Агресија, во најширока смисла на зборот, е начин на однесување или склоност, која е насилна, непријателска или нападна. Таа може да се случи или во знак на одмазда или без провокација. Во потесните дефиниции кои се користат во општествените науки и науките за однесување, агресијата е намера да се предизвика штета или акт кој има за цел да ја зголеми релативната социјална доминација. Предаторското или дефанзивното однесување помеѓу припадници на различни видови не може да се смета како агресија во иста смисла. Агресијата може да имаа различни форми и може да биде физичка или да се искаже вербално или не-вербално. Агресијата се разликува од она што вообичаено се нарекува самоувереност, иако термините често се користат наизменично помеѓу лаиците, како на пример, агресивен продавач.
Преглед
Најчесто се разликуваат две општи категории на агресија. Едната категорија опфаќа афективна (емоционална) и непријателска или одмаздничка агресија, а другата категорија опфаќа инструментална, ориентирана кон цел или предаторска агресија. Податоците за насилство од различни дисциплини даваат некаква поддршка за разликата помеѓу афективната и предаторската агресија. Сепак, некои истражувачи ја доведуваат во прашање корисноста од непријателската наспроти инструменталната разлика кај луѓето, и покрај присутноста во истражувањето, бидејќи во повеќето реални случаи се вклучени мешани мотиви и интерактивни причини. Предложени се голем број на класификации и димензии за агресија. Тие зависат од тоа дали агресија е вербална или физичка, дали вклучува релациона агресија во која што спаѓаат прикриеното насилно однесување и социјалната манипулација, дали штетата врз другите е намерна, дали се врши активно или се изразува пасивно и дали агресијата е насочена директно или индиректно. Класификацијата исто така може да ги опфати и емоциите поврзани со агресија (на пример лутина) и менталните состојби (на пример импулсивност, непријателство). До агресија може да дојде како одговор на не-социјални или социјални фактори и може да биде во тесна врска со начинот на справување со стрес. Агресијата може да се примени како средство за заплашување. Оперативната дефиниција за агресија може да биде погодена од морални или политички ставови. Примери се аксиоматскиот морален поглед наречен принцип на ненапаѓање и политичките правила со кои се регулира однесувањето на една земја кон друга. Исто така во натпреварувачките спортови, или на работното место, некои форми на агресија може да бидат санкционирани, а други не.
Етимологија
Поимот агресија потекнува од латинскиот збор aggressio, што значи напад. На латински, зборот бил составен со спојување на двата збора ad и gradi, што значи да се нагази. Првата позната употреба датира од 1611, во смисла на неиспровоциран напад. Една психолошка смисла на непријателско или деструктивно однесување датира од 1912 година, во англискиот превод на пишувањето на Зигмунд Фројд. Алфред Адлер го теоретизирал агресивното однесување во 1908 година. Експертите за одгледување на деца започнале да го применуваат терминот агресија наместо гнев од 1930-тите.
Етологија
Етолозите проучуваат како е поврзана агресијата со интеракцијата и еволуцијата на животните во природните услови. Во таквите услови агресијата може да вклучи телесни контакти како што се гризање, удирање или туркање, но повеќето конфликти се решаваат со прикажување на закана и заплашување кои не предизвикуваат физичка штета. Оваа форма на агресија може да вклучи приказ на големината на телото, еленски рогови, канџи или заби, стереотипни сигнали вклучувајќи ги изразите на лицето, вокализациите како птичјата песна, ослободувањето на хемикалии и промените на бојата. Терминот агонистичко однесување понекогаш се применува во однос на овие форми на однесување. Повеќето етолози веруваат дека агресија дава биолошки предности. Агресијата може да им помогне на животните да ја обезбедат својата територија, вклучувајќи ги ресурсите како што се храна и вода. Агресијата често се применува помеѓу мажјаците за да си обезбедат можности за парење и резултира во избор на поздравото и повеќе енергичното животно. Агресијата исто така може да се примени за само-заштита или за заштита на потомството. Агресијата помеѓу групи од животни, исто така, може да доведе до одредена предност, на пример, непријателското однесување може да принуди група од животни да заминат на нова територија, при што прилагодувањето на новата животна средина може да доведе до зголемување на генетската флексибилност.
Помеѓу видови и групи
Најочигледен тип на агресија помеѓу различните видови е оној кој се забележува во интеракцијата помеѓу предаторот и неговиот плен. Сепак, според многу истражувачи, предаторството не е агресија. Мачката не испушта звуци и не го подвиткува грбот додека брка стаорец, и активните области во нејзиниот хипоталамус повеќе наликуваат на оние кои рефлектираат глад, отколку на оние кои рефлектираат агресија. Сепак, други се осврнуваат на ова однесување како предаторска агресија, и потенцираат случаи што наликуваат на непријателско однесување, како на пример убивање на глушец од стаорци. Во агресивната мимикрија предаторот има појава на безопасен организам или предмет привлечен за пленот, па кога пленот ќе пристапи, предаторот напаќа. Животно кое се брани од предатор може да се впушти во "борба или бегство" како одговор на нападот од предаторот или на заканата од напад, во зависност од неговата проценка за силата на предаторот во однос на неговата. Алтернативната одбрана вклучува голем број на антипредаторски адаптации, вклучувајќи алармни сигнали. Агресијата помеѓу групите делумно е одредена со подготвеноста да се борат, која зависи од голем број на фактори вклучувајќи ги бројната предност, растојанието од домашните територии, колку често групите се сретнуваат едни со други, конкурентните способности, разликите во големината на телото и чија територија е нападната. Исто така, еден поединец е поверојатно да стане агресивен ако други агресивни членови на групата се во близина. Еден особен феномен - формирањето на координирани коалиции кои ги напаќаат соседните територии да убиваат живи суштества од истиот вид - е документиран само кај два вида во животинското царство: кај "вообичаените" шимпанза и луѓето.
Во рамки на група
Агресијата помеѓу суштества од ист вид во рамките на една група типично вклучува пристап до ресурсите и можностите за одгледување. Една од нејзините најчести функции е да се воспостави доминантна хиерархија. Ова се случува кај многу животински видови и е пропратено со агресивни судири помеѓу соперничките мажјаци кога за прв пат ќе се најдат заедно во една заедничка животната средина. Вообичаено повеќе агресивните животни стануваат повеќе доминантни. Во тест ситуации, најголемиот дел од агресијата помеѓу суштества од ист вид престанува околу 24 часа по составувањето на групата од животни. Агресијата од оваа гледна точка е дефинирана како "однесување кое е наменето за зголемување на социјалната доминација на организмот во однос на доминантната позиција на другите организми". Губењето на конфронтации може да се нарече општествен пораз, и победувањето или губењето е поврзано со голем број на практични и психолошки последици. Конфликти помеѓу животните се случуваат во многу контексти, како на пример помеѓу потенцијалните партнери за парење, помеѓу родителите и децата како и помеѓу конкурентите за ресурси. Животните кои живеат во група може да се спорат за насоката на патување или за распределбата на времето за заеднички активности. Разни фактори ја ограничуваат ескалацијата на агресија, вклучувајќи ги комуникативните прикази, конвенции и рутини. Покрај тоа, по агресивните инциденти, забележани се различни форми на решавање на конфликтите кај цицачите, особено кај приматите кои живеат во заедници. Тие можат да ги ублажат или поправат можните негативни последици, особено за примачот на агресија, кој може да стане ранлив на напади од страна на другите членови на групата. Помирувачките дела се разликуваат помеѓу различните видови и може да вклучат специфични гестови на едноставна зголемена блискост и интеракција помеѓу вмешаните поединци. Сепак, конфликтите за храна ретко се проследени со пост-конфликтни собири, иако тие се најчестиот тип на конфликти кои избувнуваат помеѓу приматите кои се во потрага по храна. Други прашања кои биле земени предвид во проучувањето на агресијата на приматите, вклучувајќи ги и луѓето, се како агресијата влијае врз организацијата на групата, какви се последиците од агресијата и зошто некои примати избегнуваат агресивно однесување. На пример, групите со бонобо шимпанза се познати по ниските нивоа на агресија во рамките на делумно матријархално општество. Заробените животни, вклучувајќи ги приматите, може да покажат абнормални нивоа на социјална агресија и самоповредување кои се поврзани со аспекти од физичката или општествената средина. Ова зависи од видот и поединечните фактори како пол, возраст и потекло (пораснато во дивина или во заробеништво).
Еволутивни објаснувања
Како и многу други поведенија, агресијата може да се испита во однос на нејзината способност да им помогне на животните да преживеат и да се репродуцираат, или алтернативно да ризикуваат опстанок и репродукција. Оваа анализа на цена-бенефиции може да се разгледа во рамки на еволуција. Сепак, постојат длабоки разлики во степенот на прифаќање на биолошките или еволутивните основи за човечка агресија.
Насилство и конфликт
Агресијата може да вклучи насилство кое што може да се прилагоди под одредени околности во однос на природната селекција. Ова нај очигледно е застапено во случите со напаѓање на плен за да се дојде до храна, или во анти-предаторската одбрана. Таа исто така може да настане при конкуренција помеѓу членови од ист вид или подгрупа, ако просечната награда (како статус, пристап до ресурси, заштита на себеси или роднините) ги надминува просечните трошоци (како повреда, исклучување од групата, смрт). Постојат некои хипотези за специфично присвојување на насилство кај луѓето под одредени околности, вклучувајќи го и убиството, но често е нејасно кои поведенија може да се одберат во тој контекст и што може да биде спореден производ, како во случајот на колективно насилство. Иако агресивните средби се насекаде присутни во животинското царство, со чести високи ризици, повеќето од нив се решаваат преку импресионирање со изглед, прикажување и испитување на сила. Играта за теоријата се користи за да се разбере како ваквите однесувања може да се прошират од природната селекција во рамките на една популација, и потенцијално да станат "Стратегии за Еволутивна Стабилност". Почетен модел за решавање на конфликтите е играта Сокол-Гулаб, други модели вклучуваат Проценка на Секвенцијалниот Модел и Енергетска Војна на Исцрпување. Овие модели се обидуваат да ги разберат не само еднократните конфликтни средби, туку и долготрајните конфликти, и главно се разликуваат во критериумите според кои еден поединец се одлучува да се откаже, наместо да ризикува загуба и повреда во физички конфликт (како на пример преку проценка на потенцијалот на ресурсите кои ги поседува).
Пол