Брчево (познато и како Брчово) — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.
Потекло и значење на името
мини|300п|лево|Сретселото
Името на селото првпат е забележано во турски документи од век (1583 г.). Низ годините се споменува под слични варијанти. Доаѓа од личното име Брче или Брко што пак се поврзува со брк („мустаќ“). Може да е и од Брдчево што се поврзува со деминутивната форма на брдо („брдце“).
Географија и местоположба
Селото се наоѓа речиси во средишниот дел на Струшкото Поле, од десната страна на реката Црн Дрим, а под југозападната падина на планината Караорман. Се наоѓа во средишниот дел на подрачјето на Општина Струга. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 950 метри, а од градот Струга е оддалечено 18 километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2243 кај селото Мислодежда.
Брчево е мало планинско село на самата граница помеѓу Струшко Поле и соседната област Малесија (слив на Збошка Река). Околни села се Мислодежда на исток и Богојци на југ. Во минатото, водата за пиење доаѓала од извори, бунари и водовод. Постојат два помали извори — Ѓумка Млака и Бреталник.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Укрста, Бегоиште, Џамија, Чума-Падина, Орешлики, Стражник, Селиште, Попов Камен, Слонои, Брановски Кошари, Попоа Нива, Калауз, Зад-Кошари, Балтајца и Ливаѓе.
Селото има збиен тип. Не се дели на маала, бидејќи е мало. Роднинските куќи се поблизу една со друга и се групирани.
Историја
мини|300п|десно|Споменик на НОБ на сретселото
Во селото се наоѓа новата црква „Св. Архангел Михаил“, која била подигната до старата трошна црквичка „Св. Варвара“, која била напуштена и во 1969 година била изградена новата црква. Околу двете цркви се наоѓаат селските гробишта. Во новата црква се пренесени иконите од стариот храм, а на една икона е означена 1860 година како дар од родот Маркоски или Мечкароски.
Селото е опкружено со албанските села — Мислодежца и Богојци. Во отоманскиот период, мештаните сметале дека соседните албански села биле повластени. Бидејќи уште оттогаш селата се сметале за непријателски, постарите генерации долго време не комуницирале со овие мештани. Најблиско македонско село е Присовјани во соседната област Малесија, поради што брачните врски се склопувале во самото село.
Над селото во месноста Џамија најпрвин постоел параклис, а денес манастирската црква „Св. Димитриј“.
Во 1967 година во селото бил спроведен водовод од изворот Бретелник.
Во селото постои споменик посветен на загинатите борци во НОБ.
Стопанство
Атарот зафаќа простор од 7,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 366,2 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.
Селото нема значајни природни услови за земјоделство, бидејќи земјиштето е високо и многу сушно, поради што селото уште во минатото еден дел од храната ја купувало.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брчево живееле 300 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 172-173.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Брчево се води како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 42 куќи.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брчево имало 336 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 184-185.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.
Во 1961 година, селото броело 355 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 33 жители, македонско население.
Според пописот од 2002 година, селото броело 9 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.
Родови
Брчево е македонско село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1980 година, родови во селото: Староседелци: Стрезовци (3 к.), Ристевци (6 к.), Павлевци (5 к.), Цуцуловци (3 к.), Крстановци (3 к.), Балтовци (2 к.), Брановци (1 к.), Караџовци (1 к.) и Вељановци (1 к.). Доселеници: Димовци (3 к.), доселени се од Дебарско; Кленковци или Милошевци (1 к.), доселени се од селото Клење, Голо Брдо (денес во Албанија) од овој род има иселеници во голем број и Марковци или Мечкаровци (3 к.), доселени се од раселеното село Глобочица, го знаат следното родословие: Дончо (жив, 67 години во 1980 г.)-Софран-Коте-Нелко-Марко, основачот на родот кој се доселил, Марко имал четири сина, од кои двајца останале во Глобочица, а со другите дошол во денешното село.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле: Староседелци: Стрезовци (6 к.), Павлевци (7 к.) и Брановци или Николовци (5 к.). Николовци се викаат поради призетениот предок кој дошол од селото Модрич во Дримкол. Со непознато потекло: Вељановци (3 к.) и Караџовци (2 к.). Доселеници: Балтовци (4 к.), доселени се од раселеното село Дедено кај Глобочица; Ѓорговци (1 к.), и тие се доселени од истото место како и претходниот род; Ристовци или Цуцуловци (16 к.), доселени се од Косоврасти кај Дебар, поради крв; Крстановци (4 к.), доселени се од некое село во Гора кај Призрен во Косово; Милошовци или Кленковци (2 к.), доселени се од селото Клење во Голо Брдо, Албанија и Мечкаровци или Марковци (4 к.), доселени се од селото Глобочица.
Иселеништво
Брчево цело време давало иселеници. Има иселеници во градовите Струга, Битола и Белград. Селаните кажувале дека Брчево има дадено повеќе иселеници, отколку што има жители во селото. Иселеници има и во некои околни села. Во Ложани се иселени Савевци (1 к.). Во Мороишта се иселени Брчевци (8 к.), а во Мислешево исто така Брчевци (8 к.).
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите: од Стрезовци иселеници има во Белград (шест семејства од 1926 година); од Павлевци иселеници има во Цапари (едно семејство од 1878 година), некое село кај Петрич (едно семејство од 1888 година), Белград (едно семејство од 1945 година) и во Скопје (едно семејство од 1945 година); од Вељановци иселеници има во околината на Бачка (едно семејство од 1926 година) и во Земун (едно семејство од 1939 година); од Караџовци иселеници има во: Белград (три семејства од 1945 година); од Балтовци иселеници има во Скопје (едно семејство од 1945 година); од Ѓорговци иселеници има во: Лерин (едно семејство од 1888 година); од Ристовци иселеници има во: Осиек (две семејства од 1898 година), Загреб (едно семејство од 1898 година) и во Крајова (две семејства од 1900 година) и од Мечкаровци иселеници има во: Софија (едно семејство од 1928 година) и во Белград (две семејства од 1945 година).
Општествени установи
мини|300п|десно|Старото училиште
Поранешно основно училиште, кое порано било осумгодишно и имало 4 учители и околу 60 ученици (само од селото)
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Брчево било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1957 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга, додека во периодот 1955-1957 било во рамките на некогашната општина Велешта.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото Брчево, се наоѓале и селата Богојци, Глобочица, Збажди, Локов, Мислодежда, Поум, Присовјани и ’Ржаново. Во периодот 1950-1952 година, селото Брчево било дел од некогашната општина Мислодежда, во која влегувале селата Богојци, Брчево, Мислодежда и Поум.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1893 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Беговиште — средновековна населба.
Цркви Црква „Св. Варвара“ — стара главна селска црква; Црква „Св. Архангел Михаил“ — нова главна селска црква; Црква „Св. Димитриј“ — манастирска црква; и Црква „Св. Петка“ — нова мала селска црква.
Манастири Брчевски манастир — помал манастир над селото.
Споменици Споменик на НОБ на сретсело
Редовни настани
Слави Свети Архангел Михаил — селска слава
Личности
Родени во или по потекло од Брчево Никола Василов Крстаноски — македонски револуционер од ВМОРО. Марко Ѓуров Маркоски — македонски револуционер од ВМОРО. Профил Ристоски — македонски револуционер од ВМОРО. Вело Трифунов Ристоски — македонски револуционер од ВМОРО.
Галерија
Поврзано Општина Струга Струшко Поле
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Струшки села Категорија:Села во Општина Струга