Тодор „Тоше“ Проески ( во — во ) — познат македонски поп-пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнал со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Имал блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнал по изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станал дел од продуцентската куќа Авалон, каде што останал сè до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.

Загинал на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Посмртно бил прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, бил прогласен за Ден на национална жалост.

Животопис Рани години

мини|лево|300п|Тоше на детскиот фестивал Златно славејче — Скопје, 1992 година

Роден е како Тодор Проески во Прилеп, во влашко семејство, чие постојано живеалиште било Крушево.Historical Dictionary of the Republic of Macedonia, Historical Dictionaries of Europe, Dimitar Bechev, Scarecrow Press, 2009, ISBN 0810862956, p. 234.Destination Avdela 2012, or back to the future a travelogue, Paul Beza, Fast-Print Publishing, 2013, ISBN 1780356285, p. 38. Музичкото образование го стекнува во музичко училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје. Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот „Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест” со композицијата „Пушти ме". Тоше работел со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која му донела два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издал својот деби-албум „Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржал својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната „Солзи прават златен прстен" која, и покрај тоа што победува на телегласањето, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победниците XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум „Синот Божји" кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како „Немир" (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам", „Излажи ме уште еднаш", како и „Илузија" и „Тајно моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале" во Херцег Нови, Црна Гора).

Српската продукциска куќа „BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Ѕвездена слава

Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот „Беовизија" со песната „Чија си" која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој во својата кариера е и учител на Лучано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.

Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на телегласање, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас", двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14-то место со песната „Life", англиската верзија на „Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите извонредни оперски квалитети на прес-конференциите.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија — This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима „Krajnje Vreme” со словенечката пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум „По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот — неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ-списоци во овие земји.

Неговиот следен албум — Божилак — е компилација на 14 избрани македонски народни песни проследени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници — неговиот последен албум.

Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) одржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје бил посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот биле присутни повеќе од 40.000 посетители.

Композитор и текстописец Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе — Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза — голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Супер Тоше Борба против злото, елиминација на непријателите, победа на доброто биле главните црти на стрипот „Супер Тоше“, во кој главниот јунак бил правен според ликот на Тоше Проески. „Супер Тоше“ бил првиот стрип во државава во кој главен протагонист бил популарниот пејач, а сето тоа било дел од хуманитарната кампања која се одвивала под мотото „Суперхерој на хуманоста“. „Во стрипот ги вметнавме сите доблести и одлики на Тоше за да изградиме фиктивен суперхерој, кој се надеваме ќе прерасне во идол на младите. Тоше е идеализиран, но на тој начин сакаме да им дадеме верба на младите за победа на доброто над злото“, изјавил своевремено Оливер Ромевски, автор на „Супер Тоше“. „Задачата на Тоше воопшто не беше лесна. Тој како оружје го имаше својот суперглас со кој се обидуваше да го елиминира злото и да ги победи непријателите, меѓу кои предничеше Мистер Пират, главен во пиратеријата во целиот свет, шверцот со деца, криминалците со дрога и оружје...“ Згодите и незгодите на Супер Тоше биле стокмени на 32 страници во црно-бела техника, а на дел од нив било сместено и интерактивното катче Супер Тоше обожавателски клуб, како и хуманитарните содржини наменети за оние што имаат потреба од помош.

Победа на Беовизија На 13 април 2003 година, Тоше Проески победил на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапил со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имал вкупно 75 бода, што било дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција.

Значењето на победата на Тоше била голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапиле мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.

Песната Чија си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеал во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансирала македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.

Тоше Проески на натпреварот за песна на Евровизија 2004 thumb|290px|Тоше Проески на Евровизија 2004 со песната Life На 49-тото издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја претставувала нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претставил со песната Life, која всушност била преработена верзија на оригинално избраната Ангел си ти.

Оваа песна била избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.

Инаку, музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција била убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допаднала и на самиот Тоше.

На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направиле артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 бода се пласирал на 14-тото место.

Иако Тоше не бил задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекале својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.

Вториот голем концерт на Градски стадион На 23 јуни 2006 година се случил вториот голем солистички концерт на Тоше, на Градскиот стадион. Спектакуларниот концерт започнал со привлечна танчерска група од Белград и во ритамот на придружниот состав на Тоше, Blue Funky Individuals. Воведните стихови на огромниот хит По тебе ветувале дека журката на Градски ќе биде незаборавна.

Легендарната Јужна трибина била преполна, како и тревникот пред бината, што уште повеќе го мотивирал Тоше да го даде својот максимум. Се ределе хитовите од албумот По тебе: Рани на усните, Громови на душа, Кој ли ти гризе образи, Полско цвеќе..., како и песните од претходните изданија: Во коси да ти спијам, Лејди, Излажи ме, Сонце во твоите руси коси, Далеку од мене, Ангел си ти... Секоја од нив била прифатена еуфорично.

Некаде на половината на концертот, на сцена се појавил етно-пејачката Биља Крстиќ, која во дует со Тоше ја испеала Јовано, Јованке, а додека Тоше се пресоблекувал, Биља ја почестила публиката со својот голем хит Пуче пушка од филмот Зона Замфирова. Со неверојатна енергија, Тоше бил брилијантен и во другиот дел од концертот, кој официјално завршил длабоко по полноќ.

На бисот уште еднаш ја отпеал По тебе, како и Зајди, зајди. Веднаш после концертот Тоше заминал за Будва.

Концерт во Белградска арена