Стрезовце (познато и како Стрезовци) — село во Општина Старо Нагоричане, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Воздушен поглед на маалото Велковци, каде се наоѓа старата селска црква „Св. Никола“
Селото се наоѓа во јужниот дел на подрачјето на Општина Старо Нагоричане, на потегот помеѓу реките Петрошница и Крива Река. Селото се наоѓа во близина на патот Куманово-Крива Паланка. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 350 метри, а од градот Куманово е оддалечено 20 километри.
Низ селото поминува регионалниот пат 29277, кој се двои од државниот пат А2.
Стрезовце се наоѓа на ридско земјиште опкружено со долината на Пчиња на запад, долината на Живуша (притока на Крива Река) на југоисток и долината на Петрошница на северозапад (притока на Пчиња). На североисточната страна се наоѓа атарот на соседното Облавце. Водата за пиење доаѓала од бунари и ретки извори.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Гарело, Градиште, Брдо, Стражник, Биволица, Докустово, Голем Рид, Дичина Кула, Крс, Руглица, Селиште, Старо Лозје, Урвиште, Калиште и Вишња.
Стрезовце има разбиен тип, издолжено во насока северозапад-југоисток. Во него има 12 маала, а некои од крајните маала се многу блиску до соседните села. Во маалата живеат луѓе од истите родови и најчесто се именувани по името на тој род. Така се разликуваат Попинско, Деда Илинско, Терзинско, Стевановско и други.
Историја
Градиште е мало возвишение недалеку од денешното Чифличко Маало, каде има темели од ѕидови и згради. На ридот Стражник нема остатоци од старини, а името дошло од тоа дека таму се наоѓала селската стража.
Нема историски податоци кога е основано денешното село, иако најверојатно станува збор за старо село поради зачуваните стари родови. За тие родови нема податоци од каде дошле, како што се Зајци, Стефановци, Терзинци, Шуклинци и Велковци.
Во Стрезовце се наоѓа месноста Селиште, исто така во близина на Чифличко Маало. Народното предание пренесува дека таму некогаш се наоѓале селски куќи. Меѓутоа, мештаните на тие куќи настрадале од колера. И денес може да се најдат темели на некои ѕидови.
Во век, на атарот имало развиено сточарство, при што постоеле бројни сточарски станови, кои со време биле претворени во издвоени маала.
Во селото се наоѓа црквата „Св. Никола“, која била изградена во 1606 година, кога била и живописана. Сепак, истата останала недовршена, а нејзе почнала да ја обновува некоја мештанка Цвета кон крајот на или почетокот на век.
Средишниот дел на селото се наоѓа во Деда Илинско Маало, каде се наоѓале училиштето, задружниот дом, гробиштата и црквата „Св. Никола“. Сепак, во поново време, главниот дел на селото е преместен покрај регионалниот пат 29277 и е речиси споено со селото Војник.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 10,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 568 хектари, додека на пасиштата отпаѓаат 381 хектари, па затоа селото има полјоделско-сточарска функција.
Во минатото, во Чифличкото Маало постоел мал чифлиг, кој припаѓал на Јашар-бег, кој имал чифлиг и во соседното Војник.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Стрезовце живееле 285 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 216.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Стрезовце имало 300 жители, од кои 224 под врховенството на Бугарската егзархија, 64 патријаршисти и 12 Власи.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 128-129.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.
Од Стрезовце се иселил голем број од населението. Така, селото во 1961 година имало 635 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 136 жители, од кои 134 биле Македонци, а двајца жители Власи.
Според пописот од 2002 година, во селото Стрезовце имало 117 жители, од кои 115 Македонци и 2 Срби.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 54 жители, од кои 42 Македонци и 12 лица без податоци.
Родови
Стрезовце е македонско село, со мешано присуство на стари родови и доселеници.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1971 година, родови во селото: Стари родови со непознато потекло: Велковци (10 к.), Стефановци (8 к.), Шуклинци (5 к.), Терзинци (3 к.) и Зајци (2 к.). Доселеници со познато потекло: Шарковчанци (10 к.), доселени се од некое село на Шар Планина; Попинци (5 к.), доселени се од некое село во околината на Ниш, го знаат следното родословие: Славко (жив, 50 години во 1971 г.)-Цветан-Кипријан-Стојан, кој се доселил во селото; Дедо-Илијини (5 к.), доселени се од селото Коњух; Живуша (10 к.) и Дејловчани (5 к.), доселени се од селото Дејловце; Зајачка Дупка (3 к.) и Чифличани (5 к.), доселени се од селото Огут и единствено тие работеле на малиот чифлиг на Јашар-бег. Сите родови се доселени во текот на век.
Иселеништво
Како и од другите села, така и од ова село голем дел од населението се има иселено. Родот Младенови (1 к.) се иселиле во селото Макреш, додека родот Менкини целосно се иселиле во Куманово.
Посилен бран на иселување започнал после 1960 година и водел претежно кон најблиските градови.
Општествени установи
Поранешно основно училиште Поранешен дом на културата Месна заедница
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Стрезовце било село во Кумановската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Старо Нагоричане, една од малкуте општини кои биле малку изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Клечевце.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово, додека во периодот 1955-1962 било во некогашната општина Клечевце, а по распуштањето на Општина Клечевце во 1962 година било дел од Општина Старо Нагоричане.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облавце, во која покрај селото Војник се наоѓале и селата Дренок, Канарево, Макреш, Облавце, Орах, Ругинце и Стрезовце. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облавце, во која влегувале селата Канарево, Макреш, Облавце и Стрезовце.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1154 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Калиште ― градиште од доцноантичкото време.
Цркви Црква „Св. Никола“ ― главна селска црква, изградена во 1606 година, прогласена за културно наследство на Македонија; Црква „Св. Прохор Пчински“ ― понова селска црква; и Црква „Св. Јован Богослов“ ― манастирска црква.
Манастири Стрезовски манастир ― понов манастир во селото.
Параклиси Параклис „Св. Петка“ ― мал параклис во близина на селската црква „Св. Никола“.
Карпи Шуплива карпа ― карпа во близина на селото, која е наречена уште и Прстен на Крале Марко.
Редовни настани
Слави Спасовден — селска слава; и Свети Јован зимски — селска слава.
Личности
Родени во или по потекло од Стрезовце Горазд Европски (1936 - 2020) — митрополит на МПЦ-ОА; и Марјан Димитријевски (р. 1954) — историчар.
Галерија
Наводи
Поврзано Средорек Општина Старо Нагоричане Куманово
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Кумановски села Категорија:Села во Општина Старо Нагоричане