Сум-конструкција — една од сложените глаголски форми на македонскиот јазик. Таа се формира со помош на помошниот глагол сум и со глаголска придавка. Сум-конструкциите се користат како паралелни форми со временските и начинските глаголски форми на македонскиот јазик.

Образување

Сум-конструкциите се образуваат со помош на помошниот глагол сум во соодветната форма и со глаголска придавка од преоден или непреоден глагол. Според тоа, имаме: сум дојден, бев дојден, ќе сум дојден, ќе бев дојден, ќе сум бил дојден и слично. Од сите примери, најчесто се употребуваат првите две.

сум + глаголска придавка

Употреба

Сум-конструкциите, како и има-конструкциите, се употребуваат како паралелни форми со временските и начинските, посебно кога глаголската придавка е изведена од непреоден глагол. Според тоа имаме: не знам дали се дојдени = не знам дали дошле или ќе бев присутен на состанокот ако ме поканевте = ќе присуствував на состанокот ако ме поканевте.

Значењето на сум-констрикциите најчесто е резултат од вршењето на дејството или состојбата, која исто така произлегува од некакво претходно дејство. Овие констрикции стојат на граница помеѓу морфологијата и синтаксата, затоа што можат да претставуваат или една сложена временска форма или една синтактичка конструкција или именски прирок.

Наводи

Поврзано

Граматика на македонскиот јазик Глаголи во македонскиот јазик Македонски јазик

Надворешни врски Македонска граматика од Виктор Фридман. Граматика на македонскиот литературен јазик од Хорас Лант. Македонска граматика од Круме Кепески.

Категорија:Глаголи во македонскиот јазик