потоа двојката го задржува старателството, но морале редовно да даваат примероци од својата урина, како и да се согласат на редовни посети од страна на социјален работник. По неколкумесечна правна расправа, двојката добива целосно старателство над својата ќерка.

Зависност од дрога Во текот на поголемиот дел од животот, Кобејн пател од хроничен бронхитис и физичка болка предизвикана од недијагностицирани хронични стомачни проблеми.Azerrad, p. 66 Овие стомачни проблеми влијаеле врз него емоционално исцрпувачки, и поминал долги години обидувајќи се да ги пронајде причините за истите. Сепак, ниту еден од лекарите со кои се консултирал не успеал да ја пронајде вистинската причина, претпоставувајќи дека е резултат на сколиозата која ја имал во детството или дека е поврзана со стресот предизвикан од настапите.