Тресонче — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Мала Река. Селото се наоѓа на Тресонечка Река, која извира во близина на селото.
Географија и местоположба
300п|мини|лево|Дел од селото и неговата околина
До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Патот до селото Тресонче се двои од овој пат и освен до него, води и до селата Росоки и Селце. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар.
Од северната страна Тресонче е заградено со врвовите Брзовец и Пешкопеја, од исток со Шкрка (Дајдовец) и од југ со ридовите кои почнуваат со Думостол и завршуваат со карпата Соколица. На југ од Тресонче се наоѓа селото Лазарополе.
Климата во долината на Тресонечка Река е континентална, а на високите места планинска, односно алпска, која се одликува со големи врнежи снег.
Историја
300п|мини|десно|Старото училиште во селото
Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година, и нешто подоцна во Тахрир дефтер бр. 4 од 1474 – 1476 година, каде се наведува како дервенџиско село. Првите зачувани записи за селото потекнуваат откако на територијата на Македонија се зацврстила отоманската империја. Веројатноста и пред тоа да постоело селото се доста големи, но поради борбите што во тоа време се воделе на Бистра меѓу Османлиите и нивните противници придонело времено раселување на населението од регионот на Радика. Според проучувањата, се смета дека во далечното минато регионот на Мала Река ја населувале сточари - Власи, кои живееле во привремени летни колиби и ги користеле богатите пасишта на Бистра. Според наодите на српскиот научник и етнолог, Јован Цвииќ, кој работел во почетокот на XX век, со доаѓањето на словенските племиња на тој простор, Власите се словенизирале.
Освен тоа, Тресонче, заедно со другите села во областа, важи за дел од област населена со Мијаци, а за значењето на зборот „Мијак“ прв писмено толкување дал галичанецот Ѓорѓија Пулевски (1817 — 1893). Тој во неговата книга „Славјано - маќедонска општа историја“ објаснува дека „думата МИЈАК означава - бистар ум, хора бистроумни и оште Мијаци = Македонци...“. Потеклото на Мијаците Пулевски го поврзува со античките Македонци и смета дека „Мијаците биле гвардејци на Александар Македонски, а Брсјаците биле неговата брза армија“.
Според првичните записи во 1467 година во Тресонче имало три христијански куќи. Раскажувањата на старите и пронајдените записи во турските дефтери сведочат дека во Тресонче низ вековите имало и до 300 куќи.
Првото училиште во селото е изградено во 1852 година, но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Илинденски период
Во илинденскиот период Тресонче го носело тајното име Назарет, додека Лазарополе го викале Ерусалим, а Галичник Миродита.
Од територијата на Тресонче се одржувала врската со областа Копачка, Кичево, Дебар и Галичник. Во селото имало организирано и центар за собирање лекови, облека и храна. Сето тоа било скриено во некоја пештера, најверојатно во месноста „Дужина дупка“, далеку над Тресонче. Во оваа дејност како надлежен во обласниот комитет на Организацијата особено се истакнувал некој Јован Јуруков со помошниците Мино П. Брадиноски, Динго П. Цветковски, Гаврило Дингов, како и курирот Јован К. Терзиев. Од базата за снабдување само на 4 август 1903 година биле префрлени 18 товари разна стока и санитетски материјал.
За време на балканските војни во 1912 и 1913 година судбината на тресончани била тие да им служат и на бугарската и на српската војска.
Првата светска војна селото ја дочекало со мобилизација на мажите во редот на српската војска. Познато е дека дел од нив учествувале и во одлучувачките битки на Балканот. Така, Петре Блажевски од семејството Рунтевци учествувал во битките на планината Кајмакчалан при пробивот на Солунскиот фронт, а Јосиф Михајловиќ (кој подоцна станал еден од најзначајните градоначалници на Скопје) бил и дел од српската војска која преку Албанија се повлекувала во Грција.
Српската окупација
По 1912 година Тресонче, како и цела вардарска Македонија паднале под власт на Србија. Таа есен малореканскиот крај бил ослободен од Турците така што по повлекувањето на многувековната турска административно-воена управа, дошла српската војска, со што старата отоманска, се заменила со нова, српска окупација. Таа со мал прекин ќе трае до почетокот на Втората светска војна. Во 1914 година била воспоставена новата гранична линија меѓу новата држава Албанија и Кралството Србија, а воените одредби што биле донесени за "новоослободените земји" со сета своја острина се спроведувале и во малореканските краеви. Овој реон бил разделен на две општини. Една општина биле селата Гари и Осој, а селата Тресонче, Селце и Росоки, биле другата општина.
Влегувањето на бугарската војска во Мала Река
300п|мини|десно|Спомен-чешма посветена на загинатите Тресончани во НОБ
Во половината на ноември 1915 година делови од бугарската војска се приближиле кон Тресонче и кон останатите села од малореканскиот крај. Се случиле судири со албанските војски во околината на Гостивар и на Дебар, но задржувањето на бугарската војска било невозможно. Одредот на српската војска кај селата Лазарополе и Тресонче, кој тука се наоѓал уште од крајот на балканските војни, бил разбиен и на 20 ноември 1915 година се повлекол од тој крај. Следниот ден на 21 ноември во селата влегле бугарските војници. Истиот ден Бугарите влегле и во Галичник. Со тоа се воспоставила бугарска окупациска власт која траела до 1918 година, по што повторно се вратила српската окупациска власт, овојпат во лицето на новата држава на Србите, Хрватите и Словенците (СХС).
Бугарите формирале полициски станици, службеници и администрација, како и еден воен гарнизон во Галичник. Во селата биле формирани општински управи на чие чело биле поставувани месни жители. Во Тресонче за прв кмет, т.е. претседател на општината бил поставен Косто Тодоров, а негови заменици биле селечанецот Никола Самарџиев, потоа росочанецот Филип Алексиев, а за нивни заменици биле одредени Нестор Илиев и Спиро Аврамов. По нив, нов кмет станал Динго Цветков (Тресонче), а помошници Рафе Јанев (Селце) и Васил Тодоров (Росоки). Сите тие примале плата од 50 до 100 лева.
Во исто време бугарската држава започнала и мобилизација на селаните за потребите на бугарската војска која тогаш се наоѓала во виорот на Првата светска војна. Запишано е дека во првата половина на 1916 година Тресонче имало 969 жители, а од нив 81 кои биле на возраст од 18 до 60 години биле мобилизирани.
Но, тоа траело до завршувањето на Првата светска војна. Оттогаш Тресонче повторно го запоседнале српските власти.
Во Втората светска војна во селото влегле Италијанците и балистите. Животот станал многу тежок зашто замрела секаква стопанска активност во целиот малорекански регион. По почетокот на оружените партизански дејствија против новите окупатори, кон нив се приклучиле и повеќе жители на Тресонче. Некои од нив ги загубиле и животите. Следуваат нивните имиња, како и имињата на селани од Росоки и Селце кои исто така загинале во борбите со балистите и Италијанците и Германците: Васе Стаматовски, Милан Блажевски, Ефрем Несторовски, Самоил Тодоровски, Крсте Крстевски, Анѓеле Доневски, Гале Стаматовски, Русе Јаневски, Арсо Арсовски, Трене Треневски, Андо Смилевски, Миле Кржаловски, Кузман Кржаловски, Павле Бојковски, Тане Јаневски, Милош Јаневски и Ило Китановски. Нивните имиња се врежани во спомен чешмата што на сред село во Тресонче беше построена на Петровден во 1988 година. По ова, голем број од жителите почнале да го напуштаат селото.
Задругата
По завршувањето на војната и доаѓањето на КПЈ на власт во новосоздадената Социјалистичка Федеративна Република Југославија, бегалците почнале да се враќаат назад, а почнала и првата политичка акција за формирање земјоделска задруга. Таа била формирана на 28 февруари 1947 година, а веќе во март следната година задругата почнала да произведува компири. Задругата го носела името „Обнова“, а во неа членувале 50-60 семејства од Тресонче, Селце и Росоки. Од 1947 до 1949 година задругата се преименувала во „Лазар Колишевски“, а од 1954 година името „Брзовец“, односно сè до спојувањето со задругата во Лазарополе во 1964 година, кога работите почнале да одат удолу. Покрај компирите, задругата започнала и со сосема мал број овци. Се раскажува дека биле собрани вкупно 60 овци, но набргу почнале да се купуваат крави и свињи, а во 1949 година бил изграден и комбинат за преработка на млеко. Сепак, тие напори биле само бледа сенка на старото Тресонче кога по неговите планини се белееле до над 100.000 овци. Задругарите почнале да го прават и патот, почнувајќи од месноста „под Осој“ до Тресонче, на кој работеле сите задругари.
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Во 1949 година во Тресонче дошле и се населиле и 30-40 семејства, бегалци од Егејска Македонија, каде била во тек граѓанската војна. Во Селце и Росоки се населиле 15-20 семејства или вкупно имало околу 80 семејства од тој дел на Македонија. Бегалците биле мајстори за земјоделство, а за нивните потреби во Кадиевци биле изградени и неколку камени куќи чии темели сè уште постојат. Се садел тутун, се собирале лековити билки како гороцвеќе, кантарион, бутинец, бабјаци, чај и сл. Но, доселениците од Егејска Македонија се отселиле од овие три села по само една година.
Прв претседател на задругата бил Јосиф Саржовски, од нејзиното основање до 1954, кога на негово место дошол Саржо Несторовски од Селце. Тој останал претседател на задругата до 1964 година, односно до спојувањето со Лазарополе.
За неполни 17 години жителите на Тресонче, Селце и Росоки, во 1950 година се здобиле со електрична струја, во Тресонче била изградена хидроцентрала, чија карабина и денеска постои во месноста Горна Воденица, стадото овци достигнало 8.000 грла, имало над 20 коњи, над 100 крави и свињи, над 260 сандаци со пчели, биле направени разбои за ткаење килими кај месноста „Света Петка“, биле подигнати овоштарници, ораници и сл.
Најнов период
За жал и покрај првичните добри резултати на задругата, жителите од Тресонче почнале да се иселуваат, заминувајќи најчесто во Скопје. Основната причина за тоа била политиката што се водела од централната власт, односно поради настојувањето задругите да се окрупнуваат и спојуваат, не водејќи сметка за економската оправданост за тоа или за природните услови.
Тресонче, Росоки и Селце во деведесеттите добија асфалтен пат од Бошков мост, а се проби и прошири патот Селце - Галичник.
Војната во Македонија во текот на 2001 година Тресонче ја мина без поголеми проблеми. Не беа регистрирани упади на вооружени албански групи, иако нивно движење беше забележано во месноста Јама и над селото Горно Косоврасти.
Во текот на 2003 и 2004 година неколку семејства, претежно пензионери, решија да почнат да живеат во Тресонче во текот на целата година, а беше започнат и проект за снабдување на сите маала со вода од изворите кај Алилица, неколкупати беше отворана и затворана продавница, за Петровден се вратија зурлите и топаните, се препокрија и конзервираа црквите „Свети Петар и Павле“ и „Свети Никола“, но економските проблеми продолжуваат да ги мачат жителите.
Потекло на името
На западната страна на селото, пред самиот влез и во непосредна близина на храмот Свети Петар и Павле се наоѓа и црквата Свети Никола. Според преданијата и сеќавањата на старите луѓе, овој православен храм е изграден врз три латински гробови или светилишта, односно врз „тре санче“. На околу еден километар од Тресонче надолу по истоимената река се наоѓа месноста Света Петка каде исто така има едно мало црквиче посветено на таа светителка.