„Да си Ерика“ (Being Erica) е канадска телевизиска серија, комедија-драма, што се емитувала на „ЦБЦ“ (CBC) од 5 јануари 2009 до 12 декември 2011 година.
Серијата, што е дело на Џана Синиор (Jana Sinyor), првично „ЦБЦ“ ја најавиле како „Сесијата“ (The Session), но ја реименувале во „Да си Ерика“ пред да се емитува во 2009 година. Серијата ја режирале „Темпл Стрит Продакшнс“ (Temple Street Productions), а интернационално ја пренесувале „ББЦ Ворлдвајд“ (BBC Worldwide). Ѕвездата на серијата е Ерин Карплук (Erin Karpluk) која ја глуми Ерика Стрејнџ (Erica Strange), жена која започнува да посетува терапевт за да се справи со работите за коишто се кае во животот, при тоа дознава дека терапевтот (Мајкл Рајли) може да ја праќа во минатото за да ги доживее повторно истите настани, па дури и да ги промени. Во Канада премиерата на втората сезона била на 22 септември 2009 година. Поради намалување на буџетот во „ЦБЦ“, биле направени само 12 епизоди за втората сезона.
На 11 мај 2010 година „ЦБЦ“ најавиле трета сезона на серијата со 13 епизоди. Сезона 3 започнала да се емитува на 21 септември 2010 година, во 21 часот на „ЦБЦ“. Во САД, сезона 3 се прикажувала на „Соапнет“ (Soapnet) од 26 јануари 2011 година. Четвртата и последна сезона се прикажувала есента во 2011 година. Иако „ЦБЦ“ никогаш официјално не ја откажале серијата, за време на четвртата сезона Синиор изјавила дека серијата достигнала реален заклучок и дека нема планови да пишува или режира петта сезона.
Ликови
Бидејќи серијата вклучува патување низ времето, различни глумци ги глумат некои од помладите верзии на ликовите.
Ерика Стрејнџ (Ерин Карплук) – главниот јунак на серијата. На почетокот на серијата таа е триесет и две години, неомажена, Еврејка, и добро образована. Но, таа е неуспешна и неоддамна отпуштена од работа за услуги на клиенти, поради тоа што е преквалифицирана за тоа работно место. Таа е убедена дека лошите одлуки во минатато се причината за нејзиниот неуспешен живот и бара помош од д-р Том, за да поправи поголем дел од нејзините грешки. Низ текот на серијата таа добива доверба во себеси и во нејзините одлуки, оди на љубовни состаноци и се заљубува, и ја назначуваат за помлад уредник во издавачка куќа, но, подоцна, во претпоследната епизода од втората сезона ја отпуштаат. Има диплома за магистерски студии за англиска литература. Во третата сезона заедно со Џулијен отвораат своја издавачка фирма „50/50 Прес“ (50/50 Press) и притоа стануваат добри пријателки. Бидејќи има напишано раскази, Ерика сака да пишува фикција. Во финалето на сезона 3, Ерика го поминува тестот на д-р. Том во групната терапија и станува доктор во обука. Претпоследната епизода од третата сезона завршува со Ерика како оди низ една улица во Торонто барајќи некој кому би му дала нејзина бизнис-картичка, за да стане нејзин пациент. Во последната сезона, Ерика успешно ја завршува обуката за доктор и официјално станува доктор. Нејзината канцеларија е уметничко студио, целото испишано со изреки, со полица за книги во вид на саќе за мед и жолто-кафеав кожен стол зад долга, црвена маса. Иако мора да се збогува со д-р. Том, д-р. Ерика останува поврзана со него преку неговата ќерка Сара, која е нејзина официјална пациентка. Во епизодата „Adultescence“ дванаесетгодишната Ерика Стрејнџ ја глуми глумицата Саманта Вајнстајн (Samantha Weinstein); Рејчл Марјус (Rachel Marcus) ја глуми Ерика во епизодата „Fa La Erica“; Грејс Ариана Кирби (Grace Arianna Kirby) ја глуми Ерика во последната епизода на серијата „Dr. Erica“.
Д-р. Том Векслар (Мајкл Рајли) (Dr. Tom Wexlar/ Michael Riley) – терапевтот на Ерика. Има обичај да користи изреки, кои често ја нервираат Ерика. Наместо дирекно да ѝ помогне на Ерика со нејзините проблеми кога се среќаваат во минатото, тој често е нејасен и таинствен, давајќи ѝ само навестувања кои ја поврзуваат со животот во сегашноста. Во неговиот обичен живот, пред неговата терапија и пред да стане доктор, тој е оженет со Марџори (Шона МекДоналд) (Marjorie/ Shauna MacDonald) и имал ќерка Сара (Татиана Маслани) (Sarah/ Tatiana Maslany). Сара избегала од дома во 1996 година, што ја предизвикало неговата наклоност кон алкохолизам и насилство, што подоцна резултирало во обид за самоубиство; понекогаш се споменува дека д-р. Том ја користи Ерика како замена за Сара. Исто така, во епизодата „Sins of the Father“ се открива дека тој претходно бил верен со Аманда Матхисон (Сузи Јоаким) (Amanda Mathieson/ Suzy Joachim), додека не ја оттргнал од себе; тие повторно се среќаваат во сегашноста и повторно се распламнува нивната врска. Во „Physician, Heal Thyself“, по долго отсуство Сара се враќа, барајќи од нејзините родители да ѝ помогнат да се излечи од зависноста од хероин. Но, потоа Сара го ограбува нивниот дом и завршува во затвор. Д-р. Том ја посетува и ја советува да презема повеќе одговрност за својот живот наместо да се потпира на него да ја ослободи од затвор. Неговата канцеларија е кралска и многу изгледа како место за учење или библиотека. По долго размислување и откако неговиот живот „расцветува“ по соединувањето со Аменда, д-р. Том решава да се откаже од терапевтската работа, но, под услов да ги прекине сите врски со неговите пациенти, вклучувајќи ја и Ерика. На почетокот се двоуми за својата одлука, бидејќи ѝ го крши срцето на Ерика, но, на крајот се збогува со неговата омилена пациентка. Ерика е сведок на неговото заминување и неговата канцеларија се претвора во празен, бел простор.
Пријателите на Ерика
Џулијен Џакомели (Реган Пастернак) (Julianne Giacomelli/ Reagan Pasternak) – главен уредник во издавачката куќа „Ривер Рок“ (River Rock) во одделот за фиктивна литература, шеф на Ерика и подоцна бизнис-партнер во „50/50 Прес“ и девојка не Брент (Brent). Иако со нејзиното дрско однесување често луѓето ја потценуваат и омаловажуваат нејзината интелигенција, таа е умешна стопанственичка која е особено успешна во маркетиншките и мрежните аспекти во работата. Но, исто така има навика да биде прилично немилосрдна со вработените, вклучувајќи ја и Ерика, која ѝ ја буди несигурноста. Во првата сезона Џулијен се зближува со Ерика, но најмногу затоа што квалтетот на нејзината работа прави Џулијен да изгледа подобро пред нејзините претпоставени. Џулијен има афера со добро познатиот автор Томас Фридкен (Thomas Friedken), додека Ерика не го фати како изневрува во втората сезона. Тогаш Џулијен јавно го понижува Фридкен, при што тој се свртува против неа и својата книга ја дава на Брент да ја уредува. Заедно со Ерика, Џулијен ја отпуштаат од работа откако го навредува својот претпоставен. Заедно отвораат своја издавачка компанија, „50/50 Прес“. Нејзиниот прекар за Ерика е „Chicken“ („пиленце“); во сезона 3, во епизодата за Божиќ се открива дека всушност татко ѝ ја нарекувал така. Во сезона 4, Џулијен е втора пациентка на Ерика во обуката, поради нејзината несигурност. Се зближува со Брент, што доведува до секс за една ноќ во нивната канцеларија. Откако Брент ја искажува љубовта кон неа, сфаќа дека и таа го сака и официјално стануваат пар.
Итан Вејкфиелд (Тајрон Леицо) (Ethan Wakefield/ Tyrion Leitso) – Итан е наставник за четврто одделение и е најдобар пријател на Ерика уште од студентските денови. Тој е интроверт и претпочита стабилност и предвидливост, за разлика од карактерите на неговата поранешна жена Клер и на Ерика. Во втората епизода се вселува до станот на Ерика, откако се разделил со Клер (Claire) во Монтреал, бидејќи дознава дека имала афера. По 15 години „само пријатели“, љубовта на Ерика кон него се зголемува и претставува главна тема во првата сезона. Итан се разведува од Клер и започнува да излегува со Ерика; но, во последната епизода од втората сезона Ерика му раскинува затоа што се чувствува како да ја спречува во остварувањето на нејзините желби. И покрај тоа што сè уште го сака, сфаќа дека не се соодветни еден за друг за да останат заедно. Итан се враќа во четвртата сезона така што случајно се удира во Ерика за време на нејзината пауза за ручек. Открива дека само што раскинал по долга врска, но Ерика го присилува да се соочи со вистинската причина за раскинувањето. Со помош на Ерика сфаќа дека сака да ѝ се врати на девојка си и да биде повторно со неа. Ерика и Итан повторно стануваат пријатели.
Џудит Винтерс (Винеса Антоан) (Judith Winters/ Vinessa Antoine) – најдобрата пријателка на Ерика. Кејти ги запознава Ерика и Џудит, кога Џудит започнува да работи заедно со нив во „Каса Лома“ (Casa Loma). Џудит е омажена и во првата сезона раѓа син. Новите одговорности како мајка постепено ја оддалечуваат од Ерика, но, откако Ерика ќе ѝ каже дека нивниот однос се променил, тие го подобруваат. Во третата сезона, Џудит и нејзиниот маж Антони одат на советувалиште за брачни парови, а притоа се среќава со нејзиниот сакан од средно училиште, Вил Еплјард (Шон Бенсон) (Will Appleyard/ Shaun Benson), кој е посредник за книжевни дела. Нивните стари чувства распламнуваат, што за малку доведува до афера. Џудит одлучува да ги прекине сите контакти со Вил, за да си го спаси бракот.
Џенифер „Џени“ Зејлен ( Пола Бранкејша) (Jennifer „Jenny“ Zalen/ Paula Brancati) – Џени е екстровертна личност, флертувачка, недозреана и љубител на забави, но и не исполнува ветувањата, а моментално агент за недвижнини. Таа е една од најблиските пријателки на Ерика уште од основно училиште. Во втората сезона, ја напушта Канада и оди во Лос Анџелес со нејзиното ново момче. За време на една сесија во која Ерика се обидува да ја спречи Џени во малтертирање на друга ученичка Фиона Ват, Ерика дознава дека причината за нивните недоразбирања е всушност популарниот наставник по хемија, г-дин. Калахен. Џени имала афера со него, додека тој не ја оставил и започнал да се гледа со Фиона. Ерика го пријавува овој инцидент кај директорот, при што Калахен добива отказ, а на тој начин Ерика ја завршува сесијата. Во втората сезона, Џени по шест месеци се враќа од Лос Анџелес, бидејќи раскинала со дечкото, нема дом и е невработена. Сфатила дека овој потег е грешка и останала во долгови, бидејќи целосно ги надминала лимитите на кредитните картички. По нејзиното враќање, таа им станува асистентка на Ерика и Џулијен во „50/50 Прес“, додека не сакајќи му го дава ракописот на Брент. Бидејќи Ерика постојано ги врши работите за неа во повеќето случаи, Ерика одлучува да го прекине пријателството за нејзино добро. Во една од сцените Џени плаче во ходникот пред станот на Ерика, затоа што ја изгубила единствената пријателка што некогаш ја имала. Година подоцна, Џени се појавува на 35 роденден на Ерика. (Ерика ја поканила откако проживеала повторно грешка од минатото и сфатила дека никој не совршен како што изгледа). Џени си го средила животот и работи во недвижнини. Ерика и Џени повторно стануваат пријателки.