300px|мини|Поглед кон седиштето на НБРМ во Скопје, Македонија Банкарски систем на Македонија — збир од финансиски институции и правни прописи (регулатива) преку кои се извршуваат и уредуваат банкарските активности во Македонија. Банкарскиот систем претставува дел од целокупниот финансиски систем на Македонија. Него го сочинуваат Народна банка на Република Македонија, комерцијалните банки, штедилниците и Фондот за осигурување депозити, како и законите и подзаконските акти од областа на банкарството.

Историски развој на банкарството во Македонија

Развојот на банкарството во Македонија до Првата светска војна

Досегашните сознанија за развојот на банкарството на територијата на Македонија датираат од античко време. Во времето на владеењето на Филип Втори (359-336 г.п.н.е) во Македонија бил установен солиден паричен систем и била воведена златна македонска монета - стартер, која и според својата материјална и според својата функционална вредност се смета за една од повредните монети од тоа време.

Со доѓањето на Римјаните на територијата на Македонија, одделни градови во Македонија имале право да коваат пари. Стоби, како главен град на една провинција бил еден од попознатите македонски градови со своја ковачница каде биле ковани монети од 12 римски императори. Друга поважна одлика од овој период е и давањето заеми со заложување на недвижности и скапоцености. Како најголем заемодавец се јавува црквата.

Третата поважна одлика е и развојот на лихварството, особено во градовите во Македонија, кое посебен замав добива за време на турското владеење. Феудалните односи во Македонија за време на турското владеење во сферата на банкарството го носеле печатот на спецификите во верската традиција. Имено, според учењето на исламот, за муслиманите се смета недостојно да се занимаваат со банкарски (посебно лихварски) работи. Затоа овие работи биле препуштени да ги вршат луѓе од други вероисповести. Во Македонија најмногу со банкарски работи се занимавале евреите, кои помасовно почнале да доаѓаат од западноевропските земји, како резултат на прогонувањето оттаму. Во тоа време во повеќе градови во Македонија се формирале еврејски општини. Преку трговијата, особено преку организирањето панаѓури во поголемите градови, успеало да навлезе паричното стопанисување.

Реформата на финансискиот и паричниот систем што е направена во Tурција во 1856 година претставува пресвртница во развојот на банкарството. За населението од Македонија се овозможува да се занимава со трговски работи. Како резултат на тие покрупни финансиски реформи, доаѓа и до формирање на првите банки, во вистинска смисла на зборот.

Првата банка во Отоманското Царство - Цариградската банка е основана во 1847 година под раководство на банкари од Франција и Италија, а нејзиното основање е во врска со тешката финансиска положба на империјата. Во 1856 година била основана и Цариградската отоманска банка, со седиште во Лондон и одделение во Цариград. Подоцна таа добила статус на емисиона централна банка на Турција. Исто така Цариградската отоманска банка станала официјална државна банка не само во однос на внатрешните финансии, туку и како официјален претставник на турската држава во финансиските односи со странство. Цриградската отоманска банка отворила филијали во Солун, во Скопје, Битола, Сер и Кавала.

Во 1988 година турската влада ја основала земјоделската Зиратна банка со седиште во Цариград. Зиратната банка одобрувала кредити само на земјоделците. Во 1903 година, Зиратната банка на територијата на Македонија отворила филијала во Солун, Битола и во Скопје и уште 24 испостави во останатите места, кои функционирале до 1912 година.

Во 1888 година се формирала Солунската банка со капитал од банки од Франција, Австрија и од Солунската фирма на браќата Алатини. Оваа банка подоцна отвора филијали во повеќе гсрадови во Македонија. По Младо-турската револуција, кога, покрај од другите земји, филијали на банки од Србија се отвораат најнапред во Солун, а потоа и во Скопје. По втората половина на XIX век, на територијата на Македонија, покрај постоењето на странски банки, или нивни филијали почнале да се јавуваат и домашни банки.

Попознати банкари од македонско потекло биле: Велешката филијала – Мошови, Битолската филијала – Данабаши, Робевци, браќата Кондови од Прилеп, Димитар Крастаја од Крушево и др.

Повеќето од овие трговско-банкарски куќи имале силен авторитет. Тие одржувале деловни врски не само со банки на територијата на Отоманското Царство, туку и со банки од западноевропските земји.

При крајот на XIX и во почетокот на XX век за основање на банка било потребно, покрај поголем паричен капитал и одобрение од турската влада, домашните трговци и занаетчии својот скромен капитал почнале да го здружуваат и да формираат кредитни институции кои според својата организациона форма биле нешто меѓу заемно помагателна каса и акционерско друштво. Такво било, на пример кредитното здружение Љубов основано во Скопје од трговци и занаетчии кои се занимавале со преработка и продажба на памук.

Многу позната е кредитната установа Грозд основана како вистинско акционерско друштво од страна наскопските меанџии, која се занимавала со давање на хипотекарникредити и со есконтни работи. За нејзината јачина и бонитет зборува фактот дека и било дозволено да врши peecконтирање на вредносни хартии кај Отоманската банка. Bo тоа време (првата деценија од овој век) речиси секој еснаф имал основано парична институција која се занимавала со штедно-кредитни и есконтни работи. Така, на пример, кредитната институција на бакалите се нарекувала Напредок, на шивчите Терзии, на земјоделците Рало и слично.

Во 1911 година, во Скопје било основано акционерското друштво Соединение кое извршувало депозитни, кредитни и комисиони работи. Вредно е да се одбележи и улогата на Македонската револуционерна организација во уредувањето на финансиските и банкарските работи во Македонија, која се јавува како заштитник на населението од преголема експлоатација што ја вршеле лихварите и банкарите кои наплатувале лихва дури и 100% од дадениот заем. Населението било советувано да не дава повеќе од 20%, а доколку некој лихвар бара повеќе се инсистирало да се известат четите за да преземат соодветни мерки.

За време на Илинденското востание бил распишан доброволен заем од страна на привремената влада. Зачуваните документи што се наоѓаат во Музејот во Крушево имаат голема историска вредност. На расписката на обврзницата е напишано: сумата ќе биде вратена по ослободувањето од страна на признателната татковина.

Ќе споменеме уште два документа кои имаат историска вредност, a се поврзани со финансиите и банкарството. Првиот е Уставот изработен од Извршниот комитет на Македонската лига веднаш по Берлинскиот конгрес, каде во член 69 пишува:

за регулирање на паричните трансакции во Солун се основа Народна банка како државна институција без право на акционерство која има свои филијали по окружните центри на државата. Народната банка, со оглед на статусот на Македонија во рамките на Отоманското Царство, по пат на спогодба со Цариградската банка ќе ги регулира капиталните фондови во согласност со државните потреби на Автономна држава Македонија.

Балканските војни, посебно Втората, претставуваат црна точка во историјата на македонскиот народ. Ако со Првата балканска војна се симна јаремот од петвековното турско ропство, со Втората на Македонија и се наметна ново ропство. Етничкиот и економскиот ентитет на Македонија насилно се раздели на три дела и тоа предизвика ненадоместливи загуби на национален, политички и економски план.

Од овој момент ќе зборуваме за развојот на банкарството само на оној дел од Македонија што денеска ја опфаќа територијата на Република Македонија. Co потпаѓањето на овој дел од Македонија под ново ропство престанале да постојат филијалите на две турски банки во Скопје и Битола. Филијалите на Отоманската банка ги презема една француско-српска банка која отворила свои подружници во овие градови. Активата на Зиратната банка, исто така, ја презела Србија, која подоцна била приклучена кон Управата на фондовите. Притоа, во Скопје и Битола, биле отворени филијали на Народната банка на Кралството Србија. Во овие два града биле формирани и две банки - Скопска трговска банка и Битолска банка, како акционерски друштва.

Поделбата на Македонија на три дела и приклучувањето кон три држави влијаеше многу негативно врз развојот на банкарството, поточно доведе до негово замирање и уназадување, додека целосна Македонија како една целина под Османлиското Царство со својата географска положба, како крстосница, беше погодна за развојот на трговијата, a со тоа и на банкарството. Co поделбата, сите три дела станаа периферии на државите кон кои се приклучија. На тој начин замре трговијата, воопшто стопанскиот живот, a со тоа и банкарството.

Банките во Македонија меѓу двете светски војни

Вардарскиот дел од Македонија кој беше приклучен кон Кралството на СХС, стана најнеразвиениот дел во државата. Во рамките на Кралството на СХС постоеја државни, полудржавни и приватни банки.

Народната банка на Кралството на СХС, како централна банка, имала своја филијала најпрво во Скопје, а потоа и во Битола. Филијалата во Скопје главно се занимавала со менично кредитирање, со доделување ломбардни кредити во износ од 60% од задолжените државни вредносни хартии, со доделување кредити по жиро-сметки, како и со краткорочно кредитирање на државата.

Во поглед на сопственоста, Народната банка на Кралството на СХС на почетокот била акционерска, подоцна се зголемувал влогот на државата, за на крај, во 1941 година да биде целосно национализирана.

Втора по значење банка била Државната хипотекарна банка која имала своја филијала во Скопје и агенција во Битола. Оваа банка имала јавно-правен карактер. Основни извори на средства биле јавните фондови и другите фондови кои своите средства ги имале депонирано кај оваа банка. Таа одобрувала хипотекарни, ломбардни и есконтни кредити.

Друга поголема финансиска институција од јавно-правен карактер што работела на територијата на Македонија била Филијалата на Поштенската штедилница од Белград.

За населението било особено привлечно да штеди во Поштенската штедилница од повеќе причини: за штедните влогови гарантирала државата; штедните влогови кај Поштенската штедилница биле ослободени од данок, или се плаќало данок но по многу ниска стапка; било дозволено и малолетни лица да отворат штедни книшки; и слични бенефиции.

Најголемиот број приватни банки на територијата на Македонија меѓу двете светски војни биле формирани во периодот од 1918 до 1923 година. Од околу 23 приватни банки на теритотријата на Македеонија, како позначајни што може да се издвојат се: Трговската индустриска банка Вардар; Скопската извозна банка; Банката Стара Србија.

Банкарскиот систем во Македонија меѓу двете светски војни се одликува и со постоење на задружeни кредитни установи. На територијата на Македонија задружeните аграрни кредитни установи ја немале улогата за унапредување на земјоделството, како во другите делови од Југославија, туку целите им биле политички, да го олеснат колонизирањето на Македонија со српско население, со цел да се измени етничкиот состав на населението.

Во периодот на фашистичка окупација (1941-1944 година) на денешната територија на Република Македонија, фашистичките окупатори го укинале динарот како законско средство за плаќање и го вовеле бугарскиот лев, односно албанскиот лек. Бугарија во градовите на Македонија што ги држела под окупација отворила филијали на Бугарската народна банка. Биле отворени филијали и на Бугарската земјоделска и кооперативна банка кои биле познати како „популарни банки“. Исто така, во поголемите градови на Македонија биле отворени и други банки, како што се, на пример, Германско-бугарската банка во Скопје, Банката на бугарскиот кредит во Битола и Скопје и Бугарската пестовна банка во Скопје.

Додека на територијата окупирана од Италија, квислиншката влада на Албанија отворила филијали на Албанската народна банка.