Камен Дол — село во Општина Росоман, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Сретселото

Селото се наоѓа во југозападниот дел на Општина Росоман, во Росоманското Поле, од левата страна на реката Црна, недалеку од патот Градско-Прилеп. Селото е рамничарско и се наоѓа на надморска височина од 260 метри. Од градот Кавадарци е оддалечено 20 километри. Селото се наоѓа во западниот дел на областа Тиквеш, оддалечено 7 километри југозападно од општинскиот центар Росоман. Соседни села се Трстеник на исток, Мрзен Ораовец на запад, Дебриште на југ и Сирково на север.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од А3, додека над селото поминува новоизградениот експресен пат Градско-Дреново пуштен во употреба на 14 јануари 2025 година.

Селото се наоѓа на ниска тераса на левата и присојна страна на реката Орашје, при нејзиниот излез од Клисура. Под селото реката ја затвора долината и го затскрива селото. Во селото се наоѓале кладенците Гулевец и Ораш.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Преслап и Грамаѓе.

Селото има збиен тип.

Историја

Камен Дол е населено уште од римско време за што сведочи населбата во околината на селото.

Селото било основано кога староседелските родови побегнале од месноста Грамаѓе од Црна кон крајот на век и се засолниле покрај „камениот дол“.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 7,2 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 362 хектари, на пасиштата отпаѓаат 359 хектари, а на шумите само 4,5 хектари.

Селото, во основа, има полјоделска функција.

Селаните се занимавале со земјоделство и сточарство. Во отоманскиот период биле чифлигари, работејќи на чифлигот на Синановци од Кавадарци. Делумно се ослободиле од чифлигарството уште во турско време, благодарение на приходите од виновата лоза и сточарството.

Во минатото, под селото постоела железничка станица, како и ан.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Камен Дол живееле 170 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 154.

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Камен Дол имало 80 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 104-105.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци.

Камен Дол е мало село, коешто во 1961 година броело 155, а во 1994 година 110 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, во селото живеел 91 жител, од кои 90 Македонци и 1 Македонски Србин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 69 жители, од кои 65 Македонци, 2 Албанци и 2 лица без податоци.

Родови

Камен Дол е македонско село.

Според истражувањата од почетокот на 1920-тите години, во селото биле застапени следниве родови: Староседелци: Соколовци (3 к.) и Бучуковци (2 к.). Доселеници: Чакревци (1 к.) и Димовци (1 к.), доселени се во XIX век од селото Уланци кај Велес; Чупевци (2 к.), доселени се од селото Ракле кај Прилеп во 1864 година; Раковци (1 к.), доселени се во 1894 од селото Трстеник; Ѓеловци (1 к.), доселени се од селото Гарниково во 1894 година и Ристовци (1 к.), доселени се околу 1894 година од селото Ракле кај Прилеп.

Општествени установи

Подрачното основно училиште „Пере Тошев“, петгодишно основно училиште во мирување во состав на ОУ „Пере Тошев“ - Росоман

Самоуправа и политика

На крајот од XIX век, Камен Дол било село во Тиквешката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Росоман, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Росоман.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Градско.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Росоман, во која покрај селото Камен Дол се наоѓале селата Крушевица, Манастирец, Паликура, Рибарци, Росоман, Сирково и Трстеник. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Сирково, во која влегувале селата Камен Дол, Мрзен Ораовец и Сирково.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 0718 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Мрзен Ораовец.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 69 гласачи. На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 69 гласачи.

Културни и природни знаменитости

мини|300п|десно|Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“

Археолошки наоѓалишта Грамаѓе - населба од римското време.

Цркви Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква.

Редовни настани

Слави Ѓурѓовден — главна селска слава.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Кавадаречки села Категорија:Села во Општина Росоман