мини|285п|Јаков Куновиќ со жена му во носии од Дебарско поле (Дебар, 1934) Носиите од Дебарско Поле претставуваат носии кои претежно го следат карактерот на Дебарско-мијачката етнографска целина и биле носени во Дебар и селата во неговата околина, од страна на населението познато како Пољани. Дебар бил голем и напреден град во минатото. Познат е и како занаетчиски центар во кој цутеле многу занаети, особено оние сврзани со изработката на народната облека. Во овој град била застапена народна носија, која се издвојувала од соседните предели по своите типски и естетски одлики. Народна носија иста како таа во градот Дебар носеле жените и мажите во соседните села - предел означен како Дебарско Поле.мини|лево|Женска носија од Дебарско поле изложена во Етнолошкиот музеј на ПодмочаниВо XIX век облеките во состав на народната носија, приготвени од материјали од домашно текстилно производство, се обликувале и оформувале како занаетчиски изработки од занаетчиите абаџии, терзии, срмаџии, бикмаџии. Токму гајтанските апликации, бикмињата, со срмен вез и карактеристичните топчести петлици на горните клашнени облеки, најубаво го илустрираат степенот на развој на мајсторството кај дебарските занаетчии.

Горната облека зобан, што се носи во состав на женската носија, од бела клашна со куси ракави, долга до под колена, со високи засечени процепи од страните, богато е украсена со гајтани, бикме, петлици, со специфични колористични белези. Вакво карактеристично дебарско украсување е застапено и на другите делови од женската носија.

Женската носија мини|290п|Македонци во нар. носии од Дебарско поле (гр. Дебар, 1917) Во оваа постара носија, носена во минатото некаде до Првата светска војна, на женските кошули е застапен карактеристичен вез во ажурна техника, со геометриски мотиви на ракавите во разни бои, а долу по полите само бели ажурни чикмиња.

Во составот на носијата од овој период се носел волнен ткаен појас, орнаментиран со ситни геометриски мотиви, со куп рески од секоја страна, како и ткаена волнена скутина наречена бовча, која се одликува со јасно одредена орнаментика и жив колористичен спектар.

Невестите во составот на својата носија носеле безракавна облека џубе од црна клашна или чоја, долга до под колена, обилно украсена со гајтани и бикме чии колористични белези се вклопуваат со другите облеки од оваа носија. Главата се покрива со мала плитка капа, сета украсена со гајтани и бикме за невестите и со стара пара на челото, која покрај украсната има и функција на амајлија. Врз капата се носи бела, голема, богато извезена дарпна, која со колоритот на извезените кружни мотиви се надоврзува на другите украсни детали од оваа богата носија. На нозете се обувале волнени, плетени чорапи и црни чевли - кондури роганлии.

Пољанските невести кон крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век, носеле поинаква носија од мијачката. Тие имале посебен начин на облекување и различна естетика, која ја карактеризирала богатата везбена техника, особено нагласена на ракавите од кошулите и покривките за глава. Невестинските кошули имале богато орнаментирани ракаи, врз кои се облекувале куси допојасни облеки – прегрлак и елек, на кој се додавале кадифени ракави. Како горна облека се носело зобан, познат како лепо зобанче а половината се препашувала со дизгија појас. Напред се носела скутина, лепа бовча, а под пафтите се ставала индустриска свилена шамија – калемкер за пред себе. Најгорниот дел од носијата било џубето со нафе, со кое се нагласувал убавината на дебарската невестинска облека. На главата се врзувала украсната чомра, врз која се ставала овална капа клабоданлија. Покривката за глава - дарпната се разликувала според бројот на ветките. Така кај невестите таа имала 16 украсни ветки и се нарекувала дарпа клабоданлија. На нозете се носеле чораби и чевли.

Машката носија мини|215п|Мажи во празнични носии од Дебарско поле (1913) Мажите во дебарската котлина носеле бела платнена кошула, украсена со бел вез од памучни конци и имала широки рамни ракави со манжетни.

Припиени на телото се носеле бели памучни гашти, долги до глуждовите пристегнати на половината со тн. „гашник“. Над кошулата носеле црвен минтан од „алаџа“, со долги ракави, потплатен и исполнет со памук. На нозете носеле или бели клашнени бечви кои биле со широки ногавици и црни гајтани, пристегнати со подвески под колената; или црни/кафеави шалвари од волнена ткаенина со пошироки ногавици од бечвите. Половината се опашувала со широк волнен „ален“/„моров“ појас, кој завршувал со рески на краевите.

За време на празници се носело бела клашнена долама, која била долга до под-колената и кројена со „свитки“ од морова (виолетова) чоја и црни гајтани; заедно со бел платнен фустан кој бил кроен со повеќе клинови. Над се, се носело црно клашнено кепе со голема ресеста јака која се претворала во ќулавка по потреба. На нозете мажите носеле волнени чорапи, високи до средината на листовите и богато орнаментирани со тн. „зобалки“; „крстови“, „прачки“, идр. Над чорапите носеле опинци од сурова или од обработена кожа, пристегнати со „опчајници“ на ногата, кои биле проврени низ „опути“. На главата носеле или плиток црвен фес со црн пискул, обичен црвен фес со пискул, бело валано капче, или шубара.

Машката носија од крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век, имала многу сличности со машките носии од западен тип и припаѓала на мијачките носии. Основен дел од облеката била кошулата, додека долу се носеле бели бечви кои биле украсени со црни гајтански апликации. Како горни облеки се облекувале минтан и џамадан, а половината се препашувала со волнен ткаен појас во темноцрвена боја. Врз него се ставал уште еден појас, наречен јумаклија, направен од памучна основа. На градите мажите носеле накит - ќустек топкајлија, прикачен со едниот крај на рамото, додека другиот крај бил вденат во појасот. Главата ја покривале со плитка овална капа - тунус фес со сто драм пискул направена од материјалот пуст. На нозете се облекувале чораби и чегли.

Галерија мини|285х285пкс|Карта на Дебарско Поле

Наводи

Надворешни врски

Оваа носија е распостранета во општините Дебар (во македонија и албанија) и Центар жупа

Категорија:Мијачко-дебарска носија