Оваа статија ја разработува бајката. За други потреби, посетете ја Заспаната убавица (разјаснување).

Заспаната убавица или Трнорушка е класична бајка за една убава принцеза по име Аурора, една маѓепсница и еден згоден принц. Ова е првата бајка од збирката на Шарл Перо, Contes de ma Mére l'Oye („Бајките на мајката гуска“), објавена во 1697 година. Анимираниот филм на Волт Дизни од 1959 година за Заспаната убавица е најпознат за луѓето од земјите со англиско говорно подрачје, а црпи инспирација од балетот на Чајковски (премиера во Санкт Петербург во 1890 г.) исто колку и од Перо. Развиена е генетска верзија на Заспаната убавица во областа на молекуларната генетика и хумано-генетската терапија - Транспозонски систем Заспана убавица. Овој генетски елемент бил „разбуден“ од еволутивно спиење што траело подолго од 10 милиони години.

Раскажување на Перо Основните елементи во раскажувањето на Перо се поделени во два дела. Некои фолклористи сметаат дека тоа првично биле две одделни приказни, како што подоцна биле во верзијата на браќата Грим и биле соединети во една од Базил, и Перо по него. Прв дел

На крштевката на долгопосакуваната принцеза, самовилите поканети како куми ѝ подариле разни подароци - убавина, остроумност и талент за музика. Но, злобната самовила бидејќи била изоставена од свеченоста, како подарок за принцезата ја маѓепсала, пред да стане полнолетна да си го боцне прстот на вретено од предалото на смртта и да умре. Сепак, останала уште една самовила која требало да го даде својот подарок за принцезата. Таа делумно ја тргнала клетвата на злобната самовила, изрекувајќи принцезата наместо да умре, да падне во длабок сон долг 100 години. Кралот забранил предење на фурка или вретено, или поседување на такви предала со казна смрт, но сето тоа залудно. Кога принцезата наполнила петнаесет или шеснаесет години сретнала некоја старица, која всушност била злобната самовила преправена, во кулата на замокот во која имало предало. Принцезата сакала да проба да преде, бидејќи тоа било непознато за неа, па се случило неизбежното. Клетвата на злобната самовила се исполнила. Добрата самовила се вратила и ги успала сите во замокот. Шума од трње го завила замокот, штитејќи го од надворешниот свет, никој не можел да помине низ неа, без да се соочи со смрт. Откако поминале сто години, некој принц којшто слушнал за приказната со магијата храбро тргнал да се пробива низ шумата, што се распарчувала пред него и принцот успеал да влезе во замокот. Тој затреперил од убавината на принцезата и паднал на колена пред неа. Ја бакнал, а таа се разбудила. Сите во замокот се разбудиле и продолжиле од каде што застанале и сите среќно си живееле.

Втор дел Тајно венчани од пробудениот кралски бискуп, принцот продолжил да ја посетува принцезата, којашто му родила две деца L'Aurore (Зора) и Le Jour (Ден), криејќи ги од неговата мајка што потекнувала од семејство човекојадци. Откако дошол на престолот, ја донел својата сопруга и децата во неговата престолнина, која што ја оставил под регенство на мајката кралица, додека тој отишол да војува со Императорот Конталабут (Count of the Mount - „Грофот на планината“). Човекојадката - мајка кралица ја испратила младата кралица и децата во куќа зафрлена во шумата и го упатила таму готвачот да го зготви момчето со сос Роберт за нејзината вечера. Човечниот готвач ја подготвил вечерата, но со јагнешко месо, наместо со момчето, со што ја задоволил мајката кралица, а таа подоцна го побарала девојчето, па наместо неа добила јарешко во истиот вкусен сос. Кога човекојадката побарала да биде зготвена и младата кралица, готвачот предложил да ѝ го исече гркланот на младата кралица за таа да им се придружи на своите деца, за кои кралицата мајка верувала дека се мртви. Додека кралицата мајка уживала во месото од срна подготвено со сос Роберт, во куќата на готвачот тајно се одржала трогателна средба. Наскоро таа ја открила измамата и во царскиот двор подготвила базен полн со змии и други опасни суштества. Но, во последен момент кралот се вратил и човекојадката, бидејќи била разоткриена, се фрлила во базенот што таа сама го подготвила и била изедена, а сите останати среќно си живееле. Извори

Перо го трансформирал тонот на „Sole, Luna e Talia“ на Базил. Освен разликите во тонот, најзабележливи разлики во содржината се дека, во верзијата на Базил сонот не ја прекинал клетвата, туку ја претскажал, дека кралот не ја разбудил Талија со бакнеж, туку ја силувал и кога таа ги родила двете деца, едното го цицало нејзиниот прст со што го извлекло парчето лен што ја успало и на тој начин се разбудила, а жената која што ја мразела и сакала да ја изеде не била мајката на кралот, туку неговата љубоморна сопруга. Љубомората на свекрвата е помалку мотивирана, иако е вообичаена во бајките. Постојат постари елементи коишто придонеле за создавањето на оваа приказна во средновековнаиот дворски љубовен роман Персефорест (Perceforest) објавена во 1528 година, во кој принцеза по име Зеландине се заљубила во маж Тројлус. Нејзиниот татко го пратил да изврши неколку задачи за да докаже дека е вреден за неа и додека него го немало, Зеландине маѓепсано заспала. Тројлус ја нашол и ја забременил додека таа била онесвестена, а кога детето се родило го исцицало од прстот на мајка си ленот којшто ја успал. Од прстенот што ѝ го оставил Тројлус таа сфатила дека детето е од него, па по неговите авантури тој се вратил и се венчале. Постари влијанија има од приказната за заспаната Брунхилда во Сагата за Велсунзите и страдањата на светата маченица обичаите во ранохристијанските житија. Всушност, постоењето на Брунхилда ги натерало браќата Грим да ја вклучат приказната во подоцнежните изданија на нивните дела отколку да ја отстранат, како што правеле со други дела за кои сметале дека се чисто француски и потекнуваат од делата на Перо. Втората половина, во која принцезата и нејзините деца се скоро убиени, но наместо тоа сокриени, може да е под влијание на Св. Геновева.

Варијанти Оваа бајка е класифицирана како тип 410 според системот за класификација Арне-Томпсон.Името на принцезата во сите варијанти е различно. Во Сонце, Месечина и Талија таа се вика Талија („Сонце“ и „Месечина“ биле нејзините деца близнаци). Перо ја оставил анонимна, но нејзината ќерка ја крстил „L'Aurore“. Браќата Грим во нивната збирка од 1812 година ја крстиле „Трнлива Роза“. Овој трансфер бил искористен и од Дизни во филмот, нарекувајќи ја Аурора. Во TeleStory Presents, Џон Стејен ја нарекол „Пупка Роза“. Браќата Грим во нивната збирка(1812г.)прикажуваат една варијанта на приказната наречена Трнлива Роза. Ја скратиле приказната на Перо и Базил до крајот којшто е сега општо познат: пристигнувањето на принцот ја завршува приказната. Некои преводи на приказните на Грим ѝ го дале на принцезата името Розамонд. Браќата решиле да не ја прифатат приказната бидејќи била произлезена од верзијата на Перо, но приказната за Брунхилда ги предизвикало да ја вклучат како автентична германска приказна. Сепак, тоа е единствената позната германска верзија на приказната, и скоро сигурно е влијанието на Перо. Во првото издание на нивните бајки, браќата Грим вклучиле и нецелосна бајка Злобната свекрва. Започнува како и во вториот дел од приказната на Перо - хероината е мажена и има две деца, а нејзината свекрва се обидува да ги изеде прво децата, а потоа и неа. За разлика од верзијата на Перо, хероината сама предложила да се стави месо од животно во јадењето за свекрвата и извадокот завршува со загриженоста на хероината што не може да ги смири децата кои со нивното плачење го привлекуваат вниманието на свекрвата. Како и многу германски приказни со француско влијание, не се појавува во подоцнежно издание. Итало Калвино додал една варијанта во Италијанските народни приказни. Нејзиното заспивање е предизвикано од необмислената желба на нејзината мајка - не би ѝ било жал доколку ќерка ѝ умре боцнувајќи се на вретено, ако ѝ роди внука. Како и во Пентамерон, таа се буди откако принцот ја силувал во сонот, раѓа две деца, од кои едното ѝ го цица прстот и ја вади боцката што ја успала. Тој го зачувува оној дел каде што жената којашто се обидува да ги убие децата е мајката на кралот, а не неговата жена, но додава дека таа не сака да ги изеде, туку да му ги сервира на кралот. Неговата верзија потекнува од Калабрија, но тој забележал дека сите италијански верзии се блиски до онаа на Базил. Освен Сонце, Месечина и Талија, Базил вклучил уште една варијанта од овој тип според Арне-Томпсон, Младата робинка. Браќата Грим вклучиле уште една не толку поврзана верзија, Стаклениот ковчег. Џозеф Џејкобс забележал дека ликот на Заспаната убавица е сличен во оваа приказна и циганската приказна Кралот на Англија и неговите тројца синови во неговата збирка Повеќе англиски бајки. Непријателството на мајката на кралот кон неговата нова невеста се повторува во бајката Шесте лебеди, како и во Дванаесетте диви патки, но тука се работи за маќеата на кралот и делот со канибализмот е испуштен. Митски теми Некои фолклористи анализирале дека Заспаната убавица ја покажува замената на месечевата година (со своите тринаесет месеци претставени симболично со целите тринаесет бајки) од месечевата година (која има дванаесет, симболика со поканетите самовили). Според основачите на оваа теорија, само во германските приказни злобната самовила е тринаесеттата самовила, а во онаа на Перо, таа е осма. Меѓу познатите теми и елементи во приказните на Перо се: посакуваното дете повеќе информации: Света Ана и Златокоса проколнатиот подарок повеќе информации: Нес и Дејанира неизбежната судбина предачот повеќе информации: Мојра и Норн херојскиот подвиг маќеата човекојадка спасот преку избавување - сонот како метафора за преспивање на смртта како поради грев заменетата жртва повеќе информации: Исак, Исус, Зевс, Кронос и Ифигенија Посетете ја: Ткаење (Митологија) Современи прераскажувања Заспаната убавица стана популарна од многу прераскажувања на фантастични бајки. Тука спаѓа романот Портите на сонот од серијалот фантастични романи Господари на елементалите - Мерцедес Лакеј, потоа Врвот на предалото на Робин Мекинли, Магија на Орсон Скот Кард, Трнлива роза на Џејн Јолен, Клементина на Софи Месон, Трилогијата Заспаната убавица од Ен Рајс (како А.Н.Рокелор) и комплет книгите Принцези од Џим Ц. Хајнс. Клетвата на кумата самовила, како таква била преземена од приказната и искористена во многу контексти. Џорџ Мекдоналд ја искористил во неговата пародија на Заспаната убавица - Лесната принцеза, во која злобната самовила не ја проколнала принцезата на смрт, туку на недостаток од гравитација, ја оставила без физичка тежина и направила да не ги сфаќа сериозно туѓите страдања. Во Принцот Приџо од Ендру Ленг, кралицата којашто не верува во самовили, не ги кани, но тие сепак доаѓаат и ѝ подаруваат добри подароци на принцот, освен последната којашто вели дека тој ќе биде „премногу паметен“, а проблемите со таквата дарба се откриваат подоцна. Во Хрониките на маѓепсаната шума на Патриша Рид, принцезата жали што не била проколната на нејзината крштевка. Кога друг лик посочува дека многу принцези не се проколнати (дури и во оваа бајка), таа се жали дека во нејзиниот случај злобната самовила дошла на крштевката, „одлично си поминала“ и не ѝ оставила начин на принцезата да ја открие својата соодветна улога во бајката. Друг расказ на Рид „Посилна од времето“ од збирката „Книга за магии“ е приказна за духови според Заспаната убавица. Во Обичната принцеза на М.М.Кеј, кралицата инсистира да ги покани самовилите на крштевката на принцезата во име на традицијата и покрај противењето на кралот, па самовилата Крустацеа ѝ го подарува на принцезата „подарокот“ да биде обична.