мини|Тобин во 1962 година Џејмс Тобин (англиски: James Tobin) ( – ) — американски економист, претставник на неокензијанците, кој дал значаен придонес за неокласичната синтеза. Неговата академска работа вклучува пионерски придонеси кон проучувањето на инвестициите, монетарната и фискалната политика и финансиските пазари. Во 1981 година бил награден со Нобеловата награда за економија за неговиот придонес „во анализата на состојбата на финансиските позиции и нивните врски со решенијата во областа на расходите, вработеноста, производството и цените“, односно за неговиот придонес во развивањето на модел во кој монетарните, финансиските и реалните променливи се меѓусебно обусловени и за неговата теорија на имотен избор.

Животопис Рани и студентски години Тобин е роден во Чемпејн, Илиноис, САД во 1918 година. Неговиот татко, Луј Мајкл Тобин, бил директор на атлетскиот клуб на Универзитетот на Илиноис во Урбана – Чемпејн, додека неговата мајка Маргарет Едгертон Тобин била социјален работник. Тобин во Урбана завршил основно и средно образование, каде што се истакнал како на часовите така и во спортските активности, односно во кошарката и атлетиката. Во 1935 година, по иницијатива на својот татко, без какви било специјални подготовки, ги положил приемните испити, и добивајќи стипендија станал студент на престижниот универзитет "Харвард". Токму тие години во Одделот за економија на Харвард биле собрани едни од најголемите умови во економската наука како што се: Едвард Чемберлен, Јозеф Шумпетер, Едвард Месон, Сејмур Харис, Самнер Шликтер, Алвин Хансен, Василиј Леонтјев, Готфрид Хаберлер итн. Покрај тоа, и на другата страна од катедрата, тие години студенти на Харвард биле личности кои подоцна станале водечки во поодделни области од економијата. Меѓу нив спаѓаат: Џон Милер, Пол Семјуелсон, Лојд Рејнолдс, Лојд Мецлер, Пол Свизи, Ричард Гилберт, Ричард Гудвин, Ј. К. Галбрајт, Ричард Мазгрејв, Абрам Бергсон итн. Тобин дипломирал во 1939 година, а магистрирал во 1940 година. По влегувањето на САД во Втората светска војна, тој се пријавил на курс за морнарички офицери на Универзитетот Колумбија. Четирите воени години претежно ги поминал во американската морнарица како офицер навигатор или на посебни задачи, учествувајќи во борбите во Северна Африка, јужна Франција и Италија. По заземањето на Јапонија ја напуштил војската и се вратил на Харвард за да ја продолжи академската кариера. Наредните две години работел на својата докторска дисертација на тема „Теориски и статистички истражувања на функцијата на побарувачката“, напишана под супервизија на Шумпетер, која успешно ја одбранил во 1947 година, по што вратите на Харвард биле широко отворени за неговата наставничка и истражувачка кариера. Тобин предавал на Харвард три години како помлад колега. Во тој период поминал една година во Англија како гостин на департманот за применета економија на познатиот универзитет во Кембриџ, и тоа од 1949 година до 1950 година.

Универзитетска кариера и консултант Во 1950 година Тобин преминал на Универзитетот Јеил како вонреден професор, за подоцна да стане редовен професор по економија (1955 – 1957), професор по економија со највисок академски ранг на Јеил (Sterling Professorship) (1957 – 1988), и претседател на департманот за економија (1968 – 1969 и 1974 – 1978). Исто така бил и директор на фондацијата "Каулс" (Cowles Foundation) за истражувања во економијата (1955 – 1961 и 1964 – 1965). Од 1988 година до неговата смрт во 2002 година бил професор со највисок академски ранг, пензиониран почесен професор, на Универзитетот Јеил. Таму Тобин ги објавил и своите најпознати трудови, меѓу кои и оние за кои му била доделена Нобеловата награда за економија.Howard R. Vane and Chris Mulhearn “The Nobel Memorial Laureates in Economics” (An introduction to their careers and main published works) – James Tobin, year 2005, page 120-125 Речиси целиот свој работен век го има поминато предавајќи на студентите и пишувајќи трудови. Во периодот 1961 – 1962 година станал член на Економскиот совет на Претседателот Кенеди, што всушност е едно од ретките скршнувања од неговата универзитетска кариера. Покрај Тобин, во Економскиот совет на Кенеди се вклучиле и голем број на познати економисти како што се Хелер, Окун, Солоу и Ероу. Во 1962 година оваа група на „великани“ во економската наука го издала и денес познатиот извештај (Economic Report) на кој се засновала Кенедиевата „нова економска политика“. Тобин истакнал дека тој и неговите колеги биле многу горди што претседателот Кенеди ги прифаќал нивните совети и ги преточувал во мерки и политики кои за време на неговиот мандат дале резултати во намалувањето на невработеноста како и на полето на економскиот раст. Меѓутоа, сите тие резултати пропаднале за време на Виетнамската војна и стагфлацијата во 1970-тите години.

Приватен живот На 14 септември 1946 година, Тобин се оженил со Елизабет Феи Ринго, поранешна студентка на Пол Семјуелсон на МИТ (Massachusetts Institute of Technology), со која имал четири деца: Маргарет Ринго, Луис Мајкл, Хју Ринго и Роџер Гил. Живееле во истата куќа во Њу Хејвен, која ја купиле уште првата година од нивниот брачен живот и, според американските обичаи, еднаш годишно се собирале на заедничка прослава со своите деца и внучиња. Тобин починал на 11 март 2002 година на возраст од 84 години во Њу Хејвен,Џејмс Тобин, добитник на Нобеловата награда по економија и советник на Кенеди, почина на 84 годишна возраст а неговата сопруга починала на возраст од 90 години, во јуни 2009 година.Општество за признавање на успесите на познатите луѓе – Џејмс Тобин

Тобин бил претседател на Американската економска асоцијација (1970), бил член на Американската национална академија на науките, на Американската статистичка асоцијација, на Американската академија за хуманитарни и природни науки, на Американското филозофско здружение.

Позначајни дела Тобин има објавено 16 книги и повеќе од 400 статии наменети за стручната и пошироката јавност. Притоа, голем дел од неговото творештво е претставено во изданието во три тома „Есеи за економските науки“ Том I: „Макроекономија“ (1971) Том II: „Потрошувачка и економетрија“ (1975) Том III: „Теорија и политика“ (1982)

Придонесот на Џејмс Тобин за развојот на економската наука Џејмс Тобин е еден од најзначајните неокензијанци. Тој, заедно со Семјуелсон и Модиљани, и покрај тоа што биле кензијанци , интегрирале дел од придонесите на класичните економисти во своето економски учење. Овие економисти дале голем придонес за неокласичната синтеза, што всушност претставува обединување на едно место на јадрото на класичната економска теорија и на кензијанската економска мисла.

Тобин, како и останатите умерени кејнзијанци, е кејнзијанец на краток рок, а монетарист на долг рок. Тој тврди дека економијата понекогаш е во кејнзијанска ситуација, кога има неангажирани фактори на производство и кога треба да се стимулира агрегатната побарувачка. Но, понекогаш економијата е во класична ситуација. Тоа се случува кога функционира на нивото на потенцијалниот бруто-домашен производ и рационално ги користи сите ресурси, па во тој случај не треба да се стимулира со мерките на страната на агрегатната побарувачка. Овие ставови на Тобин ја потвдруваат ваквата квалификација: Економијата секогаш на крајот завршува со полна вработеност, но урамнотежувањето на пазарите бара време, од околу пет години, поради ригидноста на цените и платите; На краток рок, владите треба да водат стабилизациона политика со управување со агрегатната побарувачка; На долг рок, преку мерките на страната на агрегатната понуда, треба да се влијае врз бруто-домашниот производ; Не постои реска граница помеѓу мерките на страната на агрегатната понуда и агрегатната побарувачка (кај Кејнз, инвестициите се битна одредица на агрегатната побарувачка, а од друга страна инвестициите влијаат и врз производството и врз агрегатната понуда).Фити Таки, „Економија“ (трето издание), Економски факултет-Скопје, Скопје, 2010, стр. 498-499.

Тобин ја доразвил Кејнзовата теорија “Liquidity preference” - Теоријата за претпочитување на ликвидни средства, и ја приспособува на новите изменети услови, односно неговата теорија “Portfolio Balance Approach” претставува теорија на имотен избор.

Тобин се залага за дискрециона монетарна политика со која централната банка има значајна улога во реализирање на основните цели на економската политика, како што се: ниска стапка на инфлација, намалување на стапката на невработеност, постигање на одредена стапка на економски раст. Според него, во зависност од типот на тековите кои ја погодуваат економијата потребен е адекватен одговор на монетарната политика, а не централните банки да се грижат само за стабилноста на цените. Централната банка треба постојано да врши анализа на реалните и монетарните движења, односно на движењата на платите, вработеноста, производството, побарувачката на стоки, како и залихите на стоки, растот или опаѓањето на кредитите и други монетарни стратегии, и да донесува одлуки за монетарна експанзија или контракција врз основа на анализата на овие променливи.

Тобин предлага монетарната политика да се проектира на три временски рокови: На краток рок, период од 1-2 квартала, во кој таргети на централната банка би биле паричната маса, резервите на банките и краткорочните каматни стапки, со што всушност врши спој на монетаристичката концепција, за која е важна само паричната маса (М2), со кејнзијанската концепција, за која се важни краткорочните каматни стапки и резервите на банките. На среден рок, период од две години, во кој таргет на монетарната политика би бил номиналниот општествен производ. Периодот од две години би бил доволно долг за да може да се конпензираат промените во брзината на оптекот на парите, односно во побарувачката на парите, што всушност претставува клучна детерминанта кај монетаристите. На долг рок, неколку години, целите на монетарната политика би се совпаднале со целите на економската политика. Тобин се залага да се води координирана фискална и монетарна политика во реализацијата на основните долгорочни цели на економската политика. Всушност, Тобиновите гледишта за монетарната политика се дискрециона и флексибилна монетарна политика наспроти автоматска и крута, која ќе кореспондира со останатите компоненти на економската политика.

Џејмс Тобин е најзаслужен меѓу неокејнзијанците, во борбата со монетаристите, што неокејнзијанската теорија сè уште има рамноправен третман и е поддржувана од голем број економисти во современата економска теорија, а за ова помага и фактот што неговата теорија на имотен избор е поблиску до реалноста во современите развиени пазарни економии во споредба со другите конкурентни теории.„Нобеловци по економија 1969-2008“ (второ издание) – Џејмс Тобин, Економски факултет-Скопје, Скопје, 2008, стр. 121-126.

Посебниот придонес на Тобин поради кој му е доделена Нобеловата награда Најголемиот придонес на Тобин за развојот на економската наука е во доразвивањето на Кејнзоновата економска теорија “Liquidity preference” и нејзино приспособување на новите изменети услови. Оваа теорија “Portfolio Balance” всушност е теорија на имотен избор. Поединецот своите заштеди ги разместува помеѓу алтернативните имоти, при што парите претставуваат само еден вид на имот. Побарувачката за одделен вид имот варира правопропорционално со сопствената каматна стапка, а обратнопропорционално со каматните стапки на другите имоти, при што зголемувањето, односно намалувањето на побарувачката на одделен имот ја изменува структурата на заштедите на вкупниот имот и ќе ги промени каматните стапки на сите имоти.