Успение на Пресвета Богородица — гробишна црква во тетовското село Челопек, Македонија.
Местоположба
Црквата се наоѓа во најгорниот дел на селото Челопек, а околу нејзе се сместени селските гробишта.
Историја
Според натписна плоча на црквата, истата била почната во 1936, а била завршена во 1938 година.
Од страна на црковниот двор црквата била малтерисана и варосана во бела боја, поставен нов покрив од лим, поставени правоаголни плочи од травертин кај цоклето, нова влезна врата и заштитна решетка, нов под од керамички плочки и друго.
Архитектура
Храмот има трикорабна основа со централна купола. Трите конхи од северната и јужната страна се полукружни од внатрешната страна и пристрани од надвор. Фасадната декорација е редуцирана, со хоризонтален поткровен венец и кружни прозорски отвори изведени на сите четири страни.
Фрескоживопис
Црквата има делумен фрескоживопис, создавано во два временски периоди: од времето на нејзината изградеба во олтарот, куполата и пандантифите и од 2012 година со две претстави на светители во северната конха. Зографот од старата фаза не е познат, додека новиот живопис е дело на сликарот Зоран Бошковски од Тетово.
Од страна на сликарот Павле Кузмановски биле извршени конзерваторски интервенции во вид на чистење на наталожената саѓа на стариот живопис во куполата и олтарската ниша.
Икони и иконостас
Во црквата има дрвен иконостас. Пред оригиналните икони се поставени литографски икони со што е нарушен изгледот на иконостасот.
Галерија
Поврзано Тетовско архијерејско намесништво Милетинска парохија Челопек
Наводи
Надворешни врски
Детален извештај за мониторинг од ИКОМОС Македонија
Челопек