Ропството во Стариот Рим играло важна улога во општеството и економијата. Покрај физичката работа, робовите вршеле многу работи во домаќинството, а можело и да работат на високо квалификувани работни места и професии. Наставниците, сметководителите и лекарите честопати биле робови. Особено грчките робови можеле да бидат високо образовани. Неквалификуваните робови, или оние осудени на ропство како казна, работеле на фарми, во рудници и во воденици. Условите во кои живееле биле сурови, а нивните животи траеле кратко.
Според римското право, робовите се сметале како имот и немале никакво право на личност. За разлика од римските граѓани, тие можеле физички да се казнуваат, биле сексуално експлоатирани (проститутките најчесто биле робови), биле измачувани и погубувани по кратка постапка. Сведочењето на некој роб не можело да се прифати пред судот, освен во случај ако робот бил измачуван- практика заснована на верувањето дека робовите им се верни на своите господари и не би откриле докази со кои би им наштетиле, освен ако не биле принудени. Сепак, со текот на времето, робовите стекнале поголема правна заштита, вклучувајќи го и правото да поднесуваат жалби против своите господари. Ставовите делумно се промениле поради влијанието на Стоиците врз образованата елита. Рамноправните погледи на Стоиците за човештвото се прошириле и во однос на робовите.
Иако од технички аспект робовите не можеле да поседуваат имот, на квалификуваните или образованите робови им било дозволено да заработуваат пари. На тој начин можеле да се надеваат дека ќе заштедат доволно за да си ја купат слобода. Ваквите робови често биле ослободувани благодарение на добрата волја на господарите или за некоја извршена услуга. Тирон, секретар на Цицерон, бил познат пример за роб со висок статус. Тој бил ослободен пред смртта на господарот и бил доволно успешен да се пензионира на свој земјиштен имот, каде починал на возраст од 99 години.
Рим се разликувал од грчките градови -држави по тоа што на ослободените робови им било дозволено да станат граѓани. Откако бил ослободен, робот кој му припаѓал на римски граѓанин, уживал не само пасивна слобода, туку и активна политичка слобода (libertas), вклучувајќи го и правото на глас. Робот кој се стекнал со libertas станал libertus ("ослободен човек", женски род- liberta) во однос на неговиот поранешен господар, кој потоа станува негов патрон (patronus). Како општествена класа, ослободените робови биле libertini, иако подоцна писателите ги употребувале поимите libertus и libertinus како меѓусебно заменливи. Libertini не биле овластени да вршат јавна функција или свештенска должност, ниту да бидат сенатори. Сепак, за време на раната империја ослободените робови имале клучни позиции во владината бирократија, така што Адријан го ограничил нивното учество со закон. Сите деца на слободениот човек ќе се раѓале како слободни, со целосно право на граѓанство.
Vernae (еднина verna) биле робови родени во семејство (familia) или на семејна фарма или на земјоделски имот (villa). Постоела посилна општествена обврска за грижа кон vernae, за што сведочат и нивните надгробни плочи, а во тоа време vernae биле децата на слободните мажи во семејството. Основниот латинскиот збор за роб бил servus.
Главен извор на робови била римската воена експанзија за време на Републиката. Тоа што поранешните војници се сметале за робови можеби неизбежно довело до серија на масовно вооружени востанија, „Востанијата на робовите”, од кои последното било предводено од Спартак. За време на Pax Romana од раниот период на Римското Царство (1-2 век), акцентот бил ставен на одржување на стабилноста, а недостатокот на нови територијални освојувања го “пресушил изворот” на трговијата со луѓе. За да се одржи поробената работна сила се вовеле зголемени законски ограничувања за ослободување на робовите. Робовите кои ќе избегале ги фаќале и ги враќале (често за награда).
Потекло
Во Institutiones (161 година ), римскиот правник Гај напишал дека:
Грчкиот историчар од 1 век п.н.е., Дионисиј Халикарнасиј, укажува на тоа дека римската институцијата ропство започнала со легендарниот основач Ромул со тоа што тој им го дал на римските татковци правото да ги продадат своите деца како робови, а продолжила да расте со проширувањето на римската држава. Поседувањето робови било најзастапено кај римските граѓани од Втората пунска војна (218-201 година п.н.е.) до 4 век. Грчкиот географ Страбон (1 век ) запишал како огромната трговија со робови произлегла од распадот на Селевкидската империја (100-63 година п.н.е.).
Дванаесетте таблици, најстариот правен законик на Рим, упатуваат на ропството, покажувајќи дека оваа институција е долгогодишна. Во триделната поделба на законот од страна на правникот Улпијан (2 век н.е.), ропство било аспект на ius gentium, на обичајното меѓународно право, општоприфатено меѓу сите народи (gentes). „Законот на нациите" не бил ниту природен закон, кој постоел во природата и владеел со животните, како и со луѓето, ниту граѓански закон, кој бил тело на закони карактеристични за еден народ. Според природниот закон сите човечки суштества се раѓаат слободни (liberi), но ропство се практикувало кај сите народи кои потоа можеле да донесат одредени граѓански закони кои се однесувале на робовите. Во античките војувања, победникот имал право, според ius gentium, да го пороби поразеното население. Сепак, ако договорот се постигнел преку дипломатски преговори или формално предавање, луѓето биле, според обичајното право, поштедени од насилство и поробување. Ius gentium не бил правен законик и секоја сила од којашто зависел „била во согласност со стандардите на меѓународното однесување."
Ропство и војување
Во одредени периоди, голем број на робови за римскиот пазар се стекнувале преку војна. Римската војска носела заробеници во Рим како плен од војната. Античките извори наведуваат дека имало од неколку стотици робови до десетици илјади заробени во секоја војна. Овие војни ја вклучувале секоја освојувачка војна од 177-101 година п.н.е., како и Општествените (91-88 година п.н.е.) и Самнитските војни ( 82 година п.н.е.). Затворениците кои се земени или повторно вратени, по трите „Востанија на робовите” (135-132, 104-100 и 73-71 година п.н.е., соодветно) придонеле за големината на овој број. Трахиската трговија со робови го зголемила бројот на увезените луѓе, вклучувајќи го и можеби најпознатиот римски роб, Спартак. Подоцнежните генерации на робови ја почитувале генијалноста на Спартак.
Гусарството има долга историја на придонес во трговијата со робови, а не било поинаку и во Римската Република. Гусарството било еден од многуте кризи со кои Републиката морала да се соочи, барем до 85 година п.н.е. Во тој период, развојот на гусарството секогаш придонесувал за развој на ропството.
Трговија и економија
Во периодот на римската империјална експанзија, зголеменото богатство на римската елита и значителниот пораст на ропството ја промениле економијата. Иако економијата била зависна од ропството, римската култура не била таа која во историјата била најзависна од ропството. На пример, според Херодот, спартанската класа на робови- хелоти го надминала бројот на слободни луѓе со пропорција од околу 7 наспрема 1.
Делос, во источното Средоземје, станал слободно пристаниште во 166 година п.н.е. и едно од главните пазарни собиралишта на робови. Голем број робови кои заминале за Италија биле купувани од страна на богатите земјопоседници кои имале потреба од голем број на робови за да работат на нивните имоти. Историчарот Кит Хопкинс истакнал дека купувањето робови значело вложување во земјата и земјоделското производство кое создало големо богатство во Италија и сметал дека воените освојувања на Рим и внесувањето на огромно богатство и робови во Италија во подоцнежниот период имало влијание во однос на широко распространетите и брзи технолошки иновации.
Август вовел данок од 2 проценти за продажба на робовите, кој носел годишен приход од околу 5 милиони сестертиуси - бројка што укажува на околу 250 000 продажби. До 43 година, данокот се зголемил за 4 проценти. Веројатно, пазари за робови постоеле во секој град на Империјата, но во близина на Рим главниот центар бил Ефес.
Демографија
Процените за распространетоста на ропството во Римското Царство се разликуваат. Процените на процентот на робовско населението во Италија се движат од 30 до 40 проценти во 1 век п.н.е., повеќе од 2-3 000000 робови во Италија до крајот на 1 век п.н.е., број што опфаќа околу 35% до 40% од населението во Италија.
Римското ропство не претставувало "раса" во модерна смисла на зборот. Робови се носеле од цела Европа и од Средоземјето, вклучувајќи ги Келтите, Германците, Тракијците, Грците, Картагинците и црнците од Африка кои во грчките и латинските извори обично се нарекувале "Етиопјани". До 1 век п.н.е., обичајното право не дозволувало поробување на римски граѓани и Италијанци кои живеат во Галија Cisalpina, но претходно многу Италијанци од јужна и централна Италија биле поробувани по претрпениот пораз.
Јавно наддавање и продажба
Трговците на големо, кои ја следеле римската војска, први ги купувале новите робови. Многу луѓе кои купувале робови сакале тие да бидат силни, главно мажи. Децата - робови чинеле помалку од возрасните, иако други извори тврдат дека нивната цена била повисока. Еднаш, Гај Јулиј Цезар го продал на самото место целото население на освоениот регионот во Галија, не помалку од 53 000 луѓе, на трговци со робови.
Во рамките на империјата, робовите се продавале на јавно наддавање или понекогаш во продавници, или на приватна продажба во случај на поценети робови. Трговијата со робови била надгледувана од страна на римските фискални функционери наречени квестори.
Робовите стоеле на ротирачки штандови, а околу секоја роб за продажба висела еден вид на плакета која го опишувала потекло, здравје, карактер, интелигенција, образование на робот како и други информации значајни за купувачите. Цените варирале според возраста и квалитетот, а највредните робови достигнувале цена од неколку илјади долари. Бидејќи Римјаните сакале да знаат што точно купуваат, робовите ги претставувале голи. Од трговците со робови се барало да го вратат робот назад во рок од шест месеци доколку имал некои недостатоци кои не биле прикажани на продажбата или да ја надоместат загубата на купувачот. Робовите кои се продавале без гаранција требало да носат капа на јавното наддавање.
Ропство поради долг
Nexum бил договор за ропство поради долг во раната Римска Република. Во рамките на римскиот правен систем, тој бил во форма на mancipatio. Иако условите на договорот се разликувале, во суштина, слободен човек станувал роб, се заложувал себеси како гаранција за заем (nexus). Исто така, тој можел да го даде својот син како гаранција. Иако робот можел да очекува да претрпи понижување и некој вид злоупотреба, како законски граѓанин требало да биде ослободен од физичко казнување. Nexum бил укинат од Lex Poetelia Papiria во 326 година п.н.е., делумно за да се спречи злоупотребата на физичкиот интегритет на граѓаните кои станале робови поради долг.
Римските историчари го разјасниле укинувањето на nexum со традиционалната приказна која се разликувала во деталите. Во основа, се зборува за nexus кој бил убав, но силниот млад човек бил жртва на сексуално малтретирање од страна на оној на кој му должел. Во една верзија, младиот човек се задолжил за да го плати погребот на својот татко, во други, неговиот татко го дал како гаранција. Во сите верзии, тој е претставен како модел на доблест. Историски или не, предупредувачката приказна ја истакнала нескладноста на тоа еден слободен граѓанин да биде потчинет на друг, а законскиот одговор се насочил кон воспоставување на правото на граѓанинот на слобода (libertas), кој треба да се разликува од робот или општествено протераниот (infamis).