Крстоар (познато и како Крстовар и Христофор) — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Самото село има посебен пописен круг, поради што и самото население е помало за 100 жители, бидејќи дел од куќите изградени во неговиот атар припаѓаат на соседното Бистрица.
Потекло и значење на името
За населбата постои легенда дека во месноста се населил некојси Крсте, па по неговото име си го добила името, но постои и верување дека селото го добило своето име по манастирот „Св. Христофор“, изграден на местото на старото село.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Сретселото
Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Битола, во близина на градот Битола. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 760 метри.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333 откако ќе се одмине битолската населба Буковски Ливади.
Крстоар се наоѓа на 3 километри јужно од Битола, на допирот на ниското земјиште на исток и повисокото земјиште на запад во подножјето на Баба Планина. Низ историјата се сретнувало и како Христофор. Во минатото, водата за пиење се добивала од една чешма викана Закоица и од бунари. Скоро секоја куќа поседува свој бунар.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Грамаѓе, Олеско Парче, Широки Ливади, Бучала, Зеројца, Љубаница, Ореите, Попоа Чешма, Димчео Врпче, Габавци, Леска, Јанина Дупка, Клепало, Самарлија и Кисела Вода.
Селото има збиен типи и се дели на маала: Каришоско, Јоаноско, Кундеско и Долно Маало. Маалата не се оддалечени многу едно од друго.
Историја
мини|300п|десно|Богојавление во Крстоар во 1903 година
Најстаро споменување на Крстоар е од првата половина на век. Општо е преданието дека порано селото се наоѓало на повисоко земјиште, 1 километар западно од денешната местоположба. Тоа место денес се нарекува Габавци. Старото село било мало и кон крајот на век, мештаните се преместиле на денешното место.
На селиштето е зачуван стариот манастир „Св. Христофор“. Манастирот бил срушен во Првата светска војна, а потоа бил обновен. Селото го добило името по манастирот, па така тоа значи дека манастирот е постар од селото. Ова го потврдува и народната традиција, која наведува дека селото околу манастирот најпрвин имало три куќи. Од тие три куќи се намножиле денешните македонски родови: Ѓоревци, Јоновци, Кундевци и други. На селиштето се наоѓаат три извори.
Кон крајот на век, во селото се населила мала група на Албанци. Нивните куќи (3-4) се наоѓале во Каришовско Маало. Овие Албанци се иселиле кон крајот на отоманската власт, а нивните гробишта се наоѓале под селото. Поради ова, во еден турски документ од 1801 година се наведува дека имало Христијански и Турски Крстоар.
Во Долно Маало се наоѓа црквата „Св. Петар и Павле“, подигната по 1878 година, кога селаните се одвоиле од „грчката партија“, која го држела манастирот. Тогаш селаните основале и нови гробишта кај оваа црква (старите гробишта биле кај манастирот).
Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Стопанство
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 214 хектари, на пасиштата отпаѓаат 96 хектари, а на шумите 40 хектари.
Селото, во основа, има полјоделска функција.
Во отоманскиот период, во селото имало шест чифлици со свои кули. Нивни сопственици биле Шабедин, Асан Чолак, Демиш, Оџа-Реџо и други, кои живееле во планинското село Злокуќани. Чифлиците пропаднале кога дошла српската власт, а селаните ја купиле земјата.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крстоар живееле 280 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Крстоар се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 35 куќи.
Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Крстоар имало 256 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 166 – 167.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.
Крстоар во 1961 година било средно село по големина со 344 жители, но во 1994 година станало мало село со 187 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 селото броело 167 жители, од кои 164 Македонци, 2 Срби и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 239 жители, од кои 200 Македонци, 21 Албанец, 5 Турци, 2 Срби и 11 лица без податоци.
Родови
Крстоар е македонско православно село, во кое живее староседелско и доселено македонско население.
Според истражувањата од 1951 година на Јован Трифуноски, родови во селото: Староседелци: Ѓоревци (11 к.), Јоновци (8 к.), Кундевци (7 к.), Јосифовци (3 к.), Чанчуковци (3 к.), Мочковци (2 к.), Котевци (2 к.) и Ѓелдановци (1 к.). Доселеници: Ситновци (4 к.), најстари доселеници, потекнуваат од предокот Пеше кој се доселил во втората половина на XVIII век, тој се оженил со девојка од некој од староседелските родови; Видиновци (8 к.), доселени се од некое село во Преспа; Гулевци (8 к.), доселени се од некое место во денешна Албанија; Мошенци (4 к.), доселени се во турско време од селото Сетина, Леринско; Домазетовци (2 к.), родот го основал домазет доселен од селото Клабучишта, Леринско; Трифуновци (2 к.), доселени се во турско време од Буково; Апостоловци (1 к.) и Петревци (1 к.), доселени се однекаде и Милошевци (2 к.), доселени се после турското владеење од некое село во Преспа.
Иселеништво
До 1951 година се знае за иселените родови Караивановци (2 к.), Видиновци (2 к.) и Чанчуковци (1 к.), кои отишле во Бистрица; Мрскови (1 к.), отишле во Буково, додека едно семејство на Чанчуковци заминало во Битола.
Иселеници од селото има во Битола, Скопје, прекуокеанските земји (САД, Канада и Австралија) и низ Европа.
Општествени установи
Поранешно сновно училиште Поранешна здравствена амбуланта Поранешна пошта Дом на културата Поранешна ветерина станица
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Крстоар било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1957 до 1965 година, селото најпрвин било дел од тогашната општина Бистрица, но подоцна било припоено кон Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото било во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Буково, во која покрај селото Буково се наоѓале селата Бистрица, Злокуќани, Кравари, Крстоар и Орехово. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бистрица, во која влегувале селата Бистрица, Злокуќани, Кравари, Крстоар и Олевени.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 0154 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 157 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Грамаѓе — населба од средниот век; и Мирои Орници — базилика од старохристијанско време.
Цркви Црква „Св. Петар и Павле“ — главната селска црква, изградена 1878 година; Црква „Св. Христифор“ - главна манастирска црква на Крстоарскиот манастир; Црква „Св. Ѓорѓи“ — манастирска црква, сместена на 200 метра погоре од „Св. Христофор“; и Црква „Св. Ѓорѓи“ — црква кај месноста Сребрена Вода на патот за Бистрица.
Манастири Крстоарски манастир — средновековен манастир над селото; и Крстоарски манастир „Св. Ѓорѓи“ — помал манастир над селото.
Параклиси Параклис „Св. Петка“ — мал параклис кај Крстоарскиот манастир; и Параклис „Св. Теодор Тирон“ — мал параклис кај Крстоарскиот манастир.
Споменици Спомен-плоча за македонскиот револуционер Георги Поп Христов; и Спомен-чешма на сретсело за НОБ.
Редовни настани
Слави 9 мај по стар календар
Личности
Родени во или по потекло од Крстоар Георги Поп Христов (1876-1962) — револуционер, војвода на ВМОРО, раководител на крилото на протогеровистите; Тодор Наумов Ѓоревски — македонски револуционер од ВМОРО; и Вангел Стевановски — македонски партизан.
Галерија
Поврзано Општина Битола Пелагонија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола