Картел е формален (експлицитен) договор помеѓу претпријатија. Тоа е формална организација на производители кои се договараат да ги координираат цените или производството. Картелите обично се јавуваат во олигополистичка индустрија, каде има мал број на продавачи и вообичаено опфаќа хомогени производи. Членовите на картелот може да се договорат за прашања како на пример договор за цените, вкупното индустриско производство, делови од пазарот, поделба на потрошувачи, распределување на територии, манипулирање со понудата, основање на заеднички претставништва за продажба, поделба на профит и комбинација на овие. Целта на таквата соработка е да се зголеми добивката на поединечните членови преку намалување на конкуренцијата. Законите за конкуренција ги забрануваат картелите. Идентификувањето и растурањето на картелите е значаен дел од политиката за конкуренција во поголемиот број земји, иако да се докаже постоењето на картелите ретко кога е лесно, бидејќи претпријатијата вообичаено не се толку невнимателни за да ги стават договорите за заговарање во писмена форма.Khemani, R. S. and D. M. Shapiro (1993): Glossary of Industrial Organisation Economics and Competition Law. Compiled by R. S. Khemani and D. M. Shapiro, commissioned by the Directorate for Financial, Fiscal and Enterprise Affairs, OECD, 1993. Downloadable .Economics A-Z. Glossary of Economic Terms done by www.economist.com. Term can be seen here http://en.wikipedia.org/w/index.php?title=Cartel&action=edit Неколку економски истражувања и правни одлуки на органите против монополите дошле до заклучокот дека зголемувањето на средната цена постигнато од картелите во последните 200 години е околу 25%.Просечното зголемување на цената кај приватните меѓународни картели (оние со учесници од две или повеќе земји) изнесуваше 28%, додека кај домашните картели просечно изнесуваше 18%. Помалку од 10% од сите картели вклучени во испитувањето не успеале да ги зголемат пазарните цени.

Форми на картели Треба да се направи разлика помеѓу јавни и приватни картели. Кога станува збор за јавни картели, владата може да ги утврди и спроведе правилата во врска со цените, производството и други такви прашања. Картелите за извоз и шпедитерски здруженија се примери за јавни картели. Во многу земји, за време на рецесија се дозволуваат картелите во индустриите за кои се смета дека имаат потреба од стабилност на цените и производството и/или за да се овозможи рационализација на структурата на индустријата и прекумерниот капцитет. Во Јапонија на пример, такви договори се допуштаат во индустријата за топење челик, алуминиум, бродоградбата и разновидни хемиски индустрии. Јавните картели биле, исто така, дозволени и во Соединетите Американски Држави за време на Големата економска криза во 1930-тите години и продолжиле да постојат некое време по Втората светска војна во индустриите, како ископување на јаглен и производство на нафта. Картелите имале голема улога и во германската економија во периодот меѓу двете светски војни. Меѓународните договори за стока вклучувајќи производи како кафе, шеќер, калај и од неодамна нафта (OPEC) се примери за меѓународни картели кои јавно наметнале договори меѓу различни национални влади. Картелите за време на кризи биле, исто така, организирани од владите за различни индустрии или производи во различни земји за да се договорат цените и да се ограничи производството и распределбата во периоди на сериозни дефицити.

Историски набљудувано, картелите во САД биле формирани врз основа на неформални тајни договори меѓу фирмите од определена индустрија. Во Германија, картелите меѓу двете светски војни претставувале формални здруженија при што секоја фирма добивала своја производна квота, определена врз основа на нејзиниот капацитет кој бил проценуван од независни експерти. Притоа, фирмите кои ги надминувале квотите плаќале казни, додека фирмите кои не ги искористувале своите квоти добивале награди, а во некои картели постоело меѓусебно продавање на квотите во рамките на картелот. Понатаму, во некои индустрии постоеле заеднички агенции за продажба на производите, а во други купувачите се распределувале на одделните членки на картелот.George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 230-231.

Во споредба, приватните картели вклучуваат договор за начинот и условите од кои членовите добиваат заемна корист, а кои не се знаат и нема веројатност дека ќе бидат откриени од надворешни страни. Во многу судски надлежности, приватните картели се сметаат за нелегални и се смета дека ги кршат законите против монопол.

Теорија на картелите Картелот се основа ако неговите членови веруваат дека може да ја зголемат својата добивка со меѓусебна соработка. Иако картелите најчесто се основаат на олигополските пазари, сепак тие можат да се појават и на конкурентските пазари. Во тој поглед се поставува прашањето: зошто конкурентското претпријатие кое веќе ја максимизира својата добивка би сакало да влезе во картел? Одговорот на ова прашање е суптилен: економската теорија тврди дека на конкурентските пазари, претпријатието го определува обемот на своето производство раководејќи се само од својата добивка при што го занемарува влијанието на своето производство врз добивката на другите претпријатија. Наспроти тоа, картелот го зема предвид ефектот на промената на производството на едно претпријатрие врз добивката на сите други претпријатија. Разликата е во тоа што, на конкурентскиот пазар, ако едно претпријатие го намали своето производство, тоа ќе има никакво или само мало влијание врз пазарната цена, и тоа толку мало што е занемарливо не само за тоа претпријатие, туку и за сите други претпријатија на пазарот. Меѓутоа, ако сите конкурентски претпријатија го намалат своето производство, тоа ќе предизвика значително влијание врз пазарната цена. Искористувајќи го ефектот на ваквата заедничка акција, картелот избира помал обем на производство во споредба со совршената конкуренција.Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 427.

Во картелот, секоја фирма добива квота во вкупното производство, така што при n фирми, квотата изнесува 1/n. на тој начин, секоја фирма се соочува со поединечна побарувачка еднаква на 1/n од вкупната пазарна побарувачка. Секоја фирма произведува еднакво производство (1/n), а профитот го максимизира на точката во која се сечат маргиналниот приход и маргиналниот трошок, а цената зависи од производството на фирмата. Ако фирмите во картелот не се многу големи и немаат влијание врз вкупната понуда, тогаш секоја фирма има поттик да излезе од картелот, зашто така таа ќе продава по цената одредена од картелот, но ќе може да го зголеми производството над квотата и со тоа ќе го зголеми профитот. Тоа создава тешкотии во одржувањето на картелот. Друг проблем со кој се соочува картелот е можноста маргиналните трошоци на членките да се разликуваат меѓу себе; тогаш, некои членки ќе претпочитаат повисока цена, а други пониска поради што не може да се определи цената која ќе го максимизира профитот на картелот. Овој проблем може да се реши ако картелот дозволи продажба на квотите меѓу неговите членки. Понатаму, ако квотите се одредуваат во зависност од производниот капацитет на членките на картелот, тогаш секоја фирма има интерес да инвестира во зголемување на капацитетот, зашто така ќе добие поголема квота и ќе оствари повисок профит. Најпосле, ако членките на картелот имаат квоти, тоа создава можност за влез на нови фирми во индустријата кои ќе произведуваат повеќе од квотите, но по истата цена; оттука, картелот ќе биде принуден на новите фирми кои влегуваат во индустријата да им понуди поволни услови за да ги привлече во картелот.George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 232-236.

Долгорочна неодржливост на картелите Картелите се распаѓаат поради различни причини. На пример, картелот е неуспешен ако другите претпријатија, кои не се членови на картелот, можат да ги снабдат потрошувачите со големи количества од производот. Таков е случајот со меѓународниот картел што го основале производителите на бакар, кој не бил успешен поради конкуренцијата од претпријатијата што произведуваат бакар од отпадот. Друга причина за неуспехот на картелот е мотивот на неговите членови да мами, односно да го прекрши договорот. Имено, бидејќи секој поединечен член е само мал дел од картелот, неговото зголемување на производството, доколку сите други членови го почитуваат договорот, нема да предизвика пад на пазарната цена, а тоа претпријатие ќе оствари повисока добивка. Ако вака се однесуваат повеќе претпријатија, тогаш картелот се распаѓа.Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 429-430.

Некои тврдат дека картелите по природа се нестабилни преку аргументи од теоријата за игра, особено преку играта дилема на затворениците. На двајцата затвореници им е подобро кога остануваат тивки (односно, кога соработуваат) отколку кога двајцата одлучуваат да извршат измама (да отстапат од договорот, односно, да се натпреваруваат). Меѓутоа, ако само еден од двајцата затвореници изврши измама додека другиот остане тивок, првиот би бил слободен, што е сепак поповолно за него отколку да мора да остане во затвор шест месеци.

Истото може да се случи и во картел ако пазарот по природа е ограничен (во контраст со пазарот што продолжува да постои бесконечно: додека на неговите членови им е подобро да бидат дел од договорот отколку да се натпреваруваат, отстапувањето (на пример со намалување на својата цена) би можело да значи заземање голем дел од пазарната побарувачка и остварување големи профити. Со други зборови, членовите на картелот секогаш имаат мотив да отстапат од својот договор што објаснува зошто генерално е тешко картелите да се одржат долгорочно. Емпиричните истражувања за картелите од 20 век утврдија дека просечното траење на откриените картели е од 5 до 8 години. Сепак, откако ќе се растури картелот, мотивот да се формира картелот се враќа и картелот може повторно да биде формиран.

Дали членовите на картелот ќе изберат да го прекршат договорот ќе зависи од тоа дали краткорочните добивки од прекршувањето ги надминуваат среднорочните и долгорочните загуби што произлегуваат од можното растурање на картелот (од оваа причина, и во Играта за дилемата на затворениците, рамнотежата се менува ако играта се игра еднаш или ако, наместо тоа, се повторува). Релативната големина на овие два фактори делумно зависи од тоа колку е тешко за претпријатијата да надгледуваат дали има придржување до договорот и од значајноста на краткорочните добивки во однос на долгорочната добивка. Колку подолго претпријатијата во картелот можат да мамат без да бидат откриени, толку поголема ќе биде добивката од тоа. Поради тоа, доколку е тешко да се надгледува, тогаш колку е поголема веројатноста дека некоја страна од договорот ќе мами толку понеодржлив ќе биде картелот.