Европската Унија (ЕУ) е раководена од седум институции. Членот 13 од Договорот за Европската Унија ги подредува нив во следниов редослед: Европскиот парламент, Европскиот совет, Советот на Европската Унија, Европската комисија, Судот за правда на Европската Унија, Европската централна банка и Судот на ревизори.
Историја
Повеќето институции на ЕУ се формирани со основањето на Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ) во педесеттите години. Оттогаш, многу промени настанаа во пренесувањето на власта од Советот кон Парламентот. Честопати, улогата на Комисијата е да посредува помеѓу двете институции или да ја одржува рамнотежата. Меѓутоа, во последно време Комисијата станува се поодговорна пред Парламентот: во 1999 година ја принудува оставката на Комисијата на Сантер и во 2004 година ја принудува реконструкцијата на предложената Комисијата на Баросо. Развојот на институциите, со поединечни промени во договорите и спогодбите, е сведоштво за развојот на структурата на Унијата без ниту еден главен план. Мислењето за институциите на некои луѓе, како на пример Том Рејд од Вашингтон Пост е дека “никој намерно не би создал толку комплексна и непотребна влада како што е Европската Унија”.
Основање
Првите институции на ЕУ се формирани во педесеттите години, со создавањето на ЕЗЈЧ, врз основа на декларацијата на Шуман помеѓу шест земји. ЕЗЈЧ беше создадена за да ги воведе пазарите за јаглен и челик, основните материјали за време на војна, под контрола на наднационална власт, со цел да поттикне мир и економски развој. Таа ги основа првите институции. Во сржта на Унијата беше поставено независно извршно тело наречено Врховна власт кое имаше наднационална власт во Заедницата. Законите создадени од Врховната власт треба да бидат надгледувани од страна на Судот за правда, со цел да се обезбеди дека тие се целосно посредени и потврдени.
За време на преговорите, создадени се две надзорни институции, за да ја урамнотежуваат моќта на Врховната власт. „Заедничкото собрание“, предложено од страна на Жан Моне, со цел да дејствува како надзорник, да одржува рамнотежа и да додаде демократска законитост, е составено од 78 државни парламентарци. Втората институција е Советот на Министри, наметната од страна на помалите земји−членки, со цел да се додаде меѓувладин елемент и да се усогласат националните политикии со оние на власта.
Измени
Во 1957 година, Римските договори основаа две, слични заедници, притоа формирајќи заеднички пазар (Европска економска заедница) и промовирајќи атомско-енергетска соработка (Евратом). Трите институции заедно ги користеа Судот за правда и Парламентот, но имаа посебен Совет и Врховна власт, наречена Комисија во овие Заедници. Причината за ова беше различниот однос помеѓу Комисијата и Советот. Во тоа време, Француската влада се сомневаше во наднационализамот и сакаше да ги ограничи надлежностите на Врховната власт во новите заедници, со што му додели на Советот поголема улога во контролирањето на извршното тело.
Подоцна, во 1967 година, трите заедници се споени во Европски заедници, со Договорот за спојување. Овие институции се пренесени од Европската економска заедница (правејќи ја Комисијата на таа заедница директен претходник на моменталната Комисија). Според Договорите од Рим, Заедничкото собрание (кое се преимени во Парламентарно собрание, а потоа во Европски парламент) требаше да одржи избори. Меѓутоа, овој настан беше одложен од страна на Советот до 1979 година. Оттогаш, Собранието доби дополнителна моќ со последователните договори. Мастришкиот договор, исто така, му додели дополнителни надлежности на Советот, со тоа што му даде клучна улога во двата нови столба на ЕУ, коишто беа основани на меѓувладини принципи.
Во 2009 година, со Лисабонскиот договор, речиси сите политички области (вклучувајќи го и буџетот) се ставени во рамките на соодлучувачката постапка (преименувана во “обична законодавна постапка”), со што се зголеми моќта на Парламентот. Исто така, со воведување нова формула, се променија и правилата за распределба на местата во Парламентот. Високиот претставник се спои со Еврокомесарот за надворешни односи и како таков ѝ се приклучи на Комисијата. Назначувањето на Претседателот на Комисијата стана зависно од последните избори на ЕУ. Советот на министри усвои подобро квалификувано мнозинско гласање и Европскиот совет стана посебна институција со постојан претседател. Судот за правда направи некои мали преименувања и прилагодувања, а централната банка стана целосна институција.
Политички институции
Постојат три политички институции, коишто ја имаат извршната и законодавната власт на Унијата. Советот ги претставува владите, Парламентот ги претставува граѓаните, а Комисијата го претставува европскиот интерес. Во суштина, Советот, Парламентот или кое било друго тело мораат да постават барање за законодавство до Комисијата. Комисијата потоа прави нацрт план кој го претставува пред Парламентот и Советот, каде што, во повеќето случаи и двете институции мора да дадат согласност, иако вистинската природа на ова зависи од законодавната постапка во примена. Предлог−законот стапува во сила, само доколку се одобри и потпише од страна на двата дома. Должноста на Комисијата е да обезбеди дека законот е спроведен, преку справување со секојдневното работење на Унијата и со предавање на Судот закони што не се одобрени.
Парламент
Европскиот парламент ја дели законодавната и буџетската власт на Унијата со Советот. 705−те членови на Парламентот се избираат секои пет години со директно право на глас и седат според својата политичка вредност. Тие претставуваат околу 500 милиони граѓани (вториот по големина демократски електорат во светот) и го формираат единственото директно избрано тело во Унијата. И покрај тоа што го формира едниот од двата законодавни домови на Унијата, Парламентот има помала моќ од Советот во некои чувствителни области и нема законодавна иницијатива. Меѓутоа, има власт над Комисијата, овластување коешто Советот го нема. Се вели дека Парламентот, со својата демократска природа и зголемени овластувања, стана едно од најмоќните законодавства во светот.
Европски совет
Европскиот совет е група на шефови на држави или влади на земјите−членки на ЕУ. Тој заседава четири пати годишно, за да ја дефинира политичката агенда на Унијата и да ја поттикне интеграцијата. Претседателот на Европскиот совет е личноста одговорна за претседавање и раководење на оваа институција, којашто е опишана како највисоко политичко тело на Европската Унија.
Совет Советот на Европската Унија (неформално познат како Советот на Министри или само како Советот) е законодавно тело коешто има одредена извршна власт и e главно тело во донесувањето одлуки во Унијата. Претседателството на Советот се менува секои шест месеци, но секои три последователни Претседателства работат на заедничка програма. Ова тело е различно од Европскиот совет, којшто има многу сличности, но е составен од националните водачи.
Советот е составен од дваесет и седум државни министри (по еден од земја-членка), кои се сретнуваат во различни форми, во зависност од темата штое на дневен ред. На пример, доколку се разговара за земјоделство, Советот ќе биде составен од секој државен министер за земјоделство. Министрите ги застапуваат своите влади и се одговорни пред своите национални политички системи. Гласањето се основа на мнозинство или едногласност и гласовите се распределуваат според населението. Во овие различни форми, Советот на Министри ја дели законодавната и буџетската власт со Парламентот, а истовремено ја води и Заедничката надворешна и безбедносна политика.
Комисија
Европската комисија е извршниот орган на Европската Унија. Комисијата е тело составено од по еден претставник од секоја земја−членка, создадено да биде независно од поединечните државни интереси. Ова тело е одговорно за изработка на сите закони на Европската Унија и има монопол врз законодавната иницијатива. Комисијата, исто така, се справува со секојдневната работа на Унијата и да се придржува до спроведувањето на законите и договорите (во оваа улога е позната како “Чувар на Договорите”).
Комисијата е предводена од претседател, кој е назначен од страна на Советот (во практика Европскиот совет) и одобрен од парламентот. Останатите 26 комесари се предложени од страна на земјите−членки, во советување со Претседателот, кој ги определува нивните задачи. Советот потоа ја усвојува оваа список на предложени комесари, одлука која не бара едногласност, односно нивното прифаќање е донесено според правилата на квалификувано мнозинско гласање. Потоа, Европскиот парламент ги интервјуира Комесарите и го дава својот глас за нив. Секој предложен комесар е интервјуиран посебно, што е спротивно од гласот за одобрување од Парламентот, којшто мора да биде испратен до Комисијата во целост и не може да прифати или одбие поединечни Комесари. Откако ќе се одобри од страна на Парламентот, Комисијата може да ја преземе новата функција. Тековниот претседател на Комисијата е Урзула фон дер Лајен (Европска народна партија); нејзината комисија беше избрана во 2019 година.
Дејства и постапки
Постојат повеќе типови законодавства што можат да бидат донесени. Најсилна е регулатива, акт или закон којшто директно се применува во целина. Потоа, има директиви, коишто ги обврзуваат земјите−членки да постигнат одредени цели. Земјите−членки ги исполнуваат задачите според сопствените закони и притоа имаат простор за маневрирање при одлучувањето за нив. Одлуката е инструмент што се однесува на одреден член/група и е директно применлива. Институциите можат, исто така, да издадат препораки и мислења, коишто се, во голема мера, необврзувачки декларации.
Обичната законодавна постапка се употребува речиси во сите политички области и обезбедува еднаквост помеѓу двете тела. Според оваа постапка, Комисијата изготвува предлог до Парламентот и Советот, кои потоа праќаат измени до Советот, кој може да го усвои или да го врати назад како “заедничка положба”. Тој предлог може да биде усвоен или, пак, дополнителни измени можат да бидат поставени од страна на Парламентот. Доколку Советот не го одобри предлогот, се формира “Комитет за усогласување”, кој се состои од еднаков број членови на Советот и Парламентот,кои ќе работат на формирање заеднички став. Откога ќе се формира заедничкиот став, мора да биде одобрен од страна на Парламентот со апсолутно мнозинство. Постојат и други посебни постапки, коишто се употребуваат во чувствителни области што ја намалуваат моќта на Парламентот.
Неполитички институции
Суд за правда на Европската Унија
Судот за правда на Европската Унија е судската власт на ЕУ. Тој е одговорен за толкување на правото и почитување на договорите на ЕУ.
Се состои од главните домови: Судот за правда и Општиот суд.
Од 2005 до 2016 исто така состоел од Трибуналот за јавна служба.
Европска централна банка
Европската централна банка е централната банка на еврозоната (која ги вклучува членките што го прифатија еврото) и со тоа ја контролира монетарната политика во таа област, со агенда за одржување стабилност на цените. Се наоѓа во центарот на Европскиот систем на централни банки, составен од сите национални банки на ЕУ. Банката ја раководи Претседателот Кристин Лагард, заедно со одбор составен од гувернерите на сите национални банки.
Суд на ревизори
Последната институција на ЕУ е Европскиот суд на ревизори, кој нема судски овластувања, туку обезбедува дека средствата на даночните обврзници од буџетот се правилно потрошени. Судот доставува ревизорски извештај за секоја фискална година до Советот и Парламентот. Овој извештај е употребен во одлуката на Парламентот за давање право на Комисијата да го изготви буџетот. Судот на ревизори, исто така, дава мислења и предлози поврзани со финансиското законодавство и дејства против измами.