Џорџ Беркли ( – ) познат како Епископ Беркли — англо-ирски филозоф чие главно достигнување е развојот на филозофија која тој ја нарекол „нематеријализам” (подоцна позната како „субјективен идеализам”).
Живот Беркли е роден во замокот Дајсарт, близу Томастаун, во грофовијата Килкени, Ирска, како најстар син на Вилијам Беркли, питомец на благородничкото семејство Беркли. Тој се школувал на колеџот „Килкени“, а на возраст од 15 години се запишал на клерикалниот универзитет „Тринити“ („Trinity College“) во Даблин. Магистрирал во 1707 година, а по завршувањето на студиите останал во колеџот „Тринити“ како ментор и професор по грчки јазик.„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 106-107.
Во периодот од 1714 до 1720 година, тој патувал низ Европа, вклучувајќи и тура низ Италија. Во 1721 година, Беркли бил ракоположен од Ирската црква, здобивајќи се со докторат по теологија и решил да остане на колеџот „Тринити” во Даблин, овој пат предавајќи теологија и еврејски јазик. Во 1724 година станал декан на Дери, но во 1725 година започнал проект за основање на колеџ во Бермуда за обука на свештеници и мисионери во колонијата. За да го оствари ова, тој се откажал од деканатот со приход од 1.100 фунти. Во 1728 година се оженил со Ана Фростер, ќерка на претседателот на Врховниот суд на Ирска. Потоа заминал за Америка за плата од 100 фунти. Се сместил близу Њупорт, во Род Ајленд, каде купил плантажи во Мидлтаун, Род Ајленд - познатата „Вајтхол”. Тој живеел таму чекајќи го капиталот за колеџот, но капиталот не стигнал и во 1732 година тој ја напуштил Америка и се вратил во Лондон. Додека живеел во Лондон на Савил Стрит тој зел учество во напорите за градење на градски дом за напуштените деца. Исто така, Беркли бил наведен како еден од оригиналните гувернери на болницата „Фаундлинг“, основана со Кралската повелба во 1739 година.
Целиот свој живот, Беркли го посветил на ширењето на христијанската религија и во 1734 година бил назначен за бискуп во Клојн. На таа положба останал до 1753 година, кога преминал во Оксфорд, каде умрел во 1754 година. Тој бил погребан во катедралата на Исусовата црква (Christ Church), во Оксфорд.
Творештво Во 1707 година, Беркли објавил две помали расправи, „Arithmetica“ и „Miscellanea Mathematica“, додека во 1709 година излегло неговото прво поголемо дело „Есеј за новата теорија на видот“ (Essay towards a New Theory of Vision). Веќе следната година го објавил своето главно дело „Расправа за принципите на човечкото спознание“ (A Treatise concerning the Principles of Human Knowledge) во кое ја изнесол својата филозофска концепција во заокружен облик. Истите погледи ги објавил повторно во 1713 година, во популарна форма, во своето дело „Три разговори меѓу Хилас и Филонус“ (Three Dialogues between Hylas and Philonous). Неговите подоцнежни дела се помалку значајни, зашто во нив Беркли не изнесол нови идеи, туку во нив тој претежно ги повторува своите погледи или полемизира со слободните мислители. На пример, такви се делата: „Забелешки за Колинсовата расправа за слободоумноста“ (Remarks on Collins Discourse of Freethinking), „Алкифрон или безначајниот филозоф“ (Alciphron or the Minute Philosopher) од 1732 година, „Аналитичарот или расудување насочено кон еден математичар-неверник“ (The Analyst or a course addressed to an infidel Mathematician) од 1734 година и „Одбрана на слободоумноста во математиката“ (Defence of Freethinking in Mathematics) од 1735 година. Дури во своето последно дело „Siris“ од 1744 година, Беркли тргнал кон нов, платонистичко-мистичен пат.„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 107-108.
Филозофските погледи на Беркли Критика на апстрактните идеи Иако во многу нешта, филозофските погледи на Беркли претставуваат директна спротивност на филозофијата на Џон Лок, сепак тој може да се нарече ученик и продолжувач на делото на Лок. Имено, основните проблеми во неговата филозофија, начинот на нивното поставување, како и некои претпоставки, тој ги презел непосредно од Лок. Меѓутоа, тој не се задоволил со одредени решенија на Лок и се обидел да ги замени со нови. Тоа во прв ред се однесува на критиката на апстрактните идеи, дадена во неговото главно дело „Расправа за принципите на човечкото знаење“.
Беркли остро го критикувал ставот на Лок дека општото постои само во разумот, кој има способност да создава општи апстрактни идеи. Според Беркли, парадоксите и противречностите во кои запаѓа човечкиот разум потекнуваат од погрешната употреба на нашите духовни способности. Основниот пример за погрешна употреба на разумот и главниот извор на сите заблуди во нашето знаење се наоѓа токму во мислењето дека духот може да создава апстрактни идеи (на пример, идејата за бојата воопшто, која не е ниту црвена, ни зелена, ниту која и да било посебна боја). Според Беркли, ние можеме да ги замислуваме издвоено само оние делови кои се обединети во некој предмет, но може да постојат и независно, самостојно, но никако не можеме да ги замислиме оние квалитети кои не може да постојат издвоено. На пример, можеме да ја замислиме раката и без телото, но не можеме да замислиме рака без никаков облик.„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 108-109.
Како главен аргумент во прилог на своето тврдење, Беркли го наведува фактот дека „повеќето луѓе, а тоа се оние едноставни и необразовани, никогаш не тврдат дека имаат апстрактни поими“. Оваа теза, тој ја поткрепил и со друг аргумент, изнесен во делото „Алкифрон или безначајниот филозоф“, во кое тврди дека предметите кои не може да постојат во природата не може да постојат ниту во нашиот разум, т.е. во природата не постои општ триаголник или некоја општа боја, туку само конкретни триаголници и посебни бои. Во продолжение, Беркли тврди дека општите апстрактни идеи не се неопходни ни за разбирање меѓу луѓето ниту за проширување на знаењето. Притоа, Беркли истакнува дека критиката на апстрактните идеи не значи дека не постојат општи идеи или општи имиња. На пример, општото име се дава на некоја посебна идеја, која станува општа зашто се јавува како претставник на сите поединечни идеи од ист вид. Со тоа, Беркли ја застапува својата теорија на репрезентација, која се јавува како крајниот степен што го достигнал номинализмот во филозофијата. Номиналистичката критика на апстрактните идеи, Беркли ја искористил во борбата против материјализмот, т.е. во одбрана на идеалистичката теза дека не може да постои никаква материја воопшто, а оттука ниту поединечни материјални нешта.„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 109-111.
Учењето за супстанцијата Учењето на Беркли за супстанцијата во целост се движи во рамките на субјективниот идеализам. Така, тој го признава постоењето на духовната супстанција, но целосно го негирал постоењето на материјалната супстанција. Беркли смета дека во нашето надворешно искуство ни се дадени само конкретни осетни идеи и нивните множества, но не постои никаква материја или телесна супстанција. Овие поими се само општи апстрактни идеи, кои не може да постојат во реалноста. Притоа, тој оди уште понатаму и не само што го негира постоењето на материјата, воопшто, туку го негира и постоењето на поединечните материјални предмети кои би постоеле надвор од духот и независно од него. Според него, постојат само осетни предмети, а ти се само множества (колекции, комплекси) на нашите идеи, кои ги забележуваме со сетилните органи и кои, ако ги сретнеме заедно, ги нарекуваме со некое определено име. Покрај идеите, постои уште само духот (умот, душата, јас) кој е активно битие кое ги забележува идеите.
Според тоа, постојат само две нешта: духот и идеите (и нивните множества) при што постои битна разлика во начинот на нивната егзистенција. Духот е активна супстанција чија егзистенција се состои во тоа да ги забележува идеите и да размислува за нив, додека идеите се пасивни состојби на духот чија егзистенција се состои во тоа да бидат забележани од него. Тие постојат само во духот и за нив важи начелото „esse = percipi (да се биде = да се биде забележан)“. Бидејќи основното својство на духот е активноста, а на идеите пасивноста, ниту една идеја не може да биде слична на духот. Тоа значи дека не може да постои никаква идеја за духот.„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 111-112.
Своите идеи за духовната супстанција Беркли ги докажува со помош на неколку аргументи:„George Berkeley“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 112-115. Бидејќи единствениот предмет на човечкото сознание се неговите сопствени идеи (сетилните идеи, идеите на рефлексијата, сеќавањата и фантазијата, како и нивните множества), Беркли заклучува дека постоењето и забележувањето на материјалните предмети претставуваат contradictio in adjecto. Во таа смисла, тој вели: „Значи, како што е невозможно да видам или почувствувам некој предмет без вистинскиот осет на тој предмет, така ми е невозможно да замислам... некој предмет издвоено од осетот или забележувањето на тој предмет“ или „Сите сетилни предмети може непосредно да се забележуваат, нештата кои може непосредно да се забележуваат се идеите, а идеите постојат само во духот“, односно „За некој непосреден предмет на сетилата, т.е. која и да било идеја или комбинација од идеи, да постои во супстанцијата која не мисли, или надвор од сите духови, тоа е само по себе очигледна контрадикција“. Вториот аргумент на Беркли се состои во расчленувањето на предметите на нивните составни делови и докажување на субјективноста на тие елементи. Овде, тој ја прифаќа тезата на Лок за субјективноста на секундарните квалитети, но ја негира неговата теза за објективното постоење на примарните квалитети. Напротив, Беркли смета дека и примарните квалитети се субјективни, затоа што и тие се релативни (на пример, големината на некој предмет се менува во зависност од тоа дали му се приближуваме или оддалечуваме), а истовремено, тие се најтесно поврзани со секундарните квалитети. Според тоа, сите наши идеи се потполно субјективни, а тоа значи и предметите, кои се само множества од идеи. Третиот Берклиев аргумент се темели врз претпоставката дека духот е активен, а идеите се пасивни. Имено, точно е дека постојано настануваат нови идеи, а постоечките се менуваат или исчезнуваат. Меѓутоа, бидејќи идеите се неактивни, т.е. во нив нема никаква сила или дејност, тоа значи дека причината за менувањето на идеите мора да биде нешто што не е идеја, а тоа е духот. Оттука, идеите може да постојат само во духот.
Учењето за идеите