Развојна психологија, исто така позната како развој на човекот е научна студија за систематските психолошки промени кои се случуваат во човекот во текот на неговиот живот. Во почетокот се занимавала со новороденчињата и децата, а потоа областа се проширила и на адолесценцијата, развојот на возрасните, стареењето и на целиот животен век. Оваа област ги проучува промените во широк спектар на теми, вклучувајќи моторни вештини и други психо-физиолошки процеси, когнитивниот развој кој вклучува области како што се: решавање на проблеми, морално разбирање и концептуално разбирање, усвојување на говор, социјален, личен и емоционален развој, поим за себе (селф-концепт) и формирање на идентитет. Развојната психологија вклучува прашања како на пример до кој степен се случува развојот преку постепеното собирање на знаење во споредба со фазата како развој или до кој степен децата се раѓаат со вродени ментални структури во споредба со учење низ искуство. Многу истражувачи се заинтересирани за поврзаноста помеѓу личните одлики, однесувањето на поединецот и срединските фактори, вклучувајќи го и социјалниот контекст, како и нивното влијание врз развојот, додека други истражувачи имаат помалку фокусиран пристап. Развојната психологија влијае на неколку применети области како што се: образовна психологија, психопатологија на дете и судска развојна психологија. Развојната психологија надополнува неколку други основни истражувачки области во психологијата како социјална психологија, когнитивна психологија, еколошка психологија и компаративна психологија. Пристапи Многу теоретски гледишта се обидуваат да го објаснат развојот, меѓу најпознатите се: теорија на фазата на Жан Пјаже (Jean Piaget), социјален конструктивизам на Лав Виготски (Lev Vygotsky) (и неговите наследници, културна теорија на развојот на Мајкл Кол (Michael Cole) и теоријата на еколошките системи на Ури Бронфенбренер (Urie Bronfenbrenner)), социјална теорија на учење на Алберт Бандура (Albert Bandura), и рамката за обработка на информации употребена од страна на когнитивната психологија. Во помала мера, историските теории продолжија да обезбедуваат основа за дополнителни истражувања. Меѓу нив се и осумте фази на психосоцијалниот развој на Ерик Ериксон (Erik Erikson) и бихевиоризамот на Џон Б. Вотсон (Jonh B. Watson) и Б. Ф. Скинер (B.F. Skinner) (за повеќе информации за улогата на бихевиоризамот види Анализа на однесувањето на развојот на детето). Многу други теории се видливи за нивните придонеси во одредени аспекти на развојот. На пример, теоријата за врзувањето ги опишува видовите на интерперсоналните односи, а Лоренс Колберг (Lawrence Kohlberg) ги опишува фазите за морално размислување. Теоретичари и теории Главна статија: Теории на развојната фаза Џон Болби (Jonh Bowlby), Хари Харлоу (Harry Harlow), Мери Еинсворт (Mary Ainsworth): Теорија за врзувањето Ури Бронфенбренер (Urie Bronfenbrenner): Социјалната екологија на човековиот развој *Џероми Бранер (Jerome Bruner): Когнитивен (конструктивист), Теорија на учење / Раскажувачка конструкција на реалноста Ерик Ериксон (Erik Erikson): Фази на Ериксон за психосоцијалниот развој Сигмунд Фројд (Sigmund Freud): Психосексуален развој Џероми Кеган (Jerome Kagan) : Пионер на развојната психологија Лоренс Колберг (Lawrence Kohlberg): Фази на Колберг на моралниот развој Жан Пјаже (Jean Piaget): Теорија на когнитивниот развој, Генетска епистемиологија Лав Виготски (Lev Vygotsky): Социјалнен конструктивизам, Зона на проксимален развој Рувен Фјуерстин (Reuven Feuerstein): Структурно когнитивна променливост Џудит Рич Харис (Judith Rich Harris): Модуларна теорија на социјалниот развој Еленор Гибсон (Eleanor Gibson): Еколошка психологија Роберт Кеган (Robert Kegan): Развој на возрасните Фази на Пјаже за когнитивниот развој Главни статии: Жан Пјаже и Теорија на когнитивниот развој Пјаже бил швајцарски теоретичар кој зборувал француски кој претпоставувал дека децата учат преку активна изградба на нови знаења преку практично искуство. Тој посочил дека улогата на возрасните, за да им помогне на децата да учат, е да обезбедат соодветни материјали за детето за да комуницира и да се изгради. Исто така, создал фази на развој. Неговиот пристап може да се види во начинот на кој наставните програми се спроведуваат во училиштата и во педагогијата за децата од предучилишните центри во САД. Културно - историска теорија на Виготски Главни статии: Лав Виготски и Културно - историска психологија Виготски бил теоретичар од Советскиот Сојуз, кој претпоставувал дека децата учат преку практично искуство, како што предложил Пјаже. Сепак, за разлика од Пјаже, тој тврдел дека навремено и внимателно интервенирање од страна на возрасните кога детето е на работ на учење на нова задача (наречена „зона на проксимален развој“) може да им помогне на децата да научат нови работи. Оваа техника се нарекува „скеле“, затоа што се заснова врз знаењето кое децата веќе го имаат стекнато со нови знаења врз основа на кое возрасните можат да им помогнат на децата да научат. Виготски бил силно фокусиран на улогата на културата во одредувањето на начинот на развој на детето, тврдејќи дека развојот се движи од општественото ниво кон поединечното ниво. Теорија на еколошки системи Главна статија: Теорија на еколошки системи Исто така наречена теорија на „Развој во контекст“ или „Човекова екологија“, теорија на еколошките системи, првпат создадена од Ури Бронфенбренер, кој одредува четири видови на вградени еколошки системи со двонасочни влијанија во и помеѓу системите. Четирите системи се: микросистем, мезосистем, екосистем и макросистем. Секој систем содржи улоги, норми и правила кои може силно да го оформат развојот. Од нејзиното објавување во 1979 година, важната изјава за оваа теорија на Бронфенбренер, „Екологијата на човековиот развој“ имаше големо влијание врз начинот на кој психолозите и другите пристапи го изучуваат човекот и неговата животна средина. Како резултат на оваа концептуализација на развојот, овие животни средини, од семејството до економските и политички структури, се гледаат како дел од животот од детството преку зрелоста. Теорија за врзувањето Главна статија: Теорија за врзувањето Теорија за врзувањето, првпат развиена од страна на Џон Болби, се фокусира на отворени, интимни, емотивно значајни врски. Врзувањето е опишано како биолошки систем или моќен импулс за опстанок кое настанало за да се осигура опстанокот на детето. Дете на кое му се обрнува или му се дава посебно внимание ќе се приврзе кон родителите кои создаваат чувство на физичка, емоционална и психолошка сигурност за поединецот. Подоцна, Мери Еинсворт го создала протокол на необична ситуација и концепт на безбедната основа. Исто така, видете критика од страна на пионерот на развојната психологија, Џероми Кеган. За жал, постојат ситуации кои го спречуваат детето од формирање на врзувањето. Некои бебиња растат без доволно внимание од страна на родителот или заклучени под услови на злоупотреба или екстремно занемарување. Можните краткорочни ефекти од ова лишување се лутина, очај, повлекување и трајно задоцнување на интелектуалниот развој. Долгорочни ефекти вклучуваат зголемена агресија, несамостојно однесување, повлекување, психосоматски нарушувања и зголемен ризик од депресија во зрелоста. Вродено / Стекнато Главна статија: Вродено наспроти стекнато Значаен проблем во развојната психологија е односот меѓу вроденото и влијанието на животната средина во однос на кој било конкретен аспект на развој. Ова често се нарекува „вродено наспроти стекнато“ или нативизам наспроти емпиризам. Нативист кој го проучува развојот тврди дека процесите се вродени, дека се одредени од гените на организмот, додека од емпириска гледна точка се тврди дека тие процеси се стекнати со интеракција со животната средина. Денес, психолозите кои се занимаваат со развојна психологија ретко земаат такви екстремни позиции во однос на повеќето аспекти на развој, туку тие го истражуваат, меѓу многу други нешта, односот меѓу вроденото и влијанијата на животната средина. Еден од начините на кои овој однос е истражуван во последниве години е преку новите области на еволутивната развојна психологија. Областа каде дебата за овие вродености беше видливо прикажана е во истражувањето за усвојување на говорот. Главно прашање во оваа област е дали или пак не некои својства на човековиот јазик се одредени генетски или може да се стекнат преку учење. Емпирискиот став за проблемот за усвојување на говорот укажува дека влезните информации на јазикот ги обезбедуваат потребните информации потребни за учење на структурата на јазикот и дека новороденчињата го усвојуваат говорот преку процес на статистичко учење. Од оваа гледна точка, говорот може да се усвои преку општи методи на учење кои исто така се применуваат и на другите аспекти на развој, како што е перцептуалното учење. Нативистичкиот став тврди дека влезните информации од јазикот се премногу сиромашни за новороденчињата и децата да ја усвојат структурата на говорот. Јазичарот Ноам Чомски (Noam Chomsky) тврди дека, потврдено од страна на недостаток на доволно информации во јазикот, постои универзална граматика која се однесува на сите јазици и е претходно одредена. Ова доведе до идејата дека постои посебен когнитивен модул соодветен за учење јазик, често нарекуван вродена способност за совладување на говорот. Критиката на Чомски за бихевиористичкиот модел за усвојување на говорот, од многумина општо се смета како клучна пресвртна точка за намалување на важноста на теоријата на бихевиоризмот. Но, концептот на Скинер за „Вербалното однесување“ не умре, можеби делумно поради тоа што успешно се применува во практика. Механизми на развој Развојната психологија се занимава не само со опишувањето на одликите на психолошките промени со текот на времето, но исто така сака да ги објасни принципите и внатрешните работи кои лежат во основата на овие промени. Психолозите се обиделе да ги разберат подобро овие фактори со користење на модели. Развојните модели понекогаш се статични, но и не мора да бидат. Моделот едноставно мора да води сметка за средствата со кои се одвива процесот. Ова понекогаш е направено во врска со промените во мозокот што може да одговара на промени во однесувањето во текот на развојот. Статистичките описи на развојот често користат модели на симболични, поврзувачки (нервна мрежа) или динамични системи за објаснување на механизмите на развој. Истражувачки области Когнитивен развој Главни статии: Когнитивен развој, Теорија на когнитивниот развој, теории на следбениците на Пјаже за когнитивниот развој Когнитивниот развој првенствено се занимава со начините на кои новороденчињата и децата ги стекнуваат, развиваат и користат внатрешните ментални способности како што се решавање на проблемот, меморија и говор. Главни теми на когнитивниот развој се студиите за усвојување на говорот и развој на перцептивните и моторни вештини. Пјаже бил еден од првите највлијателни психолози кој го проучувал развојот на когнитивните способности. Неговата теорија укажува дека развојот продолжува преку збир на фази од детството до зрелата возраст и дека таму е крајната точка или целта. Други гледишта, како на пример на Лав Виготски, укажуваат дека развојот не напредува низ фазите, туку дека развојниот процес кој почнува со раѓањето и трае сè до смртта е премногу сложен за таква структура и дефинитивност.
Źródło i licencja
Na podstawie: Wikipedia — Развојна психологија · historia autorów.
Tekst: CC BY-SA 4.0.
Informacja o opracowaniu
Usunięto składnię wiki i szablony; dłuższe teksty skrócono.