Нефункционален кредит (англиски јазик: nonperforming loan, impaired loan) претставува кредит со нередовна или нецелосна наплата на главнината и на каматата, односно кредит чија наплата се извршува со задцнување од 90 денови или повеќе.
Дефинирање на нефункционалните кредити
Нефункционалните кредити вообичаено се дефинираат како кредити кои не носат принос и кои исполнуваат некој од следниве услови: не е антиципирано целосно плаќање на главнината и каматата, наплатата доцни 90 или повеќе денови, или датумот на достигање е изминат и плаќањето не е извршено во целост.
Постојат повеќе меѓународни статистички документи во кои се разработени нефункционалните кредити, како што се: Системот на национално сметководство 1993 (The System of National Accounts, 1993 SNA), Европскиот систем на сметководство 1995 (The European System of Accounts, 1995 ESA), Прирачникот за платниот биланс (The Balance of Payment Manual, fifth edition, BPM5), Прирачникот за монетарна и финансиска статистика (The Monetary and Financial Statistics Manual, MFSM) и Прирачникот за владина финансиска статистика (The Government Financial Statistics Manual, GFSM), кои во голема мера се во согласност со 1993 SNA.
Според 1993 SNA, како нефункционални пласмани се идентификуваат кредитите за кои најверојатно договорните плаќања нема да се извршат или е извршена исправка на вредноста и се идентификувани потенцијалните загуби на овие кредити.
Според Упатството за класификација на нефункционалните кредити и резервациите за супстандардни, лоши и сомнителни кредити, кредитите се класифицирани како нефункционални кога главнината или каматата е достасана или неплатена шест месеци или повеќе, сметајќи од првиот ден на неплаќање. Доколку отплатата е на интервали од три или повеќе месеци, кредитот се класифицира како нефункционален, кога ратата е достасана и не е платена три или повеќе месеци од првиот ден на неплаќање. Ако кредитот е обезбеден во целост (главината, каматата и трошоците за наплата) со готовински средства, тогаш тој ќе биде класифициран како нефункционален доколку е достасан и не е платен во рок од 12 или повеќе месеци, сметано од првиот ден на неплаќање.Prudental Financial Policy Department, "Guideline on Classification of Non-Performing Loans and Provision for Substandard, Bad and Doubtful Debts" (BNM/GP3)
Според терминологијата на меѓународните банкарски и сметководствени стандарди наместо изразот "нефункционални кредити (nonperforming loans)" се употребува изразот "оштетени кредити (impaired loans)" т.е. кредити на кои е извршена исправка на вредноста. Базелскиот комитет за банкарска супервизија, исто така, го употребува терминот исправка на вредност (impairment) кога постои веројатност дека целиот достасан износ на кредит нема да биде наплатен.Bank for International Settlements, Sound Practices for the Management and Supervision of Operational Risk, Basel, 22 July 2003. Износот од исправката на вредноста треба да биде евидентиран преку намалување на сметководствената вредност на кредитот. На тој начин, каматата нема да се пресмета на таквиот кредит и ќе биде прикажана на готовинска основа. Откако кредитот ќе се класифицира како нефункционален, треба да остане така класифициран сè додека не се отпише или не се наплати каматата и/или главнината на кредитот. Притоа, нефункционалните кредити не може да се прекласификуваат како „редовни” едноставно преку замена со нов кредит.
Класификација на пласманите на банките
Според Банката за меѓународни порамнувања, стандардната класификација на кредитите е дефинирана на следниов начин:M. Tracey, "The impact of Non-performing Loans on Loan Growth: An econometric case study of Jamaica and Trinidad and Tobago", 2011. Достасани (Passed) - солвентни кредити; Посебни (Special Mention) – кредити на претпријатијата кои потенцијално може да предизвикаат тешкотии при наплатата поради континуитетот на загубите со кои се соочуваат; Супстандардни (Substandard) – кредити чија камата и главнина доцнат подолго од три месеци во однос на условите за кредитирање. Банката мора да издвои резервации од 10% за необезбедениот дел на кредитот класифициран како супстандарден; Сомнителни (Doubtful) - не постои можност за целосна отплата на достасаниот долг и постои ризик од настанување загуба, која не може точно да се утврди. Банката одвојува резервации од 50% за овие кредити; Потенцијална загуба и загуба – неповратна (Virtual Loss and Loss (Unrecoverable)) – достасаните кредити се сметаат за ненаплатливи и се однесуваат за фирми на кредити за кои се бараат правни решенија за наплата на достасаните кредити или над кои е отворена стечајна постапка. За овие кредити банката одвојува резервации од 100 %.
Во Македонија, кредитот кој е класифициран во категориите на ризик Г и Д, или кредитот кој по која било основа (главнина, камата, други некаматни приходи) не е наплатен подолго од 90 дена сметано од денот на достасувањето, банката е должна да го евидентира (да го прекнижи) на посебна сметководствена сметка за нефункционални кредити (во сметководствениот план за банката: сомнителни и спорни побарувања). Во моментот кога пресметаната камата добива нефункционален статус, банката е должна да изврши целосна исправка на вредноста на пресметаната камата. Побарувањето може да се исклучи од категоријата на нефункционални побарувања само ако достасаниот дел од побарувањето е наплатен и ако се исполнети условите за негова прекласификација во подобра категорија на ризик.
Причини за настанување на нефункционалните кредити
Глобални причини
Под глобални причини се подразбираат општите услови во земјата и во економијата, односот спрема позајмувачите од страна на кредиторите, како и економските случувања што влијаат врз настанувањето на нефункционалните пласмани. Во оваа група спаѓаат:S.M. Islam, C. N. Shil, and A. M. Mannan, "Non performing loans – its causes, connsequences and some learning", MPRA Paper, No. 7708, Vol.13, 2005, стр. 4-7. Намалено внимание кон должниците (Hawthorne Effect) Движење по кривата на ризикот (Petroski Effect) Зголемување на големината на кредитот (ефектот на превртена пирамида) Недостиг на план за справување со ризикот од страна на позајмувачот (Pollyanna Effect) Искористување на слабостите во кредитните операции од страна на должниците (Jurassic Park Effect) Заемодавците ја следат кредитната програма (Hijack Effect) Заeмодавците и творците на проектот имаат слаби очекувања (Something-Must-Be-Done Effect) Заемодавецот е незаинтересиран да ги наплати вложените средства (Patronizing Effect).) Недостиг на добри модели (High Default Culture Effect). Коруптивни заеми (Give and Take the Chance)) Дарителите даваат кредити за да доминираат (Live and Let Die Effect). Слабеење на системот (Die Another Day Effect).
Фактори поврзани со банкарската индустрија
Под фактори во банкарската индустрија се подразбираат сите промени во банкарската индустрија, сопственоста, како и показателите за успешноста и стабилноста во работењето на банката, кои може да доведат до зголемување на нефункционалните кредити. Во оваа група спаѓаат:A. Boudriga, B. N. Taktak and A. Jellouli, "Does bank supervision impact nonperforming loans: cross-country determinants using aggregate data?", MPRA Paper, No. 18068, Vol. 27, 2009, стр. 2-4. Стапка на адекватност на капиталот, Резервации за кредитни загуби, Профитабилност на банката, Државна сопственост, Странска сопственост, Концентрација на индустријата.
Нефункционалните кредити во Македонија
Непосредно по монетарното осамостојување на Македонија, банкарскиот сектор се наоѓал во катастрофална состојба, предизвикана од товарот на лошите кредити. Така, според некои проценки, во 1993 година, лошите кредити зафаќале дури 70% од кредитното портфолио на банкарскиот сектор на Македонија Тоа било последица на поврзаноста на банките со нивните главни должници, кои учествувале во органите на управување на банките, како и на политичкото влијание врз банките.Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 91.
За решавање на проблемот со лошите кредити била спроведена санација на банкарскиот сектор, при што овие кредити биле исчистени од билансите на банките и пренесени во Агенцијата за санација на банка. Процесот на првата санација на банките во Македонија започнал со донесувањето на Законот за преземање на дел од обврските по одделни кредити на Стопанска банка АД Скопје и Југобанка – Јубанка АД Скопје од 27 април 1992 година. Со овој закон биле преземени обврските по основа на странските кредити земени за финансирање на повеќе индустриски, енергетски и инфраструктурни проекти, пред сè, за Фени од Кавадарци. Од Стопанска банка АД Скопје биле преземени достасани, ненаплатени побарувања во вкупен износ од 3 484 милиони денари, остаток на долг од домашни кредити од 368 милиони денари и остаток на долг од странски кредити во вкупен износ од 368,5 милиони американски долари. Од Југобанка АД Скопје биле преземени достасани, ненаплатени побарувања во износ од 1 974 милиони денари и остаток на долг по странски кредити во износ од 39,2 милиони американски долари.Оливер Давитковски, "Перформансите на кредитните портфолија на комерцијалните банки во Југоисточна Европа, компаративна анализа со Р Македонија", Докторска дисертација, Економски факултет, Скопје, 2011.
Подоцна, со усвојувањето на Законот за санација и реконструирање на дел од банките во Македонија од 16 март 1995 година започнал најголемиот проект за ревитализација на банките по монетарното осамостојување. Со законот било извршено: Линеарна санација на банките со отстранување од билансите на банките на побарувањата и обврските по кредитите добиени од странски кредитори (Парискиот клуб), во вкупен износ од 262 милиони американски долари, а со подоцнежни дополнувања на законот бил проширен списокот и со Циришкиот клуб, во вкупен износ од 524 милиони американски долари.Оливер Давитковски, "Перформансите на кредитните портфолија на комерцијалните банки во Југоисточна Европа, компаративна анализа со Р Македонија", Докторски труд, Економски факултет, Скопје, 2011. Санација на Стопанска банка АД Скопје со утврдување и отстранување на ненаплатените денарски заеми од билансот на банката. Притоа, било извршено отстранување на неплатливите денарски пласмани класифицирани во категориите Г и Д и дел од пласманите класифицирани во категоријата В за кои било утврдено дека се ненаплатливи. Овие пласмани биле заменети со државни обврзници. Исто така, биле вклучени и побарувањата на банката по основа на пласирани кредити, кои согласно т.н. Закон за загубари биле претворени во траен влог во претпријатијата. Ненаплатливите побарувања биле пренесени во Агенцијата за санација на банки, која продолжила да управува со нив.
Неколку години подоцна, на 31 декември 1999 година бил усвоен Законот за гарантирање на инвестицијата на стратешки инвеститор за преземање одделни побарувања од крајни корисници од страна на РМ во Стопанска банка АД Скопје. На тој начин, државата извршила дополнителна санација на Стопанска банка, преземајќи ги побарувањата по основа на денарски и девизни кредити дадени на Македонија табак АД Скопје, Југохром - Јегуновце, Фенимак АД Скопје и Ко-Ко Годел АД Скопје, во вкупен износ од 235 милиони германски марки. Повторно, овие пласмани биле пренесени во Агенцијата за санација на банки.
Лошите кредити продолжиле да го оптоваруваат банкарскиот сектор дури и по спроведената санација на банките. Учеството на лошите кредити во бруто-кредитите постепено се намалило од 44,4% во 1995 година, на 32,9% во 1998 година, но нивниот обем сè уште бил премногу голем. Освен тоа, веќе следната година, како последица на големиот надворешен шок (војната во Косово), износот на лошите кредити повторно се зголемил, достигнувајќи 41,3% од вкупните кредити. Исто така, високото учество на лошите кредити се задржало и во следните две години, како резултат на опаѓањето на стопанската активност, предизвикано од војната во Македонија.