Македонските народни песни се дел од македонската книжевност, македонскиот романтизам (преродбата) и фолклорната литература, претставувајќи дел од богатото фолклорно наследство на македонскиот народ. Народните песни потекнуваат од најдалечното минато, авторот е непознат (анонимен), а се зачувале со усно пренесување од колено на колено. Народните песни се делат на „лирски“, „епски“ и „лирско-епски“.
Појава Иако постоењето на обредните песни укажува на тоа дека народната песна е многу стара, сепак не постојат никакви документи од кои може точно да се открие кога се појавиле првите македонски народни песни, ниту пак да се согледаат процутот и исчезнувањето на одделни видови и нивната замена со други видови песни. Најстарото пишано сведоштво за постоењето на народните песни на Јужните Словени потекнува од византискиот историчар Теофилакт Симократ, кој во 592 година запишал дека Словените свиреле на лири (гусли) при што се претпоставува дека свирењето било придружено со пеење, но не е познато каква била содржината на тие песни. Подоцна, писателите на црковните книги остро ги осудувале народните песни поради нивниот пагански карактер. На пример, епископот Константин Преславски во „Поучителното евангелие“ од 9 век предупредува на опасноста од „бесовските песни“ и „бесовското пеење“. И презвитерот Козма во неговата беседа против богомилите ги осудува оние кои „пијат вино со гусли, со танци и со бесовски песни...“, укажувајќи дека „многу луѓе повеќе трчаат по игри, отколку в црква и повеќе ги сакаат басните, отколку книгите.“Кирил Пенушлиски, „За народната поезија“, во: Народна поезија (приредил: Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 6-7.
Мелографија
Колку што е познато, македонските народни песни првпат биле запишани во „Ерлангенскиот ракопис“ од 18 век, а првата македонска народна песна ја отпечатил Вук Караџиќ во неговата „Народна српска песмарица“ (1815 година). Во 1822 година, во неговото дело „Додатак Санктпетербургским сравнителним рјечницима свију језика и наречија са особитим огледима бугарског језика“ објавил уште 27 македонски народни песни од околината на Разлог, кои Караџиќ ги запишал во Виена. Првата печатена збирка со македонски народни песни со наслов „Народне песме Македонских Бугара“ ја објавил Стефан Верковиќ во 1860 година во Белград, а веќе следната година се појавил Зборникот на браќата Миладиновци.Кирил Пенушлиски, „За народната поезија“, во: Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 7. Воопшто, македонските народни песни почнале поинтензивно да се запишуваат од средината на 19 век, во времето на Преродбата, а првите собирачи на народното творештво од тој период најчесто биле истражувачи од соседните народи, како што се: Вук Караџиќ од Србија, Стефан Верковиќ од Хрватска, Словенецот Станко Враз, Виктор Иванович Григорович од Русија итн. Под влијание и поттик на Григорович, во Македонија започнува Преродбата, па Димитар Миладинов се посветува на собирање народни умотворби, како и на отворање училишта и наоѓање приврзаници и наследници. Со макотрпна работа и со помош на брат му Константин Миладинов, во 1861 година успеваат да го објават Зборникот со народни песни. Освен браќата Миладиновци со собирачка дејност се занимавале и Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ѓорѓија Пулевски, Јосиф Чешмеџиев, Александар Линин и др.
Во периодот помеѓу двете светски војни, собирањето и објавувањето на македонски народни умотворби било тешка задача. По Балканските војни и Првата светска војна, Македонија била поделена помеѓу учесниците во војните: Србија, Бугарија и Грција, и со еден дел од етничката територија останувајќи во Албанија. Насекаде било забрането македонското име, а особено строго се казнувало запишување или афирмација на народните умотворби. Во деловите окупирани од Србија и Грција било забрането користењето на мајчиниот јазик, не само во институциите туку и во домашните услови. Затоа, каде што теророт бил најжесток, од овој период особено од егејскиот дел на Македонија не се зачувани записи од народни умотворби. Малкуте записи што постојат се примарно направени од иселеници, претежно во европските земји.„Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Камелеон, 2009 г., Скопје„Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Гирланда, 2017 г., Скопје
Зборници со македонски народни песни Почнувајќи од 19 век, објавени се повеќе зборници со македонски народни песни, како::Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 135-136. К. А. Шапкарев, Зборник од бугарски народни умотворби (Сборник от български народни умотворения), Софија, 1891-1894. Наум Тахов, Зборник од македонски народни песни (Сборник от македонски народни песни), Софија, 1895. В. Икономов, Зборник од старонародни умотворби од дебарско, кичевско и охридско (Сборник от старо-народни умотворения из дебьрско, кичевско и охридско), Солун, 1895. Андре Мазон, Словенски приказни од Југозападна Македонија (), Париз, 1923. Панчо Михајлов, Бугарски народни песни од Македонија (), Софија, 1924. Ј. Ѓ. Киселиновиќ, Охридско-преспанска лира, Битола, 1925. Јосиф Чешмеџиев, Бугарски македонски песни (), Софија, 1926. Лудвик Куба, Македонски песни (), Прага, 1928. Добри Христов, 66 песни на македонските Бугари (), Софија, 1931. Војислав Радовановиќ, Мариовците во песните, приказните и шегите (), Скопје, 1932. Владимир Ѓорѓевиќ, Српски народни мелодии (). Андре Мазон, Словенски документи, приказни и песни од Јужна Албанија (), Париз, 1936. Блаже Конески, Збирка на македонски народни песни, Скопје, 1945. Блаже Конески, Од борбата, народни песни, Скопје, 1947. Македонски народни песни, собрани на фестивалите во Битола и Штип, Скопје, 1948. Антологија на македонската лирика (предговор: Димитар Митрев), Белград, 1951. Јосиф Чешмеџиев, Иван Ќулев и Панчо Владигеров, Македонски народни песни, Наука и изкуство, Софија, 1952. Македонски музички фолклор. Песни I (уредил: Живко Фирфов), Скопје, 1953. Димитар и Костадин Г. Молероци, Зборник од народни умотворби и народни записи (Сборник от народни умотворения и народопис, кн. XLVIII, Собрани от Димитьр и Костадин Г. Молерови), Софија, 1954. Коста Црнушанов, Македонски народни песни, Софија, 1956. Станко Костиќ, Малешевски народни песни, Институт за македонски јазик, Скопје, 1959. Македонски музички фолклор. Песни II (уредил: Живко Фирфов), Скопје, 1959. Паскал Паскалевски, Народни песни од Егејска Македонија, Институт за македонски јазик, Скопје, 1959. Стефан Верковиќ, Македонски народни песни, Скопје 1961. Македонските мелографи од крајот на XIX век, Институт за фолклор, Скопје, 1962. Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија), Заштита, Скопје, 1970. Блаже Тренески, Стојна ситноода, Студентски збор, Скопје, 1981. Македонски народни балади (приредувач: Фаника Попова), Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004.
Списоци на македонски народни песни: Некомплетен список на македонски народни и староградски песни; Некомплетен список на македонски лирски песни; Некомплетен список на македонски епски песни; Некомплетен список на текстови на „вики извор“.
Класификација Класификацијата на народните песни е еден од најтешките фолклорни проблеми, а тоа произлегува од тематската разновидност, како и од карактерот, намената и употребата на песните. На пример, некои песни, според содржината се чисто љубовни, но бидејќи се пеат на свадбите, тие се вклучуваат и во групата на свадбарски песни. Или, меѓу обредните песни (лазарски, ѓурѓовденски итн.) има чисто љубовни песни, така што не е јасна нивната врска со обредот. Така, Стефан Верковиќ ги поделил песните според народните називи (велигденски, ѓурѓовденски, константиски, петровски, жетварски, аргатски, свадбени, лазарски и ороводни) без да ги наведе насловите на песните. Неговата поделба на песните според поводот и времето на нивното исполнување е слична на поделбата што ја применил Вук Караџиќ во неговите збирки со српски народни песни. На сличен начин е извршена и поделбата во Зборникот на браќата Миладиновци. Триесетина години подоцна, Кузман Шапкарев направил обид за поиздржана класификација, делејќи ги песните на четири групи, водејќи се од тогашната бугарска научна пракса. Оттука, во неговиот зборник, песните се поделени на: оддел 1 и 2 (самовилски, религиозни и обредни песни), оддел 3 (политички песни) и оддел 4 (песни од општествениот, семејниот иприватниот живот). Денес, народната поезија најчесто се дели на лирика и епика, следејќи ги принципите за поделбата на уметничката поезија при што лирската поезија е субјективна, додека епската е раскажувачка, објективна и описна. Исто така, стилот во епските песни е опширен, мирен, возвишен и свечен, со изедначен ритам, додека поетиката на лирските песни се одликува со многу повеќе варијации. Меѓутоа, во народните песни понекогаш е многу тешко да се направи ова разграничување на лирски и епски песни, зашто многу од песните се лирско-епски.Кирил Пенушлиски, „За народната поезија“, во: Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 9-12.
Лирски песни Лирските народни песни имаат највисоки естетски вредности во народната поезија. Тие најчесто биле изведувани од жени, па затоа се нарекуваат и женски песни. Сепак, и мажите, особено младите, биле автори и пејачи на многу лирски песни. Емоциите се основниот елемент, не опишувајќи ги настаните што ги придружуваат. Тоа се лични чувства на единката, радост или жалост, воодушевување или разочарување, љубов или омраза и други состојби што ги доживува човекот. Исто така, нивна одлика е и синкретичноста, поврзаноста со музиката и играта, но и со обредот и магијата и другите форми на човековиот живот. Спаѓаат во најстарите народни песни и во минатото повеќе биле поврзани со обредите, магијата или други слични дејства, но подоцна се одделиле од нив и продолжиле самостојно да опстојуваат. Ги карактеризира разновидноста на темите, од разните чувства на поединецот, до комплексните односи на човекот со околината, активностите поврзани со календарот и слично. Во нив се величаат човечките доблести, а се осудуваат човечките зла.на macedonism.org Притоа, во создавањето на овие песни учествувале различни социјални групи и со тоа се објаснува разновидноста во третирањето на одделни мотиви. Најчесто, лирските народни песни ги создавал селскиот свет. Градските лирски песни се од поново време и најчесто ги создавале занаетчиите, а во некои од нив има позајмени елементи и од уметничката поезија. Од почетокот на 19 век започнал процесот на мешањето на народните лирски песни создадени од овие две социјални групи.Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 15-16.
Постојат повеќе видови лирски песни:Народна поезија (приредил Кирил Пенушлиски), „Кочо Рацин“, Скопје, 1964, стр. 16-18. Обредни песни; Религиски; Трудови; Љубовни; Семејни; Песни за деца; Хумористични; Тажаленки; Родољубиви.
Обредни песни Обредните песни се меѓу најстарите народни песни и имаат паганско потекло, но со текот на времето дошло до промени во нивната форма и содржина, т.е. до нивно врзување со христијанските празници и до преземање бројни елементи од Библијата и од хагиографската литература. Сепак, овие песни само делумно се христијанизирани и во нив сѐ уште се присутни паганските елементи. Тие се изведуваат само во определени денови, т.е. за време на христијанските празници (Божиќ, Велигден, Водици, Ѓурѓовден итн.), но во оваа група спаѓаат и песните кои се пеат при раѓање, крштевање или при умирање. Исто така, во оваа група спаѓаат и додолските песни. Во сите обредни песни со текот на времето се натрупале различни елементи: пагански, христијански и реалистично-новелистички.
Коледарски лирски песни