Бон Џови е американска хард рок група од Сејревил, Њу Џерси. Таа е основана во 1983 година и се состои од главниот пејач Џон Бон Џови (Џон Францис Бонџови, Џуниор), гитаристот Ричи Самбора, клавијатуристот Дејвид Брајан, тапанарот Тико Торес како и сегашниот басист Хју Мекдоналд. Составот на групата останал непроменет за време на неговото постоење, со исклучок на заминувањето на Алек Џон Сач во 1994 година кој неофицијално бил заменет со Хју Мекдоналд. Бендот станал познат со неговиот трет албум "Slippery When Wet", издаден во 1986 година.
По турнеите и непрестанатото снимање кон крајот на ’80-тите, групата направила пауза по турнејата во Њу Џерси во 1990 година и за тоа време Џон Бон Џови и Ричи Самбора објавиле неколку успешни соло албуми. Во 1992 година, групата се вратила на сцената со албумот "Keep the Faith".
За време на кариерата, бендот има издадено петнаесет студиски албуми, пет компилации, три албуми во живо и има продадено 120 милиони копии низ светот. Тие имале повеќе од 2 700 концерти во повеќе од 50 земји, настапувајќи пред повеќе од 34 милиони обожаватели. Во 2006 година, групата била примена во "Музичката хала на славните" на Велика Британија. Исто така, групата била одликувана со Наградата за заслуги на "Американските музички награди" во 2004 година. Во 2009 година, Џон Бон Џови и Ричи Самбора биле примени во "Куќата на славата на текстописците", како текстописци и соработници. На 28 септември 2010 година, групата била номинирана за "Куќата на славните на рокенролот" каде што биле примени во 2018 година.
Формирање на групата (1982 – 1983 година) Џон Бон Џови Ричи Самбора Тико Торес Дејвид Брајан Џон Бон Џови започнал да свири на пијано и гитара во 1975 година на тринаесет години со неговиот прв бенд "Raze". На седумнаесет години, Бон Џови го запознал Дејвид Брајан и двајцата ја формирале групата со 12 членови, наречена "Atlantic City Expressway", која настапувала по клубовите во Њу Џерси. Уште како тинејџер, Бон Џови свирел во групата "John Bongiovi and the Wild Ones", свирејќи по локални клубови како "The Fast Lane" и како предгрупа на познатите изведувачи во областа. Околу 1980 година тој формирал друга група, "The Rest", и настапувал како предгрупа на групите како "Southside Johnny and the Asbury Jukes" за време на нивните настапи во Њу џерси.
Бон Џови, надвор од училиштето работел со скратено работно време во продавница за женски чевли, а во средината на 1982 година се вработил во музичкото студио во Менхетен "Power Station Studios", каде што неговиот братучед Тони Бонџови бил еден од сопствениците. Во студиото, Бон Џови направил неколку демо-снимки, вклучувајќи една снимка продуцирана од Били Сквиер, и нив ги испратил до музичките компании, но без успех. Неговото прво професионално снимање било како главен вокал во песната "R2-D2 We Wish You a Merry Christmas", која што била дел од албумот "Christmas in the Stars", копродуциран од неговиот братучед.
Во тоа време, Бон Џови ја посетил локалната радио станица WAPP 103.5FM "The Apple" во Лејк Саксес, Њујорк. Таму зборувал со директорот Џон Ласман, кој прифатил да ја вклучи песната "Runaway" во компилацискиот албум со локални таленти што го издала станицата. На почетокот, Бон Џови се противел, но на крајот се согласил да ја сними песната со студиските музичари: гитаристот Тим Пирс, клавијатуристот Рој Битан, тапанарот Френки ла Рока и басистот Хју Мекдоналд.
Набргу, песната започнала да се пушта во рамките на државата Њујорк, а потоа неа започнале да ја преземаат и други поголеми радио-станици. Во март 1983 година, Бон Џови го повикал Дејвид Брајан, кој пак го повикал басистот Алек Џон Сач (14 ноември 1952 година, Јонкерс, Њујорк, САД), како и тапанарот, Тико Торес.L.M Matin. Jon Bon Jovi: The Sinner and the Saint.: The New Unauthorised Biography. BookBaby, August 20, 2013; Chapter 4 Соседот на Бон Џови, Дејв Сабо (наречен змија), кој подоцна ја оформил групата "Skid Row", бил избран да свири водечка гитара, но подоцна, Сабо бил заменет со Ричи Самбора (Ричард Стефан Самбора, 11 јули 1959 година, Перт Амбој, Њу Џерси, САД). Пред да се приклучи на групата, Самбора бил на турнеја со Џо Кокер, свирел со групата "Mercy", а бил повикан и на аудицијата за групата "Kiss". Тој, исто така, свирел на албумот "Lessons" на групата "Message"Message – Lessons @discogs.com Retrieved January 23, 2018. кој бил повторно издаден на ЦД од страна на "Long Island Records" во 1995 година. Инаку, првобитно, албумот требало да биде објавен од страна на издавачката куќа на Лед Цепелин "Swan Song Records", но албумот никогаш не бил официјално објавен во тоа време. И тапанарот Тико Торес бил искусен музичар, кој свирел во "Фантомот од операта", а свирел и со "The Marvelettes" и со Чак Бери.
Сепак, набргу, Дејвид Брајан ја напуштил групата која ја основал заедно со Бон Џови за да студира медицина. За време на студирањето, тој сфатил дека сака да продолжи само со музиката и бил примен во "Џуилијард", музичко училиште од Њујорк. Кога Бон Џови го повикал својот пријател, соопштувајќи му дека ќе формира група и дека ќе има договор за снимање, Брајан се откажал од студиите и му се придружил на Бон Џови.
Почетоци (1984 – 1985 година) Откако започнала да настапува како предгрупа на локалните познати музичари, групата го привлекла вниманието на Дерек Шулман, кој бил дел од издавачката куќа "Полиграм" и кој им обезбедил договор со "Mercury Records". Истовремено, Памела Махер, пријателка на Ричард Фишер и вработена во "Doc McGhee", следејќи го примерот на други познати групи кои имаат име со два збора (како "Ван Хален") и им предложила да се викаат "Бон Џови". Ова име било избрано наместо првичната идеја, "Џони Електрик".
Со помошта од нивниот нов менаџер, Док Мекги, групата го снимила својот деби-албум, "Bon Jovi", кој бил издаден на 21 јануари 1984 година. Во албумот бил вклучен и првиот хит-сингл, "Runaway", кој се искачил помеѓу првите 40 места на "Billboard Hot 100", по кој следела и песната "She Don't Know Me", која на барање од Меркури била ставена на албумот како дел од нивниот договор. До денес, таа е единствената песна која е вклучена во некој албум на Бон Џови, а за која Џон нема никакви авторски права.
Групата настапувала како предгрупа на "Скорпионс" во САД и на "Кис" во Европа. Во август 1984 година, групата настапувала на "Супер рок фестивалот" како посебен гостин во Јапонија. Покрај тоа, песната "Runaway" станалл хит и Бон Џови го привлекле вниманието на музичката јавност во Јапонија, каде што ја добиле првата златна плоча за нивниот деби-албум. Истоврмеено, албумот се искачил на 43 место на албумската музичка листа "Billboard 200" во Велика Британија и една година по неговото издавање бил потврден неговиот златен тираж од страна на RIAA.
Во 1985 година бил издаден вториот албум на Бон Џови, "7800° Fahrenheit". Од него, групата издала три сингл-плочи: "Only Lonely", "In And Out Of Love" и баладата "Silent Night". Албумот се искачил на 37 место на "Billboard 200" и бил потврден со златен тираж од RIAA. Иако овој албум не поминал толку добро како што се надевала групата, сепак по него Бон Џови започнале нова турнеја. Првите настапи во Јапонија, веднаш по издавањето на албумот, биле целосно распродадени, а албумот се искачил помеѓу првите 5 места и достигнал златен тираж и во Јапонија.
Во мај 1985 година, Бон Џови настапиле на различни локации во Велика Британија и во Европа. Албумот "7800 Fahrenheit" се искачил на 28 место во Велика Британија и на 40 место во Германија. По завршувањето на европската турнеја, групата започнала шестмесечна турнеја во САД како поддршка на "Ratt". На средината на таа турнеја, групата настапила на концертите "Texas Jam" и "Castle Donnington's Monsters of Rock" во Англија. исто така, Џон Бон Џови имал соло-настап на првиот "Farm Aid" во 1985 година.
"Slippery When Wet" (1986–1987 година) Во април 1986 година, Бон Џови се преселиле во Ванкувер за да го снимаат нивниот трет албум "Slippery When Wet" кој бил издаден по шестмесечната студиска работа. Албумот, во продукција на Брус Фербаим и миксуван од Боб Рок, бил издаден во август 1986 година и веднаш забележал огромен успех. Првиот сингл, "You Give Love a Bad Name", станал првиот сингл на групата кој го достигнал првото место на музичката листа "Billboard Hot 100" во САД. Следниот сингл, "Livin' on a Prayer", исто така се искачил на првото место, каде што останал четири недели. Двете песни биле напишани од младиот и непознат текстописец Дезмонд Чајлд (Џон Чарлс Барет, 28 октомври 1953 година, Геинесвил, Флорида, САД) кој на Бон Џови им го препорачал портпаролот на "Кис", Пол Стенли. Партнерството за пишување на песни меѓу Џон Бон Џови, Ричи Самбора и Дезмонд Чајлд трае до ден-денес. Третиот сингл од албумот, "Wanted Dead or Alive", бил голем топ-10 хит и до денес е „државната химна“ на Бон Џови.
Познатата музичка телевизија "MTV" безрезервно ги прифатила Бон Џови и преку видеата од концертите во живо им помогнала да стекнат голема слава. Со огромниот успех на "Slippery When Wet", Бон Џови станале светски музички ѕвезди. Албумот бил на местото број 1 во Австралија, Канада, Норвешка, Финска, Нов Зеланд и Швајцарија и го држи рекордот за рок-албум кој се задржал најмногу недели на првото место во САД, задржувајќи се 8 недели на врвот на "Billboard 200". Албумот, исто така, бил меѓу првите 10 места во Австрија, Холандија и Велика Британија, каде што останал 107 недели на албумската топ-листа.
Во 1987 година, "Billboard" го прогласил "Slippery When Wet" за најпродаван албум на годината, а "Livin' On A Prayer" ја добила награда за „најдобра сценска изведба“ на "MTV Video Music Award". Во 1988 година, групата ја добила наградата за „омилен поп/рок група“ на "American Music Awards", како и наградата за „омилена рок-група“ на "People's Choice Awards".
По издавањето на албумот "Slippery When Wet", Бон Џови настапувале заедно со групата "38 Special". До крајот на 1986 година, Бон Џови поминале шест месеци по арените низ Америка. Во август 1987 година, групата настапила на фестивалот "Monsters of Rock" во Англија. За време на нивниот настап, на сцената им се придружиле Ди Снајдер, Брус Дикинсон и Пол Стенли за да ја изведат песната "We're an American Band". Групата ја завршила годината со заработени 28,4 милиони долари од турнејата "Tour Without End" на која што имале над 130 настапи.
Како резултат на големиот успех, во 1987 година од Џон Бон Џови и Ричи Самбора било побарано да помогнат во изработката на албумот на Шер за нејзиното повторно враќање на сцената. Џон и Ричи биле соавтори и придружни вокали за песната "We All Sleep Alone" на Шер, продуцираа и некои други песни од албумот, а подоцна во 1989 година помогнаа во изработката на нејзиниот мулти-платинест албум "Heart of Stone".
"New Jersey" (1988–1990 година) Решени да докажат дека успехот од албумот "Slippery When Wet" не бил случајност, во септември 1988 година, "Бон Џови" го објавиле нивниот четврти албум "New Jersey". Албумот постигнал голем комерцијален успех и поминал четири непрекинати недели на првото место на "Billboard 200" и две недели на албумските листи во Велика Британија.
"New Jersey" го држи рекордот за хард-рок албум од кој произлегле најголеми хитови, од кои, пет песни се искачиле меќу првите десет на музичката листа "Billboard Hot 100" во САД. Песната "Bad Medicine" и баладата "I'll Be There for You" биле број еден хит на "Billboard Hot 100", додека други три песни од албумот ("Born to Be My Baby", "Lay Your Hands on Me", и "Living in Sin") се искачиле на топ-10 листата и биле огромни хитови на "MTV". Притоа, "MTV" го забранила видео-спотот за песната “Living in Sin”, поради многу непристојни романтични и сексуални сцени. Потоа, спотот бил преработен и повторо бил емитуван на "MTV".