Веселинка Малинска (Куманово, 4 јануари 1917 — Скопје, 12 ноември 1987) — македонска комунистка, учесничка во НОВ и вршител на политички функции по ослободувањето. Носител е на Партизанска споменица 1941.

Животопис

Како член на СКОЈ (1933) и секретар на скоевски актив (1934), била уапсена (јануари-февруари 1936) и спроведена во истражниот затвор во Скопје и во Ада Циганлија (Белград). Ја завршила Трговската академија во Ниш. Како член на КПЈ (1936) и студент на Високата економско-комерцијална школа во Загреб, била истакнат активист во кумановското студентско друштво (во летото 1937) и била избрана за член на МК на КПЈ во Куманово. Подоцна студирала во Белград (1939), каде што била секретар на Месниот одбор на Народната помош (1940-1941).По Априлската војна била главната курирска врска на Покраинскиот комитет на КПЈ за Србија и ЦК на КПЈ со Белградскиот партизански одред и со партиските организации во Србија. Во отсуство била осудена на смрт (април 1942). Потоа се вратила во Македонија (мај 1942) и била секретар на Месниот комитетна КПЈ во Скопје и уредник на неговото гласило „Весник“. Наскоро заминала како борец во Вториот скопски партизански одред (октомври 1942 — јануари 1943), а потоа се илегализирала кај јатаци на Скопска Црна Гора, од каде што заминала (20 мај 1943) на планината Караорман за секретар на Агитпроп при Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Била кандидат за член на ЦК на КПМ (1943-1945), избран делегат на АВНОЈ, член на Главниот одбор на НОФ, одговорен уредник на списанието „Илинденски пат“ (од април 1944), делегат и втор секретар на работното Претседателство на Првото заседание на АСНОМ, референт на Поверенството за информации (од 14 август 1944) и уредник на списанието „Македонка“ (од ноември 1944). По Ослободувањето била секретар на Главниот одбор на АФЖ за Македонија (од 15 декември 1944), ја завршила Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград, била главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, директор на Радио Скопје (од 1 април 1952 до 25 ноември 1961), претседател на Здружението на новинарите на Македонија, потпретседател на Главниот одбор на ССРНМ, член на Извршниот совет на Собранието на СРМ (од 1963 и 1965 година), републички и сојузен пратеник, член на Претседателството на ЦК на СКМ, претседател на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и член на Претседателството на СРМ.Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том 2, стр. 906.

Статии

30 години од победата над фашизмот и од ослободувањето на југословенските народи — статија напишана од Веселинка Малинска во списанието Историја бр. 1, година XI (1975)

Наводи

Литература

Biographical Dictionary of Women's Movements and Feminisms

Надворешни врски

„Македонка“ – првото женско списание во Македонија Ивана Хаџиевска, историчарка и истражувач: Какво е значењето на „Македонка“ – првото женско списание во Македонија The first women’s magazine in Macedonia: Makedonka, organ of the Antifascist Women’s Front англиски Сама во ноќта – Сеќавање на Веселинка Малинска

Категорија:Македонски комунисти Категорија:Македонски партизани Категорија:Македонски новинари Категорија:Делегати на Првото заседание на АСНОМ Категорија:Носители на Партизанска споменица од 1941 Категорија:Луѓе од Куманово Категорија:Починати во Скопје Категорија:Родени во 1917 година Категорија:Починати во 1987 година Категорија:Делегати на Второто заседание на АСНОМ Категорија:Членови на уставотворното собрание на Народна Република Македонија