Монетарната политика на Република Македонија претставува дел од општата економска политика на Република Македонија, која ја води Народната банка на Република Македонија.Љупчо Трпевски, Монетарна економија, Економски факултет, Скопје 2010. Заради тоа, целите што сакаат да се постигнат во одреден период со економската политика претставуваат истовремено и цели на монетарната политика.

Монетарното осамостојување на Република Македонија Една од суштествените задачи при воспоставувањето на монетарна самостојност на Република Македонија било воведувањето национална валута на државата, односно планирањето и организирањето на повлекувањето од оптек на југословенските динари и нивната замена со македонски пари. За таа цел, во Владата на Република Македонија била формирана петчлена Комисија за монетарен систем, во која влегувале претседателот на Владата, Никола Кљусев, министерот за финансии, Методија Тошевски, гувернерот на НБРМ, Борко Станоевски, и професорите Ксенте Богоев и Љубе Трпески.

На 19 декември 1991 година Владата на Република Македонија донела одлука со која ја овластила НБРМ да ја преземе организацијата на печатење транзициско издание на вредносни бонови, како и организацијата на нивното пуштање во оптек.Кики Мангова - Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Монетарното осамостојување на Република Македонија, Скопје, 2006. Основната функција на вредносните бонови била да послужат како привремено полновредно платежно средство кое ќе ги спречи натамошните монетарни упади од страна на другите југословенски републики во Република Македонија. По една година требало да биде подготвено и издадено првото стандардизирано издание на македонските банкноти и метални пари. НБРМ успеала да го заврши печатењето на боновите за многу кратко време: на 7 февруари 1992 година во нејзиниот трезор билеа депонирани 27 858 696 парчиња бонови со апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици, во вкупна вредност од 8 433 647 700 единици.

Намерата вредносните бонови да бидат издадени во најбрз временски рок ја ограничила можноста за соодветно планирање и нивно дизајнирање. Тие биле изработени со многу едноставна печатарска техника и без адекватни банкнотни одлики. Сите поседувале унифициран дизајн. Печатницата ,,11 Октомври” од Прилеп била избрана да ги испечати боновите, чии графичари, исто така, ги обликувале ликовните решенија. На предната страна на боновите биле претставени тутуноберачи како алузија на една значајна гранка од македонското стопанство, а воедно и како почит на еден од најпознатите македонски поети, Коста Рацин. На задната страна била ставена претставата на крушевскиот „Македониум“, дело на вајарот Јордан Грабул (1926-1986), како потсетник на илинденската Крушевска Република од 1903 година. Во периодот на изработка на боновите сè уште не била донесена одлука за името на македонската национална валута, така што на транзициското издание не се појавува името на паричната единица, туку само нивната апоенска вредност, заедно со сериските броеви и со потписите на тогашниот гувернер и заменик-гувернер на централната банка.

Непосредно по печатењето на наведените апоени, поради галопирачката инфлација биле изработени и бонови со апоенска вредност од 5 000 и од 10 000 единици. Нивниот дизајн во принцип го следел стилот на претходно изработените номинали, вклучувајќи етнографски фолклорни елементи на номиналата од 10 000 вредносни единици и на технологијата на постмодерното време на номиналата од 5 000 вредносни единици.

На 26 април 1992 година (на Велигден) Собранието на Република Македонија ја усвоило Антиинфлациската програма предложена од страна на Владата на Република Македонија и донело пакет законски и други акти со кои била поставена институционалната рамка на монетарниот систем на Република Македонија. Пакетот мерки што го усвоило Собранието на Република Македонија на 26 април 1992 година содржел: Закон за Народна банка на Република Македонија; Закон за паричната единица на Република Македонија; Закон за употребата на паричната единица на Република Македонија; Одлука за целите и задачите на монетарната политика во 1992 година; Одлука за девизната политика и проекцијата на платниот биланс на Република Македонија за 1992 година; Закон за ограничување на потрошувачката на општите општествени и заеднички потреби во 1992 година; Закон за исплата на плати и други надоместоци и дивиденди во Републиката; Закон за воведување обврска за плаќање при патување во странство; Закон за преземање на дел од обврските по одделни кредити на ,,Стопанска банка” а.д. –Скопје и ,,Југобанка Јубанка” а.д. – Скопје; Закон за преземање на депонираните девизни штедни влогови на граѓаните од страна на Република Македонија (кој, практично, не заживеа).

Со донесувањето на Одлуката за целите и задачите на монетарната политика во 1992 година од страна на Собранието, Република Македонија за првпат ја утврдила својата самостојна монетарна политика. Во согласност со оваа Одлука, монетарно-кредитната политика, заедно со мерките во другите области на економската, особено на фискалната политика и на политиката на личната потрошувачка, требало да влијае врз забавувањето на стапката на зголемувањето на цените на мало. За остварување на оваа цел била предвидена рестриктивна монетарна политика, при што НБРМ била задолжена да го утврди потребниот обем на примарни пари и да го реализира со соодветна примена на инструментите на монетарно регулирање. Како основен инструмент на монетарната политика служело рефинансирањето на кредити на банките за одредени намени со средства од примарната емисија.

Истовремено со утврдувањето на првата монетарно-кредитна политика, Собранието за првпат утврдило и самостојната девизна политика и проекцијата на платниот биланс на Македонија.Кики Мангова - Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Македонија, Монетарното осамостојување на Република Македонија, Скопје, 2006. Оваа политика била насочена кон зголемување на надворешнотрговската размена (преку стимулирање на извозот, поврат на царините и сл.), зголемување на странските вложувања во Македонија (преку даночни ослободувања) и кон преземање активности за регулирање, односно рефинансирање на кредитните обврски кон странство, особено кон Парискиот клуб на кредитори. Посебно место во девизната политика имало зголемувањето на девизните резерви на Македонија, за чија цел била утврдена обврската за издвојување (продавање на НБРМ) на 30% од остваренот девизен прилив на претпријатијата (со одредени исклучоци) за девизните резерви (40% за постојаните девизни резерви и 60% за плаќање на фиксните и на гарантираните обврски кон странство, за увоз на сурова нафта, суровини и на репроматеријали и сл.).

Етапи во монетарната политика Во водењето на стабилизационата политика во Македонија може да се разграничат две основни етапи.Горан Петревски, Монетарна политика: Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005. Првата етапа започнала со самиот чин на монетарното осамостојување, кога била лансирана првата стабилизациона програма, заснована врз стратегијата на монетарно таргетирање. Наспроти почетните охрабрувачки резултати, оваа програма завршила со целосен крах, бидејќи, на крајот на 1992 година стапката на инфлација изнесувала дури 1 965,3%. Во текот на 1993 и 1994 година немало некоја формална програма за стабилизирање на економијата, но и покрај тоа, бил очигледен напредокот во намалувањето на инфлацијата, која најпрвин била сведена на трицифрено ниво (241,6% во 1993 година), а потоа, на крајот на 1994 година опаднала на 55,4%. Секако, тоа било последица на поголемата макроекономска дисциплина, изразена преку опаѓачките стапки на монетарен растеж, контролата на јавната потрошувачка, стабилизирањето на девизниот курс и ограничувањето на порастот на наемнините. Кон крајот на 1995 година, започнала примената на стратегијата на таргетирање на девизниот курс и, оттогаш, Македонија се одликува со ниски, едноцифрени стапки на инфлација.

Прва етапа – монетарно таргетирање Во основата на стабилизационата програма лежела стратегијата на монетарно таргетирање со која се предвидувало да се изврши дезинфлација преку постепено намалување на монетарниот растеж. Во контекст на овој пристап, монетарната политика ја одредува динамиката на паричната маса со што таа станува егзогена променлива. Притоа, заради непостоењето на најосновните институционални предуслови, каматните стапки во никој случај не можеле да ја играат улогата на индикатор на монетарната политика така што таа улога му припаднала на девизниот курс. Примената на монетарното таргетирање во земјите во транзиција обично се оправдува со тешкотиите во одредувањето на рамнотежниот девизен курс во првичниот период на либерализацијата на пазарите, како и со недоволните девизни резерви, потребни за таргетирање на девизниот курс.Ratna Sahay and Carlos Végh, "Inflation and Stabilization in Transition Economies: A Comparison with Market Economies", WP/95/8, IMF, January 1995, стр. 31.)

Со стабилизационата програма од 1992 година, монетарната политика била насочена кон контрола на следниве монетарни агрегати: потесната дефиниција на паричната маса М1, нето-домашната актива на банките и порастот на кредитите на деловните банки. Притоа, за сите агрегати било предвидено да растат со интензитет помал од стапката на инфлација. И, навистина, на почетокот на програмата се започнало со остра монетарна рестрикција: месечната стапка на пораст на потесната парична маса – М1 опаднала од 73.3% во април на 13,9% во мај и само 6,7% во јуни.

Но, наспроти ваквиот одлучен почеток, намалувањето на монетарниот растеж траел само два месеца. Веќе во јули, централната банка почнала да отстапува од остриот курс и повторно билеа регистрирани двоцифрени стапки на монетарен растеж. На тој начин, за целата 1992 година бил остварен просечен месечен пораст на М1 од 18,9%. Притоа, во споредба со планираниот монетарен растеж од 755,1%, парите пораснале за 704,5%, т.е. монетарната политика била малку порестриктивна од планираната. Ваквиот исход произлегол од фактот што монетарниот растеж бил проектиран врз основа на годишна стапка на инфлација од 647% (колку што било планирано за 1992 година), додека на крајот на годината, инфлацијата била далеку поголема, така што била остварена висока негативна реална стапка на монетарен растеж.

Во секој случај, монетарниот растеж од 704,5% годишно бил премногу висок за да можело да обезбеди намалување на инфлацијата. Всушност, заради несолвентноста, монетизацијата на парафискалните дефицити и механизмот на примарната емисија, централната банка не можела делотворно да ги контролира парите во овој периодГлигор Бишев, "Макроекономската политика во периодот на транзицијата во Македонија." во Економската транзиција во Македонија и Бугарија. Скопје: МАНУ, 1997, стр. 153. Во такви околности, преземањето поголема монетарна рестрикција би предизвикало остри последици врз банкарскиот сектор и врз реалната економија, нешто што носителите на економската политика никако не можеле да си го дозволат. Всушност, примената на монетарното таргетирање во Македонија претставува еден доказ повеќе во прилог на тезата за неприменливост на оваа стратегија во земјите во транзиција (барем во првичната фаза на транзицијата).

Втора етапа – таргетирање на девизниот курс Во годината кога стапката на инфлација конечно била сведена на едноцифрено ниво, стратегијата на монетарно таргетирање била заменета со нова стратегија за водење на монетарната политика. Формално, преминот кон таргетирање на девизниот курс бил направен во октомври 1995 година иако, врз основа на движењето на девизниот курс на германската марка во многу тесни рамки, Македонија започнала со имплицитно таргетирање на девизниот курс уште во текот на 1994 година.