Штавица — село во Општина Прилеп, во областа Пелагонија, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на селото
мини|300п|лево|Поглед на селото
Името на селото првпат е забележано како Ставица во турски документи од век (1568 г.). Во истата или слична форма е забележувано и во понатамошниот период. Се поврзува со старословенскиот збор „става“ со значење место каде што се составуваат две води (реки, потоци, долови) и додавката -ица. Подоцнежната форма Штавица е добиена под влијание на образувањето од старословенскиот збор „штав“ со значење штавеј или штавел.
Географија и местоположба
мини|300п|десно|Глетка на Селечка Планина над селото мини|300п|десно|Поглед на селото Штавица
Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Прилепското Поле, во средишниот (до 2004 година краен јужен) дел на Општина Прилеп. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 800 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 18 километри. Штавица е сместено во дното на долот на допирот помеѓу Селечка Планина и отворот кон пространата рамнина на Прилепското Поле, односно Пелагонија.
До селото води локален асфалтиран пат, кој се двои од регионалниот пат 1107, кој води за Мариово преку превојот Слива.
Штавица е потпланинско село, сместено помеѓу селата Чумово на север, Марул на југ и Мало Рувци на запад. Источно од Штавица се издига карпеста падина со оскудна паша. Нивите се во поголем дел прекриени со планински нанос и лежат западно од селото. Водата за пиење се добива од една чешма и неколку кладенци.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Веселец, Ѓавато, Бутиње, Слива, Буков Дел (таму е зачувана букова шума), Турска Планина, Рамна Леска, Горен Врв, Клетовник, Каменица, Метиловка, Среден Рид, Ветрова Воденица, Мекоец, Нерезиње, Црвеница, Смреков Дол, Бојчејча, Заридски Гробишта, Латински Гробишта и Крсто.
Штавица е село од разреден тип. Се разликуваат некои групи на куќи, коишто се наречени по родовите, како што се: Вршковци, Дервишовци, Џаковци и други.
Историја
Месноста Заридски Гробишта се наоѓа јужно од селото на оддалеченост околу 500 метри. На површината на земјата се гледаат надгробни камени плочи и еден крст. Кај овој крст до 1946 година, селаните „шетале со крстови на Духовден“. Жителите зборуваат дека тоа се христијански гробишта останати од некоја постара населба. Таа пропаднала „кога тепала чума“.
Денешната Штавица е основана околу 1780-тите од страна на доселеници. Најнапред се населиле предците на денешните родови кои го слават Св. Мина. Тоа се: Дељовци, Јолевци, Толевци и други. Дошле од областа Тиквеш како еден род, а после нив се населиле предците на останатите селски родови.
Околу 2 километри јужно од Штавица е местото Латински Гробишта. Сега таму се наоѓаат ниви. Се зборува дека на тоа место, биле закопани „бабари кои се испотепале меѓусебно“.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 17,4 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 925 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 708 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.
Малубројното останато население се занимава најмногу со сточарство односно одгледување на овци, а во помала мерка и на крупен добиток како крави и волови, и поледелство односно одгледување на тутун и жита како пченица и јачмен. Исто така некогашните жители кои сѐ уште имаат имоти и обработливо земјиште во селото, се занимаваат со одгледување на тутун.
Пред крајот на турското владеење во Штавица постоеле 4 чифлици. Сопственици биле Салија, Мујазија, Рушит и Рамо, сите прилепски Турци. Чифлиците ја зафаќале половината од селскиот атар. Селаните работеле како момоци на чифлиците, а некои имале и своја земја. Чифлиците пропаднале во 1912 година, со што населението ја купило земјата.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Штавица живееле 322 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 246.
Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Штавица се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 45 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.
Селото Штавица отсекогаш било населено исклучиво со Македонци, а во последните 50 години бележи постојан пад на бројот на своето население. Во 1961 година во Штавица живееле 494 жители, а во 1994 бројот се намалил на 107 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото Штавица броело 84 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 41 жител, од кои 35 Македонци и 6 лица без податоци.
Родови
Штавица е македонско село. Родовите му се доселени.
Според истражувањата од 1955 година, родови во селото се: Доселеници: Бутевци (7 к.), Дељовци (6 к.), Јовевци (6 к.), Толевци (3 к.), Пашовци (2 к.) и Јолевци (2 к.), порано чинеле еден род и се основачи на селото. Нивното потекло е од некое место во Тиквеш и тука дошле со многу овци; Вршковци (14 к.), доселени се од селото Ерековци околу 1790-тите, од каде избегале од Турците. Го знаат следното родословие: Јанкула (жив, 68 години во 1955 г.)-Трајко-Куле-Тоше-Стеван, кој се доселил. Род наречен Вршковци постои и во селото Кален во Мариово. Многу веројатно Вршковци од Штавица имаат поддалечно потекло од селото Кален; Дервишовци (8 к.), Ѓаковци или Богдановци (8 к.) и Малинковци (3 к.), порано чинеле еден род и доселени се однекаде; Мицовци (3 к.), не знаат од каде се доселени; Милевци (5 к.), шетале по многу села. Правото потекло не го знаат; Далиповци (1 к.), доселени се однекаде; Степаноски (1 к.), доселени се од некое околно село и Толе Мачор (1 к.), доселени се пред 1912 година од селото Крушевица во Мариово.
Иселеништво
Постари иселеници има во Мало Рувци (Чакмаковци, 7 к.), Ерековци (Вршковци, 12 к.) и Марул (Стевановци). После Втората светска војна населението претежно се иселувало во градот Прилеп.
Општествени установи
Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Во век, Штавица било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од тогашната помала Општина Прилеп.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Штавица, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Ново Лагово, Прилепец, Старо Лагово и Чумово. Општината Старо Лагово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1439 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 71 гласач. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 77 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Браненица — населба од римското време; Полатица — осамен наоди ― монети од раноантичкото време; Цуцул — осамен наоди ― монети од римското време; и Заридски Гробишта — некропола од непознат период.
Цркви Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, подигната во 1881 година. Филмска црква — црква подигната за снимањето на филмот Прашина.
Реки Штавичка Река — река низ селото.
Редовни настани
мини|300п|десно|Влез во мал Холивуд (Штавица)
Слави Спасовден — главна селска слава.
Култура и спорт
Во селото се имаат снимано филмовите Пред дождот и Прашина на режисерот Милчо Манчевски, поради што пред селото е поставен патоказ каде селото е означено како Мал Холивуд.
Ретко посетуваните штавичани се гордеат дека биле домаќини на филмските глумци, продуценти и статисти во филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
Поврзано Општина Прилеп Пелагонија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Прилепски села Категорија:Села во Општина Прилеп Категорија:Села со слава Спасовден во Македонија