Карневалот на Бразил (според Гинисовата книга на светски рекорди, градот Салвадор е домаќин на најголемата улична забава во светот) е фестивал кој се одржува еднаш годишно, четириесет и шест дена пред Велигден. Во одредени денови од Големиот пост, римокатолиците и некои други христијани се апстинираат од конзумирање на месо и живина па оттука и терминот "карневал" од "carnelevare" што значи отстранување (буквално, "воздигнување") на месото. Се верува дека карневалските прослави водат потекло од паганскиот фестивал на Сатурналија (Satirnalia), кој прилагоден на христијанството, претставува збогување со лошите навики во периодот на верска дисциплина со цел да се практикува покајание и подготовка за Христовата смрт и воскресение.

Ритамот, учеството и костимите се разликуваат од еден до друг регион на Бразил. Во североисточните градови Рио де Жанеиро и Саун Пауло, огромни организирани паради се предводени од страна на самба училишта. Овие официјални паради се наменети за јавно следење, додека помалите паради ("blocos"), кои овозможуваат учество на јавноста, можат да се сретнат во други градови. Североисточните градови Салвадор (Salvador), Порто Сегуро (Porto Seguro) и Ресифе (Recife) имаат организирани групи кои парадираат низ улиците а публиката има директна интеракција со нив. Овој карневал е под силно влијание на африканско-бразилската култура. Народните толпи го следат текот на trio electricos (електричното трио) низ градските улици. Исто така, во североисточниот дел, карневалот на Олинда (Olinda) се одликува со оригинални одлики, од кои дел се резултат на влијанието на венецијанскиот карневал, во комбинација со културните отсликувања на локалниот фолклор.

Карневалот е најпознатата прослава во Бразил и прерасна во настан од широки размери. Останатите активности во земјата целосно преминуваат во сенка речиси една недела, додека веселбите се интензивни, ден и ноќ, обично во крајбрежните градови. Потрошувачката на пиво изнесува 80% од годишната потрошувачка на истото а туризмот пречекува 70% од вкупниот број на посетители годишно. Владата покренува распределба на презервативи и отпочнува кампањи за подигнување на свеста во овој период, со цел да се спречи ширењето на СИДАТА.

Стиловите по земја

Стилот на Рио де Жанеиро

Модерниот Бразилски карневал води потекло од Рио де Жанеиро, од 1641 година, кога буржуазијата на градот ја воведува практиката на одржување на балови и маскембал забави од Париз. Првично, карневалот на Бразил ја имитира европската верзија на фестивалот а подоцна презема елементи со корени од индијанската и африканската култура.

Кон крајот на 19 век, cordoes (буквално "жици", гајтани или струни на португалски) започуваат да го зафаќаат Рио де Жанеиро. Тоа се церемонијални групи кои парадираат низ градските авении свирејќи на инструменти и танцувајќи. Денес, тие се познати како Blocos ( блокови ), сочинети од група на луѓе кои се облекуваат во костими или специјални маички со одредена тематика и/или лого. Блокос ( Blocos ) обично се поврзани со конкретни соседства ; тие вклучуваат ударни инструменти или музичка група како и улична придружба.

Парадите по блокови (улици) стануваат експресивна одлика на карневалот во Рио. Денес, тие бројат над 100 групи кај кои се забележува раст секоја година. Блокос (Blocos) можат да бидат формирани од мали или големи групи на славеници, со посебен наслов, кој не ретко се одликува со шеговита игра на зборови (Os blocos RJ, para os solteiros, sao um lugar para conhecer e ate bèijar pessoas, или "Блокос во Рио де Жанеиро, за самците, се места каде можат да запознаат па дури и да бакнат луѓе"). Исто така, тие можат да го осознаат нивното соседство или социјалниот статус. Пред да започне настапот, тие се собираат на плоштад, потоа парадираат во различни делови од градот, најчесто во близина на плажа. Некои блокос (blocos) воопшто не напуштаат една улица и имаат свое засебно место, на пример некој бар, за да привлечат гледачи. Парадите на блокос (blocos) започнуваат во јануари, и може да траат до неделата по завршувањето на карневалот.

Паради на блокос (blocos) се случуваат во речиси секое соседство низ градот и метрополитските области, но најпознати се оние во Копакабана (Copacabana), Ипанема (Ipanema), Леблон (Leblon), Лагоа (Lagoa), Хардим Ботанико (Jardim Botanico) и во центарот на Рио. Организаторите често компонитаат свои музички записи со кои се надополнува изведбата и пеењето на популарни, класични "маријачи" и самба песни. "Cordao do bola preta" ("Polka Dot Bloco"), која се движи низ срцето на историскиот центар на Рио, "Suvaco do Cristo" (Статуата на Исусовите пазуви, која се однесува на аголот од статуата кој се гледа од соседството), во близина на Ботаничката градина, се некои од најпознатите групи. Моноблоко (Monobloco) станува толку популарна што свири во текот на целата година на забави и мали концерти.

Самба училиштата се многу големи групи на изведувачи, финансирани од организации со висока репутација (како и нелегални коцкарски групи), кои работат за време на годината во рамките на подготовките за карневалот. Самба училиштата настапуваат во самба домови а нивните настапи траат до раните утрински часови. Тие се дел од еден официјален натпревар, поделен на седум дивизии, во кој едно училиште се прогласува за победник, земајќи ги предвид костимите, текот на настапот, песната (музичката тема) како и квалитетот на музиката и изведбата на бендот. Исто така, одредени самба училишта одржуваат улични забави во нивните соседства, низ кои парадираат заедно со своите следбеници.

Периодот за време на карневалот во Рио е мошне интересен, меѓутоа, исто така е и најскапиот временски интервал за посета на Рио. Хотелските соби и другите сместувалишта можат да бидат до 4 пати поскапи од редовните цени. Некои локации се масовно посетени и животот е далеку од обичен во многу делови од градот.

Стилот на Саун Пауло

Карневалот во Саун Пауло се случува во самба-домот на Анемби (Anhembi), и, исто така, има неколку организирани "фудбалски училишта". Ова е главната разлика меѓу карневалот во Саун Пауло и карневалот во Рио. Карневалските паради во Саун Пауло се одвиваат во петок и сабота навечер, за разлика од карневалот во Рио, кој се одржува во недела и понеделник навечер.

Стилот на Баија

Постојат неколку основни разлики меѓу карневалот во државата Баија и карневалот во Рио де Жанеиро. Музичките стилови се различни кај секој карневал ; во Баија постојат многу ритми во кои може да се вбројат самба (samba), самба-реге (samba-reggae), ахе (axe) итн., во споредба со Рио каде има мноштво на самба стилови : "samba-enredo" (самба-енредо), "samba de bloco" (самба де блоко), "samba de embalo" (самба де ембало), "funk-samba" (фанк-самба), како и познатиот "marchinhas" (марчинас) изведени од групите ("bandas") на улиците.

Во 80-тите, населението од црна раса ги комеморира деновите на карневалот на свој сопствен начин со силен акцент на особеностите на Јоруба (Yoruba), истовремено танцувајќи и свирејќи на инструменти по улиците. Оваа верзија на карневалот, белата елита од високата класа ја доживува како "примитивна" и на овие групи им се забранува да учествуваат на официјалниот Баија карневал, каде доминира локалната конзервативна елита. Тие се спротивставуваат на забраната и продолжуваат да ги применуваат нивните танци.

До 70-тите, во Баија, се развиваат четири основни типови на карневалски групи : Афохес (Afoxes), Триос Електрикос (Trios Electricos), "Америндиски "групи и Блокос Афрос (Blocos Afros). Афохес (Afoxes) ги користи ритмите од африканско-инспирираната религија, Candomble (Кандомбле). Тие, исто така, се поклонуваат пред боговите на Кандомбле (Candomble), кои се нарекуваат орихас (orixas). Електричното трио (Electric trio) е препознатливо по камион опремен со огромни звучници и кој има платформа на која музичарите свират песни од локални жанрови како на пример аxе (ахе). Луѓето, пеејќи и танцувајќи, ги следат камионите. "Америндиските" групи се инспирирани од западњачките филмови на САД. Групите се облекуваат како индијанци и преземаат домородни американски имиња. Блокос Афрос (Blocos Afros), или Афро групите, се под влијание на движењето Црната гордост во САД, движењата за независност во Африка, и реге музиката кои го осудуваат расизмот и угнетувањето. Овие групи се доживуваат како инспирација за обновувањето на гордоста на африканското наследство.

Стилот на Пернамбуко

Североисточната држава Пернамбуко (Pernambuco) се одликува со уникатни карневали во неговиот актуелен главен град Ресифе (Recife) и во неговиот колонијален главен град Олинда (Olinda). Нивните основни ритми се фрево (frevo) и маракатус (maracatus). Гало де Мадругада (Galo da Madrugada) е најголемата карневалска парада во светот, по бројот на учесници, според Гинисовата книга на светски рекорди. Тоа значи "петелот на зората", и, како што сугерира и самото име, парадира единствено наутро. Фрево (frevo) е Пернамбуко стил на танцување, со африкански и акробатски примеси а со оглед на неговата динамичност и неговото електрифицирање, не ретко инволвира користење на отворен чадор и чести движења со рацете и нозете.

За разлика од Салвадор и Рио, групните натпреварувања не претставуваат дел од пролсавите во Ресифе (Recife), Олинда (Olinda) и Итамарака (Itamaraca). Наместо нив, рамо до рамо, групите танцуваат и свират на инструменти. Трокас (trocas) и маракатус (macaratus), главно под африканско влијание, започнуваат една недела пред карневалот и завршуваат една недела подоцна. Некои добро познати групи имаат шеговити имиња, како на пример : Кажи ми дека ме сакаш, проклет јајчару (со позната џиновска кукла која танцува и ја води групата), Лудиот љубовник, Гаќите на Олинда и Вратата. Се одржува 40 дена пред Големиот пост.

Стилот на Минас Гераис

Минас, исто така одржуваат значајни карневалски паради, главно во историските градови Оуро Прето (Ouro Preto), Маријана (Mariana) и Дијамантина (Diamantina). Парадите најчесто ги организираат студентски домови, што привлекува мнозинство на млади луѓе од соседните држави. Исто така, постојат и други поголеми паради во регионот, како оној во Помпеј (Pompey).

Карневалот во Минас Гераис (Минас Minas Gerais) е често препознатлив по блокос карнавалескос (blocos carnevalescos) со различни песни и стилови на фантазија, речиси секогаш пропратени со дувачки оркестар и тапани. Меѓутоа, карневалот во Минас Гераис (Minas Gerais) е првиот карневал создаден по урнекот на карневалот на Рио де Жанеиро (неколку градови имаат свои сопствени самба училишта). Подоцна, некои Ахе групи од Баија, секоја карневалска сезона доаѓаат да свират во државата.

Карневалот на градот Оуро Прето (Ouro Preto) е многу популарен меѓу студентите во оваа област. Градот има голем број на студенти, кои во текот на годината живеат во места кои се нарекуваат Republicas (изнајмена куќа која ја одржуваат и со која управуваат самите тие). За време на карневалот, Републикас (Reapublicas) се буквално преполни со станари и многу посетители кои доаѓаат од сите страни на светот. Ридовите го отежнуваат сообраќајот на бучни товарни возила, но не ги спречуваат луѓето да се забавуваат преку целиот ден и преку целата ноќ.

Сепак, некои, на карневалските прослави во Оуро Прето (Ouro Preto) гледаат како на закана за старата и историска хармонија во регионот. Според една таква личност : последните новости во индустријата од околните области, растот на населението и зголемувањето на уличниот сообраќај го загрозуваат карневалот како што се сеќаваат постарите граѓани. Причина за загрижување е уличниот карневал на Оуро Прето (Ouro Preto), привлекувајќи студенти кои доаѓаат од цел Бразил во потрага по возбуда. Студентите ги преплавуваат улиците пуштајќи гласна и дискутабилно уривачка музика.

Други стилови