Аутизам — нарушување на невролошкиот развој, кое се одликува со намалена способност за социјализација и комуникација и со ограничено и повторливо однесување. Сите овие знаци се манифестираат пред три годишна возраст. Аутизмот делува на обработката информации во мозокот, со тоа што го менува начинот на којшто невроните и нивните синапси се поврзуваат и организираат. Како доаѓа до оваа појава сѐ уште не е познато. Другите две нарушувања од спектарот на аутизмот (НСА) се синдромот Аспаргер, којшто не се одликува со заостанатост во когнитивниот развој и во јазикот, и ПНР-Н (первазивното нарушување во развојот - неодредено), кој се дијагностицира во случаи кога не се комплетно исполнето критериумите за другите два синдроми.

Аутизмот има цврста генетска основа, но генетскиот состав на аутизмот е сложен и не е јасно дали НСА се објаснува повеќе со ретки мутации, кои имаат огромни ефекти, или пак со мултигенски интеракции на нормалните гени. Во ретки случаи аутизмот е поврзан со фактори кои предизвикуваат вродени малформации. Постојат и многу контроверзни теории за некои причинители, коишто можат да произлезат од опкружувањето, како што се тешките метали, пестицидите или вакцините, кои се примаат во раното детство. Хипотезите за вакцините се биолошки невозможни и не се потврдени со достојни научни докази. Аутизмот се појавува кај 1-2 од 1000 луѓе. Распространетоста на НСА е 6 луѓе од 1000, со тоа што се јавува 4 пати повеќе кај машката популација отколку кај женската. Бројот на луѓе, кои се дијагностицирани дека страдаат од аутизам почна драстично да се зголемува од 1980-тите, делумно поради промените во дијагностиката. Причините за зголемениот број на случаи со аутизам се непознати.

Родителите обично ги забележуваат симптомите во првите две години. Симптомите обично се развиваат постепено, но има исклучоци кај некои деца со аутизам, кои отпрво се развиваат нормално, а потоа нивниот развој назадува. Иако преземањето мерки во поглед на воспитување или учење за спознавање на светот уште во раниот период од детството може да им помогне да станат способни да се грижат за самите себе, да комуницираат и да се социјализираат, не постои лек којшто делува 100 процентно. Не многу деца со аутизам се осамостојуваат и живеат независно по стекнувањето полнолетство, иако некои од нив стануваат успешни. Развиена е и култура на аутистите, во рамките на која што некои бараат лек, додека пак други веруваат во тоа, дека аутизмот не треба да се третира како нарушување, туку да се толерира како разлика.

Особености

Аутизмот е многу променливо нарушување во психолошкиот развој, коешто најпрво се појавува за време на многу раното детство или во малку подоцнежниот период од детството, и во главно продолжува со иста брзина на развивање, без намалување на интензитетот. Очигледните симптоми се појавуваат постепено по 6-месечна возраст, веќе можат да се потврдат од 2 до 3-годишна возраст, и имаат тенденција да продолжуваат да се појавуваат во зрелите години, но често во променета форма. Аутизмот не се утврдува со само еден симптом, туку со карактеристичната тројка од симптоми: нарушувања во способноста за социјализација, нарушувања во способноста за комуникација и ограничени интереси и повторливо однесување. Има и други чести симптоми, како необичниот начин на јадење, но тие не се пресудни при дијагностицирањето. Карактеристичните симптоми на аутизмот се појавуваат низ целиот свет, и на тој начин што аутистите не се разликуваат драстично од остатокот од населението, при што исто така нема и некоја остра линија помеѓу поблагите и потешките патолошки случаи на аутизам.

Развој на општествено ниво

Неспособноста за вклопување во општеството е тоа, по коешто се разликуваат аутизмот и сличните нарушувања од спектарот на аутизмот (НСА) од другите болести, кои се одликуваат со нарушувања во развојот. Луѓето, кои имаат аутизам, многу тешко се вклопуваат во општествтото и често ја немаат таа интуиција за другите, која што пак другите луѓе ја земаат здраво за готово. Познатата аутистка Темпл Грендин ја опиша нејзината неспособност да ја разбере општествената комуникација на неврообичните, т.е. на луѓето со нормален психички развој, како чувството коешто би го имал „антрополог, кога би отишол на Марс“.

Невообичаениот развој во поглед на вклопување во општеството станува воочлив во раното детство. Аутистичните бебиња обрнуваат помалку внимание на општествените стимуланси, поретко се смеат, поретко ги гледаат другите околу нив и поретко одговараат на нивното име. Аутистичните дечиња поочигледно отскокнуваат од општествената норма, на пример поретко имаат директен контакт, поретко се вртат на повик и поверојатно е да комуницираат со тоа што би ја движеле раката на некој друг. Аутистичните деца од 3 до 5 годишна возраст уште помалку покажуваат дека го разбираат општеството, тие им приоѓаат на други луѓе спонтано, имитираат, реагираат на емоции, комуницираат невербално и се вртат кога некој ќе ги повика. Но, сепак тие развиваат поврзаност со нивниот првичен негувател. Повеќето аутистични деца не развиваат таква поврзаност со негувателите, која ја доживуваат како заштита од општеството, за разлика од децата кои не се дијагностицирани со аутизам, но оваа разлика ја нема помеѓу обичните деца и децата со повисок степен на психички развој или понизок степен на НСА. Постарите деца и возрасните со НСА покажуваат полоши резултати на тестовите за препознавање на лица и емоции.

Токму спротивно на популарното мислење, аутистите не уживаат да бидат сами. Но често се покажува дека на аутистите им е тешко да се спријателат и да го одржат пријателството. За нив, она што покажува колку се осамени е длабината на пријателствата, а не бројот на пријатели кои ги имаат. Функционалните пријателства, како оние кои може да резултираат со покани за забави, можат да имаат огромно влијание врз квалитетот на нивниот живот.

Има многу непотврдени извештаи, а многу малку систематски истражувања во врска со агресивност и насилство кај лица со НСА. Овие малку податоци покажуваат дека кај децата со нарушувања во психичкиот развој аутизмот се поврзува со агресија, уништување на имот и гневност. За време на едно истражување во 2007 година, се испитаа родители на 67 деца со НСА, и резултатите покажаа дека околу две третини од децата имаа периоди со напади на гнев, а околу една третина имаа значително подолго минато на агресивност со напади на гнев, во споредба со деца кои немаат аутизам, а имаат пречки во јазикот. Едно истражување во Шведска од 2008 година покажа дека од лицата со 15 години, кои биле пуштени од болница и биле дијагностицирани со НСА, поголема е веројатноста дека тие, коишто вршат насилни криминални дела, да имаат други психопатолошки нарушувања, како на пример психоза.

Комуникација

Околу една третина од лицата со аутизам не развиваат доволно говорни способности за да ги задоволат потребите за дневна комуникација. Уште во првата година од животот на детето можат да се забележат необичности во комуникацијата, како задоцнет почеток на обидите за зборување/мумлање, необични гестикулации, необрнување на внимание на надворешните дразби и неогдоварање на истите, како и начини на обид за комуникација со гласови, коишто не биле научени од негувателот. Во втората и третата година од животот, аутистичните деца немаат толку чести мумлања, испуштања на гласови, зборови или комбинирање на истите, и нивните гестикулации се ретко проследени со зборови. Мала е веројатноста дека аутистичните деца ќе ги изразат нивните побарувања или дека ќе ги споделат нивните искуства, туку поголема е веројатноста тие дека тие едноставно ќе ги повтроуваат зборовите на луѓето околу нив (ехолалија) или дека погрешно ќе ги употребат личните заменки. Невербалната комуникација и гестикулациите се неопходни за да се оствари успешно разговор со аутистите, и недостатоците во способноста за правилна невербална комуникација и гестикулирање се тие, по коишто може да се препознае бебе со НСА, на пример бебето може да гледа во раката што покажува кон некој предмет, а не во посочениот предмет, и тие постојано не успеваат во обидот да покажат кон некој предмет на којшто сакаат да искоментираат или во врска со којшто сакаат да споделат некое искуство. Може да се случи аутистичните деца да имаат проблем со претворањето на симболите во јазик.

Во неколку истражувања направени врз група од аутистични деца во возраст од 8 - 15 години и група од возрасни аутисти, кои се споредуваа со соодветни контролни групи од луѓе кои немаат аутизам, се утврди дека децата аутисти ги завршија задачите за основни познавања на јазикот, кои вклучуваа задачи за фонд на зборови и за правилно пишување, исто толку добро како контролната група од деца, додека групата возрасни аутисти ги завршија задачите подобро од контролната група. Но и двете групи од аутисти дадоа полоши резултати на јазичните задачи како метафорично изразување, разбирање и изведување заклучок. Со оглед на тоа што луѓето првенствено се мерат според нивните основни јазични способности, овие истражувања покажуваат дека е голема веројатноста да тој, што зборува со аутист, го преценува неговиот капацитет и колку тој разбира од разговорот.

Повторливо однесување

Луѓето со аутизам покажуваат повеќе форми на повторливо или ограничено однесување, коешто скалата за повторливо однесување (Repetitive Behavior Scale-Revised (RBS-R)) го категоризира на следниов начин:

• Стереотипија - повторувачки движење, како плескање со раце, правење звуци, итн.

• Компулсивно однесување - однесување кое следи правила, како редење на објекти во права линија.

• Сличност - отпор кон промена, на пример инсистирање мебелот да не се преместува.

• Ритуално однесување - вклучува непроменлива шема на дневни активности, како на пример непроменето јадење или ритуал на пресоблекување. Ова е тесно поврзано со сличноста, и една независна проверка на скалата даде предлог за спојување на двата фактори.

• Ограничено однесување - однесување ограничено во поглед на точка на концентрирање, интерес или активност, како на пример преокупираност со единствена телевизиска програма, играчка или игра.

• Самоповредување – однесување коешто вклучува движења, кои ја повредуваат или можат да нанесат повреди, како на пример боцкање во око, гризење рака, удирање на глава. Едно истражување од 2007 година покажа дека во одреден период, појавата на факторот на самоповредување била присутна кај скоро 30 % од децата дијагностицирани со НСА. Ниедно посебно повторливо однесување не е специфични за аутизмот, но само аутизмот се одликува со шема на појавување и сериозност на овие однесувања.

Други симптоми

Лицата со аутизам може да имаат симптоми, кои не се поврзани со дијагнозатан но коишто пак може да имаат негативно влијание врз личноста со аутизам или врз семејството на таа личност. Околу 0,5 % до 10 % од лицата со НСА покажуваат необични способности, од способноста за запамтување на непотребни информации до исклучително ретките способности на запрепастувачките аутистични саванти. Многу лица со НСА покажуваат супериорни способности на поле на перцепција и внимавање во споредба со остатокот од населението. Преголемата осетливост е нешто што го имаат 90 % од аутистите, и некои ја сметаат за една од главните одлики на аутизмот, и покрај тоа што нема сигурни докази дека абнормалностите во поглед на осетливоста се тие, по коишто можат да се разликува аутизмот од другите нарушувања на развојот. Поголеми се разликите кај неспособноста за примање и обработување на надворешни дразби (на пример, удирање во нешта, како ѕид) отколку кај преголемата чувствителност за примање и обработување на дразби (на пример, вознемирување поради гласен звук) или кај барањето на некакво чувство (на пример, ритмични движења). Околу 60 % до 80 % од аутистите се соочуваат со неспособност за контрахирање на мускулите (хипотонија), неспособност за планирање на моторните движења, и одење на прсти. Но сепак, НСА не се поврзани со сериозни нарушувања на моторниот систем.