Банката на Франција (француски: Banque de France) претставува централна банка на Франција, а истовремено, таа е членка на Европскиот систем на централни банки. Нејзината главна одговорност е да ја имплементира политиката на каматна стапка на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). Нејзиното седиште се наоѓа во Париз, Франција.
Историја Во 1800 година, финансиската моќ на Франција била во рацете на десет до петнаесет банки чии основачи во поголемиот број од случаите пристигнале од Швајцарија, во втората половина на XVIII век. Овие банкари, сите протестанти, биле длабоко замешани во агитацијата која водела до Француската револуција. Кога револуционерното насилство излегло од контрола, тие биле „оркестарот“ на подемот на Наполеон, кој тие го гледале како човек кој ќе донесе многу промени. Во знак на нивната поддршка, Наполен во 1800 година им овозможил на овие банкари монопол над француските финансии, давајќи им целосна контрола над новата Централна банка на Франција.
Централната банка на Франција била основана на 18 јануари 1800 година, од Наполеон Бонапарт кој бил првиот конзул кој го потпомогнал закрепнувањето на економскиот развој како будење од длабоката рецесија за време на револуционерниот период. Новата задача на банката била да издава банкноти во замена на дисконтни комерцијални записи. Во тоа време, Шведска и Англија веќе имале емисиони банки. Централната банка на Франција, сепак, имала органичена одговорност. „Оригиналната уредба“ од 13 февруари 1800 година го ограничувала делокругот на акција на банката на ниво на Париз и не ја ослободувала од конкуренција на слични установи кои во тоа време постоеле.
Луѓето кои ги утврдиле основните уредби на банката ја научиле тешката лекција од фијаското на банката која била основана од Џон Ло (англиски: John Law) и колапсот на тогашната револуционерната влада. Тие почувствувале дека јавната недоверба кон хартиените пари може да биде само надмината само ако дистрибуцијата на тој вид пари е доверена на институција која ќе биде независна од владата. Централната банка на Франција, поради тоа, била претворена во акционерското друштво, со акционерски капитал од 30 милиони франци. Дел од тие пари бил претплатен од Наполеон Бонапарт и неколку други членови на неговата ложа. Годишните пленарни седници биле отворени за првите двесте најголеми акционери. Тие именувале петнаесет заменици како дел од Генералниот совет чија задача била овозможување и непречено одвивање на сите административни работи на банката, како и тројца членови на надзорниот одбор, кои го надгледувале менаџменотот на банката. Генералниот совет како возврат го избирал Централниот комитет, составен од тројца членови, од кои еден бил претседавач и претседател на Централниот Комитет, Генералниот Совет и Пленарните седници.
Централната банка на Франција започнала со работа на 20 февруари 1800 година, иако целиот нејзин капитал не бил целосно уплатен. На 14 април 1803 година, новата банка го примила своето прво овластување кое го гарантирало нејзиното ексклузивно право да издава хартиени пари во Париз за период од петнаесет години. Централната банка на Франција се соочувала со многу тешкотии во нејзините први години, вклучувајќи ја кризата со владините финасии и падот на златните резерви, кој го ограничил откупот на книжни пари. Како резултат на тоа, Наполеон одлучил да спроведе нови реформи кои на владата би и дале повеќе ингеренции и одговорност во менаџменотот на банката. На 22 април 1806 година, новиот закон го заменил Централниот комитет со гувернер и со двајца заменици-гувернери. Сите тројца биле назначени од императорот Наполеон Бонапарт. Две години подоцна, империјалистичкиот декрет од 16 јануари 1808 година го поставил „Основниот статут“, кој служел како ориентир на сите операции на банката до 1936 година. Друг декрет од 6 март 1808 година ја задолжил банката да ја купи големата палата на Грофот од Тулуза на улицата „Rue de la Vrilliere“ во Париз како нејзино главно седиште.
Проширување на правото на емисија на пари, развој на огранична мрежа и диверзификација Правото на издавање пари, доделено на банката во 1803 година, било одложено за 1806 година и обновено четири пати до 1945 година. Тоа право постепено било проширено низ градовите преку различни претставништва и потоа низ цела Франција кога банката ги презела локалните банки кои издавале пари. До 1848 година, парите кои биле издадени од Централната банка на Франција не биле законско средство, односно не постоела обврска тие да се прифатат како законско средство за плаќање. Во прилог на тоа, не постоела граница со која би се ограничила емисијата на пари, туку банката имала обврска да ги заменува нејзините книжни пари за златници по потреба.
Кризата која била предизвикана од политичкиот пресврт во 1848 година довела до наметнување на „присилна валута“, разделувајќи ја банката од нејзината одговорност да ги откупи нејзините книжни пари. Парите на банката, исто така, станале законско срдедство за плаќање и јавноста и владата имале задолжителна обврска нив да ги прифатат во прометот. Наметнатата валута како законско средство била елиминирана со законот од 6 август 1850 година, но повторно била воспоставена за време на француско - пруската војна во 1870 година. Потоа, „присилната валута“ на книжните пари од банката била пропишана врз основа на промените на финансиската ситуација во државата, но по 1870 година не постоеле идни предизвици во однос на статутот на книжните пари на Франција како законско средство.
До 1848 година, активностите на банката надвор од Париз биле прилично ограничени преку одвај петнаесетте ограноци и под – директориуми. Во втората половина на XIX век, мрежата на ограноци почнала да расте, достигнувајќи бројка од 160 во 1900 година и 259 во 1928 година. Проширувањето на Централната банка на Франција на ограноци низ целата држава одговарало на остриот раст на обемот на активностите на банката. Финансирањето на економијата се вршело преку политиката на ниски каматни стапки и лесната достапност до евтини финансиски средства. Напредокот на хартиите од вредност започнал во 1834 година. Банката, исто така, активно придонесувала да ја задржи вредноста на валутата со купопродажба на злато по фиксен курс, кога книжните пари биле конвертибилни со злато. Оваа активност била суспендирана со повторното наметнување на присилна валута од 1914 до 1926 година. Тогаш, банката официјално била задолжена да интервенира на девизниот пазар со цел да го стабилизира франкот.
Национализија на банката По победата на „Народниот фронт“ во 1936 година на парламентарните избори, владата одлучила дека веќе не е од јавен интерес банката да биде водена според „приватен“ закон. Со законот од 24 јули 1936 година, владата се стекнала со правото да интервенира подиректно во менаџментот на банката. Петнаесете делегати биле заменети со дваесет советници, од кои само двајца биле избрани на пленарните седници. Повеќето од советниците биле назначени од владата со цел да ги претставуваат економските и социјални интереси, како и севкупните интереси на нацијата. Законот од 1936 година ги отворил пленарните средби за сите акционери, а не само за најголемите двесет акционери. Тој, исто така, ја укинал обврската на гувернерот и неговите заменици да држат одреден број акции во банката, што било во сила од 1806 година. Оваа реформа, секако била придружена со кодификација на легислативата за водење на банката. Оваа реформа, исто така, била одбележана со стеснување на моќта на владата, но тоа било само увертира на национализирањето на банката, одлучено со законот од 2 декември 1945 година, по ослободувањето од германската окупација. Законот условувал капиталот на банката да биде трансфериран на државата на 1 јануари 1946 година. Акционерите, за возврат, примиле по четири дваесетгодишни обврзници за секоја акција. Последните 3% неисплатени обврзници на банката биле откупени до 1 јануари 1965 година, кога тие прекинале да плаќаат камата. Иако реформите од 1936 и 1945 година целосно ја отстраниле приватната контрола на банката, тие не ја смалиле улогата на гувернерот наспроти владата, ниту пак ја ограничиле слободата на банката да ги води своите работи и служби.
Обнова на статутот Закон за национализација од 2 декември 1945 година донел промена во статутот на банката, во структурата на Генералниот совет и правилата за управување со даноците и другите обврски и одговорности пред 28 февруари 1946 година. Темата за даноците и другите одговорности била донесена со законот од 24 мај 1951 година, кој ја изложил банката на целосен даночен режим, но другите прашања ги оставил на мирување и неизвесност. Промените на улогата на Централната банка на Франција од 1945 година, меѓутоа донеле и потреба за обновување на статутот од 1936 година, кој станал застарен во однос на некои прашања. Ова посебно се однесуваше за случајот со организацијата и контролата на кредити, додека пак самата национализација исто така донесе потреба за многу други промени. Гувернерот поттикнал реформа на статутот на банката во 1972 година, која била имплементирана во законот на 3 јануари 1973 година.
Статутот кој ги управувал активностите и организацијата на банката бил дополнет и насочен кон дефинирање на нејзините главни цели и одговорности. Составот на Генералниот совет бил радикално променет. Оттогаш, советниците биле назначени на нивните функции врз основа на нивните способности, а помалку поради тоа што биле дел од различни економски и финансиски сектори. Моќта на Генералниот совет била зголемена и новата легислатива поставила некои рестрикции кои влијаеле на операциите кои ги извршувала банката. Само еден надзорник ги заменил претходните два кои ја претставувале државата од 1945 година и неговите одговорности биле зголемени до тоа ниво кое најдобро одговарало со зголемените одговорности на Советот. На министерот за финансии му било дадено право да ја одобри распределбата на профитот од банката и исплатата на дивиденди. Ова било природна последица на национализацијата, која ја направила државата единствен акционер во банката.
Зголемување на независноста на банката Законот од 4 август 1993 година претставувал пресвртна точка во историјата на Централната банка на Франција. Преминот во комплетна независност бил направен со цел да осигура континуитет и оддржливост на монетарната политика преку нејзино ослободување од краткорочните цели, а со тоа зголемување на нејзиниот кредибилитет. Освен тоа, независноста на централната банка се сметала како најдобро институционално решение кое е во чекор со прописите на Европскиот монетарен сојуз. Законот од 4 август 1993 година, бил кодифициран во Монетарниот и финансискиот законик кој стапил во сила на 1 јануари, 2001 година.
Поврзување со Европската централна банка На 1 јуни 1998 година била создадена нова институција – Европската централна банка (ЕЦБ) која е одговорна за спроведување на единствената монетарна политика, преку усвојување и прифаќање на еврото. Европската централна банка и сите национални централни банки кои беа дел од Европската унија го сочинуваат Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). „Евросистем” е изразот кој се користи како синоним за ЕЦБ и националните централни банки на државите - членки кои го прифатија еврото. Во согласност со договорот за воспоставување на Европската заедница и Статутот на Европскиот систем на централни банки и на Европската централна банка, примарната цел на Евросистемот е да ја одржи ценовната стабилност (со други зборови, да ја контролира инфлацијата). Без да се навлегува во оваа цел, Евросистемот ќе ги поддржува генералните економски политики на Заедницата и дејствува во согласност со принципите на пазарната економија. Во тој поглед, на својата интернет-страница, Централната банка на Франција вели дека „поделбата на одговорностите помеѓу Европската централна банка и НЦБ е заснована врз значајна децентрализација во спроведувањето на единствената монетарна политика на Европскиот систем на централни банки“.
Времеплов