thumb|десно|250px|Прататковината на Словените.Словенските преселби на Балканскиот Полуостров претставуваат еден од најзначајните демографски и етнички процеси во југоисточна Европа во раниот среден век. Од крајот на VI и особено во текот на VII век, словенските племиња масовно се населиле на териториите јужно од Дунав, радикално менувајќи го етничкиот, јазичниот и културниот лик на регионот. Овој процес е од клучно значење за формирањето на денешните јужнословенски народи. Населување на Словените на Балканот
Врз основа на резултатите што ги дава археологијата како и резултатите од јазичаричките истражувања на споредбената филологија и врз основа на историските извори, особено на некои податоци од грчките и римските писатели формирањето на ранословенската етничка маса во рамките на индоевропската заедница се датира доста длабоко во минатото дури до 3000 . п.н.е. Всушност се смета дека кон IV милениум започнало распаѓањето на индоевропската заедница. Притоа први се оделиле и издвоиле во самостојни јазично етнички групи : Хиндусите, Иранците, Хетите и др. кои тргнале кон југоисток. По нив се издвоиле германските и романските етнички заедници. Додека словенската заедница се издвоила нешто подоцна кон крајот на II милениум п.н.е. Од неа се отцепиле таканаречените балтословенски народи, предците на денешните Литванци, Летонци (Латвијци) и Естонци.
Анализата на општо словенскиот јазик покажува широка употреба на термини за шуми (гори), езера, мочуришта и определени видови дрва, но изостануваат називи за мориња и планини. Тоа дава основа прататковината на Словените да биде сместена во рамнините на Средна и Источна Европа. Поточно во пространата област која на запад започнува со реките Одра и Висла, на исток допира до Днепар (Ока и Горна Волга), а на југ до Карпатите. Старите писатели немале јасна претстава за земјите на Словените и не пројавувале некој поголем интерес за нив. Поради тоа сè до почетокот на новата ера за нив нема писмени сведоштва. Се претпоставува дека некои племиња што ги споменува Херодот (5 век. п.н.е) биле Словенски. Херодот имено известува дека северно од црноморското крајбрежје живееле многу бројни племиња познати со заедничкото име Скити или Сколоти. Јазичарите сметаат дека овој термин е тесно повржан со основата на зборот Словени чие име во средниот век другите народи го изговарале со карактеристична согласна група С-К-Л (пр. Лат. Склави, грч. Склавенои, арб. Сакалибе). Покрај Сколотите Херодот северно од нив ги споменува Неурите (Неври), а источно Будините. Можно е и Енетите што живееле на север покрај брегот на Балтичкотот море да биле исто така словенско племе. Тие ја населувале дел од територијата што се смета за прататковина на Словените, а покрај тоа нивното име е многу блиску до името Венети (Венеди), со кое Словените биле именувани во почетокот на новата ера. Така римскиот историчар Плиниј Постариот (1 век н.е) во своето дело „Природознание“ известува дека Венетите живееле на запад од реката Висла. Покрај тоа и Такит (втора половина на 1век и почетокот на 2век од н.е.) ги познава Словените под името Венети. Во својот труд “ Германија „ известува дека тие (Словените) ги населувале териториите околу средна и долна Висла и балтичкото приморје. Западни соседи им биле Германите, северни Финците, а источни Сарматите. Во споменатиот труд Такит дава многу конкретни информации за општествено-политичкото уредување на Словените и нивниот начин на живот. Под името Венети Словените ги именува и познатиот александриски географ Птоломај (2 век.) и познатата Понтин-серова карта (4 век.). Според тоа име и Балтичкото Море било именувано како Венетски Залив. Интересно е да се спомене дека Германците и денес некои од западните Словени ги нарекуваат Венти. Од старите писатели највеќе податоци дава Јордан (6 в.) кој во Венетите ги вбројува Словените и Антите, а притоа ги наведува териториите што тие ги населувале. Според неговите податоци Словение ја населувале територијата на север од Карпатите од Панонија до Днестар, а Антите помеѓу Днестар, Днепар и црноморското крајбрежје. Кога говори за војните што ги воделе Остроготите со Словените во средината на 6 век Јордан ги именува Словените со општото име Венети подвлекувајќи дека тие биле силни благодарение на својата бројност, а веднаш по тоа соопштува дека тие биле познати под имињата Венети, Анти и Словени. Овој податок на Јордан овозможува да се претпостави дека најдоцна до 4-5 век огромната словенска заедница конечно се распаднала на три дела, од кои секој си имал свое име: западните – Венети, источните – Анти и јужните – Словени или Славини. На пространите територии помеѓу Висла, Днепар и Горна Волга каде што се формирала рано словенската етничка маса теренот е рамничарски, обраснат со шуми или покриен со степи, богат со езера, реки и мочуришта. Тие предели имаат нагласено континентална клима со жешки лета и остри зими.
Во својата прататковина Словените го усвоиле земјоделството кое претставувало основна стопанска гранка, а се занимавале и со сточарство, лов и риболов. Споредбената филологија на словенските јазици покажува дека во областа на земјоделството и сточарството имињата на поедини предмети сврзани со овие дејности постојат многу зборови од ист корен. Тоа значи дека Словените се занимавале со споменативе стопански дејности уште додека живееле на своите стари територии. Дека Словените уште пред почетокот на новата ера се занимавале со земјоделство најдобро покажуваат заедничките корени на зборовите: жито, живот; Што би значело дела житото било основно средство за одржување во живот. Заеднички им биле и имињата на разни житарици како на пример: јачмен, пченица, просо и др. Покрај тоа Словените знаеле и за некои видови овошје од средноевропското продрачје (јаболко, орев, круша и др.) што растело по нивните жуми. Покрај земјоделството, важна стопанска гранка кај Словените било и сточарството кое главно зависело од природно-географскте услови на територијата што ја населувале. Познато е дека старите Словени знаеле за домашните животни : говедото, кравата, овцата и најверојатно кучето. Од живината ги познавале кокошката и гуската. Важни стопански гранки биле и риболовот и пчеларството. Од рибите знаеле за : сомот, пастрмката и др, а од медот го приготвувале својот омилен пијалак медовина. Ловот исто претставувал една од поважните стопански гранки, впрочем за неговиот развиток постоеле многу поволни услови. Нивната татковина била богата со непрегледни шуми во кои живеел разновиден дивеч и ѕверови. Словените ги познавале и најпримитивните форми на некои занаети. Знаеле за преработка на дрво, за грнчарството, за кожарството, а и правеле некои предмети за домашна употреба. Живееле во примитивни живеалишта. Куќите им биле направени од дрво или од прачки облепени со глина-кал. Во рамничарските предели правеле земјанки, кои со еден дел биле вкопани во земјата. Интересно е да се напомене дека живеалиштата имале повеќе излези што претставувало мерка на предпазливост во случај на ненадеен напад. Живеалиштата најчесто биле подигнувани покрај вода (реки и езера), како поради заштита од надворешни напади така и поради бавењето со риболов.
Верувањата на Словените
Старите Словени живееле во родови, односно родовски општини составени од поголеми фамилии. Верувале во многу богови. На прво место го почитувале богот на молњата и громот Перун, чие име е зачувано и до ден денес во топонимијата и во цвеќето Перуника. Важно место во словенскиот пантеон заземале и богот на плодноста Дажбог (Дајбог), потоа заштитникот на стадата Волос (Велес), божицата на убавината Лада, богот на злото Чрнбог (Црнбог), богот на доброто Белбог, божицата на смртта Морана и др. Словените верувале и во цела низа натприродни суштества и сили кои стоеле на понизок ранк од боговите. Верувале дека реките, езерата, шумите и планините имале свои заштитнички нинфи или вили, а исто така и врколаци и вампири. Ова верување се задржало доста долго речиси кај сите словенски народи за што говорат бројни приказни. Како и другите народи Словените не можеле да се помират со фактот дека со смртта престанува животот, па затоа почнале да веруваат во задгробен живот. Притоа заедно со мртвите често биле закопувани нивните најдраги предмети, а понекаде со смртта на домаќинот на куќата била убивана и неговата жена. Најголем број од Словените немале свештеници, ниту пак храмови посветени на своите божества. Обредите се вршеле на места однапред определени за таа намена.
Првите контакти со Византија и почеток на преселбите Во современата византолошка наука преовладува ставот дека првите контакти на словенските племиња со Источното Римско Царство се случиле најдоцна во средината на VI век, уште во времето на царот Јустинијан I (527–565). Главната фаза на нивното населување во југоисточна Европа започнала само неколку години по неговата смрт. Словенските племиња доаѓале од север; теоријата на Хајнрих Кунстман според која Балканот бил нивна првобитна татковина од каде што подоцна се преселиле на север е отфрлена. Првите организирани групи јужни Словени стигнале до различни точки на дунавската граница околу 574 година. Првиот поголем бран се движел под воена и политичка доминација на Аварите, кои во 582 година ги зазеле Сирмиум (Сремска Митровица), Сингидунум (Белград) и Виминациум (Костолац).
За драматичната ситуација во Сирмиум, кој бил главен град на префектурата Илирик, сведочи краток молитвен текст врежан на покривна ќерамида за време на опсадата: „Господи, помогни му на градот и спречи го Аварот и заштити ја Романија и писарот. Амин.“ Овој врежан натпис на народен јазик јасно покажува дека современиците ја перципирале водечката улога на Аварите, иако Словените веројатно се движеле заедно со нив. Една од причините за потчинетоста на Словените кон Аварите лежела во нивната политичка организација, која Прокопиј ја опишал како demokratia – отсуство на единствен владетел, што го отежнувало координираниот воен отпор.
Конечно населување на Словените на Балканот
По падот на Сирмиум Византија ги префрлила административните центри јужно, а култот на војничкиот светец Димитриј бил преместен од Сирмиум во Солун. Двете рани збирки на „Чудата на Свети Димитриј“ (напишани пред 620 и по 680 година) претставуваат исклучително важни извори за раната историја на Словените на Балканот. Тие опишуваат како одредени племиња, откако се одделиле од Аварите, се населиле во непосредна близина на Солун, додека други продолжиле кон Тесалија и Епир. Околу 615 година група племиња предводена од Хацон дигнала буна, опустошила соседните провинции и, според преувеличените тврдења на изворите, „цела“ Грција, островите и дури западни делови од Мала Азија, а потоа го опседнала Солун заедно со Аварите во текот на 33 дена. Во првите две децении на VII век овие племиња веќе биле релативно независни од далечниот аварски центар во Панонија, иако сè уште ја признавале неговата политичка превласт. По тешкиот пораз на Аварите пред Константинопол во 626 година нивниот престиж на исток значително опаднал, што им овозможило на Словените да продолжат со продирањето кон југ – во јужен Епир, Македонија, Тесалија и дури до јужните делови на Пелопонез.
Во некои области староседелското население било истиснато со сила, но во централна и јужна Албанија, Македонија и Грција отпорот бил слаб. Тоа се објаснува со слабата византиска воена присутност во внатрешноста на полуостровот (армиите биле концентрирани главно на источните брегови и на островите) и со сериозниот демографски пад предизвикан од јустинијановата чума, која во повеќе бранови ги зафатила источните средоземни области од 541 година па сè до средината на VIII век.
Наводи
Користена литература „Историја народа Југославије“ т.I, Београд, 1953. Антојак С., Панов Б.: „Средновековна Македонија“. Т. 1 и 3, Скопје, 1985. Fine J.V.A.: „The Early Medieval Balkans“, Ann Arbor, 1983. P.M. Barford, „The Early Slavs: Culture and Society in Early Medieval Eastern Europe“, British Museum Press, London 2001.
Категорија:Јужни Словени