Дарлинг () — трета река по должина во Австралија. Долга е 1.472 км и извира во северен Нов Јужен Велс и завршува влевајќи се во реката Мари кај Вентворт. Целиот систем има вкупна должина од 2.844 км и со тоа е најголем во земјата. Наречена е во чест на управникот на Нов Јужен Велс, Ралф Дарлинг (1772-1858), по чија иницијатива е откриено течението на реката.
Ова е најзначајна река во пространите сушни предели „аутбек“. Во изминатите периоди, реката е во лоша состојба поради прекумерна употреба за наводнување, загадување од пестициди и долгите сушни периоди (во некои години речиси и да немало вода). Денес таа се одликува со голема соленост и лош квалитет на водата. Во најново време полноводноста се подобрува поради поголемите врнежи, но повратокот во нормална состојба зависи од подолгорочни напори.
Течение Системот Мари-Дарлинг е впрочем меѓу најголемите во светот. Сливот го опфаќа цел Нов Јужен Велс заоадно од Големите Разводни Планини, голем дел од Викторија и јужен Квинсленд, како и делови од Јужна Австралија. Бидејќи има голем број свијоци, течението е трипати подолго од воздушната линија помеѓу изворот и утоката.
Реката тече во југозападен правец и во добар дел од течението е рамничарска, со просечен наклон од само 16 мм на километар. Официјално, Дарлинг настанува помеѓу Бреварина и Берк со спојот на Калгоа и Барвон, чии притоки извираат во планините на јужен Квинсленд и северен Нов Јужен Велс западно од Големите Разводни Планини. Тие се Балон (чиј ракав е Калгоа) и неговите притоки; Макинтајр и неговите притоки како Дјумерик и Северн (постојат две со исто име), Гвидир, Намој, Каслри и Маквори. Другите притоки (Боган, Варего и Пару) се влеваат во Дарлинг кај Берк или по него.
Северниот дел од течението на Дарлин спаѓа во екорегионот „југоисточноавстралиска умерена савана“ а југозападниот е дел од екорегионот Мариско-дарлиншка Котлина.
Населени места Поважни населени места по течението на Дарлинг се Бреварина, Берк, Лаут, Тилпа, Вилканија, Менинди, Пункери и Вентворт.
Поврзано Мари (река) Список на реки во Австралија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Реки во Австралија Категорија:Географија на Нов Јужен Велс