Сушица — село во Општина Ново Село, во областа Струмичко Поле, во околината на градот Струмица.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Влезот во селото со планината Огражден
Самото негово име укажува дека водата за пиење отсекогаш претставувала насушен проблем за неговите жители. Самиот топоним Сушица, според народното предание, означува „суво место“ или без вода. Водата во минатото за сушичани била скапоцена и света, па затоа и малата огражденска река која минува низ селото ја нарекле Пресветица.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа на југоисточниот дел на Струмичкото Поле, недалеку од патот Струмица-Ново Село. Селото е сместено во западниот дел на подрачјето на Општина Ново Село. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 250 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 23 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од магистралниот пат А4 изминувајќи го селото Секирник.
Селото се наоѓа во подножјето на планината Огражден. Околу него, како во круг, се подредени селата Секирник, Штука, Иловица, Барбарево, Ново Село и Зубово.
Реката Пресветица, сега се вика Сушичка или Селска Река го дели селото на два дела, а вода има до јуни, бидејќи во летните месеци реката пресушува. Пред изградбата на хидросистемот за наводнување на Струмичкото Поле, обработливите површини во атарот на селото Сушица не можеле да се наводнуваат. Но, со изградбата на хидромелиоративните ситеми како и на деталната каналска мрежа, селото доживеало ренесанса, бидејќи водата од хидросистемот ги направило побогати.
Историја
Во средниот век, пред доаѓањето на Османлиите на Балканот, во Сушица живеело македонско население. Тогаш селото било мало. Кога Средновековна Македонија потпаднала под власта на Србите, како и во многу други краишта на Македонија, така и во струмичкиот крај српските феудалци (за задужбина) им подарувале имоти на светогорските манастири. Така, средновековниот српски феудалец Хрељо (Хреља), на Хилендарскиот манастир му подарил пасишта на планината Огражден, како и селата Секирник, Штука и некои други села заедно со имотите. Подоцна на овој манастир му е подарена и Сушица.
Со потпаѓањето на Македонија под власта на Османлиите, во Сушица се населило муслиманско население односно настанала инвазија на нови жители од Ориентот, главно Јуруци и Коњари во целата Струмичка Котлина. Староседелците односно месното македонско население, не можејќи да го издржи притисокот на колонистите од Анадолија, карактеристични по својот фанатизам, се иселило од селото. Така, селото Сушица во еден период од турското ропство, станало чисто турско населено место. Јуруците дошле пеш во Струмичката Котлина, заедно со семејствата, добитокот и покуќнината. Од анадолските предели тие навлегле во Тракија, а од таму по стратешкиот пат што водел преку градовите Драма, Сер и Петрич навлегле во Струмичката Котлина.
Новодојдените жители го измениле ликот на селото. Тоа добило ориенталска физиономија. Со напливот на колонистите од малоазиските предели, селото осетно се зголемило. Подоцна станало и чифлиг на богатите бегови. Во селото се промениле неколку чифликсајбии. Селото за време на османлискиот период било поделено на две маала – на Чифлиг и на Турско Маало. Главно занимање на населението било сточарството и било познато по богатиот сточен фонд. Имало многу овци кои паселе по пространите и обилни огражденски пасишта.
Од народното предание се дознава дека во селото имало и бегов конак. Имало и џамија, која се наоѓала во центарот на селото и од која денес е останато единствено нејзиното минаре. Ајдутинот Костадин Бансколијата, кој имал своја вооружена чета, во втората половина на XIX век присилил еден чифликсајбија да им го продаде својот имот на селаните, главно, македонски христијани.
По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 23,7 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.015 хектари, на пасиштата отпаѓаат 961 хектар, додека на шумите 258 хектари.
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција. Во минатото во селото работела земјоделска задруга и има услужни објекти.
Анадолците со доселувањето во овој крај го пренеле биволот како запрежен добиток, а од земјоделските култури ги пренеле: памукот, сусамот, афионот, оризот и бостанот. Во текот на владеењето на Османлиите на Балканот, во струмичкиот регион од Америка бил пренесен и тутунот. Турската власт, инаку, го помагала развојот на сточарството во селата, ги стимулирала сточарите да одгледуваат повеќе добиток, бидејќи коњите им биле потребни за воени цели – за потребите на спахиската коњаница, а овците ги одгледувале за исхрана на војниците и на градското население. А во тоа време во Сушица било мошне развиено сточарството. На дофат биле и пространите пасишта на планината Огражден.
Население
Во почетокот на XX век, селото било со мешано население. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 година, Зушица е наведено како село со 60 домаќинства со 162 жители Македонци и 70 Турци.„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 186-187.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сушица живееле 1.300 жители, од кои 1.140 биле Македонци а 160 биле Турци.Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 161.
Селото било под влијание на Цариградската патријаршија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 784 Македонци, патријаршистиD.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905. рр. 106-107 и функционирало грчко училиште.
Според етнографската карта на Струмичката Каза од 1912 година во почетокот на XX век селото било големо и во него повеќе живеело македонско население – три четвртини од населението биле Македонци, а само една четвртина биле Турци. По Првата балканска војна, Турците масовно се иселиле во Турција, а на нивно место дошле нови жители – Македонци од ридско-планинското село Барбарево и некои други селски населби од пасивните краишта на Огражден. По завршувањето на Втората балканска војна во Сушица се населиле и бегалци од околината на градовите Кукуш и Костур од Егејска Македонија.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци и 200 Турци.
Селото е големо, коешто во 1961 година броело 1.659 жители, од кои 1.619 биле Македонци, а 29 жители Турци. Во 1994 година бројот се зголемил на 1.813 жители, македонско население. Пописот од 1961 година бележи дека 99 луѓе биле родени во друга држава (Грција).
Според пописот од 2002 година, селото Сушица броело 1.811 жители, од кои 1.808 Македонци, 2 Срби и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 936 жители, од кои 848 Македонци, 1 Албанец и 87 лица без податоци.
Општествени установи
ПУ „Мануш Турновски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Мануш Турновски“ - Ново Село, изградено во 1948 година Дом на културата Здравствена амбуланта Ветеринарна станица
Самоуправа и политика
Во век, Сушица било село во Струмичката Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Ново Село, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Ново Село.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Ново Село во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ново Село, во која покрај селото Сушица, се наоѓале и селата Бадолен, Барбарево, Бајково, Дражево, Зубово, Ново Коњарево, Ново Село, Смолари, Старо Коњарево и Стиник. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Ново Село во која влегувале селата Зубово, Ново Село и Сушица.
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 1788 и 1789 според Државната изборна комисија, сместени во основното училиште и домот на културата.
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.638 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.651 гласач1.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Искрово — населба и некропола од доцноантичко време; и Козарник — населба од доцноантичко време.
Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква; Црква „Св. Богородица“ — манастирска црква; Црква „Св. Троица“ — манастирска црква; и Црква „Св. Софија“ — помала селска црква.
Манастири Сушички манастир — мал манастир надвор од селото.
Џамии Џамија — поранешна џамија во селото, од која денес е зачувано само минарето.
Редовни настани
Редовен настан во селото Сушица е селската Смотра. Исто така, секоја година за празникот Ѓурѓовден, кој е исто така и селски празник, има традиционална трка со коњи, луѓе и фудбал.
Личности
Родени во или по потекло од Сушица Рок Цветков — словенечки каскадер Горан Попов — фудбалер Роберт Попов — фудбалер Сузана Гавазова — турбо-фолк пејачка Катерина Ристова — турбо-фолк пејачка Карин Дусева — глумица
Култура и спорт
Културно-уметничко друштво Никола Јонков Вапцаров ФК Младост, кој се распаднал како клуб во 2008 година под името Нов Милениум.
Галерија
Поврзано Општина Ново Село Струмичко Поле
Наводи
Надворешни врски
Профил на Сушица на општинскиот портал
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Ново Село