Нов Караорман — мало село во Општина Карбинци, сместено во околината на градот Штип.

Потекло на името

Името на селото доаѓа „нов“ што е спротивно од стар и го има добиено откако се има одвоено од соседното село Стар Караорман. Делот Караорман доаѓа од турскиот збор „кара“ со значење црн и турскиот збор „орман“ со значење шума.

Географија и местоположба

Ова мало село се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Карбинци, од левата страна на реката Брегалница. Селото е рамничарско, на надморска височина од 285 метри.

Селото се наоѓа северно од градот Штип, а најблиско село е големото село Стар Караорман, кое се наоѓа на подрачјето на Општина Штип.

Историја

Нов Караорман службено не постоело како село и посебна единица до 1953 година.

Стопанство

Атарот зафаќа простор од 8,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 474 хектари, на пасиштата отпаѓаат 333 хектари, а на шумите само 6 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

Во непосредна близина на самите куќи се наоѓа земјоделската задруга, како и други стопански објекти.

Население

Во селото до 1961 година имало голем број на Власи, кои целосно се иселиле.

Селото е мало, коешто во 1961 година броело 198 жители, а во 1994 година 72 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото Нов Караорман живееле 67 жители, од кои 64 Македонци, 2 Роми и 1 Србин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 64 жители, од кои 41 Македонец и 23 лица без податоци.

Самоуправа и политика

Селото претставува дел од Општина Карбинци, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Карбинци.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Штип. Селото припаѓало на некогашната општина Штип во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот од 1955 до 1957 година селото се наоѓало во рамките на тогашната општина Радање.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Карбинци, во која покрај селото Карбинци, се наоѓале и селата Аргулица, Бурилчево, Караорман, Козјак, Кучичино, Припечани, Руљак, Таринци и Црвулево.

Избирачко место

Во селото се наоѓа избирачкото место бр. 2321 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на претпријатието „Лозарство“.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 64 гласачи.

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 68 гласачи.

Галерија

Наводи

Поврзано Општина Карбинци Штип

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Штипски села Категорија:Села во Општина Карбинци