Робер Емануел Пирес (роден на во Ремс) — поранешен француски фудбалер, играч од средниот ред.

Пирес играл за екипите на Мец и Марсеј во својата татковина, пред да започне неговото време во Арсенал, по кое тој останал најмногу запаметен. Со топџиите тој освоил три ФА Купа и две титули во Премиер лигата, вклучувајќи ја и сезоната на Непобедливите, во која клубот ја освоил лигата без ниту еден пораз во натпреварувањето. Тој бил изгласан од навивачите на Арсенал како 6-ти најдобар играч во историјата на клубот. Во подоцнежните години од кариерата, тој настапувал за екипите на Виљареал и на Астон Вила, а по три години пауза во сезоната 2014-2015 тој се вратил на фудбалските терени за да го облече дресот на екипата на Гоа од Индија. Своето официјално повлекување од фудбалот го објавил на 25 февруари 2016 година.

Тој, исто така, ја претставувал француската репрезентација за која настапил 79 пати и постигнал 14 гола во периодот од 1996 до 2004 година. Во тој златен период за триколорите, Пирес со својата репрезентација го освоил Светското првенство 1998 на домашен терен и Европското првенство две години подоцна. Тој бил дел од репрезентацијата која освоила две титули на Купот на конфедерации во 2001 и 2003 година, и бил избран за најдобар играч на турнирот во 2001 година.

Биографија Роден е во Ремс, Франција, од татко Португалец, и мајка Шпанка. Робер, исто така, има еден помал брат, а во едно интервју за своето детство тој признал дека имал потешкотии во училиштето бидејќи неговиот француски јазик не бил добар, а тоа се должело на фактот што неговите родители зборувале само на шпански и португалски. Страста за фудбалот тој ја наследил од татко му Антонио, кој играл за локалниот тим Лес Корпо, и секоја сабота навечер го гледал Пирес како игра. На возраст од 15 години, Робер го напуштил училиштето и го започнал својот сон за фудбалска кариера посетувајќи двогодишен курс за спорт во Ремс. На инсистирање на мајка му, Пирес останал во екипата на Ремс и бил повикан четири години подоцна.

Во 1992 година, додека играл за Мец, ја запознал својата прва сопруга Натали. Со неа бил во брак шест години, пред да се разведат во 2003 година. Сепак, набргу по разделбата со Натали, Пирес преку заеднички пријатели ја запознал француската манекенка Џесика Лемари. На 10 август 2005 година, двојката го добила своето прво дете, керќичката Наја. Откако, Лемари и Пирес се венчале тие добиле уште едно дете, син по име Тео, роден на 11 јули 2007 година.

Технички одлики Иако кариерата ја започнал како напаѓач (формирајќи впечатливо партнерството со Сирил Пуже во времето додека играл за Мец), Пирес се повлекол од својот опсег откако се преселил во Олимпик Марсеј (во 1998 година), станувајќи офанзивен играч за врска. За време на неговиот престој во Арсенал, тој дејствувал како лево крило во средниот ред со четири играчи, позиција на која најчесто започнувал, а потоа постепено ја централизирал неговата улога на теренот. Во својата кариера, исто така, тој бил користен и како десно крило.

Како најголеми квалитети во играта на Пирес се истакнуваат давањето асистенции за неговите соиграчи, како и во ударите од далечина.

Клупска кариера Мец и Олимпик Марсеј Пирес ја започнал својата кариера во младинската академија на Ремс од каде се преселил во академијата на Мец во 1992 година. Во 1993 година, тој го направил своето сениорско деби за првиот тим на Мец во натпревар против Олимпик Лион. Својот прв гол во кариерата го постигнал на 24 септември 1993, во победата со 3-0 на гостувањето кај Олимпик Марсеј. Во втората половина на 1990-тите години, Пирес формирал впечатливо партнерство во нападот со Сирил Пуже, што му донело многу успеси на Мец: во сезоната 1995-1996, клубот го освоил Лига купот на Франција, победувајќи го Олимпик Лион во финалето по изведување на пенали (Пирес го извел четвртиот пенал и бил прецизен), и завршил на високото четврто место во француското првенство. Во следните две сезони, тој ги покажал својте квалитети и на меѓународната сцена играјќи во евро-турнирите. Во сезоната 1997-1998, неговата последна во дресот на Мец, тој постигнал вкупно 13 гола во 40 натпревари во лигата, националните купови и Купот на УЕФА.

Одличните настапи во дресот на Мец го поттикнуваат интересот на Олимпик Марсеј, кој го купил во 1998 година. Сепак на југот на Франција, Пирес имал различен двегодишен престој: во првата сезона Марсеј ја испуштил титулата за само еден бод, а потоа го загубил и финалето на Купот на УЕФА од италијанската Парма. Во втората сезона, тој имал серија проблеми на и вон теренот поради што го бојкотирал клубот на крајот на сезоната.

Арсенал Во летото 2000 година, Пирес потпишал за Арсенал во трансфер вреден 6 милиони фунти, иако имал понуди и од други екипи како Реал Мадрид и Јувентус. Така, тој бил идентификуван како играчот кој треба да го замени Марк Овермарс, кој пак во истиот преоден рок заминал во Барселона за рекордни 25 милиони фунти. Своето деби за новиот клуб го направил на 19 август 2000, против Сандерленд, влегувајќи од клупата за резерви. На почетокот Пирес бил индиферентен, а некои и го критикувале за неговите коментари дека играта во Англија е премногу физичка. Меѓутоа, тој полека започнал да ја враќа формата која го красела во Мец, постигнувајќи прекрасен соло гол против Лацио во Лигата на шампионите во октомври 2000. Неколку дена подоцна, тој го постигнал својот прв лигашки гол во победата со 2–1 против Вест Хем Јунајтед. За време на неговиот престој во Арсенал, Пирес имал навика често да постигнува голови против лондонскиот ривал на топџиите, Тотенхем, кои биле една од неговите омилени "жртви" погодувајќи ја нивната мрежа во дури осум наврати. Првиот од споменатите голови се случил за време на првенствениот натпревар на 31 март 2001, кога Арсенал ги победиле Спарс со 2-0. Една недела подоцна, тој повторно се впишал во листата на стрелците против Тотенхем, овојпат постигнувајќи го победничкиот гол во полуфиналето на ФА Купот. Сепак, Арсенал го загубиле финалето на купот од Ливерпул со 2–1; Пирес асистирал за единствениот гол на топџиите што го постигнал Фредрик Јунгберг.

За време на сезоната 2001-2002, Пирес целосно се привикнал на англиската игра и имал една од своите најдобри сезони. Тој постигнал прекрасни голови против Мидлсбро и Астон Вила. Во натпреварот против Астон Вила, Пирес прифатил една долга топка од Јунгберг ја префрлил преку Џорџ Боатенг и ja завршил акцијата со прекрасен лоб удар преку противничкиот голман Петер Шмајхел. Пирес, исто така, постигнал гол во ремито 1-1 против Тотенхем на Вајт Харт Лејн, со што ќе започне низа од пет последователни лигашки сезони во кои тој ќе постигне гол во Дербито на Северен Лондон при гостувањето кај нивните ривали. Тој бил лидер на табелата за асистенции во Премиер лигата и бил избран за АФН Фудбалер на годината и за играч на сезоната на Арсенал, давајќи огромен придонес за освоената првенствена титула од страна на Арсенал. Сепак, одличната сезона за него завршила несреќно и предвреме откако во натпреварот против Њукасл Јунајтед во ФА Купот, Пирес претрпел повреда на вкрстените лигаменти (натпревар во кој претходно постигнал гол). Како последица на ова, тој исто така, го пропуштил Финалето на ФА Купот 2002 и Светското првенство 2002.

После долга пауза Пирес се вратил на терените во ноември 2002 година, влегувајќи како замена против Осер во натпревар од групната фаза на Лигата на шампионите. Иако на почетокот му било тешко, Пирес со текот на времето ја вратил својата форма од пред повредата и постигнал 14 голови во лигата на 20 натпревари во кои започнал како стартер во сезоната 2002-2003, вклучувајќи го и хет-трикот против Саутхемптон во претпоследното коло од сезоната. Сезоната ја завршил, постигнувајќи го победничкиот гол во Финалето на ФА Купот 2003 против истиот противник, со кој му ја донел деветтата титула на Арсенал во натпреварувањето.

Тој продолжил да биде клучен играч на Арсенал и во наредната сезона, кога топџиите ја освоиле титулата во Премиер лигата 2003-2004 во која клубот останал непоразен цела сезона и со тоа станал првиот англиски клуб од најсилната дивизија кој го направил тоа во последните 115 години. Пирес и неговиот соиграч од Арсенал Тјери Анри биле клучни во таа сезона, постигнувајќи вкупно 57 гола во сите натпреварувања. Пирес слабо ја започнал кампањата, со само еден гол зад своето име (против Евертон) до октомври, но еден чудесен гол против Ливерпул на Анфилд ја свртел неговата сезона. Пирес им ја покажал на фудбалските навивачи својата возвишена техника, вештини и завршница, особено со неговите голови против Ливерпул, Болтон Вондерерс и Лидс Јунајтед. Тој изненадил многу луѓе со првокласен старт врз Клод Макелеле и, по тоа, со втрчување во шеснаесетникот со што ги одвлекол Вилијам Галас и Џон Тери со себе, за да направи простор за Патрик Виера да има ситуација еден на еден со голманот на Челси и последователно да постигне гол. Арсенал победил во тој натпревар со 2-1, а голот на Виера бил изедначувачки. Тоа коло во Премиер лигата се покажало решавачко бидејќи Манчестер Јунајтед не успеал да го совлада Лидс Јунајтед истиот тој ден и со тоа Арсенал стекнал огромна предност во трката за титулата. Таа предност Арсенал никогаш не ја загубил и не бил симнат од првото место на табелата до крајот на сезоната. Во четвртфиналето на Лигата на шампионите против Челси, Пирес уште еднаш бил клучниот човек за Арсенал успевајќи да го натскока Џон Тери и со глава да го постигне изедначувачкиот погодок за својот тим, откако Ејдур Гудјонсен обезбедил предност за Челси. Сепак, Арсенал бил елиминиран откако загубиле со 1-2 во реваншот, благодарение на голот на Вејн Бриџ во 87-мата минута. Пирес, исто така, ги покажал и своите плејмејкерски способности во прекрасно изработениот гол против Тотенхем на Вајт Харт Лејн, во кој Пирес бил архитектот на акцијата која ја заокружил со одмерен удар за да го постигне вториот гол за Арсенал на тој натпревар. Сепак, Тотенхем одбил да се предаде и успеал да извлече нерешен резултат 2-2. Но и покрај ова, ремито им било доволно на топџиите да ја заверат титулата веднаш после овој натпревар. Пирес ја завршил сезоната со импресивни 14 голови и 7 асистенции во Премиер лигата. Тој бил втор најдобар стрелец за Арсенал (после Анри) и имал најмногу асистенции (заедно со Денис Бергкамп).

Следната сезона, Пирес завршил на третото место на листата на стрелците во Премиер лигата со 14 голови, заостанувајќи само зад соиграчот Анри и напаѓачот на Кристал Палас, Ендру Џонсон. Тој го освоил својот втор победнички медал во ФА Купот во својата кариера, откако Арсенал го освоиле натпреварувањето победувајќи го Манчестер Јунајтед во финалето по изведување пенали; Пирес бил заменет од Еду во второто продолжение од тој натпревар.

Пред почетокот на сезоната 2005-2006, Пирес преговарал со Арсенал за потпишување на нов договор надевајќи се на двегодишно продолжување. Меѓутоа, во согласност со политиката на клубот за играчи над 30 години, на Пирес му било понудено само 12 месечно продолжување на договорот кој завршувал во јуни 2006 година.

Пирес слабо ја започнал сезоната и соиграчите како Јунгберг, Хосе Антонио Рејес и Александар Хлеб имале предност пред него на двете крилни позиции. Но како што одминувала сезоната, формата на Пирес се подобрувала и тој постигнувал повеќе голови од своите конкуренти за позицијата. Пирес го одиграл својот последен натпревар за Арсенал во Финалето на Лигата на шампионите против Барселона, во кој сепак бил заменет после само 18 минути игра, откако голманот Јенс Леман добил директен црвен картон рано во натпреварот. Пирес ја завршил сезоната како втор најдобар стрелец на Арсенал изедначен со Робин ван Перси со 11 гола.