Братин Дол — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името

Името на селото првпат е забележано во турски документи од век (1468 г.). Низ годините се споменува како Братин Дол, но и како Братен-дол. Се поврзува со личното име Братин (што доаѓа од Братислав, Братомир или Братољуб) и дол.

Според легенда, селото го добило името по доселувањата на повеќе браќа од околните села, па затоа и месноста ја завикале Братин Дол.

На ова место порано немало населба. Населбите постоеле во Трново и Магарево. Во овие села живееле одвоено еден од друг со семејствата двајца браќа кои многу се сакале. Едниот во Трново, другиот во Магарево. Еден ден братот што живеел во Трново го загубил магарето кое пасело трње. Го барал и кај брата си, но не го нашол. Го барал, го барал и на крајот го нашол во некој дол. Тогаш тој дол бил наречен Братин Дол или Братиндол. Кога подоцна овој дол бил населен, името му останало и понатаму исто.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Воздушен поглед на Големото Братиндолско Езеро

Селото се наоѓа во Пелагонија, на нискиот превал кон Цапарското Поле и во северозападниот дел на територијата на Општина Битола. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 830 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 7 километри, додека од патот Битола-Ресен е оддалечено два километри. Поради близината на градот, селото станало познато одредиште за изградба на нови викенд-куќи.

До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1101, кој е паралелно со магистралниот пат А3.

Селото се наоѓа на планинско земјиште на северното подножје на Баба Планина. Околу 800 метри северно од селото се наоѓа патот Битола-Охрид. Околни села се Трново, Магарево и Дихово. Водата за пиење во минатото се добивала од бунари длабоки 13-14 метри. Подалеку од селото избивааат изворите Мола и Лука Чешма.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Диовски Камења, Симо Круша, Згрбоња, Мола Плепот, Ѓиро-Марица, Лески, Тумба, Мандри, Бенојца, Лозја, Црква и Средсело.

Селото има збиен тип, чии куќи се групирани во три маала: Горно, Средно и Долно Маало. Во Средно Маало живеат муслиманските Албанци, додека останатите маала се христијански.

Историја

Во народните преданија се говори дека селото најпрвин било христијанско и се наоѓало кај денешното село на исток (во месноста Црква). Тоа село во отоманскиот период било раселено од некоја болест. Кај месноста Црква денес има ливади, христијански гробишта и параклис „Св. Спас“. Некогаш таму имало црква, која припаѓала на старото словенско село. На местото Средсело во Горно Маало порано се наоѓале стари гробови со исправени камења. Никој не знае чии биле тие гробови, но некои веруваат дека биле „илимски гробишта“.

Првпат селото е споменато во турски пописни дефтери од 1468 година.

Денешното село го основале албански и македонски доселеници. Првите Албанци дошле околу 1830 година, а првите македонски доселеници околу 1840 година. Сите дошле од области во Јужна Албанија.

Братин Дол во 1912 година имале околу 25 албански и 10 македонски куќи, а во 1957 година селото имало 6 албански и 36 македонски домови.

До 1912 година, во селото постоела џамија, која сега е срушена и таму се наоѓа зграда на месната заедница. Албанските гробишта најпрвин се наоѓале кај џамијата, но подоцна биле преместени кај патот Битола-Охрид.

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.

Стопанство

мини|300п|десно|Мотокрос патека кај селото

Атарот зафаќа простор од 9,1 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 494,1 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 362,2 хектари, а на шумите само 4,8 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.

До крајот на отоманскиот период, во селото имало неколку чифлига. Нивни сопственици биле Весел Алитов и Ибраим Честел, битолски Турци, а потоа Власите Алтипармаковци од Трново, па Брзаковци и Наловци од Битола. Во чифлиците работеле Македонците, додека Албанците имале своја земја. По 1912 година, селаните ја купиле земјата од чифликсајбијата.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Братин Дол живееле 250 жители, од кои 150 Албанци и 100 Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Братин Дол се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 30 куќи.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Братин Дол имало 40 Македонци, патријаршисти.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци и 50 Албанци.

Селото е мало, но со незначително опаѓање на бројот на населението. Во 1961 година, селото броело 280 жители, од кои 248 биле Македонци и 30 жители Турци, додека во 1994 година бројот се намалил на 176 жители, од кои 166 се Македонци, а осум жители Срби.

Според пописот од 2002 година, селото броело 205 жители, од кои 166 Македонци, 33 Албанци, 3 Власи и 3 останати.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 168 жители, од кои 120 Македонци, 34 Албанци, 6 Власи, 4 останати и 4 лица без податоци.

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Братин Дол:

Година Македонци Албанци Турци Власи Срби Вкупно 1948 — — — — — — — 281 1953 227 12 62 6 1 0 — 308 1961 240 4 30 — 0 6 — 280 1971 223 33 1 — 0 2 — 259 1981 269 31 0 0 0 4 — 304 1991 177 32 0 0 0 2 — 211 1994 166 8 0 1 0 1 — 176 2002 146 33 0 3 0 3 — 185 2021 120 34 0 6 0 4 4 168 * Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови

Братин Дол е мешано македонско-влашко-албанско село и сите родови во селото се доселенички.

Според истражувањата од 1957 година, родови во селото: Албански родови: Абдуловци (3 к.), Ислаиловци (2 к.) и Личевци (1 к.), доселени се од Јужна Албанија. Во Абдуловци се знае следното родословие: Ќемал (жив на 45 години во 1957 година)-Џемал-Осман-Абдула-Љуман, кој се доселил од Јужна Албанија. Македонски родови: Наумчевци (10 к.) и Ѓорчевци (6 к.), овие две рода потекнуваат од двајца браќа Наумче и Ѓорче. Доселени се од кај Ќафасан во Струшко или Албанија. Во родот Наумчевци се знае следното родословие: Миле (жив на 74 години во 1957 година)-Најдан-Наумче кој се доселил; Арпаловци (5 к.), доселени се после претходниот род однекаде; Снегаровци (4 к.), доселени се од селото Снегово, го знаат следното родословие: Стеван (жив на 40 години во 1957 година)-Штерјо-Стојче, кој се доселил; Петковци (3 к.), доселени се од раселеното село Црн Врв близу Кочиште над Секирани, се доселил Кузе како дете од 10 години со неговиот татко Гроздан; Поповци (5 к.), доселени се од Градешница во Мариово во 1909 година; Велковци (1 к.), доселени се од селото Луково во Дримкол; Блаже (1 к.), доселени се од селото Завој во Охридско; Митовци (1 к.), доселени се од селото Цер во Железник. Куќите ги подигнале 1 километар подалеку од селото. Влашки родови: Алтипармаковци (2 к.), доселени се од селото Трново во 1912 година. По дома зборуваат на влашки јазик. Порано поседувале чифлиг во селото.

Иселеништво

До 1957 година од селото се иселиле вкупно 20 албански семејства во Битола и Турција. По 1957 година продолжиле иселувањата на албанското население во Турција. Иселениците припаѓале на родовите Реџовци, Беќовци, Саитовци, Селмановци, Далиповци, Рашковци, Медин, Ракип и други.

Во поново време има иселувања во градовите Битола и Скопје, прекуокеанските земји и во Европа.

Општествени установи

мини|300п|десно|Поглед на основното училиште

Подрачното основно училиште „Д-р Трифун Пановски“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Д-р Трифун Пановски“ - Битола

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Братин Дол било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Битола.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Дихово.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дихово, во која покрај селото Братин Дол се наоѓале селата Брусник, Дихово, Лавци, Магарево, Нижеполе, Снегово и Трново. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Дихово, во која влегувале селата Братин Дол, Дихово, Магарево, Нижеполе и Трново.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 0132 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 148 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 148 гласачи.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Поглед на главната селска црква „Вознесение Христово“

Археолошки наоѓалишта Св. Спас — црква и некропола од средниот век; Стари Лозја — населба од римско време; и Магарешко Мовче — римски пат.

Цркви Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква.

Споменици Спомен-плоча од НОБ на основното училиште

Реки Братиндолска Река — мала река низ селото.

Редовни настани

Слави Мала Богородица — селска слава

Личности

Родени во или по потекло од Братин Дол Јосиф Најденовски (1923-1944) — партизан, учесник во НОБ.

Култура и спорт

Секоја година на патеката во селото Братин Дол се одржува традиционалната трка во мотокрос.

Галерија

Поврзано Општина Битола Пелагонија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола