Свети Ѓорѓи — главна манастирска црква на Волковскиот манастир во тетовското село Волковија, Македонија.
Местоположба
Манастирската црква се наоѓа јужно од селото Волковија, сместена на возвишението Чука.
Историја
Црквата потекнува од 14 век, која за време на владеењето на Турците била срушена од страна на Синан-паша, кој го разрушил манастирот, а според некои извори со материјалот ја изградил познатата Синан-пашина џамија во Скопје.
Растурените книги од ограбениот и разрушениот волковиски манастир по доаѓањето во Лешок почнал да ги бара и собира отец Кирил Пејчиновиќ. Тој пронашол пет ракописи (минеи), а на една од нив ќе запише дека ги пренел книгите во Лешочкиот манастир во 1825 година.
По рушењето на црквата останале само два камени крста, каде мештаните подигнале параклис во 1927 година. Во параклисот биле ставени и двата камени крста, остатоци од некогашната манастирска црква.
Во 1999 година, мештаните покренале иницијатива за возобновување на манастирската црква. Тогаш бил срушен дотраениот параклис и на 23 мај со благослов на митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил се извршило осветување и полагање на камен-темелник од страна на архијерејскиот намесник протојереј-ставрофор Мирко Станковски за нова црква.
Сегашниот објект е изграден и осветен во 2006 година од страна на митрополитот г. Кирил. Црквата неколкупати била цел на кражби.
Во минатото тука се одржувале Волковиски средби со гостувања на многу македонски пејачи.
Архитектура
Црквата е еднокорабна градба со централна купола, која се издига на висок тамбур. Од западната страна врз отворениот трем се издига камбанарија на два ката со пристап преку дрвени скапи од наосот.
Фрескоживопис
Црквата има делумен живопис со слаби уметнички квалитети. Тој е од понов период (2003-2005) и е дело на тројца автори: Тони и Васе Ќурковски и Елизабета Наумчевска.
Во црквата постои мозаик наречен „Чудото на Св. Ѓорѓи" со димензии од 1,7 х 0,9 метар, кој е дело на македонскиот академски сликар од Вевчани, Никола Угриновски.
Галерија
Поврзано Тетовско архијерејско намесништво Милетинска парохија Волковија
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Волковија Категорија:Македонската архитектура во 2006 година Категорија:Волковски манастир „Св. Ѓорѓи“