Историјата на филмот започнала во доцните 1880ти со пронаоѓањето на првата филмска камера. Филмовите на почетокот ги изложувале како новина на карневалите, за да прераснат во една од најважните алатки за комуникација и забава, како и главни медиуми во 20 и во 21 век. Повеќето филмови снимени пред 1930 година немаат звук. Филмовите имаат значително влијание врз уметноста, технологијата и политиката. Киното се сметало како поевтин и поедноставен начин за забавување на народите. Филмовите станале најпопуларна визуелна уметничка форма од доцната викторијанска доба. Тоа ги поедноставило работите, бидејќи пред појавата на киното луѓето морале да патуваат долги релации за да ги видат главните диоарами или забавни паркови. Со појавата на киното ова се променило. Во текот на првата декада од постоењето на киното, пронаоѓачите работеле на подобрување на машините за правење и прикажување на филмови.

Почетокот на филмската продукција

Предци на филмот Еден од првите технолошки предци на филмот e камерата „иглено дупче” (pinhole), проследена со повеќе напредната камера опскура, која за првпат ја опишал Алхазен во детали во неговата „Книга за оптика“ (1021), а подоцна Џамбатиста дела Порта ја усовршил. Светлината се инвертира низ мал отвор или леќа од надвор и се проектира на површината или екран. Со користење на камерата опскура, се овозможило да се проектира подвижна слика, но немало средства за снимање на сликата за подоцнежно гледање. Подвижните слики се произведуваат со вртежни барабани и дискови во 1830-тите години преку независните откритија на Симон фон Стампфер (стробоскоп) во Австрија, Јозеф Плато (фенакистоскоп) во Белгија и Вилијам Хорнер (зоетроп) во Велика Британија. На 15 јуни 1878 година, под покровителство на Лиланд Стенфорд, Едвард Мејбриџ успешно фотографирал коњ наречен „Сали Гарднер“ во брзо движење со помош на серија од 24 стереоскопски камери. Експериментот се одржал на 15 јуни на Пало Алто фармата во Калифорнија во присуство на новинари. Истражувањето требало да утврди дали коњот при неговото трчање одеднаш ги подигнува сите четири нозе од земја. Камерите биле наредени по должина на патеката паралелно со коњот и сликањето на секоја камера било управувано со помош на растегната жица која била активирана од копитата на коњот. Тие биле поставени на растојание од 21 инчи за да го покријат растојанието од 20 стапки (6 метри), потребно за целосно да се покрие еден коњски чекор во трчање, преземајќи слики во еден илјадити дел од секундата. Етјен-Жил Мареј го измислил хронофотографскиот пиштол во 1882 година, со помош на пиштолот можело да се преземат на 12 последователни кадри во секунда, кој ги снимал сите рамки на истата слика. Тој го користел хронофотографскиот пиштол за проучување на движењето на луѓето и на животните.

Вториот експериментален филм, „Сцена од градината Раундхај“, го снимил Луис Ле Принс на 14 октомври 1888 година во Раундхај, Лидс, Англија, денес е познат како најраниот преживеан филм. На 21 јуни 1889 година, на Вилијам Фрис-Грин му бил издаден патент бр. 10.131 за неговата „хронофотографска“ камера. Со камерата можело да се преземат највеќе до десет фотографии во секунда со користење на перфориран целулоиден филм. Извештај за камерата бил објавен во „Британските фотографски вести“ на 28 февруари 1890 година. На 18 март, Фрис-Грин испратил примерок од приказната до Томас Едисон, чија лабораторија била во фаза на развивање на филмскиот систем познат како кинетоскоп. Извештајот повторно се отпечатил во Научна Америка на 19 април. Фрис-Грин дал јавна демонстрација во 1890 година, но заради ниската стапка на рамки во комбинација со очигледната неверодостојност на уредот, не успеал да остави впечаток. Како резултат на работата на Етјен-Жил Мареј и Едвард Мејбриџ, многу истражувачи во доцниот 19 век сфатиле дека филмовите како што се познати денес се практична можност, но првиот кој дизајнирал целосно успешна апаратура бил В. К. Л. Диксон, кој работел под инструкции на Томас Алва Едисон. Неговата целосно развиена камера, наречена кинетограф, била патентирана во 1891 година и преземала серија на моментални фотографии на стандардна „истмен кодак, фотографска емулзија нанесена на транспарентна целулоидна лента широка 35 mm. Резултатите од оваа работа за првпат во јавноста се прикажани во 1893 година со примена на уред за гледање, кој исто така го дизајнирал Диксон, наречен кинетоскоп. Овој уред бил сместен во голема кутија и дозволувал сликите да се гледаат само од страна на едно лице во исто време преку еден цевчест отвор, по стартување на машината со вметнување на паричка. Уредот не бил комерцијален успех со што го оставил отворен патот за Чарлс Френсис Џенкинс и неговиот проектор, фантоскопот, со прва презентација пред публиката во јуни 1894 година. Полскиот пронаоѓач Казимирс Прозински направил камера и уред за проектирање наречен плеограф во 1894 година. Луис и Август Лумиер го усовршиле кинематографот, кој бил уред кој снима, отпечатува и проектира филмови. Тие го презентирале своето прво шоу на проектирани слики пред публиката во Париз во декември 1895 година. По овој датум, компанијата Едисон развила свој вид на проектор, како и разните други пронаоѓачи. Некои од нив користеле филмови со различна широчина и брзина на проекција, но по неколку години филмот на Едисон широк 35-mm, како и брзината на проекција од 16 рамки во секунда на кинематографот на Лумиер станале стандард. Друг важен американски конкурент била американската Мутоскопска и Биографска Компанија, која користела нов уред дизајниран од страна на Диксон, откако ја напуштил компанијата Едисон.

На шоуто „Светска колумбиска експозиција“ во Чикаго 1893 година, Мејбриџ дал серија научни предавања за однесувањето на животните во зоографската сала, изградена специјално за таа намена во одделот за експозиција „Мидвеј Плезанс“. Тој ја користел зооскопијата да ги прикаже своите подвижни слики на јавноста која плаќала за тоа, правејќи ја салата првиот комерцијален филмски театар. Вилијам Кенеди Лори Диксон, главен инженер во лабораториите на Едисон, е заслужен за откривањето на една изводлива форма на целулоидна лента што може да содржи секвенца од слики, која е основа за методот на фотографирање и проектирање на подвижни слики. Целулоидните блокови биле тенко сечени, а потоа обработени со загреани плочи под притисок. По ова, тие биле обложени со фотосензитивна желатинска емулзија. Во 1893 година на светскиот саем во Чикаго, Томас Едисон претставил на јавноста два пионерски пронајдоци врз основа на оваа иновација: кинематографот - првата практична филмска камера и кинетоскопот. Подоцна бил направен кабинет во кој континуиран циклус од целулоидниот филм на Диксон (придвижуван од електричен мотор) бил осветлен од задната страна со блескава светилка и се гледал преку оптичка леќа која ја зголемувала сликата. Гледачот ја набљудувал сликата низ мал отвор за око. Диксон ги снабдувал кинетоскопските салони со педесет метарски филмски фрагменти фотографирани, во студиото на Едисон „Црна Марија“. На овие секвенци се снимале снимени документарни настани, како „Кивавица“ на Фред От и забавни акти, како акробати, танчерски изведби и боксерски демонстрации. Кинетоскопските салони наскоро успешно се прошириле и во Европа. Како и да е, Едисон никогаш не се обидел да ги патентира овие инструменти од другата страна на Атлантикот, бидејќи тие во голема мера се потпирале на претходните експерименти и иновации од Велика Британија и Европа. Ова овозможило развој на имитации, како што била камерата, која ја осмислил британскиот електричар и конструктор на научни инструменти Роберт В. Пол и неговиот партнер Бирт Акрес. Во 1887 година Отомар Ансхјуз, сакајќи да прикаже подвижни слики на поголема група луѓе, го презентирал својот електротахископ што користел 24 слики на вртежен стаклен диск. Во 1894 година неговиот пронајдок проектирал подвижни слики во Берлин. Приближно во исто време, во Лион, Франција, Август и Луј Лумиер го создале кинематографот, кој бил пренослива камера, печатач и проектор. Кон крајот на 1895 година во Париз, свештеникот Антоан Лумиер започнал со прикажување на проектирани филмови пред јавноста за што наплаќал, започнувајќи ја општата претворање на медиумот за проекција. Тие многу брзо станале главните производители во Европа со своите актуелности, како „Работниците ја напуштаат фабриката“ на Лумиер и комичните вињети како „Напрсканиот прскач“ (двата од 1895). Дури и Едисон, кој во почетокот имал негативен став кон проекцијата, се приклучил на трендот со витаскопот, кој бил модификација на пантоскопот на Џенкинс, за помалку од шест месеци. Првата јавна презентација на филм со подвижни слики во светот, сепак, им припаѓа на Макс и Емил Скаладановски од Берлин, кои проектирале со нивниот „биоскоп“, кој бил уред без треперење со дуплекс изведба, од 1-во до 31 ноември 1895 година. Истата година во мај, Јуџин Аугустин Лауст во САД го направил неговиот еидолоскоп за семејството Латам. Но првото јавно прикажување на филм се должи на Жан Аим „Акме“ Ле Рој, француски фотограф. На 5 февруари 1894 година, на неговиот 40-ти роденден, тој го претставил неговиот „чудесен кинематограф“ пред група од околу дваесет личности од шоу-бизнисот во Њујорк. Филмовите во тоа време главно ги прикажувале во привремени салонски простори и патувачки карневали или како акти во сценски програми. Филмот можело да биде помалку од една минута долг и обично презентирал една сцена, автентична или изведена, од секојдневниот живот, од јавен настан, спортски настан или комедија. Имало малку, а во некои филмови немало воопшто филмски техника: немало уредување и вообичаено немало движење на камерата, со рамни, сценски композиции. Но новитетот за реалното движење на фотографиите бил доволен за филмската индустрија да изникне пред крајот на векот, во земји низ целиот свет. „Киното треба да понуди поевтин, поедноставен начин за обезбедување на забава за масите. Филмските работници можат да ги снимат настапите на глумците, кои потоа можат да бидат прикажани на публика низ целиот свет. Оние кои патуваат ќе ги донесат глетките од далечните пространи места, со движење, директно во родните места на гледачите. Филмовите ќе станат најпопуларната визуелна уметничка форма од крајот на Викторијанската ера“.

Немата ера

На почетокот имало технички потешкотии во синхронизацијата на сликите со звукот. Било јасно дека Едисон првенствено имал намера да создаде звучен филмски систем, кој не стекнал светско признание до издавањето на „Џез пејачот“ во 1927 година. Сепак, сè уште постоелo значаен интерес филмовите да се прават без звук. Ова е познато уште како нема ера на филмот. Сепак, за подобрување на искуството на гледачите, немите филмови најчесто биле придружувани со музичари кои свиреле во живо, а понекогаш имало и звучни ефекти, па дури и коментари изговарани од страна на шоуменот или филмскиот проектант. Во повеќето земји, започнало да се користи титлување за да обезбеди дијалог и нарација за филмот, со што се отфрлиле раскажувачите. Сепак, во јапонските кино сали човечката нарација останала популарна во текот на немата ера. Техничките проблеми се решиле до 1923 година. Илустрираните песни биле исклучок од овој тренд што започнал во 1894 година во сценските куќи и опстоил сè до доцните 1930-ти години во кино салите. Настапите во живо или аудио снимките се споиле со рачно обоени стаклени слајдови, проектирани преку стереоптикони и слични уреди. На овој начин, нарацијата во песните се илустрирала преку серија на слајдови чие менување било симултано со наративниот развој. Главна цел на илустрираните песни била да се поттикне продажбата на отпечатената музика. Тие станале многу успешни, со продажба која достигнувала до неколку милиони примероци за една песна. Подоцна, со раѓањето на филмот, илустрираните песни се користеле како филер материјал пред започнување на филмовите и за време на промена на ролните.