Франческо Тоти (роден 27 септември 1976 година во Рим) — поранешен италијански фудбалер, кој бил капитен на тимот на Рома во Серија А. Неговата примарна позиција била во средниот ред, иако Тоти исто така бил успешен и на позицијата напаѓач. Тоти целата своја кариера ја поминал во Рома, и е прв стрелец и играч со најмногу настапи во историјата на тимот. Тоти се смета за еден од најдобрите играчи во својата генерација, а исто така и за најдобар играч на Рома во историјата.

Како освојувач на Светското првенство во 2006 година и финалист на Европското првенство во 2000 година, Тоти бил избран во најдобриот тим и во двете натпреварувања. Добитник е на многу поединечни награди, вклучувајќи ги рекордните пет пати италијански фудбалер на годината и двапати за фудбалер на годината во Серија А. Тоти бил именуван во ФИФА 100, списокот на 125 најголеми живи фудбалери избрани од Пеле како дел од прославата на стогодишнината на ФИФА. Во 2011 година, Тоти бил прогласен од страна на МФФИС (меѓународна федерација на фудбалска историја и статистика) за најпопуларен фудбалер во Европа.

Често нарекуван од страна на италијанските спортски медиуми како златното момче, големото бебе и гладијаторот, Тоти во моментов е петти стрелец на сите времиња во историјата на лигата со 215 голови. Почеток на кариерата

Тоти е роден во Рим, син на родителите Лоренцо и Фиорела Тоти. Неговото семејство израснало во околината Порта Метрониа. Како дете Тоти редовно играл фудбал со постари деца и во тоа време негов идол бил екс капитенот на Рома, Џузепе Џанини. Тоти почна да игра фудбал во младинскиот тим на возраст од 8 години, со Фортитуто, па после се приклучи во тимот на Смит Трастевере и Лодиџани. Откако станал мета на скаутите, неговата мајка одбила профитабилна понуда од страна на тимот на Милан, за да остане во неговиот роден град, па Тоти се приклучил во млдинскиот тим на Рома во 1989 година.

Клупска кариера

Првите сезони

По три години во младинскиот тим, Тоти го имаше својот прв настап за сениорскиот тим на Рома на возраст од шеснаесет години, кога тренерот Вујадин Бошков го стави да игра во гостинската победа од 2-0 против Бреша на 28 март 1993 година. Во следните сезони, Тоти почна да игра повеќе натпревари и го постигна својот прв гол на 24 септември 1994 година во ремито од 1-1 против Фоџа. До 1995 година, Тоти стана редовен во првиот тим и постигна 16 голови во наредните три сезони. Кога тој ја презеде капитенската улога во тимот во 1998 година, Тоти почна да станува симбол на клубот. Менаџерот Зденек Земан играше со офанзивна формација 4-3-3, во која Тоти беше лево крило. Тоти постигна 30 голови за време на двегодишното менаџирање на Земан.

Иако Тоти не беше повикан да учествува на ФИФА Светското првенство во 1998 година, тој беше прогласен за најдобар млад фудбалер на годината во Серија А во сезоната 1998-99.

Скудето 2001

Во сезоната 2000-01, Рома, тогаш предводена од страна на Фабио Капело, правеше конкурентен тим на чело со Тоти, кој почна да игра како плејмејкер со цел да ги искористи неговите вештини за асистирање. Тоти постигна тринаесет гола во сезоната. На 17 јуни 2001 година, Тоти го освои Скудетото, и постигна еден гол во победата од 3-0 против Фиорентина во Супер купот на Италија.

Тоти беше прогласен за италијански фудбалер на годината во 2000 и 2001 година. Тој ја доби својата прва номинација за златна топка во 2000 година, завршувајќи четиринаесетти на гласањето, а петти наредната година. Тоти исто така, стана идол од страна на навивачите, кои беа во можност да се идентификуваат со позадината на Тоти како вечен поддржувач на Рома и жителите на Рим, и исто така со неговата вештина на теренот.

Во следните сезони, Тоти играше како втор напаѓач, како дел од формацијата 3-5-2 и во сезоната 2003-04 постигна за него најмногу во кариерата 20 гола, каде Рома заврши како второпласирана после Милан во трката за Скудетото. Тоти, исто така ја освои својата втора последователна награда за италијански фудбалер на годината. И покрај разочарувачката сезона во 2004-05 година, каде што Капело после ја напушти Рома за Јувентус, и Рома падна на осмото место, правејќи четири промени на тренерската позиција во текот на сезоната, Тоти го одржуваше неговиот офанзивен капацитет постигнувајќи петнаесет голови, меѓу кои и неговиот 100-ти гол во Серија А против тимот на Интер на 3 октомври 2004 година. Два месеци подоцна, на 19 декември, Тоти стана најдобриот стрелец во историјата на Рома по постигнувањето на неговиот 107-ми гол во кариерата против Парма, надминувајќи го претходниот рекорд на Роберто Пруцо.

Како напаѓач со Спалети

Новиот тренер на Рома за сезоната 2005-06, Лучано Спалети, почна со формацијата 4-2-3-1. Во оваа формација, Тоти не остана како напаѓач чекајќи вкрстувања или асистенции, па затоа се враќаше назад да ја земе топката, со што се создаваше простор за офанзивниот среден ред. На оваа нова позиција, Тоти почна да постигнува голови многу почесто од минатото и постигна 15 гола на 24 натпревари. Во еден момент во текот на неговата низа, тимот победи на 11 последователни натпревари.

На 19 февруари 2006 година, Тоти доживеа фрактура на левата лисна коска и оштетување на лигаментите за време на натпреварот против Емполи после прекршокот од страна на Ричард Ванигли. Тоти рзикуваше отсуство од Свтското првенство во 2006 година, но се врати во тимот на 11 мај како замена во поразот на Рома од 3-1 против Интер во финалето на Купот на Италија. Метална плочка беше прикачена на неговиот глужд за време на операцијата, но докторите одлучија да не го оперираат повторно и да му ја отстранат по неговото враќањето, по согласувањето дека тоа нема да влијае на неговата игра.

Сезоната 2006-07 беше најдобра за Тоти, каде заврши како најдобар стрелец во Серија А со постигнати 26 гола, а Рома заврши како вицешампион веднаш до Интер, но затоа им се одмаздија на Интер, победувајќи ги и освојувајќи го Купот на Италија во 2007 година. Тоти исто така беше добитник на ЕСМ Европска Златна копачка, награда за најдобар европски стрелец. И покрај тоа што беше најдобар активен стрелец во Серија А, Тоти не беше еден од финалистите за ФИФА Светски играч на годината за 2007 година поради неговото отсуство во репрезентацијата, иако тој беше номиниран за златната топка во 2007 година, завршувајќи десетти на гласањето.

Тоти го постигна својот 200-ти гол со Рома во победата од 4-0 против Торино во Купот на Италија на 16 јануари 2008 година. Тоти беше прогласен за италијански фудбалер на годината по петти пат во својата кариера на 28 јануари. Тоти ја заврши сезоната со повреда на неговото десно колено за време на ремито 1-1 против Ливорно на 19 април. Тестовите покажаа искинување на неговиот преден клучен лигамент што изискуваше операција, при што беше надвор од терените четири месеци. Рома го освои својот деветти Куп на Италија со победата од 2-1 против Интер на 24 мај. Иако Тоти не играше, сепак му беше дозволено да го подигне трофејот како капитен на тимот. Со оваа победа, Тоти стана најуспешниот капитен во историјата на тимот. Во тоа време, Тоти имаше освоено пет титули и 10 вицешампионски медали.

Ерата на Раниери

Тешкиот старт на Рома во сезоната 2008-09 и мачењето кое беше продолжено на стартот од сезоната 2009-10 го натера Спалети да поднесе оставка после неговото четиригодишно владеење, и беше заменет со Клаудио Раниери. Тоти играше добро во квалификациите за УЕФА Европа Лигата. Тоти оттогаш постигна три хет-трикови, прво во гостинската победа од 7-1 против Гент во третото квалификациско коло, а потоа уште еднаш со идентичен резултат против Кошице на Олимпико во плеј-оф колото. Тоти, исто така потигна три гола против Бари во Серија А по неговото враќање од едномесечната повреда.

На 30 ноември 2009 година, Тоти потврди дека потпиша нов петгодишен договор со што би останал во тимот до 2014 година, по што Тоти ќе стане еден од клупските директори за дополнителни 5 години. Договорот беше официјализиран од страна на Одборот на директори на 16 декември 2009 година. Рома му понуди бруто годишна плата од 8.9 милиони евра за сезоната 2009-10 и 8.6 милиони евра во наредните четири сезони.

Со низата од 24 натпревари без пораз во Серија А, Рома стана единстваениот конкурент на Интер во последните три кола во борбата за лигашката титула, на крајот завршувајќи како второпласиран тим по крајот на последното коло. И покрај неколкуте проблеми со повреди, Тоти ги надмина легендите како што се Габриел Батистута, Џузепе Сињори, и Курт Хамрин во списокот на најдобри стрелци во лигата на сите времиња. Тоти, исто така, играше во финалето на Купот на Италија против Интер на 5 мај 2010 година, но заработи црвен картон во завршните минути од второто полувреме за удирање на Марио Балотели. Рома изгуби со 0-1, пропуштајќи да го донесат дома својот 10-ти трофеј во Купот на Италија.

Владеењето на Монтела

Во сезоната 2010-11, Рома продолжи со нивните “традиционално” слаби почетоци, делумно обвинувајќи го неуспехот на Раниери да развие постојан избор на тактика, менувајќи ги и формацијата и почетниот состав после секоја недела. Иако на лично ниво, Тоти ја освои наградата Златна нога, недостатокот на верба на Раниери во Тоти значеше дека капитенот треба сè повеќе време да помине на клупата за резерви во корист на Марко Бориело, Мирко Вучиниќ и Џереми Менез. Ова ограничено време за играње (вклучувајќи ја и замената во 91-та минута против Сампдорија) резултираше со само три лигашки гола во 21 настап. По поразот на Рома против Џенова на 20 февруари 2011 година, Раниери поднесе оставка од тренерската позиција во Рома, и Тоти учествуваше во ангажирањето на неговиот поранешен соиграч Винченцо Монтела за преземање на тренерската функција.

Монтела се врати на формацијата на Спалети 4-2-3-1, и Тоти повторно ја пронајде неговата најдобра игра. Во рамките на своите први пет лига настапи под водство на Монтела, Тоти, повторно се најде во почетната постава и успеа да постигне седум гола, вклучувајќи ги и тие против Лацио, Фиорентина и Удинезе. На 3 март, Тоти беше изгласан за најдобар активен италијански играч во анкетата спроведена од неделникот “La Gazzetta dello Sport” со 100 италијански личности кои учествуваа во гласањето, вклучувајќи ги и фудбалерите, политичарите и луѓето од шоу-бизнисот.

На 20 март, Тоти стана шестиот играч во историјата на Серија А кој постигнал 200 гола, запишувајќи се во списокот на стрелците двапати во ремито против Фиорентина, зголемувајќи го неговиот вкупен скор на 201. На 1 мај, Тоти даде гол против Бари изедначувајќи го и преземајќи го рекордот на Роберто Баџо во вкупниот број на постигнати голови во лигата со неговиот 205-ти и 206-ти гол. Така, Тоти стана петтиот стрелец на сите времиња во Серија А зад само Силвио Пиола, Гунар Нордал, Џузепе Меаца и Жозе Алтафини. Тоти го заврши својот неверојатен пресврт во сезоната, комплетирајќи ја сезоната 2010-11 во Серија А со 15 гола, постигнувајќи 12 гола за Рома во последните 13 кола во лигата.

Луис Енрике 2011- сегашност