Здуње — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.
Денес, старото село Здуње е потопено со вештачката акумулација Козјак. На жителите им биле изградени куќи над линијата на водата на новото езеро.
Топонимија
мини|300п|лево|Дел од селото, од патот Нова Брезница-Кула преку резерватот „Јасен“
Топонимите или називите на месностите во атарот на село Здуње како и во околината на самото село се од словенско потекло. Топонимите во зависност од коренот на своето потекло можеме да ги поделиме на неколку видови.
Патроними Патронимите се називи на места кои го добиле своето име по лични имиња, односно личности кои ги поседувале тие места или пак подолго време престојувале, живееле во тие места. Името Оча (се мисли на реката) претставува изведенка од личните имиња: Оливер, Јован или Вангел и за првпат се појавува во XIV век. Во долината на река Оча постои месност Коломот што е двосложенка од личното име Колон кое се јавува во XV век и зборот “мост“ што би значело Колонов мост за премин преку Оча, но со текот на времето го добило сегашното име.
Северно од село Здуње се издига малиот рид Куклојца, а името на овој рид потекнува од личното име Куко + ло и се јавува во XIV век. Во западното подножје на Куклојца на десниот брег на реката Треска се простира месноста Бојќевци кој назив е двосложенка, а првата компонента е Бојо или Бојко и датира од XIV век. На оддалеченост од 3,5 км јужно од Здуње се наоѓа месноста Цуцул кој назив е двосложенка од личното име Цуце(е)+ул и потекнува од XVI век. Во атарот на село Здуње други називи на месности кои се добиени по лични имиња се следниве: Певци, Белково, Деспотов рид, Ѓуролоква, Драганов дол, Кочолоква, Кочов рид, Дојчино трло, Ѓурчолоква, Ѓуроска нива, Петреа нива, Иванче, Живкој рупи, Стојоа шија, Атанасица, Цегарев камен, Еѓуптина, Тодоропевче, Парасов дол, Митронивиче, Булуноец, Стојмиркино нивче, Брајанова нива, Бојо трло.
Хидроними Хидронимите се имиња на месности кои означуваат дека во тие места има вода. Во атарот на село Здуње хидроними се следниве топоними: Здунска вода, Бунари, Кочолоква, Ѓуролоква, Ѓурчолоква, Чешма, Извор, Вирој.
Фитоними Фитоними се имиња на месности кои водат потекло по растенија, односно од билниот свет. Како што се: Горна Круша, Дрен, Лозје, Смрека, Пикиски лозје, Смоквино ѓубре, Папрадница, Капина, Боров дол, Церов дол, Ливади, Липојца, Кофилница.
Зооними Зооними се називи кои потекнуваат од животинскиот свет и тоа се следните: Мачин дол, Лисец, Јареница, Козарник, Шиљегарник, Гоедин дол, Пупунец, Грличица, Јастребец, Соколица и Оролака.
Имиња на места по светци, манастири, цркви, свештени лица или култни места Во атарот на село Здуње постојат месности кои јасно укажуваат дека во тие места се наоѓале сакрални објекти, култни места или пак престојувале свештени лица или се сместени гробишта. Такви топоними се: Манастириште, Мала црква, Црква, Црковни дол, Црковни шии, Црквиште, Света Недела и Поповјани.
Имиња на места по населби и објекти Имиња на месности во кои во минатото се наоѓале населби или градби се: Градец, Подградец, Старо село, Племниште, Стар мос, Мост, Воденица.
Места во кои се одвивала некоја дејност Имиња на места во кои се одвивала некаква стопанска активност се: Пералиште, Слај Брот, Навијалка, Гумниште, Гуменешник.
Имиња на места по составот на почвата и конфигурацијата на теренот Во атарот на село Здуње имиња на месности кои водат потекло по составот на почвата и конфигурацијата на теренот се: Лоишта, Пореди, Подец, Голем Осој, Присој, Големо Подиште, Голема Пеш, Гноиште, Парожник, Песка, Беленица, Теме, Ќуле, Длабоки дол, Широки дол, Јара Чука, Веља Преслоп, Кршени камења, Крастаец, Гарушица, Лутоец, Лутешница, Долно Црнато, Горно Црнато, Мала Чука, Голема Чука, Пустош, Подиште, Засечиште, Бигор, Криви дол, Бигринец, Влак Суварец, Грлце, Клин, Меѓугребен, Тапани, Добри дол, Црн врв, Лом, Требеници, Наздуф, Голема нива, Јалојдолци, Садојца, Огради, Космотов рид, Голина, Босна лака, Шоко лака, Поле, Штрбина, Солишта, Мелца, Плештеец.
Топоними од митолошко потекло Топоним од митолошко потекло е Вражја воденица, додека називи на места на кои не може јасно да се одреди нивното значење се: Потпетрушка и Глобарница.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Новоизградените куќи во селото
Населбата се наоѓа во областа Порече, во најсеверниот на територијата на Општина Македонски Брод. Селото е сместено на алувијална рамнина, непосредно до реката Треска. Нејзиниот атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Брвеница. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 520 метри.
Атарот е мошне голем и зафаќа површина од 69,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.571,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 153,8 хектари, а на обработливото земјиште 141,1 хектар.
Селото се наоѓа во средниот дел на долината на река Треска во северниот дел на областа Порече на висока карпеста подлога која се надвиснува на околу 100 метри над левиот брег на реката во месноста „Наздув“, која терасесто се спушта на југ кон Здунско Поле.
Од западната страна се протега масивот на Сува Гора со највисоката точка Голина (1.546 м.), а над селото е ридот „Теме“ со врвот „Ќуле“ (658 м.). На североисточната периферија се издига ридот Градец (545 м.), а од источната страна Космотов Рид и Белково. Од северната и јужна страна е отворен простор.
Населението во село Здуње е распоредено во неколку маала: Шарковци, Грубановци, Белчевци и Мечкаровци.
Сообраќај
Покрај селото Здуње на десниот брег на Треска поминува патната комуникација М.Брод-Здуње која под ридот Градец се дели на три делници. Едната делница се искачува угоре по долината на планинската рекичка Оча и преку Капина и преслапот Кула избива кај селото Нова Брезница и по Патишка Река кон Скопско. Вториот крак од овој патен правец продолжува по клисурата на Треска и преку подножјето на планината Осој (Ивање) оди преку Матка за Скопје. Од оваа делница еден пат преку ридот Брикул (Лукојца) излегува во Полог кај селото Групчин. Третата делница преку мостот на треска се враќа кон селото Здуње и преку Мачин дол–Горна Круша се искачува на ридот Голина (1546 м) и преку Сува Гора се спушта во Полог кај селото Блаце. Од селото Здуње планински пат води над селото Близанско преку планината Фојник кон селата на Горно Порече.
Хидрографски и почвени услови
Самиот топоним „Наздуф“ јасно зборува дека селото Здуње е изложено на северни ветрови. Климата се одликува со жешки лета и со умерени, но магловити зими. По текот на Треска се чувствува влијанието на климата од Егејот.
Покрај селото Здуње тече реката Треска. На оддалеченост од 600 метри североисточно од Здуње, во јужното подножје на ридот Градец во Треска се влева реката Оча. Горе во селото нема вода за пиење и задоволување на домашните потреби. Населението со вода се снабдува од два извора. Првиот извор е „Шаркоски извор“ и се наоѓа на левиот брег на Треска на 300 метри источно од маалото Шарковци. Вториот извор се наоѓа во месноста „Воденица“ во меѓуречието на Оча и Треска. Во атарот на село Здуње во месноста „Манастириште“ се наоѓа изворот на „Здунска вода“, а исто така на 1,5 км северно од селото во месноста „Еѓуптина“ на левиот брег на Треска има извор на вода.
Историја
мини|300п|десно|Изложени предмети од наоѓалиштето Градиште
Во историските документи селото Здуње за првпат се среќава во правните документи – грамоти од бугарскиот цар Константин Тих Асен и од српскиот крал Милутин.
Константиновата грамота датира од 1258 година, а е издадена за Виргинскиот манастир во која се потврдуваат и прошируваат имотите од претходните владетели подарени на манастирот.
Во Милутиновата грамота од 1300 година во целост се потврдуваат и прошируваат имотите на манастирот „Св. Ѓорѓи“ од Скопје. Во членовите 37 и 38 се вели дека на селото Здуње му се одзема селото Градечница, но како противвредност му се подарува посебен метох, Света Недела и се проширува синорот на село Здуње, дури до Калуѓерец и до рибникот во с. Белица.
Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) со 20 семејства и 4 неженети, сите христијани.Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.236
Во век, Здуње било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Стопанство
Селото има полјоделско-сточарска функција.
Обработливите површини се сместени покрај реките Треска и Оча, на јужната периферија на селото е Здунско Поле, потоа во месноста „Даброец“ и по благите падини на околните ридови.
Население
Во прегледот на населението за Битолскиот Санџак за 1897 година селото Здуње брои 34 куќи со 287 жители.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Здуње имало 260 жители, сите Македонци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Здуње имало 320 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Здуње се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот Санџак со 40 куќи.
Во пописот извршен од српските власти во 1914 година Здуње брои 295 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.
Од Здуње грото од населението се иселило. Така, во 1961 година селото броело 533 жители, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 23 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, во селото Здуње имало 20 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.
Родови
Сите жители се по националност Македонци од средновековното племе Брсјаци. На сите маала односно на сите куќи во селото домашни слави им се: Петровден и Воведение Богородичино (Пречиста). Петровден воедно е и црковна слава на црквата „Св. Петар и Павле“ во село Здуње. Празникот Пречиста се слави и втората вечер на самиот ден.
Маалото Шарковци е сместено на југозападниот крај на селото кон селската црква на мала оддалеченост од останатите маала. Во ова маало околу 1800 година се населува семејството на Богдан од селото Горно Фалише, денес опустошено село кое било сместено во атарот на селото Стенче во Полог. Богдан со своите четири сина: Јован, Костадин, Ване и Јанкула поради големите зулуми што му ги направиле Турците бил принуден да се исели од селото Горно Фалише и се населил во селото Букурци во долината на реката Треска, кое исто така денес е опустошено село, а се наоѓало во месноста „гургуровски лаки“. Меѓутоа и во селото Букурци, Богдановото семејство не се задржало многу долго поради номадскиот начин на сточарење и се населува во село Црешнево, а од таму конечно се населува во селото Здуње каде и останува да живее во маалото Шарковци. Затоа се вели дека и потеклото на сите жители од Здуње кои се од маалото Шарковци се лица кои се сточари.
Маалото Грубановци како најголемо маало е сместено на 200 метри северно од Шарковци и со другите маала прави една целина. Името на ова маало потекнува од личното име Гроубан кое се јавува во век. Од ова маало голем број на семејства се населиле во соседното село Близанско. Маалото Грубановци е составено од следниве родови: Милевци, Анѓелковци, Атанасовци, Таневци, Гуровци, Симјановци, Анаќиовци и Змејковци.
Маалото Белчевци го зазема средишниот дел од селото и води потекло од личното име Бел кое се јавува во век. Маалото Белчевци го сочинуваат следниве семејства: Лазаровци, Блажевци, Здравевци, Тримчевци и Миленковци.