Електронски пари (англиски: e-money, e-cash) или дигитални пари (англиски: digital cash) претставуваат синоним за разнородна група електронски средства кои ги извршуваат традиционалните функции на парите, т.е. служат како средство за плаќање и како средство за чување на вредноста. Електронските пари ги вклучуваат: парите кои се наоѓаат на сметките во интернет-банките или на сметките поврзани со интернет-банкарството (сметките од кои може да се плаќа преку интернет), кредитните картички, паметните картички, картичките со претплата итн. Електронските пари постојат само во електронска форма, на пример, зачувани на магнетна лента, како електронски запис во дискот на компјутерот или во чипот на картичката.Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, стр. 345.

Дефиниции на електронските пари Во литературата и во националните и меѓународни законодавства може да се сретнат различни дефиниции на електронските пари. На пример, според една дефиниција, електронски пари претставуваат каков било електронски медиум – материјал, уред или систем со кој плаќањето се извршува со помош на пренос на електромагнетно складирани информации.Connel Fullenkamp and Saleh M. Nsouli, „Six Puzzles in Electronic Money and Banking“, International Monetary Fund, 2004. Вака поставената дефиниција за електронските пари подразбира дека и кредитните картички се своевиден облик на електронски пари. Со ваквото плаќање се исклучува анонимноста, во плаќањето нужно мора да се вклучат сметката на купувачот и сметката на трговецот. Ваквата дефиниција не прави разлика помеѓу поимот „електронски пари“ и електронските начини за доставување на безготовински платни инструменти, бидејќи е нејасно дали електромагнетните информации кои се трансферираат се даден номинален износ на пари или налог со кој жиралните пари треба да се префрлат од сметката на купувачот на сметката на трговецот.

Повеќето автори од САД поимот „електронски пари“ го разгледувале во рамките на системите за електронски пренос на средствата (EFT – Electronic fund transfer). Така што со примена на некоја електронска метода (банкомати, POS терминали, телефон, домашно банкарство) можат да се вршат плаќања од едно лице на друго или најразлични трансфери на средства помеѓу депозитните сметки на едно лице. Уште повеќе, во оваа дефиниција се вклопува и првиот телеграфски трансфер на пари извршен од страна на „Western Union“ во втората половина на 19 век, кој може да се смета за првиот пример на електронски пари, независно што станува збор за аналоген електронски метод, а не за дигитален електронски метод.

Во САД, конечното дефинирање на електронските пари, во смисла на сурогат на парите, е направено со Законот за изедначување на дејностите од областа на парични услуги на национално ниво – Uniform Money Service Act, донесен во 2001 година. Со него се дефинираат поимот и условите под кои се обавува дејноста од областа на парични услуги (Money Service Business – MSB). Даден нефинансиски ентитет се смета дека врши MSB дејност, доколку ги нуди следниве финансиски услуги: трансмисија на пари (пренос на парични средства и вршење на плаќања); продажба на платни инструменти (патнички чекови, складирана вредност); и размена на чекови за готовина и менувачки работи. Притоа, во оовј закон за првпат биле дефинирани поимите „монетарна вредност“ и „складирана вредност“ (stored value), т. е. монетарна вредност која постои во форма на електронски запис. Во Законот е оставена флексибилност во поглед на оценката од страна на надлежните институции кога даден издавач на билатерална вредност со тек на време прераснува во издавач на монетарна вредност. Така, поимот „монетарна вредност“ станува многу поуниверзален од поимите „пари“ и „електронски пари“, со оглед на фактот дека електронските пари се една посебна форма на монетарна вредност – складирана вредност. Во вака поставената дефиниција за складираната вредност нејасно е во чии посед се наоѓа уредот во кој се води записот за складираната вредност. Согласно Законот, постојат две алтернативи: уредот да се наоѓа во сопственост на корисникот или тој да се наоѓа кај издавачот. Во вториот случај, трговецот нема податоци за тоа кој му плаќа, но затоа издавачот на располага целосно со податоците за направената трансакција.

Европската Унија (ЕУ), особено Европската централна банка (ЕЦБ) ги има анализирано, проучувано и дефинирано електронските пари уште во 1998 година. Според ЕЦБ, под поимот „електронски пари“ се подразбира електронски складирана монетарна вредност на уред кој е широко прифатен како средство за плаќање и може да се користи за плаќања кон трета страна различна од издавачот на уредот, без да има потребаво процесот на плаќањето да се користат банкарски сметки туку истото при плаќањето се користи како претплатнички (pre paid) инструмент на доносителот.ECB, Glossary (пристапено на 18.4.2012) Оваа дефиниција е прифатена и од страна на НБРМ, така што сите носители на платниот промет во Македонија, согласно Упатството за доставување податоци за платниот промет (Службен весник на РМ бр. 38/04) мораат да доставуваат податоци и за употребата на картичките со функција на електронски пари.НБРМ, „Упатство за доставување податоци за платен промет“ (пристапено на 18.4.2012) Во ЕУ, сепак постои суштинска разлика помеѓу дефиницијата на ЕЦБ и директиватаDIRECTIVE 2000/46/EC OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 18 September 2000 on the taking up, pursuit of and prudential supervision of the business of electronic money institutions од страна на Европскиот парламент и Европскиот совет, која претставува законска рамка за работењето со електронските пари во ЕУ. Според директивата, под електронски пари се подразбира монетарната вредност изразена онака како што е декларирана од страна на издавачот и која е:DIRECTIVE 2000/4/EC Article 1 – Scope, definitions and restriction of activities (пристапено на 20.4.2012) Складирана на електронски уред Издадена со прием на средства на износ не помал од износот на монетарната вредност која е издадена, и Прифатлива е како средство за плаќање кон трети страни различни од издавачот. Дефиницијата на ЕЦБ за електронските пари е целосно поставена како сурогат на готовите пари особено во поглед на некористењето на банкарски сметки од каде што произлегува и целосната анонимност на плаќачот во поглед на направените трансакции, додека дефиницијата дадена според 2000/46/EC го испушта фактот дали во процесот на плаќањето се вклучени сметките на плаќачот и примачот на средства. Под електронски пари се подразбираат и случаите кога монетарната вредност на сопственикот е складирана на уред кој е во сопственост на издавачот при што, евиденцијата за монетарната вредност која е во сопственост на корисникот се води преку корисничка сметка. Ваквата сметка не претствавува банкарска сметка и монетарната вредност во сопственост на корисникот не претставува паричен депозит. Со оглед на фактот дека тој на својата сметка располага со складирана вредност, а не со пари, и таа не може да биде прифатена како универзално средство за плаќање туку единствено може да се користи во мрежата на издавачот.

Одлики на електронските пари Електронските пари се најголемото технолошко достигнување во развојот на електронското банкарство. Тие претставуваат замена за хартиените пари и како такви може да се користат за плаќање на производи и услуги преку интернет, или во деловната активност на банкарските мрежи (на пример, SWIFT).K. Iwai, „Evolution of money“, Paper presented at the Workshop on Evolution and Economics, Certosa di Pontignano, Siena, 1997. Електронските пари бележат брз подем и може да се претпостави дека со текот на времето нивното значење само ќе се зголемува. Сепак, не се остварија првичните предвидувања дека тие ќе предизвикаат исчезнување на книжните пари, кои дури и во развиените земји претставуваат најчесто користено средство за плаќање, особено за малите плаќања.Горан Петревски, Управување со банките - второ издание. Скопје: Економски факултет, стр. 346.

Електронските пари се издаваат од некоја банка или друга финансиска институција. За таа цел, корисникот прво депонира пари во банката и за вредноста на депонираните пари добива електронски пари. Електронските пари имаат броеви кои се уникатни (како и сериските броеви на хартиените пари). Потоа, користејќи соодветни кориснички програми може да се повлечат електронските пари и да се постават на локалниот компјутер. Вака означените дигитални пари може да се користат за купување одредени производи (притоа, продавницата од каде се купуваат производите мора да прифаќа електронски пари, односно треба да постои одредена инфраструктура). Трговецот кој ги добил електронските пари може подоцна повторно да ги употреби за некоја трансакција или да ги размени во хартиени пари во банката која работи со електронски пари.B. J. Cohen, The Future of Money. Princeton: Princeton University Press, 2004.

Една од најважните одлики при користење на електронските пари е тоа што при нивната употреба не се разменуваат информации за купувачот (исто како и при користење на хартиените пари). Со тоа се зголемува сигурноста при трансакциите. Оваа одлика кај електронските пари претставува и клучна разлика помеѓу нив и кредитните и дебитните картички. Исто така, електронските пари може да се користат повторно, односно оној кој ги примил може да ги користи за некоја друга трансакција.European Central Bank, Report on electronic money. European Central Bank, 1998.

Видови електронски пари Во принцип, постојат два различни типа e-пари: идентификувани е-пари (identified e-money) анонимни е-пари (anonymous e-money). Идентификуваните е-пари содржат информации за идентитетот на корисникот (односно, лицето кое првично ги зелo парите од банката). Идентификацијата овозможува банката да ги следи парите што се движат низ економијата, на сличен начин како и при користењето на кредитните картички.

Анонимните е-пари работат на сличен принцип како и вистинските хартиени пари. Откако анонимните е-пари ќе се повлечат од сметката, тие може да бидат потрошени без можност за нивно следење, односно следење на трансакциите во кои учествуваат. Анонимните е-пари се проверуваат само кога трговецот ќе ги депoнира во банка за да ги претвори во вистински хартиени пари. Притоа, банката може да го идентификува само сопственикот на е-парите, односно лицето на кого банката првично му ги издала парите.

Според една друга поделба, двата основни вида на електронски пари се: Електронска готовина (Е-готовина, digital cash, cyber cash, e-cash) Електронски чек (E-Cheque) Е-готовина Е-готовината (E-Cash) ги има сличните особини како и готовите (книжни и ковани) пари, а тоа се следните: Универзално прифаќање Прифатена е за плаќање од правни и физички лица Купувачот при употребата останува анонимен Верификацијата за автентичноста на банкнотите лесно се врши при самото купување Не е потребна сметка во банка Пренослива е меѓу физички и правни лица Корисниците не мора да бидат деловно способни (на пр. полнолетни) Високи трошоци за производството и дистрибуцијата Непрактични се за носење во поголеми количини Непогодни се за плаќање во мали износи (микроплаќања) На располагање се само одреден број на номинации Подложни се на кражба Може да се фалсификуваат Постојат поцеќе валути, а претворањето е поврзана со одредени трошоци.

Совршената Е-готовина би требало да ги има следните особини:Tatsuaki Okamoto and Kazuo Ohta, „Universal Electronic Cash“, Advances In Cryptology - CRYPTO '91. Мора да биде овозможено едноставно претворање на вистинската готовина во е-готовина и обратно, Мора да се оневозможи фалсификување и плаќање двапати со иста е-банкнота Купувачот мора да остане анонимен, Мора да биде овозможена off-line проверка на автентичноста, Мора да биде овозможен пренос без авторизација на трета страна (банка), Мора да биде употреблива без сметка в банка Мора да се обезбеди раситнување во саканите износи.