Кредити на населението (англиски: household credits, household loans) претставуваат финансиски средства кои банките и другите финансиски институции им ги позајмуваат на поединците и домаќинствата. Овие кредити се јавуваат во различни видови и се наменети за финансирање на тековната потрошувачка, за купување трајни потрошни добра, како и за домување. Во основа, овие кредити може да се поделат во две групи: потрошувачки кредити (consumer loans) и станбени кредити (mortgages).
Потрошувачки кредити Потрошувачките кредити им служат на поединците и домаќинствата за финансирање на тековната потрошувачка и за купување трајни потрошни добра. Тие ги опфаќаат сите кредити одобрени на населението, освен станбените кредити. Потрошувачките кредити можат да се групираат на различни начини: според намената, начинот на отплата, рочноста, валутата итн. Така, банките одобруваат денарски кредити, кредити со валутна клаузула и девизни кредити. Понатаму, некои кредити се со рок на достасување до една година, а други се долгорочни. Од гледна точка на отплатата на кредитите, разликуваме кредити кои се отплаќаат наеднаш и кредити со отплата во периодични рати (ануитети).Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148.
Обновливи кредити Во групата на обновливи потрошувачки кредити (revolving consumer loans) спаѓаат кредитите врз основа на кредитни картички (credit cards), дозволените пречекорувања на тековните сметки (overdrafts) и други видови кредити. Кај овие кредити, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, која постојано се продолжува. Со други зборови, клиентот има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. На тој начин, овие кредити всушност немаат утврден рок на достасување, зашто постојано се продолжуваат. Во зависност од начинот на отплата на кредитот, тие може да се јават како кредити кои се исплаќаат наеднаш или кредити со отплата на рати. Имено, потрошувачите имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Од друга страна, потрошувачите самостојно одлучуваат кога и колку ќе позајмуваат, при што плаќаат камата само на искористениот кредит. Токму поради овие одлики, обновливите кредити се многу популарни и сите банки, независно од големината или од стратегијата, си конкурираат на овој пазар.
Наменски потрошувачки кредити Наменските потрошувачки кредити се одобруваат преку трговските претпријатија со кои банките имаат склучено договор и тие се наменети за купување одредени производи во продавниците (бела техника, видео и аудио техника, мебел, накит, облека итн.). Притоа, износот на кредитот може да биде мал (на пример, околу 10 000 денари), но исто така, овие кредити се одобруваат и на поголеми износи, кои се движат до околу 300 000 денари. Инаку, корисникот на кредитот воопшто не ги добива парите, туку кредитот се одобрува така што банката ги префрла парите на сметката на продавачот. Во однос на рочноста, потрошувачките кредити кои гласат на помали износи обично имаат и помал рок на достасување (на пример, од шест месеци до една година), додека за купување поскапи производи, банките одобруваат кредити и со рок до пет-шест години. Истовремено, кредитите со помала рочност се со постојана каматна стапка, додека долгорочните кредити се одобруваат со променлива каматна стапка. Покрај каматната стапка, банките наплатуваат и различни надоместоци, како што се: манипулативен трошок за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата итн., кои се движат од 1,5% па сè до 5% од износот на кредитот.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150.
Ненаменски потрошувачки кредити Банките одобруваат потрошувачки кредити кои немаат однапред определена намена. Овие кредити се исплаќаат во готово, или пак, банката ги префрла парите на сметката на клиентот, кој потоа може да ги употреби парите за која било цел. Понудата на ненаменски потрошувачки кредити е богата, т.е. банките нудат кредити со различни износи, рокови на достасување и други услови на кредитирање, со цел да ги задоволат потребите на потрошувачите. Така, овие кредите гласат на износи што започнуваат од 10 до 15 илјади денари, па сè до противвредност од неколку илјади евра. Рокот на достасувањето на ненаменските потрошувачки кредити може да достигне дури и до пет или седум години, а отплатата се врши во еднакви месечни рати. Вообичаено, банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои зависат од рочноста, видот на обезбедувањето и од тоа дали се работи за денари или девизи. Покрај тоа, кредитите се оптоварени и со бројни провизии и надоместоци, коишто се движат од 0,5% до 5% од износот на кредитот.
Автомобилски кредити Автомобилските кредити (automobile loans) се одобруваат за купување нови или стари автомобили, мотори и теренски возила. При одобрувањето на кредитот, банката му ги исплаќа парите на продавачот на автомобилот, а отплатата се врши во еднакви месечни ануитети. Автомобилските кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити, при што најчесто тие се обезбдени со залог на моторното возило кое се купува (заедно со полиса за каско-осигурување, винкулирана во полза на банката). Исто така, како обезбедување на овие кредити можат да послужат и следниве инструменти: меница, административна забрана на платата, еден или двајца жиранти, денарски или девизен депозит или хипотека на недвижен имот. На автомобилските кредити банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои значително се разликуваат во зависност од висината на учеството, валутата на кредитот и видот на обезбедувањето. На автомобилските кредити банките наплаќаат и различни трошоци, како што се: провизија за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата, нотарски трошок, премија за осигурување, интеркаларна камата итн.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151. Во Македонија, во 2012 година, кај банките и друштвата за лизинг биле заложени 3.576 автомобили, со вредност од 79,8 милиони евра; во 2013 година, бројот на заложените автомобили изнесувал 3.435, со вредност од 259,8 милиони евра, додека во првите десет месеци на 2014 година биле заложени 2.730 автомобили чија вредност изнесувала 126 милиони евра.„Со стар автомобил може да си купите и хипотека“, Дневник, година XVIII, број 5613, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 8-9.
Станбени кредити Банките одобруваат станбени кредити (mortgage loans) за следниве намени: купување стан или куќа, купување куќа со земјиште, реновирање стан или куќа, градба, доградба и надградба на куќа итн. Исто така, банките одобруваат кредити и за рефинансирање на станбен кредит, земен од друга банка. Од гледна точка на достасувањето, станбените кредити претставуваат долгорочни кредити, со рочност која се движи од 5 до 30 години. Понатаму, тие спаѓаат и во групата на обезбедени кредити, и тоа кредити обезбедени со недвижен имот (хипотекарни кредити). Најпосле, набљудувано од аспект на начинот на отплата, станбените кредити спаѓаат во групата на кредити што се отплаќаат на рати.
Во светот, одобрувањето станбени кредити претставува традиционална активност на банките, која зазема голем дел од кредитното портфолио. Имајќи го предвид големото значење на домувањето, развиените земји преземаат различни мерки за поттикнување на станбените кредити. На пример, вообичаена практика е каматата што луѓето ја плаќаат на станбените кредити да се одбие од основата за плаќање на данокот на личен доход. Исто така, постојат државни или квазидржавни институции коишто ги гарантираат и ги осигуруваат станбените кредити. Понатаму, во овие земји има развиен секундарен пазар на станбени кредити, каде што банките создаваат пакети од кредити и издаваат хартии од вредност кои им ги продаваат на инвеститорите. Секундарниот пазар на станбени кредити е многу важен затоа што ја зголемува нивната ликвидност, а исто така, го решава и проблемот на нерамнотежата меѓу долгите рокови на достасување на овие кредити со покусите рокови на изворите од кои се финансираат.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 153-154.
Кредитирање на населението во Македонија Кредитирањето на населението претставува понова појава во македонското банкарство. Имено, долго време овие кредити речиси воопшто не постоеја, но почнувајќи од 2003 година, тие бележат исклучително високи стапки на растеж – појава која е забележана во сите земји во транзиција. Поголемиот интерес на банките за кредитирање на населението се должи на тоа што овие кредити вообичаено носат високи стапки на принос, а освен тоа, кај нив е поголема можноста за диверзификација на ризикот на кредитното портфолио. Како последица на брзиот кредитен растеж, на крајот на 2010 година, учеството на кредитите на населението во вкупните кредити изнесуваше 38,5%, за разлика од 2003 година, кога овие кредити учествуваа само со 20,8% во вкупните банкарски кредити. Сепак, наспроти горните показатели, треба да се забележи дека кредитирањето на населението во Македонија, мерено во однос на БДП, сè уште е прилично пониско во споредба со развиените земји. Така, на крајот на 2010 година, вкупните кредити одобрени на населението изнесуваа 18,7% од македонскиот БДП, додека овој показател во ЕУ изнесуваш околу 70%.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 146-147. Како последица на тоа, во поново време се забележува јасен тренд на зголемување на задолженоста на населението: на пример, на крајот на 2010 година, односот меѓу вкупниот долг и расположливиот доход на населението изнесуваше 24%, т.е. двојно повеќе во споредба со 2005 година.Извештај за финансиската стабилност во Македонија во 2010 година, Скопје: Народна банка на Македонија, јуни 2011, стр. 18.
Што се однесува до рочната структура на кредитите на населението, треба да се забележи дека доминираат долгорочните кредити, т.е. кредитите со рок на достасување над една година. Така, во 2001 година, долгорочните кредити учествуваа со речиси 60% во бруто-кредитите на населението, додека 30% отпаѓаа на кусорочните кредити. Подоцна дојде до натамошно зголемување на учеството на долгорочните кредити, кое на крајот од 2010 година достигна дури 83% (а 7,4% отпаѓаа на кусорочните кредити). За разлика од кредитирањето на претпријатијата, кое најчесто опфаќа одобрување девизни кредити или кредити со валутна клаузула, кај кредитите на населението учеството на денарските кредити е многу повисоко. Така, на крајот на 2010 година, дури 55% од кредитите отпаѓаат на денарски кредити, 38% се кредити со валутна клаузула, а само 7% се девизни кредити. Ваквата валутна структура на кредитите на населението произлегува од карактерот на кредитите. Имено, само кредитите со подолги рокови на достасување (станбените и автомобилските кредити) содржат девизна компонента, додека кредитите на кредитни картички, кредитите на тековна сметка и најголем дел од потрошувачките кредити се денарски, а овие категории имаат најголемо учество во вкупните кредити на населението.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 147.