Свети Наум Охридски Чудотворец (о. 830 - 23 декември 910) — средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Денес неговите мошти се изложени во по него наречениот манастир „Св. Наум“.

Животопис мини|лево|Манастирот „Св. Наум Охридски“ на брегот на Охридското Езеро

Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, тој заминал во Првото Бугарско Царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично тој живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.Блаже Миневски, „Чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“, Дневник, година XIX, број 5806, петок, 3 јули 2015, стр. 24.

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј; и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква.

Житија Животот и дејноста на Свети Наум Охридски се познати преку две словенски и две грчки житија.

Најстаро меѓу нив е Првото кратко словенско житие, кое се датира во X век. Според содржината на текстот, негов автор бил ученик на Наум, кој го составил по барање на деволскиот епископ Марко. Во житието се споменува дека постоеле и пообемни словенски житија на Свети Климент и Свети Наум, но тие не се зачувале до денес. Препис од ова житие од XV век бил откриен во 1906 година од Јордан Иванов во Прологот бр. 47 од збирката на Зографскиот манастир. По неговото прво објавување, текстот бил предмет на интерес на повеќе слависти и историчари, меѓу кои Петар Лавров, Божидар Ангелов, Васил Киселков, Иван Дујчев и други. Подоцна бил преведен и на современ македонски јазик.

Второто словенско житие е поново и е зачувано во препис од XVI век. Ракописот го пронашол Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој го испратил во Белград на историчарот Панта Среќковиќ, а во 1885 бил објавен од Љубомир Ковачевиќ. Во него се наведува дека Наум бил еден од најблиските ученици на Светите Кирил и Методиј и учесник во Моравската мисија. Житието сведочи и за неговиот престој во Рим, каде што заедно со Климент бил ракоположен за свештеник. Истражувачите најчесто сметаат дека и двете словенски житија потекнуваат од македонската книжевна традиција.

Покрај словенските, зачувани се и грчки житија за Свети Наум. Најпознатото кратко грчко житие било печатено во Венеција во 1695 година по иницијатива на Козма Китијски, настојник на Охридската архиепископија. Подоцна истиот текст бил повторно објавен во Москополе во 1740 и 1742 година со поддршка на манастирот „Свети Наум“. Во научната литература ова житие често е познато како Македонска легенда. Се смета дека неговата основа потекнува од XIII век и дека е составено под влијание на Пространото грчко житие на Свети Климент.

Дополнително, Иван Дујчев открил уште едно грчко житие и служба за Свети Наум во ракопис што се чува во Националната библиотека во Атина. Иако зачуваниот препис потекнува од XVII век, се претпоставува дека текстот бил составен значително порано. Истражувачите забележуваат дека ова житие покажува високи книжевни квалитети и содржи елементи што упатуваат на постара изгубена словенска предлошка.

Култот на св. Наум мини|300п|Светите Седмочисленици од црквата на манастирот Св Наум, Охрид, 1806

Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.

Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за св. Наум, пишувајќи дека „Св. Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот на св. Наум, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ, се вели дека манастирот бил царски дворец кој св. Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.Блаже Миневски, „Чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“, Дневник, година XIX, број 5806, петок, 3 јули 2015, стр. 25.

Свети Наум како мотив во уметноста мини|Споменикот на Св. Наум Охридски во центарот на Охрид „Послушај како чука срцето на свети Наум“ - песна на македонскиот поет Наум Целакоски од 1963 година.Наум Целакоски, Пролог, 1998, стр. 23.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Македонски писатели Категорија:Македонски светци Категорија:Основоположници на словенската писменост Категорија:Основоположници на македонската писменост Категорија:Светци од средновековен Охрид Категорија:Преславска книжевна школа Категорија:Православни светци Категорија:Чудотворци Категорија:Несигурна година на раѓање Категорија:Христијански светци од 10 век Категорија:Охридска книжевна школа Категорија:Средновековна македонска книжевност