Византион (старогрќки Βυζάντιον, на латински: BYZANTIVM) — антички град кој бил основан во 667 година п.н.е. од страна на мегарските колонии од Стара Грција. Така бил наречен според нивниот владетел Бизас. Од ова име подоцна произлегло и името на Византиското Царство. За многу краток период градот го носел и името Август Антонија кое било дадено од страна на императорот Септимиј Север во чест на неговиот син Анатониј.
Основање
Единствените извори за постоење на цивилизација во горниот дел од Босфорот датираат од првите грчки колонии по бреговите на Евксина. Една од првите такви колонии била Синоп, основана во 8 век п.н.е. од јонинскиот град Милет. Во следниот век Милет основал околу триесет колонии по бреговите на Евксина и Пропонтис (Мраморно Море). Првата грчка колонија на Босфорот била Халкедон, основана од страна на Мегара во 675 п.н.е. на азискиот брег од протокот. Денеска во овој дел од Истанбул се наоѓа населбата Кадиќој. Според Херодот, Византион бил основан седумнаесет години по Халкедон и како основач на градот се сметаат колонистите од Мегара (град блиску Атина).
Во почетокот Византион се наоѓал на Првиот рид, каде се наоѓал акрополот над Променториум Босфорум. Денеска во овој дел од градот се наоѓаат Аја Софија, Топкапи-сарај и Сината џамија. При археолошките ископувања на Првиот рид биле пронајдени садови и други предмети кои датираат од крајот на 6 век п.н.е. Сепак Акрополот на Првиот рид никогаш не бил систематско проучуван од археолози, бидејќи поголемиот дел од неговите темели се наоѓаат под денешниот Топкапи-сарај.
Митологија thumb Првите грчки митови за Босфорот веројатно датираат од крајот на бронзената ера, кога грчките народи за првпат влегле во контакт со овој дел од Егејско Море. Еден од првите митови раскажува за Зевс и неговата љубовница Јо, ќерка на речниот бог Инах, кој ја претворил во крава за да ја скрие од сопругата на Зевс, Хера. Но Хера не била излажена и испратила да ја следат безжалосни стршлени кои ја принудиле да го преплива местото меѓу Европа и Азија. Од тоа време овој проток започнал да се нарекува Брод на кравата во чест на љубовницата на Зевс.
Според традицијата Византион бил основан од Бизас или Визас од Мегара, кој во една од верзиите на митот се смета за син на Посејдон и нимфата Кероеса. Според митот, Бизас со својата флота од неговиот град испловил кон североисток по Егејско Море. Тој го прашал оракулот во Делфи каде точно да го основа својот нов град, а оракулот кажал: “спроти земјата на слепците“. Тој точно не разбрал што всушност значело тоа. Но кога пристигнал на бреговите од Мала Азија на Босфорот, разбрал што значело истото. На брегот постоел грчки град по име Халкедон. Визас сметал дека жителите на градот се слепи бидејќи не гледале со каква земја располагаат само на неколку метри од другата страна на Босфорот. Така, тој таму го основал градот, и го нарекол по себеси Византион. Подоцна, во 1555 година терминот Византион бил употребен за идентифицирење на Источната Римското Царство односно Византија.
Први години
Потеклото на името Византин или Византион е непознато, но се смета дека има тракиско-илирско потекло, изведено од името Визас (Бизас).
Една од предностите на населбата Византион во споредба со Халкедон било тоа што таа можело полесно да се брани бидејќи се наоѓала на стрмниот рид на Акрополот и била заштитена со вода од своите три страни со исклучок на нејзиниот западен дел каде требало да бидат изградени ѕидини. Голема значајност за развој на Византион биле данокот кој морал да биде платен за премин преку протокот.
Византион и Халкедон биле между големиот број на грчки колонии по бреговете на Пропонтис. Во близина на Византион на европскиот дел се наоѓала Селимврија, а зад него Перинт, додека основни соседи на Халкедон на азискиот брег на Мраморното Море биле Даскилиј и Кизик. Меѓу грчките колонии во Црното Море најблиску до Босфор бил Месемврија (Несебар) на европскиот брег, а на азискиот Хераклеја Понтика.
Овие мали грчки колонии биле целосно заобиколени од варварски племиња, од кое најмногу се плашеле. Поради нивните чести напади тие биле принудувани да градат заштитни ѕидини околу населбите кои ги основале. Првите ѕидини на Византион го опфаќале ридот околу акрополот како и стрмните падини кои воделе кон Босфорот и Златниот Рог. Заштитните ѕидини биле градени на неколкупати. Голем дел од ѕидините биле изградени од страна на Филон од Византион во 3 век п.н.е. Ѕидините биле толку здрави што честопати напаѓачите завладувајќи со Халкедон и други градови во близина, истите биле принудувани да се повлечат пред Византион.
Првите доселеници на Бизантион биле претежно дорски Грци од Мегара и поради тоа, политичките институции на градот биле прилично спартански отколку атински. Една од спартанските традиции, пренесена и во Византион била тракиското население да се претвора во робови. Културните традиции на Византион во првите години биле наследени од Мегара, вклучувајќи ја азбуката и религиозните култови, кои сведочат според натписите и релјефите од надгробните споменици. Заедно со другите грчки колонии и Византион бил полис, или град-држава, неговото управување обично било демократско, иако понекогаш градот бил контролиран од олигархија, а понекогаш и од тирани. Населението главно го поседувале вообичаениот совет или народно собрание на грчкиот полис, а неговите вработени биле нарекувани полемархи. Тие ги почитувале олимписките богови на Грција, а некои антички извори споменуваат за храмови во Византион, посветени на повеќе од десетина од овие божества, како и светилишта на анадолските богови Кибела и египетскиот бог Серапис. Едно од најзабележителните настани во Византион бил религиозниот празник на кој имало натпревар во трчање со факли, при кои голите момчиња се тркале до Акрополот за да го запалат таму светиот оган.
Историчарот Теопомп од Хиос во втората половина на 4 век п.н.е. на следниот начин го опишал животот на полисот:
Трговците од Византион имале репутација на пијаници. Голем број на историчари споменуваат за беспрекорното пијанство на жителите на градот, посебно за оние кои се занимавале со трговија.Филарх во својата книга зборува дека сите жители се опиени со вино и живеат во винарската визба. Тие ги изоставувале своите брачни другари и своите ноќи ги поминувале заедно со сопругите на странците кои доаѓале во градот.
Персиско владеење
Византион и грчките градови во Мала Азија паднале под персиско владеење наскоро по 546 п.н.е. кога Кир Велики го зазел Сарди. Тој и неговите наследници Персиската империја ја организирале во 20 провинции. Византион бил дел од провинцијата Дасцилиј на чие чело според Херодот се наоѓал Аристон. Во 512 п.н.е. кога персискиот император Дариј I пристигнал до Босфорот каде изградил мост од бродови за преминување на протокот. Овој настан бил опишан од Херодот и самиот град за првпат се појавил во пишаната историја. Според податоците, мостот бил изграден помеѓу денешните Анадолски Хисар и Румелихисар.
Во следните години градот бил управуван од лица именувани од Дариј. Во 499 п.н.е. јонските градови во Мала Азија се побуниле против персиското управување, но по првичното ослободување на Византион и Халкедон во 494 п.н.е. востанието било задушено. По ова Персија започнала напад кон сите острови, а кога завршил овој поход тие испратиле фенекиска флота кон Византион. Според Херодот, кога разбрале жителите на градот, наместо да го дочекаат нападот од морето тие решиле да побегнат кон Црно Море каде го основале денешен Несебар. Византион најверојатно бил до темел разрушен, но истиот бил бргу изграден бидејќи кога Ксеркс навлегол кон Грција во 481 п.н.е., во 479 п.н.е. биле поразени кај Платеја и според изворите тие се повлекле кон Византион. По две години грчкиот сојуз испратил флота на чело со Павзантиј кој го принудил на персиските сили да се предадат. Кога бил во Византион, тој започнал преговори со Ксеркс за да му помогне да го направи управител на градот и цела Грција, но кога било разбрано за неговите интриги тој бил прогонет од градот во 475 п.н.е. Во негово време бил изграден некој стадион во градот, а за самиот објект денеска постои натпис на надворешните ѕидини на Топкапи-сарај, каде може да се прочита неговото име.
Пелопонески војни
Кога започнала Пелопонеската војна во 431 п.н.е. градот бил повторно принуден да се приклучи на Атинскиот сојуз против Спарта, а целата оваа унија опстојувала во следните две децении кога по 413 п.н.е. Византион се приклучил во сојуз кон Спарта. Атињаните презеле експедиција по море против Византион и Халкедон во 409 п.н.е. и кога стигнале до Босфорот, тие изградиле населба на анадолскиот брег и ја нарекле Хризополис, град на златото. Денеска на местото на таа населба се наоѓа Усќудар. Во следниот период Атина успеала повторно да завладее со Византион. По крајот на Пелопонеската војна од 404 п.н.е. и големата победа на Спарта над Атина, Византион побарал од Спарта повторно да ја презема контролата над градот. Под контрола на Спарта градот бил до 390 п.н.е. кога демократската фракција ја презела власта во градот и дозволила Атина повторно да го зазеде градот. Во 337 п.н.е. Византион со помош на карискиот цар Мавзол успеал да прогласи независност од Атина.
Македонска ера
Во меѓувреме на сцената како нова сила се појавила Македонија со управувањето на Филип II, кој се искачил на престолот во 359 п.н.е. Во почетокот Византион бил во сојуз со Филип, но кога во 341 п.н.е. Филип влегол во Тракија, оставајќи го неговиот син Александар да владее како регент во Пела, Византион и неговите соседи се здружиле со Атињаните и подготвиле одбрана против Македонците. Во 340 п.н.е. Филип го нападнал Византион преку опсада. Во 339 п.н.е. Филип се повлечел додека жителите на градот Византион изградиле споменик во чест на Атињаните кои им помогнале во опсадата. Својата независност градот ја имал до неговото освојување од страна на Александар III Македонски во 323 п.н.е.
Во следните години градот успеал да се одбрани од нападите на Галите во 279 п.н.е., на Персија во 246 п.н.е. Хеленистичкиот период за Мала Азија всушност завршил во 129 п.н.е. кога Римјаните ја создале својата провинција Азија. Така Византион склучил формален сојуз со Рим, кој му обезбедил заштита на Римјаните и иако плаќал данок, го зачувал својот статус на слободен град. Римјаните ја поврзале новата провинција со Италија преку Вија Егнација.
Римска ера
Византион формално бил вклучен во Римското Царство во 73 година од Веспазијан и за време на владеењето на Трајан бил вклучен во провинцијата Витина. И покрај сето тоа градот го задржал својот статус на слободен град под покровителство на Рим. Римјаните изградиле еден аквадукт, за да го снабдат Византион со вода, во времето на Адријан (117-138), кој сигурно го посетил градот во 123 година.
Византион останал слободен град до последните години од 2 век, кога во времето на војната за наследство на престолот застанал на страната на императорот Песцениј Нигер против Септимиј Север. Кога Север ја испратил својата војска кон Византион, силите на Нигер се повлекле а градот бил ставен под опсада. По три години Север го убил на Нигер и се прогласил како единствен император. И покрај смртта на Нигер, жителите на Византион продолжиле со својот отпор. Според историчарот Дион, жителите на градот за заштита од опсадата ги фрлале и бронзените статуи од театарот, додека бродови граделе од покривите на срушените куќи. Голем дел од жителите на градот направиле обид за бегство, додека останатите се оддале на канибализам за да преживеат. Римјаните без напор ги заплениле пренатрупаните со бегалци бродови за време на една бура и ги потопиле, додека останатите во градот преплашени гледале од ѕидовите. Така жителите на градот биле принудени да се предадат на Септимиј Север, кој наредил да се убијат сите преживеани војници, ѕидините на градот биле целосно разрушени а градот ја изгубил својата полунезависност.