Ангела Доротеја Меркел (; родена Каснер; р. ) — германска политичарка и поранешен научник, која е канцелар на Германија од 2005 и водач на Демохристијанскиот сојуз (ДХС) од 2000. Таа е прва жена која е избрана на таа функција.
Образувана во насоката физичка хемија, Меркел влегла во политиката во бранот на револуциите од 1989, кратко служејќи како гласноговорник за источногерманската влада. По повторното обединување во 1990, била избрана во Бундестагот за изборниот округ Штралзунд-Северна Западна Померанија-Риген во покраината Мекленбург-Западна Померанија, која и денес претставува нејзина изборна единица. Подоцна била назначена за сојузна министерка за жени и млади во 1991 под водство на канцеларот Хелмут Кол, по што била унапредена во сојузна министерка за животна средина, заштита на природата и јадрена заштита во 1994. Откако коалицијата ЦДУ/ЦСУ била поразена во 1998 била избрана за генерален секретар на ЦДУ, пред да биде избрана за прв женски водач на партијата во 2000.
По сојузните општи избори во 2005 била назначена за прва жена канцелар на чело на големата коалиција, која се состоела од нејзината партија ЦДУ, нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД). На сојузните општи избори во 2009, ЦДУ добила најголем број од гласовите и Меркел можела да создаде коалициска влада со поддршка на ЦСУ и Слободната демократска партија (ФДП). На сојузните општи избори во 2013, Меркел ги повела ЦДУ/ЦСУ на уште една победа, освојувајќи скоро мнозинство во Бундестагот, со освоени 41,5% од гласовите; разговорите за составување коалиција сè уште траат откако ФДП не успеа да влезе со свои претставници во Бундестагот.
Во 2007, Меркел била претседател на Европскиот Совет и го водела Г8, втора жена (по Маргарет Тачер) која го направила тоа. Играла средишна улога во преговорите за Лисабонскиот договор и Берлинската декларација. Еден од нејзините приоритети бил исто така да ги зајакне трансатлантските економски врски преку потпишување на договорот за Трансатлантскиот економски совет на 30 април 2007. Меркел одигра исклучителна улога во управувањето со финансиската криза на европско и светско ниво и била нарекувана како „одлучувач“. Дома, реформата на здравствената заштита и проблемите во врски со изворите на енергија биле главни проблеми за време на нејзиниот мандат.
Ангела Меркел била опишувана како де факто водач на Европската Унија, и рангирана за втора највлијателна личност во светот од страна на списанието Forbes во 2012, највисок пласман некогаш постигнат од страна на некоја жена, додека според најновите рангирање е сместена на петтото место.
Ран живот
Меркел е родена како Ангела Доротеја Каснер во Хамбург, Западна Германија, ќерка на Хорст Каснер (1926–2011), родум од Берлин, и неговата жена Херлинд, родена во 1928 во Данциг (сега Гдањск, Полска) како Херлинд Јенч, настаничка по англиски и латински јазик. Нејзината мајка била член на Социјалдемократската партија на Германија. Меркел има полско потекло, бидејќи нејзиниот дедо по мајка, Лудвиг Казмјерчак, бил Германец со полско потекло.Шест работи што не ги знаете за Ангела Меркел. The Guardian 10 септември 2013. 29 октомври 2013.
Таткото на Меркел студирал теологија во Хајделберг и потоа во Хамбург. Во 1954 нејзиниот татко добил своја парохија во црква во Квицов (близу Перлеберг во Бранденбург), кој тогаш бил во Источна Германија и семејството се преселило во Темплин. Така, Меркел пораснала на село, 80 километри северно од Источен Берлин. Герд Лангут, поранешен висок член на Демохристијанскиот сојуз на Меркел, навел во својата книга дека можноста на семејството слободно да патува од Источна кон Западна Германија во текот на следните години, како и поседувањето на два автомобили, водел до заклучокот дека таткото на Меркел имал „благонаклонет“ однос со комунистичкиот режим, бидејќи таква слобода и поволности за свештеник би биле невозможни во Источна Германија.
Како и повеќето ученици, Меркел била член на Слободната германска младина (ФДЈ), службено младинско движење предводено од владејачката партија за социјалистичко единство. Иако членството било главно доброволно, оние кои немало да се приклучат, немале скоро никакви шанси за запишување на некој универзитет. Меѓутоа, таа не учествувала во секуларната церемонија за полнолетство (Jugendweihe), која била вообичаена во Источна Германија и наместо тоа учествувала во црковна церемонија. Подоцна, на Академијата на науките, станала член на окружниот одбор на ФДЈ и секретарка на „Агитпроп“ (Агитација и пропаганда). Самата Меркел тврдела дека таа била секретарка за култура. Кога некогашниот окружен претседавач на ФДЈ на Меркел ѝ противречил, таа инсистирала дека: „Според мојата меморија, јас бев секретарка за култура. Но, што јас знам? Јас верувам дека нема ништо да знам кога ќе имам 80“. Оценката на Меркел на задолжителниот предмет марксизам-ленинизам била оценета само со „задоволителна“ (genügend) во 1983 и 1986.
На училиште, таа научила течно да говори руски и ила добивала награди за нејзините вештини во руски јазик и математика. Меркел се образувала во Темплин и на Универзитетот во Лајпциг, каде студирала физика од 1973 до 1978. Додека била студент, учествувала во обновата на урнатите на Морицбастај, проект на студентите со цел да создадат сопствен клуб и објект за рекреација на кампусот. Таква иницијатива била без преседан во ГДР во тој период и првично наишла на отпор од самиот универзитет. Меѓутоа, со поддршка на локалното раководство на владејачката партија, било дозволено проектот да продолжи. Меркел работела и студирала во Централниот институт за физичка хемија на Академијата на науките во Берлин-Адлерсхоф од 1978 до 1990. Откако добила докторат за нејзината теза за квантна хемија, наведена во и запишана во Катологот на Германската национална библиотека под предмет број 30 (хемија) таа работела како истражувач и издала неколку трудови.
мини|лево|Меркел како заменик владин гласноговорник заедно со Лотар де Мезиер, август 1990
Во 1989, Меркел била вклучена во растечкото демократско движење по падот на Берлинскиот ѕид, приклучувајќи ѝ се на новата партија Демократско будење. По првите (и единствени) демократски избори во Источна Германија станала заменик гласноговорник на новата привремена влада пред обебединувањето под водство на Лотар де Мезиер. Во април 1990, Демократското будење се споила со источногерманскиот ДХС, која подоцна се споила со нејзината западна копија по повторното обединување.
Член на Бундестагот и на Кабинетот на министри
На првите општи избори по повторното обединување во декември 1990, таа била избрана во Бундестагот од изборната единица Штралзунд-Северна Западна Померанија-Риген, која се поклопува со округот Западна Померанија-Риген. Оттогаш била повторно избирана од истата единица на секои избори. Станала министерка за жени и млади во третиот кабинет на Хелмут Кол. Во 1994 станала министерка за животна средина и јадрена безбедност, што ја направило политички повидлива и ѝ дало подлога да ја изгради нејзината политичка кариера. Како една од штитениците на Кол и негов најмлад министер во кабинетот, често била нарекува „мојата девојка“ (mein Mädchen) од страна на Кол.
Водач на опозицијата
Кога владата на Кол беше поразена на општитени избори во 1998, Меркел била именувана за генерален секретар на ЦДУ. Од ова место, Меркел ги надгледувала низата на изборни победи на нејзината партија во шест од седум покраински избори во 1999, уривајќи ја коалицијата на СПД и Зелените во Бундесратот, законодавно тело кое ги претставува покраините. По партискиот финансиски скандал, кој загрозил многу водечки личности во ЦДУ (најмногу самиот Кол, кој одбил да го открие дарителот на 2 милиони германски марки, тврдејќи дека дал чесен збор и партискиот водач Волфганг Шојбле, наследникот избран лично од Кол, кој исто така не сакал да соработува), Меркел го критикувала нејзиниот поранешен ментор Кол и се залагала за свеж почеток на партијата без него. Била избрана да го замени Шојбле, станувајќи прва жена претседател на нејзината партија, на 10 април 2000. Нејзиниот избор изненадил многу набљудувачи, бидејќи нејзината личност претставувала спротивност на партијата за која била избрана да ја води; Меркел е протестант, со потекло од главно протестантската северна Германија, а во ЦДУ преовладуваат мажи, општествено конзервативна партија со упоришта во западна и јужна Германија, а баварската сестринска партија, ЦСУ, има длабоки католички корени.
По изборот на Меркел како водач на ЦДУ, таа имала значителна популарност помеѓу германското население и голем дел од Германците ја поддржувале да стане соперник на канцеларот Герхард Шредер на изборите во 2002 година. Меѓутоа, таа не добила доволно поддршка од нејзината сопствена партија и особено од нејзината сестринска партија (баварската Христијанско-социјална унија, или ЦСУ), и била заменета од водачот на ЦСУ Едмунд Штојбер, на кого му ја препуштила привилегијата да го предизвика Шредер; меѓутоа, го пропуштил големото водство на анкетите и изгубил на изборите со минимална разлика. По поразот на Штојбер во 2002, како и нејзината улога како претседател на ЦДУ, Меркел станале водач на конзервативната опозиција во долниот дом на германскиот парламент, Бундестагот. Нејзиниот соперник, Фридрих Мерц, кој ја вршел функцијата на парламентарен водач пред изборите во 2002, бил отстранет за да ѝ се даде шанса на Меркел.
Меркел ја поддржала значителната реформска агенда која се однесувала на економскиот и социјален систем на Германија и била сметана за попазарна отколку нејзината сопствена партија (ЦДУ); таа се залагала за промени во германскиот закон за труд, особено за отстранување на пречките за отпуштање вработени и зголемување на дозволениот број на работни часови во неделата, тврдејќи дека постоечките закони ја прават земјата помалку конкурентна, бидејќи компаниите не можат лесно да ги контролираат трошоците за трудот во време кога компаниите имаат тешки времиња.
Меркел тврдела дека атомската енергија во Германија треба етапни и побавно да биде намалувана отколку што предвидувала администрацијата на Шредер.
Меркел за залагала за силно трансатлантско партнерство и германско-американско пријателство. Во пролетта 2003, пркосејќи му на силното јавно противење, Меркел застанала во корист на американската инвазија на Ирак, опишувајќи ја како „неизбежна“ и обвинувајќи го канцеларот Герхард Шредер за антиамериканизам. Ја критикувала поддршката на владата за приклучувањето на Турција кон Европската Унија и наместо тоа нудела „привилегирано партнерство“. Овој став го претставувал растечкото јавно мислење за одбивање на членството на Турција во Европската Унија.Марлис Казир и Јост Јонгерден. Национализам и политика во Турција (2010) стр. 110
Пат до избори
На 30 мај 2005, Меркел победила на номинацијата на ЦДУ/ЦСУ како соперник на канцеларот Герхард Шредер од СПД на сојузните избори во 2005. Нејзината партија ја започнала кампањата со 21 процентен бод предност пред СПД на анкетите, иако нејзината лична популарност била помала. Меѓутоа, кампањата на ЦДУ/ЦСУ влегла во проблеми кога Меркел двапати го помешала бруто и нето приход во текот на една телевизиска дебата, а самата кампања на партијата се потпирала на економијата. Ја поправила грешката со тоа што објавила дека Паул Кирхоф, поранешен судија во германскиот уставен суд и водечки стручњак за фискална политика, ќе го назначи за министер за финансии.