Пазарот на капитал () претставува збир на односите помеѓу понудата и побарувачката на долгорочни хартии од вредност. Преку пазарот на капитал доаѓа до размена на паричните средства од оние кои ги имаат на оние на кои им се потребни, при што, корисниците на средствата им плаќаат одреден надомест на позајмувачите во вид на камата (што ја добиваат сопствениците на обврзниците), дивиденда (што ја добиваат сопствениците на акциите) или слични исплати, како што е капиталната добивка, која одговара на разликата меѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 180.

На страна на понудата и на страната на побарувачката на долгорочни парични средства се јавуваат следниве субјекти: населението, стопанството, државата и банките. Сепак, населението се јавува во улога на нето-доверител, што значи дека повеќе пласира сопствени средства отколку што користи, додека стопанството редовно е најголем нето-корисник на средствата, што значи дека повеќе користи средства од пазарот на капитал, разбирливо, за инвестирање, отколку што таму ја пласира сопствената акумулација.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 180-181.

Како резултат на операциите на пазарот на капитал доаѓа до создавање на соодветни хартии од вредност, акции и обврзници. Издавањето на хартиите од вредност, како и нивната продажба, претставува примарен пазар. Подоцна со веќе издадените хартии од вредност се тргува на секундарниот пазар, т.е. се врши нивно продавање и купување помеѓу учесниците на пазарот. За да можат да се одвиваат сите овие транскации, пазарот на капитал се регулира со соодветна законска регулатива и на него се формираат институции кои ги овозможуваат и олеснуваат операциите на сите останати учесници.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент,Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 181.

Видови пазари на капитал Берзански и шалтерски пазар на капитал Берзи — Берзата претставува место или институција во рамките на која се одвива организирано тргување со хартии од вредност. Тргувањето на берзата се врши со посредство на овластените учесници на овој пазар – брокерите, кои тргуваат за сметка на своите клиенти. На берзата има и други овластени учесници како што се дилерите, кои тргуваат за своја сметка, потоа специјалисти, маркет-мејкери, и други, во зависност од самата берза, нејзиниот тип, начин и организација на работа. Во овој поглед не постојат единствени правила, туку секоја берза има свои специфичности. Тргувањето на берзата се одвива во рамките на определен период од денот. Токму концентрацијата на тргување на сите учесници на едно место и во исто време, овозможува создавање на објективна претстава за понудата и побарувачката на хартиите од вредност, а со тоа и правилно формирање на нивните цени. Тргувањето на берзите се одвива преку издавање на налози од страна на клиентите до брокерите, кои содржат податоци за видот на хартијата од вредност што клиентот сака да ја купи, односно да ја продаде, како и цената по која клиентот би сакал да ја реализира трансакцијата.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 181. Во зависност од предметот на купопродажба се одредува и карактерот на берзата. Ако на берзата се купуваат и продаваат вредносни хартии, се работи за делотворна берза, ако се купуваат и продаваат стоки, се работи за продуктна берза, ако се во прашање девизи, се работи за девизна берза, итн. За работење на берзата не е доволно да има ( да постојат) вредносни хартии, туку е потребно да има мобилен и ликвиден пазар на кој се среќаваат сè поголем број понудувачи и побарувачи на вредносни хартии. Значи, треба да има стабилна понуда и побарувачка на вредносни хартии.Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење (прво издание),Економски Факултет - Скопје, 2009, стр. 201. Заклучувањето на работите се одвива во главните простории на берзата. Тоа се вика т.н. службен пазар. Постои и неслужбен, но регулиран пазар, кој од службениот се разликува по тоа што во него се вклучени берзанските посредници, не се утврдува курсот, туку само цената. Од друга страна, покрај службениот и регулираниот пазар, постои и нерегулиран, слободен пазар, кој ја опфаќа сета трговија на вредносни хартии која не се одвива во службените простории на берзата, туку во споредни, или крај берзата. За овој пазар не важат берзанските правила и прописи. Пазари преку шалтери — Пазарот преку шалтер (англиски: over-the-counter market)OTC market претставува алтернативен облик на пазар на хартии од вредност. Името го добил од неговиот дамнешен облик, кога клиентите доаѓале директно на шалтерите на банките и таму купувале или продавале хартии од вредност. Ваквиот облик одамна е исчезнат, но името останало и тоа денес се однесува за тргувањето во самите брокерски куќи, во кои денес се одвива огромен дел од прометот со хартии од вредност, посебно во западните земји. Имено, еден дел од куповните и продажните налози што ги добиваат брокерските куќи, можат според своите одлики (вид, количина, цена) да се реализираат во самата куќа, без да се излегува на берзата со нив. Така се избегнува плаќањето провизија на берзата и се поедноставува работата на брокерите.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 182. Друг вид на вонберзанско тргување денес е НАСДАК (National Association of Securities Dealers Automated Quotations System). Истиот, е пазар кој постои помеѓу овластените дилери во САД и кој претставува мрежа на меѓусебно електронско тргување. Тргувањето со хартии од вредност преку овој пазар се одвива така што инвеститорите контактираат директно со дилерите, кои, пак, тргуваат помеѓу себе без да ги напуштаат своите канцеларии, преку следење на понудата и побарувачката на хартиите од вредност на своите компјутерски екрани. Денес, преку NASDAQ, се одвива огромен дел од прометот со хартии од вредност во САД, често надминувајќи го и оној на Њујоршката берза. Неорганизираниот пазар на капитал обично се одвива крај берзите и за него не важат берзанските правила и прописи. На него, по правило, учествуваат помали претпријатија кои не ги исполнуваат условите за тргување на берзите.Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење (прво издание), Економски Факултет - Скопје, 2009, стр. 199.

Посредници на пазарот на капитал

Најважни посредници на пазарот на капитал се:

Специјалисти кои вршат купопродажба на вредносни хартии (дилери) Дилерот служи како посредник помеѓу купувачите и продавачите, кој всушност ги купува финансиските инструменти на продавачот, во надеж дека ќе може да ги продаде во иднина по поволна цена. Дилерите заземаат, кажана со финансискиот жаргон, “ позиција на ризик ”, бидејќи купувајќи ги финансиските интрументи, тие се подложни на ризикот од загуба, ако вредноста на тие инструменти опадне.Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции (второ дополнето и изменето издание), 2002 , Економски Факултет - Скопје стр. 9.

Специјалисти на берзите (брокери) Брокерот претставува поединец или финансиска институција која дава информации, што се однесуваат за возможното купување или продавање на финансиските инструменти. Било купувачот или продавачот на финансиски инструменти може да го контактира брокерот, чија работа е едноставно да ги спои купувачите и продавачите.Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции (второ дополнето и изменето издание), 2002, Економски Факултет - Скопје стр. 9.

Инвестициски банки Инвестициските банки (англиски: Investment Banks) се компании што учествуваат на пазарот на капитал и по својата суштина воопшто не претставуваат банки во класична смисла на зборот. Тие се занимаваат со брокерски работи, давање инвестициски совети, управување со портфолијата на клиентите, финансиски анализи, вршат советодавна улога при емисија на хартии од вредност, се јавуваат како преземачи на емисијата на хартии од вредност и сл.Сашо Арсов, Финансиски менаџмент,Економски Факултет - Скопје, 2008, стр. 183.

Комерцијални банки Комерцијалните банки играат многу важна улога во економскиот живот на секоја земја. Тие се јавуваат како главни глумци на пазарот на пари и капитал и во обезбедувањето на понудата и во обезбедувањето на побарувачката на паричните средства.Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење (прво издание), Економски Факултет - Скопје, 2009, стр. 34.

Улогата на банките на пазарот на капитал

Во работењето со хартии од вредност, банките можат да извршуваат различни активности: да бидат активни на примарниот и секундарниот пазар, да делуваат како дилери и брокери, како и да нудат разни дополнителни услуги поврзани со работењето со хартии од вредност. Притоа, сите овие активности банките ги извршуваат преку посебни организациски делови или преку посебни друштва коишто се во споственост на банките.

На примарниот пазар, банките самостојно или преку своите подружници (англиски: subsidiaries), се главните играчи при издавањето на државни хартии од вредност (државни записи и обврзници). Тука, тие се јавуваат во улога на основни дилери (англиски: primary dealers) коишто учествуваат на аукциите на државни хартии од вредност, а потоа, ним им ги продаваат на други инвеститори. Во продолжение, банките можат да се занимаваат и со инвестициско банкарство (англиски: investment banking), односно со потпишување (англиски: underwriting) нови изданија на хартии од вредност. Извршувајќи ја оваа функција, банките им помагаат на приватните издавачи успешно и брзо да ги продадат хартиите од вредност на пазарот.

Исто така, банките се активни и на секундарниот пазар на хартии од вредност, каде што делуваат како брокери или дилери. Кога извршуваат брокерски активности, банките посредуваат помеѓу продавачите и купувачите на хартии од вредност и за извршената услуга наплаќаат одреден надомест-брокерска провизија. Работејќи како дилери, банките работат за своја сметка (англиски: proprietary trading) т.е. купуваат и продаваат хартии од вредност, заработувајќи на разликата помеѓу куповните и продажните цени. Притоа, во одредени случаи, банките ја извршуваат улогата на поддржувачи на пазарот (англиски: market makers). На пример, кога централните банки ги спроведуваат операциите на отворен пазар, тие работат само со одреден број банки коишто ја извршуваат улогата на поддржувачи на пазарот. Работејќи како поддржувачи на пазарот, банките се должни во секое време да држат одредена залиха на хартии од вредност, коишто ги нудат за продажба на заинтересираните купувачи, по објавената продажна цена (англиски: ask price, offer price). Во исто време, тие се обврзани да ги купат хартиите од вредност што ќе им ги понудат заинтересираните продавачи, се разбира, според објавената куповна цена. Банките остваруваат заработка од овие активности така, што хартиите од вредност ги продаваат по повисока цена од онаа по која ги купуваат. Притоа, разликата помеѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност се вика распон (англиски: spread).

Во продолжение, банките можат да остварат профит и врз основа на спекулирање на идното движење на каматните стапки, т.е. на цените на хартиите од вредност. Во тој случај, во зависност од нивните очекувања за движењето на каматните стапки, банките можат да заземат долга или куса позиција во одредени хартии од вредност. На пример, доколку банката очекува дека каматните стапки во следниот период ќе опаѓаат (а тоа значи дека цените на обврзниците ќе растат), таа ќе купува обврзници (долга позиција), коишто подоцна ќе ги продаде по повисока цена и на тој начин ќе оствари профит. Најпосле, банките можат да заработат и врз основа на давање разни услуги на своите клиенти во врска со работењето со хартиите од вредност (инвестициско советување, раководење со финансиски имоти итн.)Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Економски Факултет - Скопје стр. 208.

Видови хартии од вредност на пазарот на капитал