Кејнзијанската антициклична политика (англиски: Keynesian countercyclical policy) ги претставува мерките на економската политика насочени кон неутрализирање на цикличните флуктуации во економијата, кои се засноваат врз учењето на Џон Мајнард Кејнз. Во прв ред, тие ги опфаќаат мерките кои биле применети во економијата на САД за време на Големата светска економска криза од 1929-1933 година, а потоа и во годините до започнување на Втората светска војна.
Кејнзијанско подгревање на агрегатната побарувачка – општ пристап Кејнз како творец на клучните макроекономски агрегати, го развил современиот концепт на агрегатната побарувачка (AD = C + I + G + (X-M)), која претставува круцијална макроекономска категорија во неговото учење. Но, Кејнз во својата општа теорија ги анализирал и другите макроекономски агрегати и концепти: потрошувачка, штедење, инвестиции, каматна стапка и сл. како фактори кои ги детерминираат одделните компоненти на агрегатната побарувачка. Кејнз и неговите следбеници, тврдејќи дека главните извори за појавата на бизниз – циклусите се сместени на страната на агрегатната побарувачка, мерките и инструментите на антицикличните (стабилизационите) полититки (во прв ред, фискалната и монетарната политика) редовно ги употребуваат во функција на зголемување (кејнзијанско подгревање) на агрегатната побарувачка. Притоа, кејнзијанците мислат дека на фискалната политика и на краткиот рок, им припаѓа централна улога во стабилизирањето на економиите и во надминување на рецесиите и експанзиите.Таки Фити, Феноменологија на економските кризи, Економски факултет, Скопје, 2009.
Дискрециона фискална политика Фискалната политика претставува употреба на државните приходи и расходи за дејствување врз макроекономските агрегати, односно врз вкупната економска активност. Всушност, современите економии не функционираат идеално, а тоа се должи на флуктуациите на фактичкиот (актуелниот) БДП над и под потенцијалниот бруто-домашен производ. Затоа, за економијата би било најдобро да функционира на нивото на потенцијалниот бруто-домашен производ, бидејќи, во тој слушај таа рационално и ефикасно ги искористува расположливите ресурси.
Рестриктивна фискална политика Кога фактичкиот БДП е над потенцијалниот, економијата е во фаза на експанзија - пораст на економската активност, пораст на номиналните доходи на учесниците во економскиот живот и инфлаторен притисок кој, доколку не се преземат соодветни мерки може да премине во неконтролирана инфлација. Во овој случај постои инфлаторен јаз. Во оваа ситуација за да се забави економијата и да се спречи инфлацијата, владата ќе води рестриктивна фискална политика која може да се реализира преку една од следните три опции: Намалување на државната потрошувачка – најголем број влади ги намалуваат јавните набавки, односно ја намалуваат потрошувачката на добра и услуги, а тоа ќе доведе до директно намалување на агрегатната побарувачка, бидејќи G е компонента на агрегатната побарувачка. Зголемување на даноците – ова значи зафаќање на поголем дел од доходите на домаќинствата и претпријатијата, со што агрегатната побарувачка ќе се намали преку намалување на потроувачката на секторот на населението (C) и инвестициите на секторот на претпријатијата (I). Комбинација на првата и втората опција, осносно намалување на државната потрошувачка со истовремено зголемување на даноците.
Доколку секој од овие пристапи се реализира, ќе води кон намалување на агрегатната побарувачка, со што на краток рок ќе дојде до намалување на реалниот аутпут на економијата, намалување на општото ниво на цени и забавување на економската активност. Вака структуираните мерки на фискалната политика во услови на експанзија резултираат буџетски суфицит.
Експанзивна фискална политика Кога фактичкиот бруто – домашен производ е под потенцијалниот, економијата е во фаза на рецесија – опаѓање на економската активност, пораст на невработеноста и нерационално користење на производствените фактори. Во овој случај, во економијата постои рецесивен јаз. Доколку рецесијата е посилна и подолготрајна може да се трансформира во депресија. Тогаш владата ќе спроведува експанзивна фискална политика преку: Зголемување на државната потрошувачка (G) – ова имплицира директно зголемување на агрегатната побарувачка бидејќи државната потрошувачка е нејзина компонента. Намалување на даноците – значи дека владата им остава на располагање на домаќинствата и претпријатијата поголем дел од реализираните доходи, со што зголемувањето на агрегатната побарувачка е индиректно преку пораст на потрошувачката на секторот на населението (C) и на инвестициите на секторот на претпријатијата (I). Комбинација на првата и втората опција.
Доколку секоја опција се реализира поединечно, резултатот ќе биде зголемена агрегатна побарувачка и заживување на економската активност за да се надмине рецесијата. Ваквите мерки на фискалната политика во усклови на рецесија најчесто предизвикуваат буџетски дефицит.
Фискалната политика има ефекти врз реалниот аутпут на економијата на краток рок, односно буџетските расходи имаат мултипликативно дејство врз бруто-домашниот производ. Тоа значи дека секој потрошен денар од буџетот го зголемува БДП за повеќе од еден денар (принцип на мултипликатор). Мултипликаторот е еднаков на реципрочната вредност од маргиналната склоност кон штедење. Мултипликаторот е поголем кога владата директно ги зголемува своите расходи, а помал кога владата ги намалува даночните стапки. Тоа е и разбирливо, бидејќки во првиот случај еден денар потрошен за G, значи директно додавање на БДП, додека во вториот случај ослободениот дел од доходот на даночните обврзници (поради намалените даноци), само во еден дел ќе биде потрошен за C, а другиот дел ќе биде заштеден.
Опишаните политики рестриктивна и експанзивна ја сочинуваат суштината на т.н. дискрециона фискaлна политика, бидејќи и двете претпоставуваат право на владите на современите економии да спроведуваат промени во јавните давачки и во програмите на јавната потрошувачка во зависност од фазата на бизнис – циклусот.Таки Фити: Феноменологија на економските кризи. Економски факултет, Скопје, 2009
Автоматски стабилизатори на фискалната политика Дискреционата фискална политика се соочува со бројни слабости и ограничувања кои ја намалуваат нејзината ефикасност, а понекогаш ја прават и контрапродуктивна. Дискреционата фискална политика навистина може да биде неефикасна, поради фактот што промените на даночните стапки и промените на јаванта потрошувачка бараат долго време – одлуки на влада, расправи и одлуки на парламент. Додека таквите одлуки се донесат сосотојбата на економијата може битно да се влоши и како резултат на задоцнетото дејство на мерките на дискреционата фискална политика економијата може да претрпи големи штети. Затоа, како алтернатива се поставуваат т.н. автоматски стабилизатори на фискалната политика кои се вклучуваат и дејствуваат антициклично врз економијата.
Да објасниме како практично дејствуваат автоматските стабилизатори. Ако економијата е во екпанзија, цените растат, а со тоа се зголемуваат и номиналните доходи на економските субјекти. Како резултат на непроменетите даночни стапки, владата во буџетот ќе зафати и ќе прибере поголеми доходи со што извлекува дел од парите во економијата и ја смирува експанзијата. Фактот што современите даночни системи, се прогресивни, уште повеќе ја зголемува ефикасноста на автоматските стабилизатори. Во услови на експанзија и на номинален пораст на доходите на даночните обврзници, можно е една категорија на даночни обврзници да премине во категорија на даночни обврзници со повисок доход и според тоа да биде оданочена со повисока маргинална даночна стапка (феномен на т.н. фискално развлекување). Дејството на автоматските стабилизатори доаѓа до израз и преку расходната страна на буџетот. Во фазата на експанзија, зголемените инвестиции придонесуваат за зголемено вработување, а дел од невработените кои дотогаш примале социјална помош повторно се вработуваат и на тој начин се намалуваат социјалните трансфери. Парите што дотогаш буџетот ги трошел за помош на невработени остануваат во буџетот и за тој износ се намалува паричната маса во економијата и се ублажува експанзијата.
Ако економијата е во рецесија, поради намалените инвестиции се зголемува невработеноста и доходите на даночните обврзници се намалуваат. Во оваа ситуација владата се подготвува да ги намали даночните стапки и да ги зголеми буџетските расходи за да ја заживее економската активност. Но, во меѓувреме дејствуваат автоматските стабилизатори и владата со исти даночни стапки во маса зафаќа помалку средства поради намалените доходи. Од друга страна поради зголемената невработеност во услови на рецесија буџетот троши повеќе средства за да ги обезбеди невработените, со шсто дејствува врз зголемување на агрегатната побарувачка.
Дискрециона монетарна политика Моќен инструмент на монетарната власт за влијание врз вкупните макроекономски движења се монетарните фактори ( парите и кредитот). Промените на понудата на пари т.е. на количеството пари во оптек имаат силно влијание врз најзначајните макроекономски агрегати – каматна стапка, инвестиции, бруто-домашниот производ, вработеноста. Доколку една економија е соочена со рецесија ( опаѓање на економската активност) Централната банка ќе спореведува експанзивна монетарна политика, за да ја зголеми понудата на пари. Што ќе предизвика ова во економијата на краток рок? Зголемената парична маса ќе предизвика опаѓање на каматната стапка, поради што и ќе се намалат трошоците на инвестирање, т.е. ги стимулира инвестициите на секторот на претпријатијата. Пониската каматна стапка како цена на паричниот капитал ги поттикнува претприемачите да инвестираат, бидејќи сега тие имаат пристап до поевтини кредити. Зголемените инвестиции во економијата предизвикуваат зголемување на агрегатната побарувачка и пораст на бруто-домашниот производ и на вработеноста. Во оваа смисла експанзивната монетарна политика се сведува на политика на евтини пари. Овие прикажани ефекти од спроведувањето на експанзивната монетарна политика се валидни на краток рок. Но, на долг рок зголемената понуда на пари предизвикува инфлација, пораст на општото ниво на цените. Поради тоа, може да се каже дека експанзивната монетарна политика на краток рок создава пораст на реалните фактори ( инвестиции, производство и вработеност) , а на долг рок само пораст на цените. Според Кејнз, на долг рок инфлацијата е секогаш и насекаде е монетарен феномен. Влијанието на промените на понудата на пари врз макроекономските големини може да биде посредно, индиректно преку промени на каматните стапки и директно, со што крајниот ефект и од двата начини е врз бруто-домашниот производ. Индиректниот пренос на ефектите од промената на понудата на пари врз макроекономските големини е следниов: Промените во понудата на пари предизвикуваат промена на висината на каматната стапка Променетата каматна стапка предизвикува промени во компонентите на агрегатната побарувачка чувствителни на каматната стапка : инвестициите на претпријатијата и потрошувачката на домаќинствата на трајни потрошни добра. Промените во инвестициите предизвикуваат промени во номиналниот бруто-домашен производ. Директниот пренос од промената на понудата на пари и промените во бруто-домашниот производ е следна: Промените во понудата на пари предизвикуваат промени во агрегатната побарувачка Промените во агрегатната побарувачка предизвикуваат промени во номиналниот бруто-домашен производ.
Објаснувањето е следно – зголемената парична маса предизвикува пораст на агрегатната побарувачка и на општото ниво на цените. Кога произведените добра и услуги ги множиме со зголемените тековни цени номиналниот бруто-домашен производ покажува пораст. Ваквото тврдење монетаристите го изведуваат директно од основните постулати на квантитативната теорија на парите.Таки Фити:Феноменологија на економските кризи.Економски факултет, Скопје, 2009